Две писма

07.12.2009 15:12
harms_.jpg


Почитувани Тамара Александровна и Леонид Савелјевич,

Ви благодарам за Вашето прекрасно писмо. Го прочитав неколку пати и го научив напамет. Можете да ме разбудите среде ноќ и јас веднаш, без да се мислам, ќе почнам: “Почитуван Данил Иванович, многу ни недостасувате. Лења си купи нови…” и така натаму, и така натаму.
Го читав Вашето писмо со своите царскоселски пријатели. На сите им се допадна. Вчера на гости ми беше мојот пријател Баљнис. Сакаше да остане да преспие. Шестпати му го прочитав Вашето писмо. Тој многу силно се смееше, очигледно, Вашето писмо му се допадна, но не успеа да ми го каже своето мислење бидејќи си замина, не останувајќи да преноќи. Денес отидов кај него и уште еднаш му го прочитав писмото за да му го освежам памтењето. Потоа го прашав за неговото мислење. Ама тој ја скрши ногарката на столот и со нејзина помош ме избрка надвор, и уште рече дека ако уште еднаш се појавам со таа свинштина ќе ми ги врзе рацете и ќе ми ја наполни устата со помија од кантата за ѓубре. Се разбира, тоа беа груби и неостроумни зборови од негова страна. Јас, секако, си отидов и сфатив дека најверојатно имал силна настинка и дека поради неа не личеше на себе. Од кај Баљнис појдов во Екатеринскиот парк и се возев со чамец. На целото езеро, освен мене, пловеа уште два-три чамца. Меѓу нив, на едниот се наоѓаше една прекрасна девојка. И беше сосем сама. Го свртев чамецот (патем, при вртењето треба внимателно да се весла, бидејќи веслата можат да излезат од лежиштата) и завеслав по убавицата. Ми се чинеше дека личам на Норвежанец и дека мојата појава во сив елек и развеаната вратоврска издишуваат свежина и здравје, како што се вели, мирисаат на море. Но покрај Орловските столбови се капеа некакви хулигани и, кога поминав покрај нив, едниот сакаше пливајќи да ми го пресече патот. Тогаш другиот викна: “Почекај, нека помине грдион!” – и покажа кон мене со ногата. Ми беше многу непријатно бидејќи убавицата го слушна сето тоа. А таа, како што веслаше пред мене, а во чамец обично се седи свртен со грб кон правецот на движење, не само што слушна туку и виде како хулиганот покажа со ногата кон мене. Се обидов да се преправам дека тоа не се однесува на мене и почнав да се смешкам и да гледам наоколу, ама, пак, наоколу немаше ниту еден чамец. И згора на сè, хулиганот викна уште еднаш: “Што е, што си се загледал! Тебе ти зборувам! Еј, ти, испотениот со шапка!”
Веслав со цела сила, но веслата излегуваа од лежиштата и чамецот бавно се движеше. Најпосле, по огромниот напор успеав да ја стасам убавицата и ние се запознавме. Се викаше Екатерина Павловна. Го вративме нејзиниот чамец, и Екатерина Павловна премина во мојот. Се покажа како многу остроумна соговорничка. Решив да заблескам со остроумноста на Вашето писмо, па го извадив и почнав да и’ читам: “Почитуван Данил Иванович, многу ни недостасувате. Лења си купи нови…” и така натаму. Екатерина Павловна ми рече дека ако отидеме на брегот, таму јас ќе видам нешто интересно. И јас видов како таа си замина, а од грмушките се појави некое извалкано детиште кое ми рече: “Чичко, ај повози ме малку на чамецот.”
Вечерва писмото исчезна. Вака се случи: си стоев на балконот, го читав Вашето писмо и јадев каша од гриз. Во тоа време ме викна тетка ми од собата да и’ помогнам да го навие часовникот. Ја покрив кашата со писмото и отидов во собата. Кога се вратив, кашата веќе го беше впила целото писмо и јас го изедов.
Времето во Царско Село е убаво: променливо облачно, дуваат југозападни ветрови, можно е да има врнежи од дожд.
Утрово во нашата градина дојде свирач на вергл, ни отсвири кучешки валцер, а потоа ни ја дрпна висечката мрежа и побегна.
Прочитав една многу интересна книга за тоа како некое момче се заљубило во некоја млада личност, а таа млада личност била заљубена во друго младо момче, а тоа младо момче сакало друга млада личност, а таа млада личност била заљубена во некое друго младо момче кое не ја сакало неа, туку некоја друга млада личност.
И некој ден таа млада личност се лизнала, паднала во отворена шахта и си ја скршила половината. И кога целосно оздравела, наеднаш настинала и умрела. Тогаш младото момче кое ја сакало, се самоубило со пиштол. Тогаш младата личност што била заљубена во младото момче се фрлила под воз. Тогаш младиот човек кој бил заљубен во таа млада личност се качил на трамвајски столб и умрел од струен удар. Тогаш младата личност која го сакала тоа младо момче се најала здробено стакло и умрела од рани во цревата. Тогаш младиот човек кој бил заљубен во таа млада личност заминал во Америка и се пропил толку многу што го продал своето последно одело, и бидејќи немал што да носи морал да лежи во кревет каде што добива рани од лежење и умира од нив.

