Лајнени стапови за глинените војници

31.08.2013 09:45
Лајнени стапови за глинените војници

Како што власта се консолидира и пореално ги запознава лостовите на моќта, така партискиот терор, од ден на ден, се засилува. Всушност, се засилува државниот терор, во еден (од некаде толку добро познат) систем каде што партијата е алфа и омега, т.е. мајка и маќеа на сите општествени процеси. Мајка е за малцинството перверзно лојални партиски војници, а маќеа е за сите други граѓани на државата, кои се принудени да го трпат теророт на партиските пљачкашки воени одреди (оти партијата на власт е во непрекината и беспоштедна борба за ресурси!).

Пред три дена од страна на Министерството за култура беше објавена годишната програма за култура. Тој список објавува кој од државниот буџет ќе добие пари за културни активности. И поединечните ставки и вкупната сума за активности најчесто остануваат мистерија, оти Министерството за култура нема обичај (како во сиот цивилизиран свет) да поднесува јавни извештаи за својата работа. (Колкава е, пак, вкупната сума што за култура се одвојува од буџетот, исто така, е мистерија; пред неколку години се оперираше со бројката 2 отсто од буџетот; ако тоа е точно, тогаш зборуваме за сума од 40 милиони евра годишно.)

Еве го, значи, мојот денешен пример за нашата мафијашка држава-партија: во таа годишна програма за култура името на претседателот на Собранието, Љубиша Георгиевски, го наоѓате речиси зад секоја трета грмушка! (Да, на тоа личи Македонија во 21 век: на некаква предцивилизациска прерија во која илјадници ѕверчиња осамено го крцкаат својот плен, секој зад својата грмушка.) Даночните обврзници, значи, на вториот човек во политичката хиерархија, годинава ќе му платат да го сработи својот игран филм (заедно со Дарко Митревски), да ги објави своите високоумни политички мисли во десет тома (!!!) и да направи најмалку една театарска претстава! Оваа вест (која произлегува од тотално помрачената свест-несвест на нашата партија-држава) би привлекла внимание дури и кога би доаѓала од Северна Кореја, од Таџекистан или од Белорусија: владетел што едновремено владее и вредно уметнички твори на сметка на даночните обврзници... Но - во Европа?! Во 2007 година?! Владата штедро да финансира културно-уметнички проекти на сопствениот претседател на парламентот!?

Излишни се коментарите: како да нема дно пропаѓањето на земјава... Љубиша Георгиевски испадна една од најбесрамните и најгротескните фигури во мачнава историја на транзициското бесчестие... За жал, галеријата гротескни ликови што грабаат без срам и перде од ден на ден станува толку голема што тоа наказно огледало се заканува да не' зароби сите! Како сопствена карикатура на некогашниот сон за држава! И прифаќајќи ги тие монструозни фигури како нормални, дури и како образовани и умни (сиц!) владетели, сите ние себеси се доведуваме на работ на лудилото! Љубиша Георгиевски во моментов претставува лик кој на телевизија смее да се пушта само по 23 часот, заедно со астролозите, пророците, меката порнографија и народните трибуни... Љубиша Георгиевски е културна и политичка катастрофа, пред се', за сопствената партија! А бидејќи таа партија едновремено е и наша мила држава - сомнителниот уметник и уште посомнителниот политичар станува наша Содома и Гомора!

И пак повторувам, оти вмровциве тешко ме разбираат: доста ми е од партиско-државна диктатура! Сеедно ми е дали ме краде и малтретира СДСМ или ВМРО! По ѓаволите со двете! При ваков степен на партизација и узурпација, не е далеку денот кога со лајнени мотки ќе ги бркаме по улици и едните и другите, за да ги брцнеме во нужниците и да ги облепиме со пердуви!

Ванчо Узунов пред неколку недели на истово место сликовито објаснуваше колку троши државата: 6 милиони евра дневно. Буџетот на државата е 2 милијарди евра, а целокупниот општествен бруто-производ е 5 милијарди евра. И, се разбира, дека оној што ја држи шепата над благајната, Груевски во случајов, е архимоќ, „бог и батина“, некој од чија милост зависи буквално секоја глава во земјава... Но, Ванчо Узунов (суптилно и деликатно, за разлика од мене) прашуваше дали она што како услуга го добиваме од државата за своите две милијарди евра - вреди толку?! Ако на цел куп пратеници им даваме стотици илјади евра за да не доаѓаат во Собранието, ако на помпезниот политичар-кловн му даваме големи средства од буџетот за култура, за до бескрај да ги умножува своите, главно, безвредни квазиуметнички будалштини (оти Георгиевски, со мали исклучоци, во уметноста отсекогаш бил памфлетист, плакатист, реторичар, идеолог, секогаш евтин и патетичен демагог), тогаш е јасно зошто зборувам за теророт на државата-партија.

Значи: што добиваме за своите две милијарди евра (освен дебелиот Љубиша Георгиевски на грб)?! Добиваме откази, понижувања, насилства, болести, секојдневни застрашувачки неправди (двата убедливо најмаркантни помлади македонски поети, на пример, Лидија Димковска и Никола Маџиров, едни од ретките наши писатели што имаат и некаков меѓународен углед, не добија ниту банка на истиот годишен државен конкурс на кој претседателот на Собранието е џандарот кој збира се'); добиваме мизерна култура управувана од фрустрирани, неталентирани и некадарни партиски војничиња, добиваме уништено образование и здравство (кои, сакале-нејќеле, мораме да ги плаќаме од другиот дел на општествениот производ, оној што не го контролира партијата, т.е. не го контролира директно), добиваме, со еден збор - мизерен живот. Нема друг начин да им се спротивставиме на крадциве и паразитиве отколку со лајнените стапови (исковани во тајните работилници на македонскиот непокор) да ги маваме по грабежливите прсти. Макар тие лајнени стапови биле во форма на јаловиве зборови.

Слики: Свирачиња
Утрински весник, 29.01.2007.

Сроден текст: Да се убие марионетата во себе