Слободата е најголемата западна вредност

01.10.2013 10:49
Слободата е најголемата западна вредност

Политичкиот врв во Македонија со помал или поголем интензитет со години вергла дека економското и културното втемелување на новиот општествен и државен поредок треба да се одвива според моделот на западната демократија. Во практиката гледаме нешто друго (демократските видици често завршуваат со бодлива жица - вели Орвел): една прилично гадна мешавина од авторитаризам, феудализам, првобитен капитализам и социјалистичка бирократизираност.

Затоа не е лошо, од време на време, на систематски збудалуваниот (=осиромашуваниот) народ да му ги соопштуваме вистинските начела на западната идеја за демократија, начела кои во голема мера се потпираат врз идеите за солидарност, еднаквост, општествена правда, политички слободи, нешта кои нашиве острастени и примитивни водачи (не само од политичката сфера) со леснотија ги отфрлаат како глупави реликти на социјализмот.

Според Марвин Пери (во неговата книга „Интелектуалната историја на Европа“), главните достигнувања на модерниот Запад кои сеуште носат снажна општествена порака се:

-Традицијата на разумот, која го овозможува научното сфаќање на космосот, користењето на природата за добробит на луѓето и идентификација и реформа на ирационалните и противзаконски институции и убедувања;

-Традицијата на политички слободи, што е темел на демократските институции;

-Традицијата на субјективни слободи, што ја потврдува способноста на поединецот за етичка автономност;

-Традицијата на хуманизмот, која на поединците гледа како на креативни поданици коишто имаат право и можност да го остварат својот полн човечки потенцијал;

-Традицијата на еднаквоста, која изискува пред законот сите да бидат еднакви;

-Традицијата на човечкото достоинство, која го потврдува ненарушивиот интегритет и вредностите на човечката личност и е погонска сила зад која сега стои глобалната борба за човекови права;

-Традицијата на општествена правда, која инсистира на тоа заедницата да има морална обврска да им помогне на сиромашните и унесреќените.

Кај нас овие европски традиции и вредности сосема се игнорираат од многубројните политички „фактори“ (факмани) што со години се топорат со своите веќе до бедотија излижани фрази за „нашиот стремеж кон НАТО и ЕУ“. Општеството го управуваат дневни профитери, луѓе без визии и принципи, без подлабоки политички или идеолошки знаења; локалните махери за лактање и клоци под маса, демагозите и лицемерите станаа посакувани општествени обрасци за однесување зашто тие хулигански вештини денес обезбедуваат статус и успех во Македонија. Притоа се создава една нова класа која во социологијата се нарекува „компрадорска буржоазија“. Таа буржоазија најчесто е репрезент на транснационалниот капитал кој осигурува некаква форма на социјален мир (со многу популистички и националистички маневрирања) за мирно да врват процесите на експлоатација. Тие процеси најдобро се проучени во Јужна Америка во времето на генералските диктатури.

Компрадорската буржоазија сосема ги игнорира клучните вредности на западната демократија за кои овде зборуваме. Таа нова буржоазија не сака да разбере дека државата и народот не се некакви трансцендентални и метафизички форми туку дека произлегуваат од меѓусебното договарање меѓу луѓето и дека се менливи. Општеството не е отелотворување на некаков метафизички поредок во кој луѓето дејствуваат само во строго зададени и засекогаш присутни рамки, ниту општеството се создава врз метафизички темели.

Нам ни треба ново општествено единство, втемелено врз принципи кои ги надминуваат етничките и партиските страсти. Еден од тие најважни принципи е - слободата. Ни претстои, значи, проста работа: борба за слобода. Меѓу другото и тоа е приказната за западната демократија. Слободата нема да ни падне од небо, за неа ќе треба да се избориме. Можеби дури тогаш, со страста но и со начелата на слободата во себе, ќе бидеме спремни да влеземе во „западниот културен круг“.

Социологот Орландо Патерсон во својата книга „Слободата во создавањето на западната култура“ вака вели:

"За целиот незападен свет слободата не беше пожелна цел. Други идеали и вредности беа и сеуште се поважни: потрагата по слава, чест, моќ за себе и за кланот, национализмот и владетелската големина, милитаризмот, пиететот спрема предците, нирваната, ширењето на 'вистинската вера', хедонизмот, правдата, еднаквоста, материјалниот напредок - списокот е бесконечен. Но, речиси никогаш, вон контактите со западната култура и нејзините влијанија, тие вредности не ја вклучуваа слободата."

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото