Чиј писател е Данило Киш

15.10.2009 14:08
Danilo_Kis.jpg

Секогаш кога го предавам она што во Америка не баш разумно се нарекува „креативно пишување”, ги гонам своите студенти да читаат до измачување, бидејќи верувам дека добриот писател учи од другите писатели, со читање. Еден од писателите кого неизбежно мораат да го читаат е Данило Киш. Мислам дека немам дадено ниту еден курс а расказот „Енциклопедијата на мртвите” да не беше дел од лектирата. Ја читавме и „Гробницата за Борис Давидович“, како и „Градина, пепел“. Неколку пати младите писатели на моите часови мораа да ги поминуваат „Советите за младиот писател”. Мнозина од моите студенти се збунети од Киш: виртуозноста на неговите формални потфати се судира со навиките собрани со исчитувањето на современиот американски „реализам“; вкоренетоста на наративите на Киш во источно-европското историско искуство претставува проблем за често неупатените американски студенти; борхесовската традиција на која Киш толку и’ должи туѓа им е на младите читатели навикнати на текстовите организирани околу психологијата на ликовите. Па сепак, многумина студенти ја препознаваат универзалната единственост на деталите од еден живот во „Енциклопедијата на мртвите”, или месијанскиот интензитет на таткото во „Градина, пепел“, и затоа Киш ќе го предавам секогаш кога ќе имам можност.

Што значи дека повторно ќе морам да се соочувам со прашањето кое, на овој или оној начин, ми го поставуваа мнозина студенти: чии писател е Данило Киш? На која култура тој и’ припаѓа? Моите студенти се истренирани идентитетот да го препознаваат како нешто што е создадено со помош на културата, што е само американска, модерна верзија на концептот за национален идентитет, наводно остварлив само во рамките на националната култура. Прашањето ми прави проблем бидејќи не сум во состојба да одговорам на него без притоа како бос в трње да се вплеткам во протофашистички реченици во кои фигурираат термини од типот „мешан брак”. Делото на Данило Киш, едноставно, е премногу компликувано за да може да се сведе на нивото на примитивната реторика на националните идентификации. Секоја идентификација на Киш како претставник на која било нација би ја нарушила неговата книжевна етика, искажана во советите на младиот писател, меѓу кои можеме да наидеме и „Не постапувај во името на својата нација, бидејќи кој си ти за да бидеш чии било претставник освен свој сопствен!”, или „Штом некоја заедница ќе почне да те присвојува, преиспитај се.” Згора на тоа, Киш му припаѓа на транснационалното семејство на писатели какви што се Франц Кафка, Хорхе Луис Борхес и Бруно Шулц, а за неговиот идентитет многу поважен е фактот дека неговото историско искуство ги вклучува и Колима и Аушвиц. Киш, така, не може да се вклопи во ниту еден национален канон.

Националните канони сакаат чистотија, а суштината на делото на Киш е во „остатоците”. Дотолку, трагедијата на многубројните негови ликови е токму во тоа што се нашле на ударот како остатоци на разновидни историски проекти.
Националниот канон како концептуална категорија е нераздвоив од нацијата, а нацијата неизбежно се заснова врз исклучувањето на оние коишто не и’ припаѓаат, при што вредноста на поединецот или писателот во националниот систем на вредности се мери со оддалеченоста од замислената национална суштина, од центарот на националното себство. Нацијата, концепт кој е тешко да се замисли без центар и периферија, претпоставува јасни културни и географски граници помеѓу нас и нив, а оние кои се наоѓаат на ничијата територија помеѓу нас и нив мораат да се одлучат или да бидат елиминирани.

Оние кои се осмелуваат да припаѓаат на повеќе од една нација - или одбиваат да го прифатат националниот идентитет како единствен или примарен - се културни и биолошки копилиња, бидејќи на нацијата и’ се припаѓа безрезервно. Тоа важи за писателите повеќе отколку за која било општествена категорија (освен, можеби, војската) - писателите кои не зборуваат во име на својот народ со јазикот на својот народ, се предавници, или во најмала рака се нелегитимни, па треба да молчат. Националистичкиот концепт за културата претпоставува дека секоја литература неизбежно изразува некое национално битие - или, во спротивно, сосема е бесмислена, ако не за друго, тогаш затоа што, наводно, литературата на еден народ може да постои само во рамките на својот национален јазик. Оттаму националниот канон е само избор на најчистите изрази на тоа национално битие, колку и да е компликувано тоа битие.

Националниот канон на нацијата и’ раскажува приказна за неа самата, та така е задолжителна лектира во процесот на националната идентификација, една од операциите неопходни за конструкција на националниот идентитет. Згора на сè, создавањето на националниот канон има логистички аспект: некој треба да избере и напише список од којшто националниот канон и е составен. Таа работа ја извршуваат националните културни елити, собрани во културните институции на националната држава - Академиите на науката и уметноста, кога не пишуваат меморандуми, тогаш го слават националното наследство. А за да се влезе во таа елитна група, мораат да се исполнат одредени услови - постарите мажи, докажаните патриоти од етнички дефинираните семејства имаат предност.

Со своето дело и лик Киш непрекинато го доведуваше во прашање протофашистичкиот провинцијализам на јужно-словенските академици и националисти, провинцијализам кој во почетокот на деведесеттите метастазира во геноциден фашизам. Во текот на војната, повеќе од еднаш се прашував што би рекол Киш за сето што се случува, каков ќе беше неговиот совет за младиот писател. Повторно го исчитував, овојпат на англиски, и во дијалог со него ја формулирав својата позиција, својата книжевна етика, својата политичка естетика. Препознав сродност во нашата етничка нечистотија - од стојалиштето на националните култури, и јас сум компликувано копиле, што е титула што со гордост ја носам.

Во февруари оваа година Киш ќе наполнеше седумдесет години. Ќе беше постар, сигурно помудар, и јас постојано ќе го малтретирав за совети. Се разбира, не сум единствениот кој во Киш гледа учител - цела генерација помлади писатели на просторот на бивша Југославија во Киш гледаше узор чија моралност го осветли мракот на националните култури. Па сепак, кога некој денес ќе ме праша чии писател е Киш, единствениот легитимен, смислен одговор е мој.

превод: П. В.

Од Александар Хемон прочитајте го и:

Во срцето на книгата

Од Данило Киш можете да ги прочитате следниве текстови:

Совети за младиот писател

За Маркиз де Сад

Bravo be! Odlicen izbor.

Bravo be! Odlicen izbor.

дополнување

Киш е и мој писател...