Кога секирите до небо ќе го кренат знамето (1)

16.07.2013 12:03
Кога секирите до небо ќе го кренат знамето (1)

Водата во песок гроб ќе си подлока
секирите до небо ќе го кренат знамето.
(Славко Јаневски, стих од песната Тогаш ќе умре и љубовта)

Релативно често овде сум констатирал дека пастирот и неговото движење (камуфлирано во партијата со манијакално име, ВМРО-ДПМНЕ) се носители на исклучително мрачни историски тенденции, поврзани со апологии на смртта и на фашизмот. Пишував, исто така, дека зад движењето наречено груевизам се кријат длабоки и тешки слоеви на лудило, лично и колективно, со сериозен деструктивен потенцијал. Денешниов текст, токму низ еден психоаналитичарски јазик, уште еднаш ќе обрне внимание на тие лудила и опасности кои деновиве се закануваат сосема да ги замрачат овдешните хоризонти, лични и колективни, кои ионака се прилично замрачени под црното сонце на груевизмот кое, константно затемнувајќи, немилосрдно пече цели седум години („ќе се покриеме со портокалов мрак“, кобеше Славко Јаневски). Текстов ќе се обиде, низ еден нестандарден ракурс, да продре и во комплексните прашања што го парализираат современиот Македонец: името, идентитетот, сликата за себе...

За почеток, од романот на Фокнер, „Абшалом, сине мој!“, еве еден, ми се чини, совршен портрет на таа мистична енергија што во Македонија се нарекува ВМРО. Госпоѓата Роза Колфилд преку митологијата го „разбира“ непоимливото или натчовечкото во главниот лик на Томас Сутпен:

Тој Фауст, тој злодух, тој Белзебуб бегаше криејќи се од краткотрајниот блесок на молња од лицето на својот разгневен Доверител, огорчен преку секоја мера, се криеше, се завлекуваше во угледот и пристојноста како што хиената се завлекува меѓу купишта камења, така барем таа првично си мислеше, додека не разбра дека тој не се крие, дека не сака да се крие, дека напросто е преокупиран со едно единствено конечно здивување на опачината и на злочинот, пред Доверителот следниот пат да го дофати засекогаш - тој Фауст ненадејно се појави една недела со два пиштола и со дваесет помошни злодуси и на измама ќари сто милји земја од некој јаден неук Индијанец...

ВМРО - чакал (хиена, мршојадец) што, како меѓу камења, се завлекува во лажната помпа и лажната храброст - тоа е добра дефиниција за партијата што се поистоветува со македонството сфатено како блеф, мимикрија, политички маневар. ВМРО - лицето на злочинот и опачината на македонството, организација зад која постојано, во сите околности, стои долгата рака на Доверителот. А всушност, ВМРО и не се крие, не сака да се крие, во бол и бес, злочин и смрт, таа сака да ја подвлече цртата под македонството...

За да објаснам зошто мислам дека ВМРО е главниот дилер на смртта во Македонија (позната и како Афионија, Брсјачија, Каинавелија, Лелекија, според Итар Пејо, т.е. Славко Јаневски), но и за да преминам кон прашањата на името и идентитетот, ќе наведам друг извадок, од Фети Бенслама, психоаналитичар кој го анализираше етничкото чистење во југословенските војни:

Странецот за кого што овде се работи не ги втемелува, не ги допушта разликувањата, не допушта дијалектизирање ниту надминување, не допушта да се назре светост или излекување, тој не е ниту апсолутен ниту апсолутизира (...) Неговата туѓост не произлегува од тоа тој да е друг или да доаѓа од другде. Дотолку, се работи за некој (група, збир од поединци) кој за јаството е мошне близок, познат, со него измешан, нераздвоив од него. Целото дивеење на идентитетското зло произлегува токму од таа состојба каде што туѓоста изникнала од самата супстанца на идентитетот на заедницата во која сосема нераздвоиво се испреплетуваат слики, афекти, јазици, референци. Исто така, кога ќе почне да се шири неумоливата нужност на присвојување на сопственото - што е мото на сите чистења - прочистувачкиот и одмазничкиот бес покажува изразита одлучност не да го победи и истера непријателот, туку да го осакати и истреби, како да станува збор за искоренување на туѓото тело и на странецот чиешто тело, меѓутоа, е сраснато крај претставата за сопственото тело (...) Тоа е процеп внатре во она Ние којшто не може ниту да се затне ниту да се излачи (...) Тоа е проблемот на немоќта да се идентификува себството кое не може да си се претстави себеси, кое живее во страв дека ќе биде уништено од туѓоста произлезена од неговата внатрешност. Последиците на таквата ситуација можат да се спречат политички и само политиката може да ги заузда. Меѓутоа, ако дојде до слабост или урушување на политичката институција (...) тогаш сведочиме на враќањето на стравот од уништување и на ослободувањето на прочистувачките сили кои мораат да прибегнат кон сакатење и самоосакатување бидејќи себството и другото се тесно измешани

Нормалното, нефантазмагорично македонство, произлезено од антифашизмот и од Народно-ослободителната борба, ВМРО сака да го уништи. Тоа се случува веќе седум години, и преку антиквизацијата и преку уништувањето на втемелувачките модернистички симболи и преку здивеаната пропаганда, лустрацијата, општиот културен инженеринг... ВМРО ги напаѓа темелите на македонската држава како што јато скакулци напаѓаат нива. Притоа, гледајќи ја револуционерната амбициозност на новите наци болшевици, се добива впечаток дека се работи за обид да се искорени самото симболичко (во елементарната смисла на она што „врзува“ преку артикулација на разликите што ја конституираат човечкоста, како што вели Етјен Балибар). Тука одново доаѓаме до прашањето за ВМРО како психотичен организам и апарат на смртта. Таквите симптоми, обидите да се искорени самото симболичко, го наведуваат Бенслама низ психоаналитички поими да го постави прашањето: можеби треба да се надмине Фројдовиот модел на нагонот за смрт кој се наоѓа „од онаа страна на начелото на угодата“ за да се разбере окрутноста или способноста за уништување која се наоѓа „од оваа страна на нагонот за смрт“?

Според Балибар, формулацијата на Бенслама е важна зашто денес веќе не се занимаваме само со вообичаениот фашизам или со вообичаените форми на фашизмот (кои во 20 век се мошне распространети како на нивото на државите така и на нивото на микрополитиките), туку со границите на формите на фашизмот. Насилството за коешто овде зборуваме, значи, не е она авторитарно, убиствено и репресивно насилство на доминацијата коешто ги следи изградбата и уништувањето на државите или војните помеѓу различните општествени системи. Според Балибар, ова насилство повеќе произлегува од идеализацијата на омразата (формулација на Андре Грин, психоналитичар на „граничните случаи“) - што е процес на психотичен однос кој, на нивото на колективното однесување, има врска со осцилацијата на улогата на непријателот којшто подеднакво е потенцијална жртва и огледалски прогонител, односно фетишизирано Друго.

Кон вториот дел

Слики: The Royal Art Lodge

ОкоБоли главаВицФото