Конески: Кажувања (12)

19.11.2009 10:32
Images_Gallery_34_mk08.jpg

Важноста на податокот

Јас држам многу до податокот. Се разбира, не е секој податок интересен. Веќе тука треба да имаме подбор. Авторот треба да знае што ќе понуди како податок. А и тука има процес на бришење. Оти пишувањето е во голема мера бришење, елиминација на она што не е битно, што не треба да пречи. Е, сега, има различни автори. Кај некои автори, она што можеме да го сметаме за факт, земен од животот, се очудува, станува нешто необично, баш поради посебната сила на фиксирање и осветлување на тој факт и неочекувано доведување на тој факт во врска со други факти.. Додека има автори што се служат повеќе со фантазија, со различни конструкции, бидејќи тоа им лежи. И едното и другото е можно. Меѓутоа, оној што го користи фактот, а знае вака да опсервира и со таква прецизност, и со таква остра светлина, како под лупа, да го постави фактот, тој не е ништо помалку творец од оној што се служи со фантазијата во поголема мера, и со послободни асоцијации, и со различни, чисто фантастични некои комбинации.

Тоа сето е објаснето кај теоретичарите. Јас на тоа се задржувам во својот есеј „Очудување”. Таму ги цитирам оние луѓе од коишто нешто сум научил во тој поглед. Да речеме, го цитирам Андриќ, го цитирам Чеслав Милош. Имено, луѓе што знаат како да се служат со животниот факт во литературното дело.

... Веројатно не само Гете, и други мислат дека има баласт кај Виктор Иго. Па, дури знам - дали тоа во својата антологија Помпиду го кажува? - „За жал, сепак мораме да се согласиме дека е тој наш најголем поет”. (Се смее). Зашто, и покрај тоа што не бришел, имал многу работи што се ненадминати. Тие така тврдат. Јас не можам сега да судам за нивната поезија. Но добро се сеќавам за тој израз: „За жал тој е наш најголем поет”. (Се смее).

За улогата на морален судија

Јас сум во тој поглед дијалектичар. Не мислам дека што и да е изречено еднаш за секогаш задржува иста тежина. Најмалку пак сум свикнат со тоа да се поставувам во ситуација на морален арбитер. Тоа ми е мене туѓо. Јасно, дека секој човек се искажува. Го зема својот однос спрема извесни настани и спрема извесни личности. Ако и јас тоа го правам, тоа е нормално. Но, јас за себе не резервирам позиција на морален арбитер. Тоа никогаш. Јас мислам дека за целокупниот наш развиток голема штета произлезе од тоа што извесна категорија луѓе таа улога на себе ја зела. Да бидат морални судии над сите други, што се, да кажеме, една маса, една сурија неиздиференцирана, а само некои имаат морален примат. Јас таа улога никогаш не сум сакал да ја земам на себе, нити сум си ја припишувал. Бидејќи, секој човек треба и по себе да знае колку е човекот едно ранливо суштество, колку тој се ломи во некои ситуации. Па, зошто да биде и спрема другите тогаш крут судија?!

За разликите и сличностите

... Човекот е секаде човек. И покрај сите разлики што постојат во традицијата, во обичаите, во навиките. Јас сум уверен во тоа. Истакнувам, секогаш ќе почувствував мала возбуда кога ќе забележев нешто слично и што се поврзува и со нашата културна сфера. ... Јас излегувам од таа претпоставка спонтано и кога си објаснувам некои работи во далечниот свет. Дека сепак она што важи за човечкото суштество овде, важи и на другите меридијани, ако ги отстраниме сите надворешни разлики. Мислам на она што е битно. Затоа е и можно ние да доживуваме, да речеме, уметнички дела создавани во други земји, во други култури. Често пати многу далечни од нас по простор, па и по време. (Низата заеднички елементи како надеж за човештвото?). Од тоа јас не извлекувам никаков заклучок како историска визија, бидејќи ние се колебаме меѓу оптимизмот и песимизмот и во својата најблиска средина. И меѓу своите луѓе. Па истото тоа останува да важи кога го земаме предвид широкиот свет...

Можеме да се плашиме и од сличностите. (Се смее). Од истите табиети. Тоа е веќе друго прашање, објаснувањето на напредокот на светот, на прогресот, верувањето во тоа. Иако човек не може да не верува во тоа. Не би можел да живее инаку. Но, тоа е прашање за филозофско и научно разгледување. А она во моментотт што го засегнавме тоа се однесува на едно непосредно чувство на човекот, дека луѓето, сепак, имаат некои во себе константи што се пројавуваат во различни простори и во различно време.

Меморија на нација

На тоа е тешко да се одговори, затоа што прво треба да одговориме на прашањето - што е една нација? На тоа нема прецизен одговор. Што е народ? Нема прецизен одговор. А јасно, дека има нешто не само во сеќавањето на човекот индивид, ами и во сеќавањето на колективот, нешто што ги поврзува луѓето што му припаѓаат на тој колектив. И тоа може да спаѓа во различните области на човечкиот опит. Кога ќе тргнеме од митот, од она што претставувале некои клучни историски настани, па - од она што е, да кажеме, градителска активност, ако сакате култиваторска активност, па до она што е во потесна смисла духовна култура на еден народ. И материјална. Но, акцентирам - и духовна култура. За мене, во еден мал народ, посебна важност има таа духовна култура, по простата причина што малиот народ не располага со такви средства и можности, нити со такви шанси да создава нешто во другите области, да создава нешто така големо.

Како што можат големите колективи. (Духовната култура како компонента на жива дејност?). Па, само ако ја доживуваме како жива дејност. А ако ја доживуваме како политичка програма, тоа е тогаш средство за измама, за воздејство врз простите. Меѓутоа, ако творечки ја доживуваме, ако она што е наше историско сеќавање нè доведува до тоа самите да продуцираме нешто ново како културна вредност, тогаш е тоа потврда дека се работи за една жива и плодоносна традиција.

За почетоците на преведувањето

... Во секој лучај, преку преводната литература тогаш доста голем напредок се постигна во примената на нашиот литературен јазик во различните области на животот... Требаше да се моделира, како што тоа се вели, лексиката на нашиот литературен јазик. Еден голем, богат лексички материјал, нов, требаше да се активира. И тука, оној што пристапуваше кон таа работа, било како преведувач, било како редактор, требаше да има некаков слух за тоа каков подбор треба да се направи за таа лексика складно да се вклопи во, така да кажам, во самата снага на нашиот литературен јазик. .. Со еден таков слух и со некаква способност да се оди кон нови стилски синтези, од она што првобитно беше дадено како зачеток можеше резултатно во доста краток рок да се развие литературниот јазик, да се обогати.

Како преведувач

Во тој поглед јас имам доста богат опит. Особено ако се работи за преведувањето на поезијата. Еднаш изјавив дека она што можам да го наречам сладост на родниот јазик, јас особено го почувствував тогаш кога ми успеваа некои преводи. Мислам тука посебно на моите преводи од Хајнрих Хајне. Задачата беше да не го спуштам Хајне до нашиот фолклор. А едно такво искушение беше присутно, бидејќи неговиот израз е по нешто близок до спонтаниот израз на балканскиот фолклор, на народната песна, на севдалинката, да речеме. А тоа сум го сетил кај други преведувачи на Хајне. На пример и кај Алекса Шантиќ. Тоа е еден вид изневерување на оригиналот. Оригиналот навистина е близок до народскиот начин на на искажување. Тука имате прости и простосрдечни искази, места. Прости јазични средства употребени. Имате една непосредност, интимно обраќање. Меѓутоа, сето тоа треба да се искаже со јазик којшто не се спушта до фолклорот, ами напротив, нè влече во една повисока изразна сфера.

Во случајот со преводот на „Лирско интермецо” на македоннски јазик, јас таа задача ја чувствував како основна. И тогаш, кога ќе сетев дека успевам да го совладам текстот на Хајне на едно ниво повисоко од она што го нуди нашиот фолклорен исказ, јас ја чувствував таа сладост на родниот јазик, односно чувствував дека нашиот јазик сè повеќе се оспособува за искажување на содржини и во сферата што можеме да ја обележиме како една сфера на уметничката поезија, изделена од оралната традиција.


Преведувањето и личното творештво

Оној опит што го стекнува човек при совладувањето на текстови на некои големи поети, тој останува како еден капитал, што тој може секогаш да го активира и при создавањето на свои оригинални текстови. Може да се најдат, очевидно, дури и поблиски паралели. Можеби меѓу начинот на Хајне и начинот на некои мои текстови. Ако сакате, дури и во насловот „За непознатата", - имам еден циклус „За непознатата", - јас го користам Блок.

Тој има песна „За непознатата”. Славна песна. Па дури и мото земам пред тој циклус. Очевидно дека тука има ако не, да речеме, некое подиректно опирање врз таа поезија, што сум ја преведувал, сепак има некои подалечни реминисценции. И нешто што може, ако не како угледување, да се карактеризира сепак како некое зрачење емоционално од тие текстови, што јас на тој начин преку преведувањето сум ги опсебувал. Таа радијација се чувствува после и во моите текстови.

Сопствениот опит во поезијата и преведувањето

Мислам дека тоа оди едно со друго. Прво, јас не можам да си дозволам така лесно, да направам слаб превод. Треба да држам сметка за она ниво што ми припаѓа и на кое се движам кога своите оригинални текстови ги создавам. Јас сум се осврнувал на прашањата на преводот и теоретски.

Имам неколку статии за преводот и во една велам дека за поезијата еквивалент може да биде само поезија. Тоа е мое основно гесло кога се работи за преведувањето на поезија. И, од тука, јас сум се старал да создадам текст што во мојот јазик ќе звучи како една песна што е на тој јазик валидна. И што се вклучува во нашиот контекст, во нашиот поетски мозаик. Јас можам да отстапувам од некои формални својства на оригиналот. Да речеме, да изберам друг метар. Или барем да отстапам парцијално од она што е прозодиска структура на оригиналот. Меѓутоа, јас треба да добијам еден онаков впечаток, онакво доживување треба да постигнам на текстот, како што читателот има од оригиналот, ако случајно го знае јазикот на оригиналот. Тоа го викам јас еквивалент за поезија. Без таков еквивалент нема успешно преведување. И не треба ни да се преведува. Јас, поради ова што го кажав, застапувам еден послободен пристап кон преводот. Посебно кон преводот на поетски текстови. За мене оригиналот не е сакросанктен во една тесна да речам, педантериска смисла. Кон оригиналот може да се пристапува и послободно, ако се добива оној впечаток емоционален, што од еден текст се бара. Инаку, прашавте - дали сопствениот опит помага при преведувањето? - јасно, многу, најмногу. А помага и целата лектира што ја совладал човек... И оној што не пишува поезија може да преведува. Одлично може да преведува ако е начитан во поезијата и ако има поетска дарба. Не мора тој да ја активира таа дарба. Има одлични преведувачи што не се бават со пишување на оригинални текстови. Но тоа е работа, така да кажам, секундарна, ако тие се начитани во поезијата, ако имаат вкус за поезијата и ако имаат дарба на поетско изразување. Бидејќи дарба на поетско изразување имаат многу л;уѓе, не само оние што пишуваат поезија. (Но сепак, оној што пишува поезија има поголемо искуство...). Секако. Еве, да речеме, откривањето на оние метри што му лежат на еден јазик.

Тоа може да стане прво кај еден поет што е активен, во неговата лична практика, па после да се пренесе и на преводите... Кога пристапив кон преведувањето на „Крст при Савици” од Прешерн бев изненаден колку ми оди лесно. Ја преведов таа поема доста брзо , на одмор во Дојран. И открив тогаш дека метарот, тоа е единаестерац на јамбска основа, необично добро му одговара на македонскиот јазик. Има такви ритмички шеми, има такви метри, што на еден јазик му лежат. Но, тие треба да се откријат. А тоа се открива со голема продукција поетска или при преведување. Е, јас открив дека еден таков метар, што му лежи на македонскиот јазик, што им одговара на својствата на неговата прозодија, е имено тој единаестерец, којшто може повеќе или помалку, да се гради и на јамбска основа. А после дури установив дека заправо тоа не е случајно. Едно такво откривање не е без подготовка. Бидејќи и мојата песна „Везилка", и песната „Григор Прличев", претходно беа пишувани, имено, во тој метар. Значи, јас сум го насетил тоа веќе при пишувањето на некои свои сопствени текстови. А после, при преведувањето сум почувствувал дека навистина и тоа е еден од оние метри, што му одговараат на нашиот јазик.

... Амфибрахот, што го употребувам во „Тешкото", јас свесно го пренесов при адаптирањето на текстот на Лазар Поптрајков „Локвата и Вињари”. Тој метар навистина му одговара на нашиот поетски јазик и тој придонесе многу таа поема да прозвучи побогато, отколку што е тоа случај и во самиот оригинал. Бидејќи сепак, тоа е творба на сосема млад автор, почетник, а освен тоа пишувал на јазик што уште недоволно го усвоил. А во неговата поема има многу богат штоф. Има извонредно интересна содржина.

... Инаку, јасно, професионалниот однос останува трајно барање спрема преведувачот. А сега би додал уште дека преведувачот треба да биде стилист. Може да го знае одлично јазикот на оригиналот. И практично да се служи со него.. И да зборува на него. И да пишува. Може да го знае во истата смисла и својот јазик. Ама, ако не е стилист, тој не може да ги открие валерите на книжевниот текст. Ете, покрај другите барања и тоа треба да го истакнеме.

Слики: Милош Коџоман

Другите делови од „Кажувањата“ можете да ги прочитате на следниве линкови:

Конески: Кажувања (1)

Конески: Кажувања (2)

Конески: Кажувања (3)

Конески: Кажувања (4)

Конески: Кажувања (5)

Конески: Кажувања (6)

Конески: Кажувања (7)

Конески: Кажувања (8)

Конески: Кажувања (9)

Конески: Кажувања (10)

Конески: Кажувања (11)


 

ОкоБоли главаВицФото