
Мојата женска генеалогија – баба, мама и јас имаме големи гради. Се сеќавам на виснатите гради на баба. Ги видов случајно, кога се подготвуваше да се капе. Таа се штрекна и веднаш ги покри со рацете. Мама секогаш зборуваше – јас те доев долго. Затоа имаш одличен имунитет. Никогаш немаш грип, не настинуваш. Фала, мамо. Часови поминати на физичко – заморни трчања. Момчињата гледаат како нашите големи гради летаат на сите страни. И се смеат. Кога бев девојче, се срамев. Ги кријам со кошулата на татко ми, темна долчевита... Носам градници во боја на бело кафе. Само сè да биде рамно. Да се има гради значеше да се биде молзна крава. Значеше да се биде плодна, румена селанка. А која девојка сакаше да биде тоа.
Девојките бегаат од зборовите гради, ги бришат сите испакнатини, ги бришат сите знаци на својата половост. За да се гледа лицето, за да се види церебралноста, кората на мозокот. Мажите ни дозволуваат да зборуваме, да бидеме умни, а всушност гледаат во нив. Гледаат низ маичката. Јас веќе не се срамам. Напишав песна за песовите Анорекси. Нив ги испраќаат некои жени кои велат дека се аристотелијанки. Им испраќаат песови на сите жени со големи гради. Но, градите повторно пораснуваат. И јас секој ден успевам да истурам млеко по Плоштадот од кој бегаат сите локални политичари. Чии се градите, прашува Мерилин Џелом. Припаѓаат ли на мажот, на детето, на уметноста, на индустријата, на порнографијата, на медицината, на пластичната хирургија... или на жената зашто сепак се дел од нејзиното тело.
Се сеќавам на деведесет и првата година. Моето момче и јас се шетаме низ градот, зборуваме за книги, го ловиме циганското лето, се смееме. Потоа на Штрос се спуштаме до една скриена клупа. Тој ја соблекува мојата маичка. Моите големи гради излегуваат надвор, во темнината. Тој за миг го заборава моето лице. Зборува со моите цицки. А јас како во нив да немам сетила. Бев како мајка, Големата мајка. Сакав да го бакнува моето лице, моето чело, да не ми ја чепка косата. Моето момче ми ги милува градите во Горниот град. Тие беа негови. Јас гледам во гранките, па слушам звуци. Лисјата веќе паѓаат, се слушаат песни, борбени повици и мириса на војна. Ги слушам политичарите, а тој уште посилно се стиска во мене. Моите гради, неговата сигурност. Дали сето тоа не исчезна зашто долго, предолго ги опишуваше моите гради... Не можевме да шетаме, војна е и мораме да бидеме во подруми... Ги читам песните на Иван Буниќ Вучиќ, поет од Дубровник. За него, градите се реторички орнаменти. Фигури во кои се спојуваат агапа и ерос. Преубаво, барокно. Разузданост, толку убава, насетувана уште во времето на ренесансата. Тогаш градите на возвишените мадони стануваат еротични. Кој уште размислува за гревот, за сличноста на јаболката од рајот и градите. Бледите и библиските слики на прекриени гради и млекото со кое го храни малиот Исус. И сите христијани и сите Евреи.
Треба ли да се дојат децата? Аристократките ги давале децата на некои други жени. Зашто да се хранат децата на богатите било исплатливо. Толку брашно можело да се купи со парите! Но, колку деца се згмечени тогаш под тркалата на количките на носачите! А потоа Русо и модата на доење. Враќање кон природата. Мажите нека мислат, жените нека дојат. Зашто жените „природно“ се топли суштества кои се жртвуваат. Не е важно да се знае дека Русо рано ја загубил мајката. Кој сè уште го толкува сексуалниот живот на тој начин? Ги гледам сликите на чиничиња во Версај, на дворот на кралот Луј XVI. Порцелански, совршено обликувани, имаат форма на гради. Тогаш сите жени гордо извикуваат – јас сум мајка и доилка. Тоа е револуција! Француската револуција и жени со голи раце. Републиката како мајка со гради за сите. Таа слика се скаменува, станува симбол. Слободата ги води луѓето до победа. Делакроа. Мајчиното млеко за децата, всушност за здрава нација. Доењето е инстинкт, пишува Лине. Тоа е оној кој го смисли смешниот израз за цицачите, за децата на цицачите, децата кои цицаат млеко. Тогаш колку слики настанаа во чие средиште се наоѓаат гради и деца кои, како мали волци, се борат за капка бела течност. А жените се облечени како да одат на најраскошен бал. Државата, тој студен Левијатан кој никогаш не примил ниту дал топлина, одлучува – мајките мораат да ги дојат децата, ако не сакаат нема да добијат пари, помош. Тоа го направи француската влада – со еден декрет од 1793 година. Дали изнајмените доилки беа само ројалистички каприц? Мора ли новата власт да ја докажува различноста славејќи го „мајчиното млеко“? Доењето е граѓанска должност. Мајките кои не дојат се себични. Мајките мораат да бидат дома. Мајка Русија... Ана Каренина не доеше, Кити да. Затоа Ана заврши така... И Толстоевата Соња морала да дои. А во дневниците има запишано дека тоа силно ја болело... Има ли Толстој милост? Потоа ја читам Росана Васерман и нејзиниот месечево-млечен циклус во кој пишува – децата со мајчиното млеко го впиваат и јазикот. Читам преубави песни, во мои се мешаат доењето и сексуалноста. Некои поетеси го опишуваат своето возбудување кога дојат. Зошто да се срамат? Мора ли тоа да биде неспоиво?
