Кога ќе кажеме „колективна одговорност“, ни се наметнуваат најлошите можни асоцијации: окупациски власти кои убиваат случајни луѓе, на пример во знак на одмазда заради атентат, грабнување или убивање заложници, терористички напади во кои гинат мноштво луѓе кои не се вмешани во ништо, омраза кон цели народи, нации или раси заради неправда – понекогаш измислена, понекогаш реална – која демек ја доживеале од припадниците на тие групи. За таквите работи не вреди да се дискутира зашто се премногу очигледни.
Исто така, често се зборува дека христијанското учење за првобитниот грев е случај на колективна одговорност, како и дека сме казнувани за делата на првите луѓе кои не сме ги познавале, кои живееле во древното и неодредено минато. Тука, сепак треба да се направи дистинкција. Ако, како што тоа го велат некои правци на христијанската теологија, после Адам и Ева ја наследивме не само расипаноста на својата природа, туку и нивната фактична морална вина, ако сме реални учесници во гревот кој не сме го извршиле и заради кој Бог нè казнува со сите можни ужаси на животот, всушност станува збор за колективна одговорност која се спротивставува на обичното чувство за праведност. Заради тоа христијанските хуманисти не може да ја сварат таквата претстава за Бога, зборувајќи дека во тој случај Бог би бил немилосрден деспот, а не татко кој сака.
Меѓутоа, ако учењето за првобитниот грев не ја содржи оваа претпоставка, туку само го изнесува ставот дека со тој грев човековата природа е расипана и дека таа расипаност ја имаат предизвикано потомците, ситуацијата е слична како и во случајот со наследната болест која, секако, може да претставува несреќа, но таа несреќа не ја опишуваме во категориите на вината и казната. Денешното учење на римската црква исто така не вели дека ја наследуваме самата вина, туку расипаноста, која често нè наведува на грев, но не нè присилува на него; според ова, одговорни сме за сопствените гревови, а не за гревовите на предците. Моралното зло е наше дело, а човечко дело се страдањата што луѓето им ги нанесуваат на другите луѓе; што се однесува до страдањето што самата природа, без учество на луѓето ги нанесува, предизвикува, треба да се претпостави дека ни тоа не е казна во вистинската смисла на зборот, туку дека гревот ја расипал природата.
Сепак, постои ли некаква логика со која може да се брани идејата за колективната одговорност, односно одговорноста за нешто што самите не сме го направиле, а што сепак нè оптоварува? Мислам дека постои таква логика и дека не е во спротивност со обичното чувство на праведност.
Секој од нас припаѓа на различни човечки колективитети кои го чуваат својот идентитет, иако нивниот систем се менува; природно е тоа што се идентификуваме со тој колективитет, со народот, со Црквата, со некаква политичка или општествена организација, со некаква институција, како што е, на пример, училиштето, болницата, градот – што се идентификуваме, односно, имаме чувство дека судбината на тој колективитет е и наша судбина, и тоа не само затоа што тој колективитет во нашите очи е одредено морално тело, нешто скапоцено, дека врските што се одржуваат во него и нè поврзуваат со него не се темелат само врз пресметаната добивка и загуба, туку и на вербата во заедничка иднина, во природна солидарност, која ја прифаќаме дури и кога грешиме во однос на неа. Според тоа, нормално е да имаме чувство на учество во она што тој колектив го правел и го прави не само заради нашите лични интереси, туку и заради интересите на целината како таква, односно заради моралните а не само материјални интереси. Вистината е дека лесно го прифаќаме учеството во заслугите или во успехот на нашиот колективитет, а тешко – учеството во неговите порази или срамни дела.
Навивачите на спортскиот клуб од некој град или земја се радуваат на неговите победи, затоа што имаат чувство дека учествуваат во нив, а кога клубот губи, иако заради тоа се тажни, сепак немаат чувство дека се одговорни за тоа, зашто самите не учествувале во играта. Во тие нешта сме склони кон асиметрија: во добрите работи се чувствуваме учесници, а во лошите повеќе сакаме да обвинуваме други.
