Бирократизирање на слободата

22.07.2013 11:21
Бирократизирање на слободата

Во моментов течат неколку законски проекти кои би требало „да ја овозможат слободата на изразување“ и да постават стратешка рамка за соработка меѓу владата и НВО секторот. И двете иницијативи во суштина се сведуваат на бирократизирање на слободата.

Да поченеме од второто – после колумните на Мирчев во Дневник и на претставникот на Ленка на сајтот на Радио Слободна Европа, ќе си дозволам делумно да се согласам со нивната критика на НВО секторот во Македонија, дека е само дел од граѓанското општество и тоа бирократизиран дел и дека ниту оддалеку не успева да ги артикулира сите потреби на општеството. Е сега, во една таква ситуација, а поради потребите на Државата, која пак е бирократија по дефиниција, да го структуира својот однос со НВО секторот, во моментов се работи на стратегија која би требало да ја стабилизира и формализира соработката со овој сектор. Значи, според теориите на двајцата почитувани колумнисти ова може да го гледаме како судир на две бирократии или пак договор на две бирократии колку и на кој начин ќе се распредели бирократската моќ меѓу нив двете.

Бирократијата има вградена потреба да сведе се на процедура за да може да функционира како хиерархизиран систем без поголеми крупни испади и за да може да администрира sine ira et studio. Доколку е точно тврдењето на двајцата почитувани колумнисти загрижени за „гушењето на граѓанското општество од страна на бирократизираните НВО организации“, тогаш треба точно да се одреди кој е одговорен за таквата состојба (јас реков дека се согласувам со нив само во делот дека НВО не се целокупното општество). За да се одговори на ова прашање треба да се одговори на прашањето: кој е тој што ги носи законите за здруженија на граѓани и фондации, за донации, за сметководство на невладини организации, против перење на пари и други? НВО секторот? Не ќе да е така. Ако постои бирократизација во тој сектор, постои заради потребата на државните институции, судскиот ситем и на државниот апарат воопшто да се занимаваат со точно одредени ентитети, под точно одредени услови, со однапред поставени стандарди. Едноставно така функционира државата, не само оваа, секоја држава, не само државата, туку и супранационалните организации како ОН, ЕУ…

Проблемот настанува кога наспроти имате држава која не разбира цивилна сфера (намерно употребувам цивилна наместо граѓанска, заради контрастот цивилна-униформирана). Цивилното е шарено. Униформирањето на цивилното е проблем затоа што на таков начин тоа исчезнува и станува дел од системот на униформираното и му останува само да се расправа во јавноста дали бојата на униформата треба да биде сина, беж или розе и дали треба да има чевли, чизми или боросани. Значи, базичниот проблем е како нешто толку флуидно како што е граѓанското да биде во интеракција со униформираното, врз основа на заемно почитување на различностите на секторите и тоа на општ бенефит, а да не се доизбирократизира дополнително и со тоа да исчезне како автентично, односно да не се претвори во Социјалистички Сојуз на Работниот Народ – опашка на владејачкиот етатизиран, бирократизиран државен мејнстрим? „Демократијата е процедура“ е реченица по која што се препознава бирократ. Таа реченица всушност значи дека бирократијата е демократија. Редукцијата на демократијата на администрирање и администартивни процеси е исклучително опасна затоа што како и секој друга редукција е исклучива по природа и функционира како прокрустов кревет, ако не се вклопувате во него или ќе ви ја исечат главата или ќе ви ги истегнат нозете со сила. Но, нужноста на администрирањето останува, затоа што без него не можат да функционират базичните цивилизациски концепти – право, финансиски систем, здравство, образование и слично, ниту пак општеството може да постои на ниво повисоко од орда.

Од тој аспект – демократијата не е процедура, ама на демократијата ѝ требаат процедури. И тука почнува целиот проблем кој на крајот се сведува на тоа како политичкиот мејнстрим ја доживува демократијата, односно каков е односот на главните претенденти за извршување на власта кон демократијата. Дали ја доживуваат како средство за приграбување на ресурсите и доминација врз политичкиот противник или како општо добро. Од тука произлегува и разбирањето дали граѓанското општество е партнер или орнамент. Дали е уште една бирократска структура која што треба да се вкалкулира во стратегиите за администрирање со најмалку можни проблеми или артикулатор на интереси кои партиите не се во состојба да ги артикулираат, а честопати се и директно спротивставени на партиските интереси. Во првиот случај добивате општество што е отворено и се обидува во целост да ги избалансира спротивставените интереси на одредени групи во општеството со должна почит кон аргументот, а во вториот добивате гола власт која тежнее да супресира сè што се обидува да ја ограничи и да ја смести во рамките на општиот интерес, власт што се обидува да подржави делови кои не смеат да бидат етатизирани. Бирократизирањето на тие односи во вториот случај е гола редукција на слободното здружување и изразување на демократски орнамент во еден суштински недемократски амбиент. Значи, стратегијата мора да остави простор надвор од бирократизираниот, дрвен, институционализиран манир за неформалното изразување и здружување, да отстрани секаква можност за арбитрарно селектирање организации, да воспостави максимална транспарентост и отвореност во финасирањето и да нотира дека политиката не се исцрпува со носењето на одлуките од страна на централните и локалните власти, туку напротив, да ја охрабри критиката и јавното преиспитување на одлуките.

Дека македонскиот политички мејнстрим е далеку од разбирањето на демократското уредување сведочи и првиот случај со корпусот на закони поврзани со медиумските слободи. Во здружена параноична акција на политичкиот дел од власта и бирократијата по министерствата изработен е еден закон што регулира престој на странски новинари, растурање на странски печат и слични неповолни влијанија од големиот непријателски свет надвор. И повторно имаме фарсично пресликување на менталната матрица на еден затворен паланечки дух, тотално несовремен, со амбиција да регулира и да бирократизира сè што може да дофати. Така, нешто што би требало да е предмет на акредитација, заради чисто административни причини (на пример, да се легитимира новинарот кога следи прес конференции на владата или на државните органи за да може да влезе во одредена зграда) се претвора во дозвола за работа за која одлучува ни помалку ни повеќе туку министерот за надворешни работи и за чие добивање ви треба процедура која трае 7 дена. Може да се каже дека ова е дури и лесна опција, бидејќи најверојатно опцијата со претходен параф од министерот за внатрешни работи ќе трае предолго, затоа што министерот е зафатен со преговори со новинарите за нивните слободи (апсурд од планетарни размери).

Така се добива комично парче регулатива што се занимава со ЦД-а, книги и слични работи што може да ги внесе новинарот во земјава и бурлеската станува комплетна, затоа што почнува да наликува на упатството за туристи на официјалната страна на Северна Кореја (единствена, патем) каде експлицитно се вели – ако сте новинар или американски државјанин не барајте виза – нема да ја добиете. Разликата е во нијанси, приниципот е тој. Таквиот резултат секогаш е извесен кога бирократите сами прават закон за нешто што не го разбираат. Тие разбираат процедури и точка. Тие разбираат рокови, печати, потврди, документи и така натаму. Тој дух се пресликува во пишувањето на законите во функција на олеснување на администирањето од страна на конретната бирократија што тоа треба да го прави, а не во легитимната потреба за уредување на таа сфера. Или поедноставно – кога бирократијата пишува закон, гледа себеси да си го олесни работењето и да го прилагоди светот на себе, наместо таа да се прилагоди на светот и да смени нешто од начинот на кој што функционира. Ете го повторно прокрустовиот кревет на бирократизираниот ум кој наместо да администрира – ја гуши реалноста. Затоа македонските закони се такви какви што се. Затоа вреди да се размисли да ѝ се одземе правото на администрацијата да предлага закони под владина палка во парламентот. Контролната улога на политиката тука, односно на министрите и на парламентот речиси и да не постои – затоа што – 1) Политичката амбиција да се биде министер не се поклопува ниту со знаењето на областа со која што се министерува, ниту пак со кохеренетен политички поглед на светот (на пример, либерал или конзервативец или социјалдемократ) за да може да ја насочи работата на бирократите во одреден правец којшто има оправдување во политичкото, а не во бирократското. 2) Сопствената несигурност и неспособност да се соочи со реалноста на една одредена сфера комбинирана со инертноста се компензира со процедури што би требало да ги заштитат од реалниот свет, кој – види - чудо се менува постојано и функционира по некои поинакви правила. Така процедурите стануваат процедури сами за себе – опсесивно-компулзивно растројство на државниот апарат кој одбива, еве веќе 20 години, да се соочи со реалните потреби на општеството.

Вториот случај е исто така ноторно антидемократски – упорното колебање за декриминализација на клеветата и аргументите против таа декриминализација покажуваат неверојанто неразбирање на принципите на слободното изразување. Така, јавниот обвинител Шврговски на една тркалезна маса ќе изјави дека е против декриминализацијата затоа што не сме биле доволно еволуирани да ја издржиме таа операција. Не сме доволно еволуирани да бидеме слободни, да се тужиме меѓу себе, без државата да има удел во тоа наше дејствие. Она што Шврговски го кажува всушност е повторно етатистичко – бирократскиот страв дека нешто ќе избега од процедурите на кои сме навикнале и затоа е најдобро да се замрзне сегашната состојба. Каква слобода, какви бакрачи… И црнците во Америка не беа доволно еволуирани за да бидат слободни, според тамошните расисти. Да не ја пресраскажувам сега целата дискусија околу декриминализацијата на клеветата која на моменти заминува во асурдно мантрање „за заштита на правото на чест и углед на поединецот“, ќе кажам само едно – демократскиот стандард е јасен – се работи за две спротивставени права – право на слободно изразување и право на добра репутација, а притоа правото на слободно изразување има предимство, особено ако се работи за јавни личности, вршители на јавни функции или пак овозможува дебата што е неопходна за функционирањето на едно демократско општество. Оттука, клевета и навреда може да се процесира ако и само ако се работи за чиста малициозност, со намера да се наштети на поединецот или тој да се дисквалификува од јавна сцена со изнесување на невистини или навреди. Јасно? Појасно не може да биде.

И кај запнува работава? Има нешто што е развиено од судот за човекови права, а потоа прифатено од речиси сите судови во демократиите во светов (и латиноамериканските, патем) што се вика триделен тест. Е, тој триделен тест во својот трет дел бара од судијата да процени дали делото е во функција на јавниот интерес (дебата, јавна критика за злоупотреба на положба и сл.) и во однос на тоа да ја прифати тужбата или да ја отфрли. И тука настанува бирократскиот циркус – влетува факторот одговорност за сопствената проценка и образложение на проценката од страна на судијата. Е тоа е bridge too far, за нашава бирократска свест која попрво би ја ризикувала демократијата од секојдневниот комодитет. Замислете – се бара од судијата да суди, бе! И што размислува бирократот – „ако овде направиме преседан, ова нема да запре и нашето удобно живуркање е загрозено“, а политичарот - „чекај да видиме, одговрност на новинарите, свест ова, она“. Исфрлени се на тотално непознат терен. Не признаваат дека абер немаат од тоа што го зборуваат, туку тоа го маскираат со фрази за „принципи“ чија единствена цел е да се избегне каква било одлука. Случајот доаѓа до перверзија кога најтужениот медиумски работник, јавно, од телевизиски екран ѝ мачка очи на јавноста оти тоа било фаворизирање на новинарите и дека ете, тој бил за еднаквост. Еднаквост, која сега од процедурални причини му овозможува да си игра со судскиот систем како ќе му прдне, а од телевизиски екран да прави медиумски отстрел исто така на кого ќе му текне. Перверзија? Не. Систем.

Третиот закон е исто такво закасување на преголем залак. Се амбицирала државата да ги регулира медиумите до ситни цревца. До односите внатре во редакциите. Аргуметите се: „печатот не бил регулиран, интернет порталите не биле регулирани“ и ајде сега ќе ги регулираме – ама лајт. Тоа лајт е исто како цигара лајт – има помалку никотин и катран, ама честичките се пофини и пофино ви се лепат на белите дробови. Значи, во овој момент нема одговор што би се регулирало и на каков начин. Има некој сомнамбулен концепт кој меша економска регулација со медиумска регулација, ама тоа е една таква каша што никому не му е јасно што ќе биде тоа. Но, бирократијата вели – ништо нема да остане без регулација, па макар и да е лоша. А секогаш кога регулирате само за да регулирате, влегувате во бирократски ларпурлартизам и без исклучок – регулацијата е лоша.

А слободата?

Поднесете уплатница со уплатени 150 денари на буџетот на Р.Македонија и молба на Илинденска бб, ќе го разгледаме вашето барање. Молк на администрација значи дека нема да ви биде одобрено!

Извор: rb.blog.mk, 7 март 2012
Фотографии: Ванчо Џамбаски