Скопските монументи

14.10.2013 07:59
Скопските монументи

Земјотресот мина. И првите трауми.

Тогаш пред нас се покажа нов, дотогаш непознат град. По неговите улици врвеа стоиците, оние храбрите што останаа да ја делат неговата судбина. Тие кои не им се придружија на оние кои во земјотресните денови се присетија за своите родни места или местата на пријателите и отидоа да се засолнат таму додека „мине луњата“. Поприми овој град физиономија на космполитска населба. Низ татнежот на градежните машини се вплектуваа разговорите, водени на многу јазици, зашто меѓу минувачите имаше луѓе речиси од сите раси. Тука веќе беа единиците на припадниците на армиите на СССР, САД, Германија, Норвешка, членовите на хуманитарните организации од многу европски и воневропски земји, разните стручњаци: сеизмолози, планери, урбанисти, инженери, многу други од сите наши републики и голем број земји од светот. Се туркаа по улиците на градот и оние кои дојдоа во Скопје да помогнат во расчистувањето и обновата, па останаа тука да живеат. Неверојатно е, но вистинито дека во тоа и такво Скопје дојдоа од внатрешноста на Македонија, па и од другите републики, нови жители. Набрзо се вратија и оние малодушните што се исплашија од грдиот град. И оние 176.0000 деца, старци, болни што беа евакуирани во првите денови по земјотресот. Како никој да не сакаше да отсуствува од обновата на својот град.

Градовите имаат монументи по кои се препознаваат. Тоа се грандиозните зданија. Овој град бил приземна касаба со тешка историја. Не ѝ припаѓал на некоја силница која во војувањето грабела од други и си ги красела своите престолнини. Но, нема град без свои монументи или „монументи“. Ако ги бараме скопските монументи, тогаш нив ќе ги сретнеме на улиците. Отсекогаш низ историјата, неговите монументи биле неговите жители. Па кој друг монумент би издржал неурнат 72 освојувања и паѓања во туѓи раце? Кој е поголем монумент од оној што низ историјата го градел, обновувал од војни и стихијни уривања, го пополнувал со свои височини по раселувањата и колерите?

Препознатливи се тие скопски монументи. Еден од странците што најповеќе се сврза со Скопје по земјотресот беше полскиот урбанист Адолф Циборовски. Во еден разговор ми рече: „Во Скопје дојдов веднаш по земјотресот. Речиси правот не беше слегнат. Видов разурнат град каков дотогаш немав видено. Но, и луѓе со бели кошули. Тогаш си реков: ќе живее овој град штом има вакви непокорни жители што не отстапуваат и пред големата стихија!“

Минаа веќе 20 години. Зборуваме за ново Скопје. И да не го обесправуваме. Денес овој град на неговите најголеми и најтрајни монументи –луѓето, им придружил и некои препознатливи зданија, ако зданијата се некакви монументи за гордеење. Денешните монументи на градот на Вардар се неговите булевари, авении, кејовите покрај Вардар што треба да го направат поудобен и посигурен животот на граѓанинот негов. Навистина, поинакви се патиштата на Скопје, но и овие скопски монументи имаат свои фасади. Ако е кај човекот негов самопрегорот, тогаш фасадите на другите монументи зборуваат за силата на неговите луѓе, за силата на едно општество што се покажала и при изградбата на урнатото Скопје. Стои овој споменик на југословенските подадени раце - на солидарноста и на помошта на пријателите од 82 земји, на разбудената совест на човештвото и сето тоа го извишува во свој чудесен монумент!

Скопје е денес и културно-просветен центар на Македонија. Тој е град на ученици и студенти. Не само средствата од Фондот за обнова и изградба на градот, не само средствата од редовните буџети во годините по земјотресот, за задоволување на потребите на просветата и културата, Скопје оддели значајни средства и од својот прв придонес на граѓаните што траеше пет години. Со сите тие напори, во годините по земјотресот, во Скопје се изградени нови училишта.

Минатата 1982 година, Скопје имаше 162 училишта на основното образование со 78.013 ученици; 43 училишта за средно образование со 32.588 ученици; на 28 факултети на Скопскиот универзитет студираа 35.685 студенти. Градот има 20 кина, 93.991 радио претплатници, 90.429 телевизиски претплатници, четири театри, филхармонија, 9 музеи од кои 6 подигнати после земјотресот, 40 културно-уметнички друштва, 25 библиотеки, 1.147 лекари (еден на 354 жители), потоа 3.988 болнички постели...

Извор: Skopje '63-'83, Partizanska knjiga, Ljubljana, 1983.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото