Обичниот грип е посмртоносен од свинскиот

23.11.2009 11:53
Tamiflu.JPG

Кога во јуни годинава претседателката на Светската здравствена организација, Маргарет Чен, за прв пат во последниве 41 година објави највисок степен на глобална пандемија на грипот, фармацевтската индустрија веќе беше започнала со бројни активности кои, според процените на списанието Business Week, би можеле да донесат заработка од 50 милијарди долари. Западните земји, како САД и Германија, ги започнаа најголемите кампањи за вакцинирање во историјата, а Kalorama Information, агенција за истражување на пазарот за здравје, предвидува дека пазарот на вакцини ќе се удвои во 2013 г. Масовната кампања за подигнување на свеста за свинскиот грип, во која секој случај на заболување или смрт е пријавуван, како и неможноста на стручњаците на одредат за каков вирус се работи, се одвива напоредно со неверојатниот раст на фармацевтската индустрија. Поради тоа, во јавноста се појавија сомнежи дека кампањата е оркестрирана со цел заработка на фармацевтските компании, со СЗО како главен диригент.

Побавно производство на вакцини

За паранојата за грипот придонесе и фактот дека американската влада кон крајот на 2005 г. донесе закон, т.н. PREP Act, со кој производителите на лекови се штитат од секаква одговорност за евентуална штета нанесена со лечење во случај на „јавноздравствена итност“. Во Европа, но и другите земји, ваквата заштита рутински се озаконува во поединечните договори меѓу компаниите и владите.

Планирано или не, пандемијата на свинскиот грип и новонастаната пракса за неодговорност згодно се поклопија, и на производителите на лекови им создадоа услови за огромна заработувачка во околности на глобална економска криза и пад на продажбата на другите лекови. Па така, на пример, агенцијата Reuters јавува дека GlaxoSmithKline, вториот најголем светски производител на лекови, до крајот на годината ќе заработи 5 милијарди долари од продажбата на вакцините Pandermix и 200 милиони фунти од лекот Relenza, од кој лани заработи 12 милиони фунти.

Според Financial Times, швајцарската компанија Roche во првите девет месеци на годинава продала лекови Tamiflu во вредност од 1.9 милијарди долари, десетпати повеќе отколку лани во истиот период.

AstraZeneca, Sanofi-Aventis и Novartis исто така пријавија двоен раст на заработката во третото тромесечје годинава. Американските компании Johnson&Johnson, Abbott Laboratories и Merck, според ABC News, оствариле повеќе милијарди долари вредни аквизиции во однос на помалите производители на лекови против свинскиот грип.

На производителите сметките може да им ги помати природата, односно, фактот дека производството на вакцини се одвива значително побавно од очекуваното, па првите два од очекуваните три брана свински грип ќе поминат со помалку продадени вакцини. Освен тоа, производителите пропуштија да заработат и на летната епидемија во земјите од јужната хемисфера, каде грипот исто така помина без вакцини.

Дали навистина се работи за пандемија?

Сметките на компаниите можат да им ги расипат независните стручњаци и медиуми кои се сè погласни во предупредувањето на опасностите од нетестираните вакцини и неефикасноста на лековите за сузбивање на симптомите, и го поставуваат прашањето дали навистина се работи за пандемија на свинскиот грип.

На пример, др. Волфганг Водарг, специјалист за белодробни заболувања и претседател на одборот за здравство во германскиот парламент и Советот на Европа, во весникот Neuen Presse изрази сомнеж дека компанијата Novartis во Германија ја тестира вакцината „која содржи канцерогени клетки“ и чии „евентуални алергиски реакции не се познати“.

Што се однесува до лековите, научниците од универзитетот Oxford во списанието British Medical Journal пишуваат дека Tamiflu и Relenza кај децата под 13 години само ги скратуваат симптомите на болеста за 12 до 36 часа, додека Lancet Infectuous Diseases наедува дека овие лекови кај возрасните ги скратуваат симптомите за отприлика половина ден. Кога на ова ќе се додаде фактот дека тестирањето се врши откако лекот е пуштен во употреба, и дека самите клинички испитувања се компромитирани од фактот дека не се спроведени ниту финансирани од државните агенции за лекови, туку од самите производители на лекови, се наметнува заклучокот дека жителите на земјите кои ја нарачаа вакцината се лабораториски глувчиња кои за таа улога скапо ќе платат.

Според податоците на СЗО, во две годишни сезони на грип, по една на секоја хемисфера, од грип заболуваат до десет проценти од светското население, додека смртните случаи се движат меѓу 250 и 500 илјади. Од друга страна, податоците за однесувањето на болеста на јужната хемисфера, каде сезоната на грип веќе заврши и каде немаше вакцини, покажуваат дека од грип ќе починат максимум 55 илјади луѓе, додека само во САД секоја година од обичен грип умираат меѓу 35 и 45 илјади луѓе. Во земјите од глобалниот југ умреле „само“ 1102 заболени, или 7.8 лица на милион жители, додека од сезонски грип умираат и до десетпати повеќе.

Една доза е доволна

Засега во светот од свински грип се заболени повеќе од 600 000 лица, а починале 7529, што е многу далеку од споменатите 250 до 500 000, колку што годишно умираат од компликации предизвикани од „обичниот“ сезонски грип. Освен тоа, неодамна се покажа дека наместо двете предвидени дози вакцина е доволна само една за стекнување имунитет против вирусот на свинскиот грип, што исто така може да сведочи за слабата сила на вирусот.

Довербата на граѓаните во актерите кои управуваат со пандемијата не е погодена ни од бројните случаи на лобирања и судири на интереси кои, всушност, се вообичаена работа, но претставуваат далеку почувствителен проблем кога станува збор за здравјето на луѓето. Па така, единствени финансиери на Европската научна работна група за грипот (ESWI) се десет фармацевтски компании. Холандскиот инфектолог Лук Боне за германското списание Spiegel изјави дека ESWI претставува „очигледна лоби група на фармацевтската индустрија“ која со науката има исто онолку врска „колку што и McDonalds има со здравата исхрана“.

Медиумите објавија дека на почетокот на годинава Џејмс Мардок, синот на најголемиот светски медиумски могул Руперт, влегол во одборот на корпоративната одговорност на компанијата GlaxoSmithKline, а извршниот директор на Reuters Tompson, Томас Глосер, во одборот на директори на Merck, уште пред две години. Американскиот епидемиолог Том Џеферсон, пак, во Spiegel изрази чудење поради фактот дека прогнозите за грип секоја година се сè поцрни и „секогаш ги даваат едни и исти луѓе, наспроти тоа што се утврдува дека секоја година прогнозите им биле - погрешни“.

Извор: novossti.com

Слични статии

ОкоБоли главаВицФото