
Да бараш добрососедски односи од балканските
држави е како да бараш плантажи со
банани од скандинавските земји.
„ЈСП апелира до граѓаните да ги почитуваат натписите во автобусите кои велат „Забранет разговор со возачот“, со што нема да му го одвлекуваат вниманието и на тој начин ќе придонесат за безбедноста“.
Повеќето од нас ги имаме видено овие натписи во градските и меѓуградските автобуси. Ова некако постапно стана работна максима на властите, и другите воспеани и невоспеани „лидери, во однос на граѓанството, во овој наш автобус наречен Македонија, каде под површина палимпсестно се наѕира старата налепница, Балкан експрес. Се работи за веќе опитана метода на негирање на реалноста, примолчување на јавноста, депласирање на дебата, и потребата од неа, со цел да се обезбеди мир за „возачите“, кои преку илузиите на сопствениот медиумски полтронски сомнабулизам се обидуваат да одржат какво-такво статус-кво во земјата.
Кај нас честа појава е, дури би рекол дека функционира како одреден вид „колумнистичи калап“ или матрица, ситуацијата кога сите повеќето луѓе божем нешто им се обраќаат на оние кои одлучуваат, па им советуваат, па ги молат, правете вака, не правете онака, и слично. Па му свикуваат: „мајсторе не возиш компири“, „отвори задња“ и слично. Но попусто, мајсторот си има своја агенда и тоа ти е: тие едноставно не слушаат, за нив сите сме ние некаков рој муви кои брмчат наоколу.
Дијалогот во Македонија доживува целосен крах. Некои од почитуваната поискусна гарда новинари и колумнисти овде ќе ви ја распостелаа онаа фраза, дијалог на глуви, јас пак ќе приспомнам дека Македонија го надмина дијалогот и го разви во некаков еднонасочен полилог, во кој сите зборуваат, но никој никого не слуша. Врз основа на неслушнатото, потоа се развива нов полилог, и така до бескрај, сѐ до некој н-ти степен на надреалистичка какофонија. Затоа, драги колумнисти, обраќајте им се на читателите, на младите, на децата, на кого било, но не и на оние кои држат некаква власт.
Дијалогот, како прогресивна дијалектика и искрење на спротивностите, кое треба да ги оформи „хромозомите“ на решенијата - кај нас не е присутно. Во таква смисла на култура на дијалог, ние сме една мошне „геј-култура“, т.е. разменуваме мислења само со истородните истомисленици, и се јакнеме така себе си, колку сме ние супер, а колку е сѐ друго тапа и за никаде. А ако ти се сопостави различност, веднаш како нинџа, вадиш од арсеналот на традиционалните оружја, ковани од редица славни претходници, озборувања, етикети, говор на омраза, омаловажувања и ред други дисквалификации.
Дијалогот не е единствениот проблем кој ние го имаме во комуникациска смисла. Толкувањето дури и на едноставните пораки кај нас оди по логика на „искривено толкување“ (термин на Умберто Еко) со примена на локални сфаќања за нивните концепти, па како резултат на ситуација на изгубеност во преводот криво толкување, ги активираме нашите локални архео-стереотипови, за да си објасниме она што не можеме да го разбереме.
Еве да се обидам да илустрирам како оди тоа во секојдневиево наше насушно: што може да биде поактуелно и поблиску до секој граѓанин на оваа земја од проширувањето на ЕУ со земјите од т.н. Западен Балкан?
Па таму, ЕУ вели: „добрососедските односи се услов за влез во ЕУ“, ние возвраќаме: „ЕУ сака да ни го уништи идентитетот“, „ЕУ ја подржува фашизоидната Грција“ и слично. ЕУ со порака, ние со заговор, фаталистички сценарија, дволични Европјани, клети Грци и слично. Далеку сме од нивото на разбирање како ЕУ функционира и низ кои принципи и вредности таа ги гледа работите, а сакаме да бидеме дел од нејзиниот систем, и покрај оваа радикална „мис-комуникација“. ЕУ не размислува во рамки на такви концепти и поими, какви што ние користиме да ја објасниме неа, ЕУ кога ќе види проблем, бара да го решите, таму каде решавањето исклучиво вие сте инволвирани во самиот проблем. Нашите медуими се преполни со написи и ставови од типот: „разочарани сме што ЕУ ја толерира Грција и дозволува да се игра со судбината на оваа земја“. Со други зборови, многу сме разочарани што ЕУ не сака да си става трн во здрава нога и да се закача малку со Грција, како што тоа го правеше Буш.
Ако ова го чекаме од ЕУ, ќе се начекаме, и кој знае што ќе дочекаме. Политичкиот прагматизам кој го спроведува ЕУ е далеку од вакви романтичарско-етички сценарија и ретро-нарации. ЕУ, како „матрицата“ на Вочовски, ваквите локални папазјании ги третира ладно, рутински и по ист „алгоритам“, ние можеме само да ги бираме средствата на спроведување на ваквите алгоритми. Нашите медиуми гледајќи ја во суштина ваквата рутинска претстава успеваат да ни продадат некакви „драматични преговори, сценарија, притисоци оваму и онаму“, само зашто сме крајно лековерни. Сепак, зад таа „драма“ нема ништо издржано, има ладни пораки и препораки.
