Балкон

03.09.2013 13:17
Балкон

„Балкон“, драмскиот текст на Жан Жене, е една од најпровокативните политички драми во 20 век. Текстот премиерно бил изведен во Лондон 1957 година, но во цензурирана форма. Во Франција дури во 1960 година - но одново во скратена форма - еден театар се осмелил да го постави текстот на сцена (тоа било можно поради доаѓањето на власт на Де Гол, во 1958 година, и на неговиот министер за култура, Андре Малро, кој дал дозвола и за Јонесковиот „Носорог“). Иако Жене не бил пожелен во Америка (три пати одбивале да му дадат виза во периодот 1965-1974), „Балкон“ била мошне успешна претстава на Оф-Бродвеј.

Заплетот на „Балкон“ неодоливо потсетува на денешна Македонија: Во борделот на Мадам Ирма, Le Grand Balcon, доаѓаат разни клиенти за да си ги реализираат скриените фантазии. Некои од нив се наоѓаат во еротизираните улоги на епископ, судија, генерал, клошар итн. Се пресоблекуваат и се уживуваат во општествените улоги сосема различни од оние коишто реално ги имаат. Во тоа им помагаат проститутките во таа „куќа на илузиите“. Тие им се потчинети на клиентите, исповедајќи ги гревовите, признавајќи ја вината, служејќи за јавање...

Уште еден важен детаљ од драмата потсетува на актуелниот македонски фараон: Мадам Ирма во борделот гради нова соба, „погребен салон, украсен со мермерни урни, мојот салон за свечена смрт, гробница! Салон мавзолеј...“

Надвор од јавната куќа, во градот, беснее револуција, една друга форма на илузија, според зборовите на началникот на полицијата, Жорж, кој го обезбедува борделот и кој е добар пријател на сопственичката Ирма. Началникот на полицијата често доаѓа во јавната куќа и инсистира да му се каже дали некој од клиентите барал да го персонализира шефот на полицијата, но добива негативен одговор.

Една од проститутките, Шантал, бега од борделот и им се придружува на револуционерите, за кои наскоро станува симбол на слободата. Револуционерите напредуваат, ја заземаат кралската палата, ги масакрираат кралицата и дворјаните, вистинските носители на моќта. Важно е, меѓутоа, да го убедат народот дека вистинските носители на моќта сепак се живи. Началникот на полицијата ја убедува Ирма и нејзините клиенти да го прифатат преземањето на стварните улоги на кралица, генерал итн.

Зачудувачки, операцијата е успешна. Ирма станува кралица, додека работникот од претпријатието за гас, понискиот бирократ и полицаецот, кои си уживале во борделските улоги на судија, епископ и генерал, сега се поставени на истите позиции, но во вонборделската стварност. Кралицата Ирма и новите претставници на власта се појавуваат на балконот од борделот и ја поздравуваат толпата. Шантал ја убиваат бидејќи се појавува пред кралицата.

На крајот, откако на улиците пак ќе избие востание, Ирма ги отпушта судијата, епископот и генералот, како тие сепак, после сè, да се само клиенти, а не вистински достоинственици. Во својот последен монолог таа ги собира сите трошоци и напори за да се води јавна куќа. Дури и’ се обраќа на публиката, како тука да се наоѓаат нејзините нови потенцијални клиенти.

Велам, Македонија во мигов наликува на „куќа на илузиите“, на бордел окупиран од трансвестити, како во некое бизарно реално шоу. Наместо општествен живот имаме травестија. Наместо „вистински носители на моќта“ - имаме идиоти (што камуфлирани што вистински). Сите мислиме, тешејќи се, дека, токму како на крајот на театарска претстава, кај и да е ќе се разбудиме во некоја нормална стварност, а баграта ќе се разбега како вампири пред разденување.

Персијците имаат еден фасцинантен израз: Tuti'i pas ayina е особа која седи зад огледало и го учи папагалот да зборува, бидејќи овој верува дека неговиот одраз во огледалото ги изговара зборовите.

Но, велам, во нашата драма нема да се појават ни „духот од машината“ ни суфлерот зад огледало. Надевајќи се на будење од кошмарот забораваме дека самата реалност има структура на фикција, зашто е симболички конструирана. Тоа, впрочем, го зборуваше и Жак Лакан (кој, патем, восхитено зборувал за Жене и за „Балкон“): за воопшто да се воспостави општествената реалност нешто мора да биде примордијално задушено, нешто што не може да се симболизира; така настануваат призрачните фантоми - за да се исполни јазот на она што не може да се симболизира. Призракот не ја крие општествената реалност, туку го крие она што примордијално мора да се потисне за општествената стварност да може да настане.

Можеби Гручо Маркс сето тоа го кажува многу поедноставно: „Значи, иако човеков личи на идиот и работи како идиот, сето тоа не би требало да ве измами - тој е идиот!“

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото