Етичко известување за кафкијанска лустрација

13.06.2013 14:24
Етичко известување за кафкијанска лустрација

„Новинарското известување не смее да биде начин за општествено казнување на осомничените и нивно ставање на столбот на срамот.“ (Прирачник за етиката во новинарството)


Кога новинар(к)ите известуваат за постапките пред комисијата за лустрација треба да ги почитуваат истите етички начела како и за судските постапки:

„…да се почитува принципот на пресумпција на невиност, да се известува за сите вклучени страни во спорот и да не се сугерира пресуда“.

Новинарите имаат етичка обврска да пронајдат рамнотежа „меѓу правото на осомничениот да добие фер судење и правото на јавноста да биде информирана за текот на судскиот процес“.

Во минатата анализа укажавме кои права треба да ги имаат осомничените лица во фер постапка за лустрација, а во продолжение укажуваме на уште неколку етички дилеми и предизвици во врска со известувањето за лустрацијата.

Дали лустрираните треба да го докажуваат сопствениот идентитет?

Новинар(к)ите беа исправени пред посебен предизвик кога лустрирано лице јавно оспори дел од објавените докази, укажувајќи дека се однесуваат на друго лице со исто име и презиме.

Само еден медиум го пренесе ставот на актуелниот претседател на Комисијата за верификација на факти со одамна истечен мандат:

„За реакцијата од К., Аџиев вели дека тие документи ги нашле, а К. ќе треба во понатамошна процедура да докаже дека се работи за друг човек.“ („Кога едниот П. кодошел во Шведска, другиот служел војска во Требиње“)

Во лустрациската постапка, како и во кривичната постапка, товарот на докажувањето паѓа на лустраторите, а не на лустрираните. Во случајов, ако лустраторот го префрлил товарот на докажување на лустрираниот, етичка обврска на новинарот е барем да укаже дека е апсурдно „верификувачите на факти“ да бараат од лустрирани лица да докажуваат: својата невиност, својот идентитет, или „дека се работи за друг човек“.

Дали да се пренесуваат изјавите на „проверувачите“, без проверка?

Во ТВ-прилогот „Нема ’извини’ за Карајанов“ се известува дека:

„Од Комисијата велат дека можеби се случила грешка, но само за дел од податоците и натаму тврдејќи лустрирале вистински човек.“

Притоа, се пренесува следнава изјава на портпаролот на лустраторите:

„Тоа е за едниот документ. Тоа е неспорно. Меѓутоа, другиот документ во кој изрично се тврди дека е соработник на тајните служби, а бил ангажиран за следење на истакнат академик, од редовите на писателите, апсолутно не е спорен.“

Новинарите имаат етичка должност да ги проверуваат изјавите на „проверувачите“ кои се претставуваат како „верификатори на факти“. Ако новинарот извршел проверка на другите документи, ќе можел самиот да увиди и да ја извести јавноста дека никаде „изрично“ не се тврди дека лустрираното лице било „соработник на тајните служби“. Во вториот документ нема никакви информации дека станува збор за „соработник“ (отсуствува соработнички псеводним), а во третиот парцијален документ се користи терминот „извор“. И во обата документа нема информација дека обвинетиот „бил ангажиран за следење на истакнат академик“ во 1962. Новинарите треба да бидат особено внимателни при читањето и толкувањето на ваквите документи, и најдобро е да консултираат стручњаци пред самите да се впуштат во интерпретации и заклучоци.

Имајќи предвид дека лустрираното лице во решението се товари дека „бил таен соработник со органите на државната безбедност“, логично е да се постават критичките прашања: Зошто воопшто не се спомнува псеводнимот на тајниот соработник и зошто нема објавено делови од соработничкото досие (како, на пример, одобрен „предлог за ангажирање за соработник“ или „предлог за престанување на соработката со соработникот“)?

И повторно не е исполнета етичката обврска да му даде можност на лустрираниот да се изјасни за новите обвиненија (со оглед дека ваквото право му е законски скратено пред лустраторите).

Дали постои друг П.К., и како етички да се известува во тој случај?

Во ТВ-прилогот „Непринципиелна лустрација“ (видео) може да се види како група новинари му поставуваат канонада од критички прашања на портпаролот на лустраторите, кој изјавува дека:

„останува во сила решението кое е донесено за што е доволен и еден документ во кој недвосмислено се тврди дека бил ангажиран на следење…“.

На новинарското прашање „А што ќе правите со другиот П. К. кој е роден во 1937 година и чии документи се објавени…“ портпаролот одговара:

„Ако Комисијата дојде до сознание дека постои и друго лице со исто име и презиме кое е родено 1937 година, апсолутно и тоа ќе биде предмет на лустрација“.

