Реклами од соништата

25.11.2009 11:17
korica_Kopac_25.11.2009.jpg

За следните избори, кога и да се,
на предизборните плакати да стои предупредување,
како и на цигарите:
„Политичарите се штетни за здравјето“


Да сум ти сонил сон, хорори, Фреди против Џејсон гола вода да јаде, стравотилоци, ај jaj jaj, морници ме лазат...И вака некако беше:

Сонам реклама прва.

Жан Митрев доаѓа на работа, влегува во својот кабинет, погледнува во планерот и досиејата на пациентите. „Дали сте за кафе, докторе?“ прашува сестрата, „Благодарам сестро, обврските не можат да чекаат“, одговара тој. Погледнува на часовникот, се поздравува и полека се упатува кон операционата сала. Влегува, се поздравува со присутните колеги. „Инструментите молам“ вели докторот и застанува пред операционата маса. Само што ги зема инструментите, застанува и погледнува во лицата на колегите: „Нешто не е во ред докторе?“ прашуваат тие. „Не, сѐ е во ред, драги колеги, но мислам дека за судбината на овој пациент мораме да го прашаме народот. Ова е работа за која само народот може да даде вистински одговор“. „Мошне благородна и одважна мисла докторе - му вели доктор Кедев - но да не искрвари пациентот?“. „Пациентот е силен, пациентот е моќен, ќе издржи тој“ - одговара Жан и излегува до салата.

Сонам реклама втора.

Јован Јованов и Елвир Мекиќ, по едно угодно утринско кафе во скопско џет-сет кафуле, се упатуваат кон авто-сервисот каде пред некој ден го беа оставиле својот џип на поправка. Доаѓаат, влегуваат, добро утро - добро утро добри луѓе, како е мајсторе - добро е мајстори. „Еми ние по џипот дојдофме“, вели Џеј-Џеј. „А за џипот, да, да - одговара мајсторот - за џипот ќе почекаме малку“. „Али зашто? - прашува Елвир во неверица. „Па да ви кажам не бев сигурен дали расипаниов дел да го поправам или да го сменам, па распишав референдум во општинава“ - им одговори самоуверено тој. „Ама како чо'ече? - протестира Џеј-Џеј - џипот ни треба, ќе снимаме денес спот, сѐ ќе ни пропадне?!?“. „А бе што ми е мене гајле, одете позајмете се кај Тони Зен, јас моите комшии морам да ги прашам“ - им одговори мајсторот и си влезе комотно во својот канал јадејќи го топлиот бурек.

Сонам реклама трета.

Милчо Манчвски заседнат зад камерите, се снима неговиот најнов филм, извонреден проект, американско-ЕУ-македонска копродукција, акционен политички трилер. Се снима сцената, рефлекторите светнале, камерманите фокусирани на акцијата на актерите. Одеднаш станува Милчо и вели: „Чекај малку, застани“ - и сите застануваат - „Колку од вас мислат дека сценава е ок?“. Екипата малку збунета, ама полека еден по еден креваат раце. „Добро, колку мислат дека сценава е тапа?“. Пак полека некои креваат раце, некои нешто мрморат под брада. „Добро, добро, фала, фала - вели Милчо - што ти е демократија, убавина, нит се замараш, нит му се секираш“ – и си го допива македонското вино.

Сонам реклама четврта.

Римско дерби, Лацио-Рома, 2:2, 91 минута: Лацио напаѓа по десна страна, Коларов до Матузалем, овој до Зарате. Зарате поминува како брз воз по десно крило, го проигрува Пандев, Пандев со бравурозен дриблинг го исфрла од игра противничкиот одбранбен играч, во трк влегува сам во шеснесетникот, сам пред голманот на Рома, сам, каква шанса... И што се случи, што, што? Неверојатно драги гледачи, Пандев застана ја зеде топката во раце и се упати кон соблекувалната, неверојатно, неверојатно!

Сонам реклама петта.

Гавгамела, 331 г.п.н.е.
„Повеќе се, можат да нè победат, мислам дека е најпаметно да ги нападнеме странично“- вели еден од првите соборци на Александар. Втрчува војник од фалангата, врескајќи: „Немој, доаѓаат од сите страни! Ти се двесте илјади, пет пати повеќе од нас“. „Височество, премногу се, мали ни се шансите!“ – вели друг. Александар се замислува и погледнува во хоризонтот. Одеднаш треперливиот глас на Тино проговара низ темните облаци надвиснати над Гавгамела, „Ќе беше ли Александар најголемиот војсководец на сите времиња ако веднаш потклекнуваше пред предизвиците и ако не ги преземаше работите во свои раце?“. Александар стега тупаниците и одговара: „Добро е што таквите како тебе се малку, тргнав да го ослободам светот, а не да ги учам неодлучните што е храброст и одговорност, верувам во себе, верувам во своите одлуки и верувам во својот народ...“. Одеднаш повторно гласот на Тино: „Верувај во себе, верувај во своите одлуки, биди одговорен и земај ги работите во свои раце. Во каква Македонија денес ќе живееш само од тебе зависи!“. Александар погледнува нагоре „А бе Тино, шадап! Аман, цело време главата ми ја пукна со твоите глупости!!! Кога реков верувам на својот народ мислев откако ќе го слушнеме предлогот на Персијците за решавање на биткава, одиме на референдум за Гавгамела, ајде сега гитла сите по шатори“.

Македонска лакрдија , само

Македонска лакрдија , само оваа со вредност. Фино изнесено од копач.
 

Слични статии

Став
Став
Духови [к:1]
Став

ОкоБоли главаВицФото