Но, поразот или победата на игралиштето имаат малку заеднички работи со моралното обвинување. Работата е посложена таму каде што таквото обвинување се согледува. Можеби најзначајно е прашањето кое се однесува на заедничката одговорност на народот. Секој европски народ во своето минато има срамни страници кои би сакал да ги заборави (или поточно: секој освен мојот).
Дали смееме да бараме луѓето, кои лично не учествувале на ниеден начин во тие срамни дела, да чувствуваат вина или да се срамат од неа? Смееме ли да бараме Германците родени после војната, денес шеесетгодишници, да се чувствуваат одговорни за нацистичките злосторства? Денешните Американци да се чувствуваат виновни за робовладетелството или за истребувањето на Индијанците, а Англичаните – заради злоставувањето на децата во викторијанскиот период, Полјаците – заради верските прогони во седумнаесеттиот век или за ужасната политика кон националните малцинства во периодот меѓу две војни.
Одговорот отприлика гласи: не, тоа не може да се бара од другите, но мора и може да се бара од себеси, затоа што тоа му годи на нашето духовно здравје (во реалноста, се
разбира, се случува обратното: бараме од другите, себе си простуваме и со тоа ја отфрламе идејата за колективната одговорност). Не сме лично одговорни за своите предци, но ако веруваме во тоа дека народот е морална и духовна целина, дека низ времето го чува својот идентитет, иако поколенијата умираат и други доаѓаат на нивно место, тогаш е добро да се верува дека покрај личната одговорност постои и колективна, т.е. одговорност на народот како континуирана целина. Тоа би можело да се спореди со наследување на имот, односно со тоа дека преземајќи го имотот на родителите, ги преземаме и нивните долгови; меѓутоа, аналогијата е само делумна: мораме да изразиме согласност со наследувањето; смееме да го отфрлиме наследството и тоа нема да ни се земе за зло, но кога изразуваме согласност, правно сме обврзани да го исплатиме долгот.
Од тие две причини колективната одговорност се разликува од преземањето на наследството: не сме обврзани правно да одговараме за гревовите на предците, меѓутоа не е во наша моќ наследството да го отфрлиме, доколку прифатиме учество во националниот колективитет. Затоа не сме правно врзани, ниту тоа другите можат да го бараат од нас, но тоа е, повторувам, прашање на духовното здравје на народот е да се чувствуваме одговорни и, ако е потребно, виновни и посрамени. Во спротивно нема да бидеме здрави; ќе ја носиме сенката на лагата, нема да бидеме способни за отпор кога ќе се случат некои нови и во одредена смисла слични ситуации, кога треба да се брани достоинството на народот.
Аналогијата постои и со религиозниот колективитет. Се придонесува за духовното здравје на Црквата, ако се умее да се каже (како што римокатоличката црква умее да каже, со тоа славејќи се себе) дека жали и дека се срами од секое беззаконие и злосторство извршени во нејзино име, и не се задоволува со изреката: „Не сме ние, туку некои други“. Црквата е колективен континуиран организам, кој живее со векови, посилно е внатрешно координиран од народот, старите вини се негови вини, а не дело на анонимни сили или гревови на одамна умрени поединци.
Дали, сепак, не морам да си кажам себеси: не припаѓам на ниеден народ, ниту на Црквата, ниту на каков било колективитет кој го чува моралниот континуитет; на мене не се однесуваат ниту успесите ниту неуспесите, доброто или лошото минато, се занимавам со сопствените интереси и со ништо друго? Секако, може да си го кажеме тоа, но воопшто не може да се мисли така. Ако отворено се откажуваме од учеството во сè што е колективно, ако не се солидаризираме со што било, можеме да живееме, но тој живот ќе биде залуден и несреќен; во тој случај не смееме ни да очекуваме солидарност ни помош од другите во случај на неуспеси или порази, кои им се случуваат на сите. За рамнодушноста кон другите ќе ни биде возвратено со рамнодушност, и на тоа не можеме да се жалиме.
Нормално е дека се раѓаме во ситуација која е крајно независна од нас и дека подоцна, кога нешто и ќе направиме на своја рака, ситуациите во голем обем, иако не сосема, во однос на нас остануваат независни, но и покрај тоа мораме да ги прифатиме.
извор: pescanik.net
Од Колаковски прочитајте ги и овие текстови:
Слики: Bernard Buffet