Во друг новинарски прилог е пренесена слична изјава на портпаролот:

„Ако се утврди дека постои уште еден П.К., ние ќе го лустрираме него, доколку подлегнува на законски одредби. Ако не, ќе му се извиниме – рече тој.“ („Лустраторите не се премислија за случајот на К.“)

Ваквите одговори внесоа дополнителна конфузија кај новинарите и јавноста и отворија дополнителни етички дилеми. Имено, портпаролот сугерираше две можни верзии на „верификуваните факти“ од Комисијата. Според едната верзија, може да станува збор за „намерна или ненамерна грешка на лицето кое го подготвувало тој документ“ и воопшто да не постои друг П.К. („ако воопшто постои и другиот К.“) Според другата верзија, може да постои друг П.К., иако уште не е утврдено („Ако се утврди дека постои уште еден П.К. …“, „Ако Комисијата дојде до сознание дека постои и друго лице со исто име и презиме кое е родено 1937 година…“).

Мошне е тешко етички да се известува во ваква кафкијанска ситуација, кога Комисијата тврди дека нема сознание дали постои друг П.К. роден 1937, ама ако постои апсолутно „ќе биде предмет на лустрација“.

Авторката на написот „Кодошот амнестиран – имењакот лустриран“ изнесува тврдење дека постои „гевгеличанецот П.К. кој, целиот свој живот се претставувал како жртва на комунизмот и како таков ја стекнал довербата кај партијата на власт“, а дека е лустриран погрешен П.К., „како обид да се замолчи најгласниот поборник за враќање на одземените простории на Сојузот на Борците од НОБ и барање судска разврска за истото“.

Но, дури и да постои друг П.К. од Гевгелија, роден во 1937, на кој се однесува објавениот документ за посета во Шведска, и во тој случај новинар(к)ите треба да го почитуваат неговото право на пресумпција на невиност, како и правото да ги оспорува предвреме објавените докази против него. Имено, што ако и другиот П.К. (роден во 1937) излезе во јавноста со крунски докази кои го побиваат извештајот на оперативниот службеник (со зацрнето име) од пред половина век и решението на лустраторите?

Зошто повеќето медиуми ги игнорираа изјавите на еден лустратор за случајот П.К.?

Само мал дел од медиумите известија за аргументите на лустраторот Чедомир Дамјановски дека П.К. е лустриран без соодветни докази:

-Дамјановски: Карајанов комисијата го лустрираше без докази
-Лустрацијата достигна врв на нестручност и злоупотреби
-Дамјановски: Карајанов го лустриравме без документи
-ВИДЕО Дамјановски: Карајанов лустриран невалидно, Фрчкоски осуден за вршење на службата
-Дамјановски ќе бара автентично толкување на Законот за лустрација

Ниту еден медиум целосно не ја транскрибираше неговата клучна изјава:

„Едниот документ е неспорен дека не се однесува за него, односно се однесува за лице кое е друга година родено, кое живеело во друг град, кое има друго, различно семејство, од семејството на П.К. кој е лустриран… Вториот документ, кој останува единствен како основ за лустрирање, Комисијата на 4-ти април оваа година го разгледуваше, и го отфрли како документ врз основа на кој може г-нот К. Да биде прогласен за соработник“.

За жал, сѐ уште новинар(к)ите ја немаат исполнето својата етичка должност да ја проверат вистинитоста на овие изјави (кои не беа веднаш официјално демантирани), да известат за резултатите, и да го одбранат начелото „Трагај по вистината и известувај за неа“.

Дали е етички да се објавуваат делови од лични досиеја на жртвите на полициска обработка?

Новинар(к)ите треба да бидат особено внимателни во врска со податоците од и за личните досиеја, објавени или пренесени од страна на лустраторите, за да не предизвикаат дополнителна штета на жртвите на полициска обработка. На пример, во случајот П.К., повеќето медиуми ги прикажаа документите со затемнето име на една жртва, но со незатемнетиот датум и место на раѓање, организацијата во која обработуваното лице работело, а некои дадоа и дополнителни податоци за неговата сегашна дејност. Од објавените податоци лесно може да се реконструира името и презимето на жртвата и да се повреди нејзината приватност, особено кога документите кои се објавуваат како „верификувани факти“ содржат лични податоци, клевети, податоци за психичката состојба, медицински дијагнози, и слично.

Етичкото известување не смее да ги става осомничените „на столбот на срамот“, ниту пак да ја повредува приватноста на жртвите преку објавување лични податоци.

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (http://www.facebook.com/USAIDMacedonia).