Карши-карши психологија

16.12.2009 11:27
nudisti.jpg

Дајте ни добри и чесни политичари,
па ќе видите каков народ сме ние.

(Душан Радовиќ)

Чесен и искрен колумнист, критичар или каков и да е аналитичар, ќе седне еден ден и ќе напише (само)критички текст против себе и другите од овој свој сој, нели? Уел, тоа ретко се случува, што не значи дека не треба. Минатата недела, спомнав дека колумнистите и другите јавни аналитичари грешат кога од некаква рационалистичко-стручна точка им се обраќаат на епи-центрите на одлучување во ова општество. Можеби тоа е добар рецепт за некои други средини и општества, но не и кај нас. Овде за жал уште се живее во некаков пост-социјалистички лер (шоферски термин, заб. ав.), па да ја цитирам омилената жаргонска реплика на МНР-то, „аргументот на силата“ ретко се бафтосува или „замара“ со „силата на аргументите“ на оние кои размислуваат различно.

Згора на ова, го имаш традиционалниот и ендемски инает, кој оперира на сите рамништа, па и да си 102.5 проценти во право, силата на твоите аргументи ќе се разбие како надежен бран од цврстиот брег на игнорантноста. Се исшалтаа многумина на власт, од локално до централно ниво, и иако се покажаа некакви иницијални сигналчиња на волја за слушање и водење дијалог со граѓанството и јавноста, сепак остана секоја од тие поединечни приказни да заврши со заклучокот: јавноста лае, власта врви.

Мојата порака овде е дека, соочени со вакви услови на „логицирање“ во општеството и во неговите доминантни вредности, прилично опортуно е интелектуалата (која тврди дека е поумна од сите) слепо да се држи само до стапот на поговорниот (или локално-конвенционален) рационализам, како единствен столб на својата критичка одисеја. Сепак тоа е премалку за да се постигне некаков ефект. Политичките пиар кујни се далеку поитри од нив во својата рудиментарна комуникација, а интелектуалците се покажуваат немоќни да ги разобличат пред очите на јавноста. Наместо да засукаат ракави и да влезат, ако треба и ректолошки, во суштината на проблемите, нашите јавни умни глави се задоволуваат со именување на нештата, некако како во стиховите на Боб Дилан, именувај и продолжи натаму.

Низ историјата, умните глави наоѓале различни начини, како своите пораки на најпогоден начин да им ги упатат на оние на кои им се потребни и наменети, со цел да предизвикаат некаква промена. Сетете се само на Милтон, Гогољ, Свифт, и редица други, кои во далеку посурови општествени услови секој на свој начин успевале да го декодираат кодот на едноумието и да ја развибрираат јавната свест на своето време. Се разбира, се работи за великани на историјата, но примерите се упатни во смисла да се увиди дека за секое лонче има капаче, и дека справувањето со догмите на своето време, не може да се врши на догматски и униформен начин.

Бидејќи се намножија медиумите, а во нив и аналитичарите и колумнистите, падна цената и на интелектуалната порака, што онака некако кумулативно резултира во тоа да нема влијателни колумнисти, мислители и интелектуалци, со чест на исклучоците, кои се премалку за да предизвикаат забележителна промена во нашиов личен Zeitgeist.

Потребно е да се сменат униформните реторички тактики и начини на обраќање кон јавноста, потребни се нови форми и свеж дух кој води сметка воедно за рационалното и емоционалното кај локалниот читател, но во исто време ќе му укаже на следното скалило на патот кон напред, ќе му даде препораки како да се одбрани и да го зголеми имунитетот од налетот на евтини финти и стратегии на сите властосдршци и манипулатори, ќе му покаже дека храброста и одважноста, а не игнорирањето, се неопходни за да си го сочува своето достоинство, дека ние имаме онолку за колку сме се избориле, и дека стравот не е опција, дури и во една вакво пара-демократско општество, во коешто од утринската магла на транзицијата уште не се гледаме себе си на разбирлив и верен начин.

Има ли решенија? Секако, да. Ако во комуникацијата имате проблем со директни логички пораки, тогаш време е да се пробаат и други тактики.

Еве, да речеме, со методот на „обратната психологија“ (reverse psychology): мислам дека ваква методолгија не пробал никој кај нас. Ние сме таква култура, види погоре, во која ако речеш „не го прави тоа“ обичниот поединец некако веднаш има нагон да ја прекрши забраната: секоја забрана за нашиот Зоки Поки претставува предизвик. Наместо „забрането кршење клупи“ треба да стои: „Општината ги моли граѓаните да ги искршат клупите“. Е тогаш веќе пораката нема да биде предизвик за уличната булумента и поголеми се шансите дека јавниот инвентар ќе преживее. Исто така и по автобусите, стави ознаки „Чкртај овде!“ и можам да се опкладам дека за тинејџерската кул-популација веќе нема да биде предизвик да пишува на нив. Се сеќавате што се случи со ѕидовите предвидени за графити? Ништо. Изнапишаа неколку само оние на кои директно им беше речено да го направат тоа.

Друг метод е апсурдизацијата. Оној кој не разбира логика и рационалност, терај го до апсурд, разобличи ја неговата рационалност со хипер-ирационалност: 30 скулптури во центарот на Скопје? Дај 130! Сакаме споменици и за Пиги (морално е), Врбица, Пандев, Јулија, Мишко Шутел... Ако има споменик за Шмизла, зошто да нема споменик за Боки 13-ка, веднаш граѓанска иницијатива за споменик за Боки 13!

Лажен патриотизам? Удри го со уште полажен. Кич? Разболичи го кичот со апсурден кич, додека не им се згади на луѓето и почнат да гледаат Штрумфови.

Слични статии

Став
Став
Духови [к:1]
Став

ОкоБоли главаВицФото