Деновиве ќе бидам во град. Задолжително сакам да Ве видам. Поздравете ја Валентина Јефимовна и Јаков Семјонович.

Данил Хармс
28 јуни 1932 година, Царско Село


Почитуван Никандр Андреевич,

го добив твоето писмо и веднаш сфатив дека тоа е од тебе. Отпрво помислив дека тоа не е од тебе, но кога го отворив, веднаш сфатив дека е од тебе, иако бев помислил дека не е од тебе. Радосен сум дека ти одамна си се оженил, зашто кога човек ќе се ожени за онаа за која сакал да се ожени, тоа значи дека тој го добил тоа што го сакал. И еве, јас се радувам дека си се оженил, зашто кога човек ќе се ожени за онаа за која сака да се ожени, значи дека добил што посакувал. Вчера јас го добив твоето писмо, и веднаш помислив дека писмото е од тебе, но потоа подразмислив, и ми се чинеше дека не е од тебе, но го отворив и гледам – точно од тебе. Многу добро стори што ми пиша. На почетокот не ми пишуваше, а потоа веднаш ми пиша, иако уште порано, кога едно време не ми пишуваше – исто така ми пишуваше. Јас, кога го добив твоето писмо, веднаш решив дека е од тебе, и потоа многу се израдував дека си се оженил. А штом човек ќе сака да се ожени, тогаш нему во ништо не треба да му се попречи да се ожени. Затоа јас многу се радувам што ти конечно се ожени за онаа за која и си сакал да се ожениш. И многу добро стори што ми пиша. Многу се израдував кога го здогледав твоето писмо, и дури веднаш помислив дека тоа е од тебе. Вистина, додека го отворав, ми светна една таква мисла дека не е од тебе, но потоа, сепак решив дека е од тебе. Ти благодарам што ми пиша. Благодарен сум ти за тоа и многу сум радосен за тебе. Ти, можеби не можеш да се досетиш зошто толку се радувам за тебе, но јас веднаш ќе ти кажам дека се радувам затоа што си се оженил, и тоа за онаа за која си сакал да се ожениш. А тоа е, знаеш, многу добро да се ожениш за онаа за која сакаш зашто тогаш и го добиваш тоа што го сакаш. Ете, затоа јас толку се радувам за тебе. А исто така се радувам и поради тоа што ми пиша писмо. Јас уште оддалеку знаев дека тоа писмо е од тебе, а кога го зедов в раце, си помислив: а можеби не е од тебе? А потоа си мислам: ма што ми е, се разбира дека е од тебе. Го отворам писмото и се прашувам: од тебе е или не е од тебе? Од тебе е или не е од тебе? Е, а кога го отворив, тоа и се уверив, дека е од тебе. Многу се израдував и решив и јас да ти напишам писмо. Многу имам за раскажување, но буквално немам време. Тоа што успеав, го напишав во писмово, а остатокот потоа ќе ти го напишам, зашто сега немам време. Во крајна мера, добро е што ми пиша писмо. Сега знам дека одамна си се оженил. Јас и од претходните писма знаев дека си се оженил, а сега повторно гледам: сосем точно, ти си се оженил. И многу се радувам дека си се оженил и дека ми пиша. Јас на почетокот, кога го видов твоето писмо, помислив да не си се оженил повторно. Па, си мислам, добро е тоа што си се оженил повторно и си ми пишал за тоа. Напиши ми во следното писмо која е твојата нова жена и како се случило сето тоа. Поздрави ја твојата нова жена.

Данил Хармс
25 септември и октомври 1933 година

Превод: Ѓорѓи Крстевски

Посетете го следниов линк, одговорете на наградното прашање и освојте ја книгата „Старица и други раскази“ од Данил Хармс.

Слични статии

ОкоБоли главаВицФото