Еве како, некако, оди тој алгоритам на ЕУ и нејзиниот рутински програмски интерфејс:
Welcome to EU, please register to enter.
Enter user name and password:
User-name: Republic of Macedonia
Password: makedonijavecna
Username invalid or already taken, please change username.
Tоа е ЕУ методологијата, имаш проблем реши си го, не очекувај тие да ти го решат. Системот е веќе поставен, не можеш да го проблематиизраш или менуваш системот. Слично е и со другите земји кои си имаат проблем(и), ете да не се почувствуваме нешто лично погодени. Европа на земјите кандидати гледа доста оранжерски: ги дели на здрави и расипани јаболка, здравите ги прибира, расипаните јаболки ги става настрана, советувајќи: решете се од гнилиот дел, па повелете повторно, ако не се решите со среќа.
Словенечкиот философ Славој Жижек нешто попластично го објаснува ова во неговиот текст „Homo Sacer“, објаснувајќи ни како модерниот капитализам ги решава
проблемите со отфрлање на проблематичниот дел (products deprived of their malignant property). На сличен начин, проблематичните земји рутински се „замолени“ да се решат од проблематичното во себе. Па така, ако проблемот со кафето е кофеинот, ти се нуди кафе без кофеин, пиво без алкохол, млечен крем без маснотии, кока кола без шеќер и така натаму. Слично, ако проблемот е Косово, испорачај Србија без Косово, ако проблемот е Северно Косово, испорачај Косово без Северно Косово, ако проблемот е името, испорачај Македонија без уставно име, и така натаму.
За жал ние се изгубивме во своите криви толкувања, наместо да сфатиме кои се правилата на играта и да се прилагодиме кон нив, дигаме паника и очекуваме друг да ни ги реши нашите проблеми: времето, некоја следна земја претседавач со ЕУ, Турците, Дедо Мраз (уште на него нашите водачи не му напишаа писмо да се заземе да почнеме преговори), кој и да е. О да, кога ќе истечат сите можни рокови, некој друг ќе ни ги реши проблемот, но секако не така како што ни одговара (види примерот со Србија, која остана да живее без своето „срце“, Косово).
Ние во неспособноста да разбереме дека нашата врата кон ЕУ не се отвора нанадвор, туку навнатре, бутаме со сила и пцуеме се наоколу. Во својата фрустрација од неможноста да навлеземе во кодот на ЕУ, се расправаме малограѓански кој е вистинскиот Лидер, кој е Предавник, кој е Платеник, кој е Патриот, заборавајќи во таа мешаница дека лидери и херои на оваа земја и нација (како и на сите други) можат да бидат само оние што биле подготвени да ги жртвуваат (а многумина и ги дале) своите животи, своето највредно, никако оние кои не се подготвени да ја жртвуваат ни својата лична кариера.
Работите секако не се едноставни, пораката е дека чекањето други да ни ги решат проблемите, комбинирано со неразбирање на нивниот начин на размислување и работење, е знак дека нешто со нас сериозно не е во ред.
И така сѐ додека еден ден ЕУ не ни каже дека е на диета и нема да се проширува. И тогаш ќе станеме вистинската Македонија на Киро, оаза на мирот, но само како колективна фатаморгана во пустелијата на сопствената реалност.
Маршот на балканските пингвини кон ЕУ
Испратено на 09 декември 2009 од Baader"Македонија го нема добро протумачено кодот на ЕУ", иако сите се однесуваат така, сепак вистинската причина поради која се изолираат и ко демек одбиваат да го научат дадениот код и не е баш името и разните патриотски глупости кои се спомнуваат на медиумите, под сето тоа има нешто уште поматно од самото име, историјата итн.поточно можеме да ги кажеме приватните "капиталистички" интереси на самите "водичи" на земјата, за кои Грујо е само една марионета и кои се далеку од широко затворените очи на јавноста....
Многу убав текст. И убава
Испратено на 09 декември 2009 од АнонименМногу убав текст. И убава паралела со геј културата. Јас сум хомо и гледам како поголем дел од ЛГБТ популацијата чека некој друг да им го реши проблемот. Баш како во онаа на оној ј... Мерлин: „Лажу лажу ме, да време лјечи све, можда сиду и туморе, ал љубав никад не“. А кај геј луѓето за љубов се работи, зарем не?
Baader, доста веќе со заговори. И да ги има тие секогаш се на многу локално ниво и за нив треба да постојат одредени предуслови. Точно е дека постојат капиталистички интереси, но не постоеле ли од секогаш? Да не сакаш Бил Гејтс да ни го даде своето богатство? Тој не е способен да манипулира 2 милиона луѓе, ама е способен да го искористи моментот ако ние си ги вадиме очите меѓусебно.
Btw, нам ни треба човек кој ако не успееме да влеземе во ЕУ поради Грција, ќе мора да најде начин како да нè извлече од економскава беда и смрдливава летаргија, а не само да плука по другите. Преку такво ми е од плукачи во државава. Се намножија како крлежи последниве 20 години.
So far, мислам дека Груевски
Испратено на 10 декември 2009 од Киро ВелковскиSo far, мислам дека Груевски добро тера. Рече дека ова било исто како во Букурешт, јас прочитав меѓу редови дека и нашата реакција ќе биде како во Букурешт, т.е. тужба.
Кога ирационални тужби и закани ти го загорчуваат животот, се обидуваш да ги решиш ама на нив ништо разумно не им е доволно, ЕДИНСТВЕН начин е да ги дадеш на суд.
Сега имаме ситуација во која НАТО, ЕУ па порано и ООН, се претвораат од мултилатерално договорни организации во некакви клубови во кои што владеат други правила, а не тие што се ставени на хартија во форма на тие повеќестрани меѓудржавни договори. А ние, со оглед на слабата позиција, и не би сакале да бидеме членка на некоја таква организација во која само би фигурирале и никако не би можеле да си ги оствариме договорните права.
Значи, не знам колку е добро што нам ни се прекршува ова преку глава, но сигурен сум дека најдобриот потег за Македонија е да го суспендира формалниот приод кон ЕУ (а да продолжи со реформите 102,5%). Ова е за да се намали притисокот од уцените од Рен, Папандреу и сл. Да се поднесе уште една тужба за прекршување на чл. 11 став 1 и 2 од Времената спогодба (па зошто се спогодбите ако секоја будала може да ги прекршува) и да се бара надомест. Да се заведе судска постапка во МСП и ЕУ за наплата на штетите од Грција во врска со ембаргото од 1994-та (ако не е застарена, а мислам не е). И да се поведе постапка во ООН за испитување на легалноста на двата дополнителни услови (името и разговорите со Атина) за прием во ООН на Република Македонија.
Со позитивни одлуки на тужбите во МСП ќе се овозможи интерна постапка во НАТО, ЕУ, ООН чија што единствена цел ќе биде докажување дека неприфаќањето на менувањето на нашите патишта, стадиони, јазик, нација, не претставуваат недобрососедски потези, туку напротив се мешање на Грција во нашите внатрешни работи и тие мултилатерални договорни организации ќе мора да ја натераат таа членка да одлучи или ќе ги почитува нивните интерни акти и договори (на пр. Копенхагенски критериуми) или ќе мора да бара друга организација.
Со тоа и НАТО, ООН, ЕУ ќе станат подобри организации отколку што се сега.
И само за илустрација колку е парадоксална оваа ситуација - во САД сите црнци добија право да бидат нарекувани Афро-Американци, сите Цигани станаа Роми, сите Шиптари се Албанци, сите педери се хомосексуалци... А само ние не смееме да си го бираме името! Ова не е политички проблем, ова проблем со човекови права на 2 милиони луѓе.
Abstrakti i intelektualna
Испратено на 10 декември 2009 од АнонименAbstrakti i intelektualna fiskultura. (da ne recam mastrubracija) I so sega? Kako da si go resime problemot? Da postaneme nekoj drug? Mnogu demek intelegentno i na visoko nivo kazano ama so posle? So e predlogot? Mnogu filozfi, kriticari i intelektualci vo Makedonia ama koga doaga do resavanje na eden prakticen problem, site prodolzuvaat da filozofirat, i da davaat abstraktni predlozi, demek treba da razberem kako funkcionira, vratata se otvara od vnatre, bla bla. I so da meneme li ime na narod, istoria, ime na jazik ili ne? Toa e prasanjeto ne kako EU funkcionira. EU pritiska vrz Makedonia poveke bidejki misli deka Makedonia i Makedonecot e poslab i polesen da se skrsi. Bidejki misli deka lugeto vo Makedonia se gotovi da se ponizat do tolku da se samo izbrisat od mapata na svetot od istorijata. Zosto? Za da postaneme del od EU? I sto? I kako koj?
Kapetalizmot razbira edno: pritisni po slabiot i smackaj go. Zosto ako toj neznae da si zastane za sebe toj ne treba i da postoi.
Насловов на текстов треба да
Испратено на 14 декември 2009 од ДушанНасловов на текстов треба да биде, вака од око: „Маршот на балканските држави кон пингвинот ЕУ“.
Доста веќе со величањето на ЕУ. Ако немаат капацитет демократски да заштитат човекови права на една цела нација само ради тоа што ги мрзи, полоши се и од Уганда.
УА ЕУ!
ЛИЦЕМЕРИ!
re
Испратено на 26 мај 2010 од CarlsonCelia24Houses and cars are not very cheap and not everybody can buy it. But, mortgage loans are invented to aid different people in such kind of hard situations.