Москва и Вашингтон во војна за Сноуден

26.06.2013 10:41
Москва и Вашингтон во војна за Сноуден

Москва и Вашингтон во дипломатска војна за свиркачот Едвард Сноуден

 

После дваесетиот век на тоталитарни државни проекти кои предизвикаа неколку светски кризи, граѓански војни, масовно уништување и две светски војни со стотина милиони човечки жртви, Големиот брат е повторно инкарниран, во едно поинакво милје и на еден посуптилен начин

Баран од Американците, заштитен од Кинезите и тајно прикриен од Русите. Драмата со моментално најпознатиот бегалец во светот, Едвард Сноуден, изминатите денови се одвиваше како во најпсихотичните моменти на Студената војна.

„Свиркач“ и херој, но и подмолен шпион и предавник, во зависност од тоа низ каква идеолошка призма гледате на работите, триесетгодишниот Сноуден ќе остане запаметен по разобличувањето на тајната програма на американската Агенција за национална безбедност за прислушкување и хакирање на телефонски повици и интернет сервери на многу оператори и интеренет компании како Верајзон, АТТ или Гугл и Фејсбук. И тоа на глобално ниво.

Значи да се разбереме, во прашање не се милиони или милијарди снимки на инпути и зачувани логирања на фиксни и мобилни повици, како и надгледување на електронска пошта или статуси на социјални мрежи. Во игра се трилиони такви внесени податоци, селектирани, анализирани и чувани и до пет години со помош на американска тајна опрема и инфраструктура за складирање на податоци разместена по такви географски точки како Хаваи, Порто Рико, Кипар, Лондон, а можеби и во Македонија, на скопското кале.

Потврдувајќи ги првичните сомнежи, многу набљудувачи на состојбите деновиве претставија слично гледиште: дека САД станале тоталитарна држава пар екселанс. Очигледно е дека администрацијата на Барак Обама е неспособна да ги заузда раскалашените разузнувачи и безбедносни агенции како НСА, ЦИА, ФБИ и уште неколку тајни и воено разузнувачки департменти (вкупно 16).

Со донесувањето на таканаречениот Патриотски акт од страна на администрацијата на Буш, после терористичките напади во септември 2001, овие агенции добија неогранични средства, неконтролирани маневри за разузнувачки и контраразузнувачки операции и формираа таква индустрија за масовно надгледување и тортура, невидена во поновата историја на САД. Постоењето на затворот за терористи Гвантанамо Беј на Куба е само еден од попознатите примери. Последиците од користењето на новите технологии како и програмата на ЦИА поврзана со таканаречените „дроунс“, беспилотни летала и летечки роботи-убијци, е само почеток на долгогодишната дебата за тоа дека линијата помеѓу владината тотална контрола и уставно загарантираното право за слобода и лична приватност на граѓаните станува сè повеќе маглива.

После дваесеттиот век на тоталитарни државни проекти кои предизвикаа неколку светски кризи, граѓански војни, масовно уништување и две светски војни со стотина милиони човечки жртви, Големиот брат е повторно инкарниран, во едно поинакво милје и на еден посуптилен начин.

Како што е веќе познато, Сноуден, кој работеше како специјалист по информатички технологии во агенцијата, го напушти Хонг Конг, своето првично место на егзил, и полета за Москва, придружен со дипломати и соработници на извесната Викиликс на Џулијан Асанж. Асанж е дисидент од една нова сорта кој се бори за откривање на светските владини тајни и кој веќе една година е „фиксиран“ во амбасадата на Еквадор во Лондон, после минатогодишната судска завршница кога еден суд во Лондон нареди тој да биде предаден на властите во Шведска поради наводни сексуални напади. Тој одбива да се предаде на властите плашејќи се дека ќе биде депортиран во САД поради објавувањето на многу класификувани дипломатски и воени тајни на Вашингтон во 2011 и 2012, протечени во јавноста од страна на војникот Бредли Менинг.

Пристигањето на Сноуден во руската престолнина во понеделникот беше придружено со медиумска бркотница по халите на московскиот аеродром Шереметјево, каде тој помина едно деноноќие во транзитната зона.

И додека Стејт департментот уште еднаш испрати заповеднички ноти за негово обврзувачко задржување, овојпат до Москва, руската агенција Интерфакс во понеделникот навечер пренесе една изјава дека американскиот бегалец најверојатно не се наоѓа повеќе на територијата на Русија.

Дали тој би можел да седне на друг лет, од првично извесната верзија дека има резервиран билет за Хавана? Инаку Куба, во Русија се нарекува и „остров на слободата.“ Со зголемениот прилив на руски туристи на карипските острови, компанијата Аерофлот одамна има воведено директна авионска линија до Хавана. Навистина одлична погодност за дисидентите кои одбираат да заминат во „демократските земји“ на Латинска Америка како Венецуела или Еквадор.

Дали тој лет бил со патнички авион, со воено летало, или мал приватен млазен авион? Тешко е да се одреди, посебно откако во понеделникот попладневниот лет за Хавана беше, можеби за првапат, целосно букиран и буквално окупиран од руски новинари и странски дописници кои полетаа за Хавана со надеж да добијат „интервју во лет“ од моментално најбараниот бегалец.

За веднаш потоа Твитер да се прегрее со твитови со знак прашалник: каде е Сноуден. Невообичаено за вакви ретки пригоди, претходно беше објавен и бројот на неговото резервирно седиште - 17 А. Но разочараните новинари можеа само да праќаат обесхрабрувачки пораки и фотографии со празно место во авион на хаштагот #Сноуден. Сепак имаа и мала утеха - Аерофлот за Хавана лета двапати неделно, па многумина се смируваа со помислата дека добиваат еднонеделен одмор на Куба.

Во транзитната зона на Шереметјево Сноуден имаше средба со еквадорскиот амбасадор во Москва. Подоцна стигна информација од амбасадата дека тој официјално побарал азил во Еквадор. Некои дипломати укажаа дека Москва и Кито се договараат што да прават со бегалецот ненамарник, и дека тоа можеби ќе трае со денови.

„Одлуката дали да му биде доделен азил на Сноуден е избор помеѓу „предавство на граѓаните на светот или предавство на одредени елити на одредена земја“, изјави во вторникот Рикардо Патињо, министер за надворешни работи на Еквадор.

Асанж и Викиликс велаат дека знаат каде се крие Сноуден, но одбиваат да го откријат неговото „безбедно прибежиште“, укажувјќи дека тој само транзитира низ Русија и дека има побарано азил од Еквадор, Исланд или трета земја.

И додека Вашингтон ја мери политичката штета направена за време на непосакуваната мултилатерална дипломатија на принуда, комлицирајќи ги и онака влошените односи со Москва, после неколкуте обострани шпионски скандали од 2010 наваму, еден од најбараните бегалци во светот сè уште останува недофатлив како за светската јавност така и за администрацијата на Обама.

Борис Камчев е новинар и писател, неговата книга Русија на Путин: Записи од опачината на светот, неодамна излезе во издание на Темплум