Движењето bra-burning, еден, два, три – да ги запалиме градниците. И да ги тргнеме вештачките трепки, зошто да се допаѓаме! Треба да се отиде на фудбалски натпревар со голи гради. Зошто мажите можат да ги соблечат своите поткошули? Нас ќе нè уапсат. Бидејќи ги вознемируваме. Се смеам – полицајците во шеесеттите години добиваа совети како да се однесуваат со жена која има голи гради. Девојките ве провоцираат, но мора да останете студени. А кога ги изложуваат на порнографија, тогаш е дозволено. Our breasts are for the newborn, not for men's porn. Сепак можеме да доиме во парк, едната дојка задолжително треба да се сокрие. Колку милозливо! Сепак студентките танцуваат со голи гради пред големиот германски филозоф. Некои велат дека тоа бил Хабермас. Секогаш државата се вмешува. Политизација на градите. Првата светска војна – Маријана на постерите, со оружје. Треба да се засили силата на француската нација. Германците се потсмеваат на француската фиксација. Американските се потсмеваат на германското воено чудовиште. На постерот – горила во рацете држи девојка со голи гради. Како младите Амери ќе тргнат во војна! За да ја ослободат момата! Во војната ќе ги забавуваат пин ап убавици. Ќе ги заспиваат со своето милно пеење и ќе ги уверат дека воениот кошмар престанува. Градите се авион, моќ и деструкција. Но, Русинките не се само тешителки, тие носат оружје. Мажите ја исмеваат нивната борбена моќ. На постерот офицерот ги прегледува градите на уморните жени воини.

Чичолина – некои ја нарекуваат полов отпадник. Бујни гради, идеални форми на гумена кукла, трансестетска... Некои велат и трансполитичка. Сепак таа постигна нешто... Сексуално образование во училиштата, заштита на околината, против малтретирањето на животните. Слика на Фрида Кало – нејзиното тело на дете, лице на маж и алчно пиење млеко. Доилката е Индијанка, има маска и големи гради од кои тече млеко. Колку е необично – наместо досадна слика на некоја кралица со бледа кожа! Повикувањето на ритуалот пред доаѓањето на Освојувачите. Повикувањето на старите божици кои имаат илјадници цицки. Сепак се насетуваат некои идни жртвувања. Мислам на жените кои боледуваат од рак. Фотографиите на кои има болна симетрија. Песната на Адријана Рич за празнината што останува. Нè повикува да ја исполниме со прсти. Една жена на лузната има тетовирано сонце. А рацете ги подигнала кон небото. Кон сонцето. Болни гради – местото на кое се вкрстуваат републиканците и демократите. Одам на изложбата на полската уметница. Гледам опуштени тела во бањи, измачено тело на жената – Олимпија. Без гради. Сè уште траат расправите.
Ги допирам своите гради. Нема промена, ги милувам. Не сакам да ги менувам. Градите на Маријана се заводливи, кај нордиските хероини прекриени со нешто грозно, челично. Некои гради се грејфрути, лимони, јајца, јаболка. Моите се, на пример, портокали. Потоа се сеќавам на драмата: големото портокалово дрво и Шила која не смее да јаде портокали. Светилката е портокалова. Одам да спијам зашто којзнае каде водат гранките на тоа дрво-текст. Во кое сите асоцијации...
Затоа го исклучувам светлото... Ме чека мирот на млечната галаксија. И сништата дека конечно можам да пишувам со млеко, ослободена од синџирот на причинско-последичните...
Слики: Christian Vogt
Извор: cunterview.net
Убав текст... :)
Испратено на 26 ноември 2009 од ДушанУбав текст... :)
Матка у облик на
Испратено на 29 ноември 2009 од interpreterМатка у облик на крушку
Јајник у облик на орашче
Лице у облик на јагоду
Цицка у облик на помаранџу
Жено, ти проклето забрањено воќе!!!