Приказната која исчезнува со чадот

22.10.2009 13:38
880066732_orig.jpg

Некогаш пушењето претставувало животен стил, а денес е можно само во посебни простории и делови на угостителските објекти.

Колку пушењето некогаш било популарно, да речеме во златниот период на Холивуд, покажуваат филмските ѕвезди како Хемфри Богарт и Лорен Бекол кои биле предводници на тој тренд, а фотографиите на Џон Вејн и Гари Купер со цигара во раката ја симболизирале мажественоста.

Денес, 40 години подоцна, во филмовите сè поретко се дозволува пушењето, а тоа е резервирано само за негативците, што алудира на неговата штетност и општествена неприфатливост.

Американските лекари пред две години ги повикаа филмските студија да ги исфрлат сцените со пушење во филмовите со ознаката 16, бидејќи заклучиле дека нивното прикажување на големото платно влијае на порастот на млади пушачи. „Рекоа дека пушењето е дел од холивудската историја и силен уметнички реквизит“, изјави докторот Стентон Гланц од Универзитетот во Сан Франциско, и додаде дека е време сите филмови во кои постојат сцени со пушење да ја добијат ознаката R, што значи дека нема да можат да ги гледаат деца и тинејџери. Така префиксите за филмовите ќе се доделуваат не само на основа на периодот во кој глумците пушат во филмот туку и на основа на фактот дека на големото платно воопшто се појавува пушач.

Токму доктор Гланц и неговиот колега од Универзитетот Стенфорд ги открија документите кои содржат маркетиншки договори меѓу холивудските студија и производителите на цигари.

Во истражувањето наречено „Big Tobacco in Hollywood“ кое неодамна го објавија, стои дека договорите за рекламирање тутунски производи во филмовите биле правило. Исто така откриле дека постоеле финансиски договори меѓу тутунските компании и холивудските ѕвезди кои рекламирале одреден бренд. Според денешни мерила, таквите договори би вределе милиони долари. Холивудската филмска историја користела реклами за цигари за да ги промовираат своите филмови. Имено, непосредно пред почетокот на прикажувањето на филмот во кино-салите, филмскиот протагонист се појавувал во реклама за цигари. Тутунската индустрија го користела Холивуд за да го продава својот бренд и го уверувала остатокот од публиката дека пушењето не е штетно по здравјето.

Доктор Роберт Џеклер дошол до идеја за истражувањето кога собрал колекција која содржи илјадници реклами за цигари објавувани во списанија како Life и Saturday Evening Post, настанати во периодот од 1927 до 1954 г. Во тие реклами се појавуваат лекари, медицински сестри, спортисти и глумци кои го пропагирале пушењето и неговата благодет за здравјето. Од денешна гледна точка, некои од рекламните слогани истовремено се застрашувачки и смешни: „Лекарот ми ги препиша“, „11 105 лекари велат дека Lucky Strike го спречува раздразнувањето на грлото“, „Леле, мамо, ти сигурно уживаш во своите цигари“, и „Свежи како планински воздух“.

Првата половина на 20 век била златниот период на цигарите. Во 1950 г. половина од населението во развиените земји пушело, додека во Британија пушеле дури 80% од мажите. Пушењето било прифатено општествено однесување во сите аспекти од животот – на работа, дома, во кафулињата, во лекарските ординации, кината... Оваа денес сè помалку прифатена навика била популарна меѓу жените, па тутунската индустрија лансирала послаби цигари наменети за поубавиот пол.

Уште поважно било тоа што навиката за пушење била легитимна и славена на холивудското платно кое таа порака ја пренесувало низ светот. Поради силното лоби и големата заработувачка, оние кои се противеле на пушењето имале многу малку простор за делување. Германско-американскиот лекар Ернст Л. Вајндер предупредил на штетноста на пушењето во 50-те години и јавноста се загрижила. Се разбира, пушачите веќе станале зависни од цигари, а рекламите и демантите на тутунската индустрија биле пресилни, па луѓето не се откажувале од оваа штетна навика.

Веќе на почетокот на 60-те, британското Кралско друштво на лекарите предупредило на опасните последици од пушењето, но тоа не придонесе за негово намалување. Во просек секоја година околу 2 милиони Американци престанувале да пушат, но за истиот период се појавувал нов милион пушачи.

Напорите за искоренување на пушењето вродуваат со плод во Калифорнија 1995 г., кога на сила стапи забраната за пушење во сите затворени простории, а потоа и останатите земји почнаа да го воведуваат ова правило. Ирска во 2004 г. стана првата земја која го забрани пушењето на работно место. Денес речиси во сите земји од ЕУ пушењето е забрането, а некои американски компании им ги загрозуваат основните човекови права на своите вработени со тоа што им забрануваат пушење и во приватниот живот, односно, ги тестираат за никотин секој понеделник. Во денешно време пушењето е многу непопуларно, а пушачите се дискриминирани и маргинализирани, речиси претворени во граѓани од втор ред, но тој притисок врз нив само ја зголемува моќта на пушењето како симбол на индивидуалноста и отпорот.

Извор: B92

Во продолжение погледнете неколку стари реклами за цигари:


 

 

 

 

 

 

 

 

 

Слични статии

ОкоБоли главаВицФото