Интервју со Ведрана Рудан

21.12.2009 14:58
Vedrana_Rudan.jpg

Ведрана Рудан. Сопруга, мајка, домаќинка, писателка, колумнистка, општествена критичарка... Која улога би ја избрале како најдрага и зошто?

Не ми паѓа ни на крајот на умот да се одлучувам за една улога како најдрага. Ќерката неодамна дипломираше, тој ден се чувствував како пресреќна мајка. Вчера ја исчистив тоалетната школка со „доместос“ во спреј. Блесокот на исчистената школка ме доведе до чиста среќа. Како писателка, заминувам на конгрес на писатели во Краков, таму ќе поминам шест дена на сметка на полската влада. За моја среќа оди и мојот сопруг, а со него, како сопруга, ќе се тркалам во прекрасен кревет во убава соба од скап хотел. Играм многу улоги, затоа животот ми е феноменален.

Каква е Ведрана Рудан приватно, значи далеку од окото на јавноста?

Јас сум, главно, далеку од „јавноста“. Не сакам премиери, модни ревии, средби на тренди места со „познати луѓе“. Јас сум личност која најмногу на светот сака да биде во својата куќа, да сади цвеќиња, да разговара по телефон со Хел, знам дека не знаете кој е Хел, да им се јавувам на децата за да прашувам дали се добро, дали кашлаат, дали имаат доволно пари, што сакаат да им купам... Секое утро сама си пијам кафе, десет пати дневно се слушам со мажот, разговарам со мачорот Петар Крешимир, а кога ќе ми се јави некој со кој не сакам да зборувам, на чаковски велам „госпојцата не е дома, чистачката овде, јавете се пак.

Каква мајка сте? Како ги одгледувате своите деца и што тие би рекле за Вас?

Досадна. Давеж. Опседната со стравот дека дечињата ќе ми се разболат, дека некој ќе ги прегази на пат, дека ќе се убијат со кола, зошто не ми се јавуваат, зошто не ми се јавуваат, зошто не ми се јавуваат... Им испраќам пораки, ги отворам нивните банкарски изводи за да проверам да не се во минус, потоа пликовите најчесто ги лепам за да изгледа како да не сум ги отворала... Децата ги одгледав под притисокот на големата љубов што ја чувствував кон нив, а ја чувствувам и денес. Значи, со челична рака врз која ставав свилена ракавица. Моите деца ме почитуваат. Мислам дека тоа е најмногу што родителот може да постигне.

Отворено зборувате за бракот, за машко-женските односи и злоставувањето. Што би им препорачале на жените жртви?

Лесно е да се препорачува, тешко е да се изврши. Хрватска е женомрзечка земја, па сепак, животот е за храбрите. Насилникот треба да се остави, да се сврти некој телефон, во Хрватска постојат женски организации кои можат да помогнат.

Кој најмногу би требал да се ангажира околу темата на злоставувањето во семејството; државата, здруженијата на граѓани, поединците, можеби црквата?

Државата. Но, државата, тоа се политичарите. Хрватските политичари се насилници, пијаници, крадци, женомрасци... Од нив жените можат да го очекуваат само најлошото. Во Ријека постои Домот на Света Ана. Оваа Света Ана ги има направено несреќни хрватските жени многу пати повеќе од државата.

Некои ве нарекуваат феминистка. Дали сте феминистка и што мислите за феминизмот?

Феминистки се жени кои мислат дека би требало да имаат исти права како мажите. Се согласувам со нив, па сепак, не сум феминистка. Тие сепак се „група“, јас секогаш се движам сама.

Позната сте како жена без влакна на јазикот кој не се плаши да каже што мисли, без цензура и со многу жестоки зборови. Зошто ги избравте токму овој настап?

Ако човек сака да го привлече вниманието мора да биде поинаков. Има многу жени кои зборуваат, а никој не ги слуша. Се одлучив за јазик кој сите ќе го слушнат, некои за да се згрозат од речникот, а други за да слушнат за што зборувам. Единствена сум во Хрватска која зборува на овој начин. Кога мојот начин на зборување ќе го преземат илјадници жени, тогаш ќе прозборувам на јазик кој, наводно, го зборуваат фините госпоѓи.

Многумина го критикуваат Вашиот начин на пишување и настапот. Дали ве погодуваат негативните критики?

Не. Јас во „јавноста“ сум актерка. Оние кои ме напаѓаат ја напаѓаат жената која едвај и да има врска со мене. Неколку пати на сметка на моите настапи прочитав толку духовите критики што со денови се смеев. Особено ме забавува кога клинците се растегнуваат на интернет. Супер е кога децата ќе побеснат заради госпоѓа на мои години. Сто пати реков, го продавам впечатокот, а не вистината за себе.

Го посетивме Вашиот сајт „belavrana“. Од каде тоа име? Дали тоа значи дека се чувствувате како аутсајдер, дека сте против сите, или дека едноставно сте она што сте: своја?

Да, се чувствувам поинаква од другите. Мислам дека живеам поопуштено од поголемиот број од луѓето, не размислувам што за мене мислат другите, ме забавува што носам бели пердуви меѓу црни птици.

За што станува збор во книгата „Црнци во Фиренца“?

„Црнци во Фиренца“ е книга за едно хрватско семејство. Баба, мајка, татко, ќерка, син, пари, љубов, секс, абортус, смрт, гужва...

Некои критичари Вашите книги ги карактеризираа како „Реално шоу“, или книжевна „состојба на кошмар“. Дали нецензурираното „реално шоу“ всушност помага во продажбата на книгата?

Зошто моите книги се продаваат, тоа никој не го знае, најмалку јас. Својата прва книга „Уво, грло, нож“ ја напишав за своја душа. Денес тешко ми е да набројам на кои сè јазици е преведена. Не се занимавам со анализата на својот успех, уживам во него.

Како го коментирате сè поголемиот број реални шоуа, натпреварувања и слични настани, кои создаваат ѕвезди преку ноќ? Дали и Вие би избрале сличен пат за промоција?

Глупаво е да се биде згрозен од времето во кое живеете. Луѓето отсекогаш сакале игри. Зошто борбата меѓу гладијаторите и лавовите, меѓу тенисерите, фудбалерите, е нешто нормално, а настапот во Големиот брат перверзија. Секое време има свои игри. Би се играла во некоја куќа на Големиот брат доколку бев помлада и доколку во неа има брза помош. Луѓето во мои години можат да се играат само ако има доктор во близина.

Може ли да се живее од пишување во Хрватска?

Не знам како живеат луѓето кои пишуваат во Хрватска. Јас живеам од пишувањето. Одлично.

 

Доколку сакате да ја добиете книгата „Црнци во Фиренца“, кликнете на следниов линк и одговорете на наградното прашање.

Одговорот е под Б... По

Одговорот е под Б...
По суровото и жестоко сецирање на современата хрватска стварност.

ОкоБоли главаВицФото