
Списанието New York Sun далечната 1890 пишуваше: „Новината толку многу се прошири што е невозможно да сретнете жена или маж кои не џвакаат, во театар, во црква, во трамвај, на улица, и тоа наспроти фактот дека џвакањето, во суштина, е вулгарно задоволство, особено во јавноста. Го открива лошите манири, го одзема достоинството“.
Вулгарна или не, гумата за џвакање се задржа до ден денес. Иако нејзините корени потекнуваат од некои други, древни цивилизации, денешната индустрија за овој производ се роди во САД, благодарение на неколкумина Американци кои, секој поединечно, во различни периоди, дошле до вистинскиот рецепт.
Светската индустрија за гумите за џвакање (или мастиките, како што се познати кај нас) вреди околу 19 милијарди долари, а само американската вреди околу три милијарди. Секој Американец во просек џвака околу сто гуми за џвакање годишно. Покрај чоколадото, гумите за џвакање се еден од најпопуларниот кондитерски производ во светот.
Уште во древните времиња, во разни земји, луѓето уживале во џвакањето на нешто кое наликувало на денешните гуми за џвакање. Старите Грци џвакале ароматична смола на мастикс, зимзелено средоземно растение, односно грмушка.
Индијанските народи, во обете Америки, илјадници години џвакале различни растенија. Сите поради иста причина, главно онаа поради која и денес џвакаме гуми – да се залажат гладот или жедта, како и забната хигиена, за освежување на устата и здивот.
Кога првите Европејци стигнале во Америка, на територијата на денешна Нова Англија, од Вампаноаг Индијанците брзо научиле да уживаат во смолестиот сок од оморика (иглолисно зимзелено растение), на кој му додавале малку восок.
Џон Бејкон Кертис во 1848 г. на пазарот исфрлил гума за џвакање од сокот на омориката. Ја произведувал така што во кујнските лонци на својата жена го варел смолестиот сок, а потоа го истурал во студена вода, за сокот да се стврдне. Но продажбата на неговите два сантиметри долги и еден сантиметар широки „стапчиња“ за џвакање не му одела најдобро. Но кога во 1850 г. на производот му додал парафин и шеќер, гумата за џвакање станала многу популарна.
Меѓутоа, официјално гумата за џвакање е патентирана од Вилијам Финли Симпл во 1869, иако неговиот производ никогаш не стигнал до пазарот. Во 1871 на сцената стапнува Томас Адамс кој ја патентира првата машина за производство на гуми за џвакање. Неговата гума, под името туи-фрути е првата гума која се продавала во автомати поставени на една од станиците на подземната железница на Њујорк. Адамс починал во 1905 г. како богат претприемник, оставајќи зад себе производ кој секогаш ќе има посебно место во историјата на Америка.

Една година по неговата смрт, на пазарот се појавува нов вид гуми за џвакање – оние од кои можат да се прават балони. Таа била изум на Френк Флер и сите биле воодушевени од неа. „Луѓето ја џвакаат во канцелариите, прават балони и потскокнуваат од среќа“, забележал еден хроничар.
Набрзо почнале натпревари во дување балони. Според Гинисовата книга на рекордите, најголемиот балон го направила извесна Сузан Монтгомери од Фресно, Калифорнија, во 1994 г., со пречник од 58.5 сантиметри.
Кога за време на Втората Светска војна гумите за џвакање станале дел од војничките оброци, 150 милијарди гуми „заминале во светот“ бидејќи американските војници ги делеле популарните „мастики“ на луѓето – од Европа, преку Африка, до Азија.
По крајот на Втората Светска војна, хемичарите научиле како да ја заменат основната гумена база со синтетички полимери. Се појавуваат гуми со разни облици, бои и вкусови, со екстракти од ментол и разни овошја, со и без шеќер, оние кои ги избелуваат забите и кои помагаат во одвикнувањето од пушење... Само во САД се произведуваат и продаваат илјада различни видови.
Истражувањата покажуваат дека луѓето повеќе џвакаат кога се нервозни или кога се наоѓаат во тешки мигови и времиња. Во светот, во кој тешкотиите постојано демнеат и напнатоста не попушта, гумите за џвакање се трошат како никогаш досега.
Извор: B92