Дали РM прифатила конкретен предлог од Нимиц пред самитот на НАТО во Букурешт?

06.08.2013 10:17
5 Дали РM прифатила конкретен предлог од Нимиц пред самитот на НАТО во Букурешт?

Дали Кабинетот на претседателот Ѓорѓи Иванов, сакајќи да демантира опозициски политичар и да се скрие зад игра на зборови, всушност, го демантираше претседателот Иванов и како медиумите (не) известија за ова.

При исполнувањето на етичката обврска за критичко следење на политичките процеси, новинарот треба „Будно да ги следи и храбро да ги повикува на одговорност лицата што се на власт.“ (Здружение на професионални новинари, НОВИНАРСКИ КОДЕКС)

КОНТРОВЕРЗНО ПРЕНЕСУВАЊЕ НА ИЗЈАВА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ

На 25 јули 2013 најгледаната национална телевизија ја објави следнава изјава на претседателот на Република Македонија:

„Непосредно пред Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година прифативме конкретен предлог од медијаторот Нимиц. Но, бевме блокирани“ (Иванов: Вредностите на кои се темели ЕУ се погазени во случајот на Македонија).

Истата изјава дента беше дословно пренесена и од други медиуми (на пример, Иванов пред Оланд: Да слушнам дали е вистина дека Унијата не блокира или пак е тоа Грција?, Иванов: Да чујам дали е вистина дека Унијата не блокира или пак е тоа Грција). Дента кога беше објавена, изјавата не даде повод за исправка, појаснување, дополнување или демант од страна на кабинетот на претседателот на Република Македонија.

ПЕТКОВСКИ ЈА КОМЕНТИРА СОДРЖИНАТА НА ПРЕНЕСЕНАТА ИЗЈАВА

Следниот ден повеќе медиуми известија за коментарот од страна на претседателот на НСДП, кој се осврнува на изјавата „Непосредно пред Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година прифативме конкретен предлог од медијаторот Нимиц, но бевме блокирани“ (Петковски: Груевски да го тужи и Иванов а не само мене, Тито Петковски: После признанието на Иванов за името очекувам Груевски да се откаже од тужбата, Петковски: Груевски да го тужи Иванов, итн.).

Разликата помеѓу она што политичарот го наведе како изјава на Иванов и она што го објавија медиумите претходниот ден е формална и минорна. Во секој случај, нема никаква разлика помеѓу она што го претходно го пренесоа медиумите и цитатот на политичарот во клучната содржина: „Непосредно пред Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година прифативме конкретен предлог од медијаторот Нимиц“.

КАБИНЕТОТ НА ИВАНОВ НАЈОСТРО ГО ДЕМАНТИРА „ТВРДЕЊЕТО“ НА ПЕТКОВСКИ

Новинар(к)ите беа исправени пред посебни етички предизвици кога известуваа за следниов демант од кабинетот на претседателот на Република Македонија:

„Најостро го демантираме тврдењето на претседателот на политичката партија НСДП г. Тито Петковски дека претседателот Иванов изјавил дека Република Македонија во 2008 г. пред Самитот на НАТО во Букурешт прифатила конкретен предлог од медијаторот Нимиц.“

Од една страна, новинар(к)ите имаат должност да објават одговор и исправка, но, од друга страна, тие имаат и етичка обврска да ја проверуваат точноста на информациите што ги објавуваат со критички однос кон лицата што се на власт.

Ниту еден медиум не го постави критичкото прашање: Зошто кабинетот на Иванов го демантира „тврдењето“ на Петковски, кога тој само ја пренесе содржината на изјавата на Иванов онака како што беше објавена од страна на провладините медиуми?

ШТО ТОЧНО СЕ ДЕМАНТИРА?

Според кабинетот на Иванов, предмет на демантот е „тврдењето на претседателот на политичката партија НСДП г. Тито Петковски“. Кабинетот го демантира тврдењето дека „претседателот Иванов изјавил дека Република Македонија во 2008г. пред Самитот на НАТО во Букурешт прифатила конкретен предлог од медијаторот Нимиц.“

По објавувањето на демантот, новинар(к)ите имаа етичка должност да проверат и да известат за резултатите од следниве проверки:

1) Дали е точно тоа што го тврди кабинетот на претседателот – дека Тито Петковски изнел тврдење дека „претседателот Иванов изјавил дека Република Македонија во 2008 г. пред Самитот на НАТО во Букурешт прифатила конкретен предлог од медијаторот Нимиц“?

2) Дали е точно дека „претседателот Иванов изјавил дека Република Македонија во 2008 г. пред Самитот на НАТО во Букурешт прифатила конкретен предлог од медијаторот Нимиц“?

3) Дали е точно дека „Република Македонија во 2008г. пред Самитот на НАТО во Букурешт прифатила конкретен предлог од медијаторот Нимиц“?

Според една новинарска проверка, Тито Петковски ја испратил следнава писмена изјава до медиумите:

„…претседателот Иванов покрај другото рече… Непосредно пред Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година прифативме конкретен предлог од медијаторот Нимиц, но бевме блокирани, рече Иванов“ (Што точно рекол Иванов на самитот во Брдo?)

Очевидно, Кабинетот на претседателот не го демантира конкретното „тврдење“ на Петковски (кое не е наведено како цитат), туку ја демантира содржината на парафразираното тврдење: „дека претседателот Иванов изјавил дека Република Македонија во 2008 г. пред Самитот на НАТО во Букурешт прифатила конкретен предлог од медијаторот Нимиц“. Во поедноставената парафраза недостига „непосредно“ и „2008“, а првото лице множина „прифативме“ е заменето со „Република Македонија“.

Следствено, ако фокусот на проверката е поскоро содржината, отколку формата, тогаш новинар(к)ите треба да се фокусираат на одговор на второто и третото прашање.

АВТОДЕМАНТИРАЊЕ?

Проверката на второто прашање недвосмилено доаѓа до следниов резултат: Точно е тврдењето „дека претседателот Иванов изјавил дека Република Македонија во 2008г. пред Самитот на НАТО во Букурешт прифатила конкретен предлог од медијаторот Нимиц“.

Она што беше најостро демантирано („тврдењето на Петковски дека претседателот Иванов изјавил дека Република Македонија во 2008 година пред Самитот на НАТО во Букурешт прифатила конкретен предлог од медијаторот Нимиц“), е веднаш потврдено од демантирачот кој само ја надополнил претходната изјава на претседателот:

„ -Непосредно пред Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, прифативме конкретен предлог од медијаторот Нимиц. Предлог, за кој, доколку беше прифатен од Грција, ќе се произнесеа и македонските граѓани на референдум. Но, бевме блокирани, рече македонскиот претседател.“

Истовремено, ем кабинетот на претседателот го демантира тврдењето дека „претседателот Иванов изјавил дека Република Македонија во 2008 година пред Самитот на НАТО во Букурешт прифатила конкретен предлог од медијаторот Нимиц“, ем тврди дека Иванов изјавил: „-Непосредно пред Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, прифативме конкретен предлог од медијаторот Нимиц.“ (?!)

ДАЛИ КАБИНЕТОТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ГО ДЕМАНТИРАШЕ ИВАНОВ?

Новинарот „Не треба да ги поедноставува ниту да ги пренагласува настаните извлечени надвор од контекст“ (Здружение на професионални новинари, НОВИНАРСКИ КОДЕКС)

Некои медиуми го протолкуваа демантот на Кабинетот на претседателот не како демант на изјавата на Петковски, туку како демант на изјавата на Иванов. На пример, според „Република“:

„Република Македонија во 2008 пред самитот на НАТО во Букурешт не прифатила конкретен предлог од медијаторот Нимиц, се вели во демантот на кабинетот на претседателот на државата Ѓорге Иванов, а по повод изјавата на Тито Петковски, претседател на НСДП.“ (Иванов: Македонија не прифатила конкретен предлог од Нимиц во 2008).

Веднаш потоа, „Република“ ја пренесува дополнетата изјава на Иванов која започнува со тврдењето дека:

„ -Непосредно пред Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, прифативме конкретен предлог од медијаторот Нимиц“,

која е во директна противречност со насловот Иванов: Македонија не прифатила конкретен предлог од Нимиц во 2008.

Со објавувањето на дополнетата изјава на Иванов („Предлог, за кој, доколку беше прифатен од Грција, ќе се произнесеа и македонските граѓани на референдум“) не се негира, туку само се потврдува она што претседателот претходно го изјавил. Имено, ако конкретниот предлог на Нимиц не бил прифатен од Македонија во 2008, каква смисла би имало да се зборува за референдум, во случај „доколку [предлогот] беше прифатен од Грција“?

Парадоксалното демантирање од страна на кабинетот на претседателот не беше искористено ниту за отворање на дебата за „чувствително прашање од највисок национален интерес“ (како што се изразија од кабинетот), ниту за расчистување на конфузијата, ниту пак за покренување на прашањето „кој сакаше да манипулира со македонската јавност“.

Новинар(к)ите пропуштија уште една можност храбро да побараат одговори на прашање од јавен интерес: Дали Република Македонија прифатила конкретен предлог од Нимиц пред самитот на НАТО во Букурешт?

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).