Главолом шампионите за 2009!

29.12.2009 11:18
glavolom-2009-u.jpg

На крајот на 2009 првпат го организираме изборот за „Главолом на годината“. Оваа година во рубриката „Боли глава“ објавивме околу 150 изјави, коишто редакцијата на „Окно“ ги сметаше за исклучителни.

Најчесто изборот го правевме заради исклучителниот идиотизам на изјавите, но пред крајот на годината почнавме да пренесуваме и сочни, продорни и интелигентни изјави, за колку-толку да направиме рамнотежа меѓу лудилото и разумот (на крајот на оваа ретроспектива ставивме и 10 избрани изјави, „аспирини“, против главоболка). Можно е дека згрешивме (дека требаше да се задржиме само на ловењето глупости), но во еден момент годинава во Македонија лудилото доби такви ескалирачки димензии што се исплашивме дека лудите изјави во рубриката „Боли глава“ стануваат нормалност и секојдневие!

Неприкосновен шампион на главоломот во 2009 беше Ѓорге Иванов со дури 12 легендарни изјави. Високото второ место со мошне респектибилните 8 главоломки го држи младиот колумнист Алекс Букарски, а третото место го делат Никола Груевски и Љубомир Д. Фрчкоски со по 5 изјави. Позастапени во рубриката беа и: Жарко Трајаноски (4), Ефтим Клетников (4), Бранко Героски (4), Коце Трајановски (4), Имер Селмани (3) и Силвио Берлускони (3).
А, сега, еве ги шампионите!
 
 

ГЛАВОЛОМИ ЗА 2009, ТОП 10

 
1
Разумен компромис 
Тоа е разумен компромис, не можам да ви објаснувам. Сфатете го. Веројатно треба да знаете за што станува збор во преговорите. Јас не можам да ви објаснувам сега. Видете, не зборуваме за промена на името, ве молам проучете го проблемот со преговорите што ги водиме со Република Грција и тогаш ќе можам да ви одговарам на прашањата.
Ѓорге Иванов пред новинарите, по средбата со Али Ахмети, 13.04.09
 
2
Навистина смешно 
Мислам дека по 5 децении или по 10 децении, ќе се чудат идните генерации што се случувало во овој период да некој толку ги подбуцнува луѓето да се делат на словенски или антички, едните другите да ги омаловажуваат или да ги негираат, тоа е смешно.
Никола Груевски, пред новинари, А1 ТВ, 27.12.09.
 
 
3
Славо-Турција 
Ако сме доминантно Словени, тогаш Грците ќе ни кажат викајте се „Славо-Турција“, „Славо-Пајонија“.
Паско Кузман, во дебата на А2ТВ, 17.06.09
 
 
 
 
4
Џо Луис 
Единствен кој е застанат на браникот на татковината, единствен што ги брани името, идентитетот, јазикот, нацијата, историјата, е Грујо со својот политички тим. Тој е боксер. Грујо е „лоунер“, осаменик. Поединец против сите. Грујо е Џо Луис во политиката! Осамен, тивок, без поддршка, со спрепки (и директни и подмолни). Но, во исто време, е талентиран, луциден, непредвидлив, храбар и посветен на својата борба. Борба против меѓународните ариевски Макс Шмелинг горостаси, но и борба против домашните хиени. Џо Луис е нашата единствена одбрана.
Миленко Неделковски на својот блог, 20.12.09
 
5
Париз и Скопје 
И на­ши­от гла­вен град и фран­цус­ка­та мет­ро­по­ла има­ат мно­гу за­ед­нич­ки ра­бо­ти. На при­мер, во Па­риз те­че ре­ка­та Се­на, а во Скоп­је Вар­дар.
Коце Тра­ја­нов­ски, гра­до­на­чал­ни­к на Скопје, „Вест“, 24.07.09
 
 
 
6
10 милиони и кризата 
- 10 милиони и не се толку важни.
- Јас мислам дека не сме во криза.
Владимир Тодоровиќ, градоначалник на општина Центар, за А1 ТВ, 10.05.09
 
 
 
7
Влегување (на сознание) 
Сите анализи се направени, ништо друго и попаментно не остана да се каже. Останува медицинското и педагошко прашање: Како да му се пријде? Како да му влезе (тоа сознание дека токму тој ќе го смени името), а тој да се почувствува горд од тоа? Како дршката од метлата на меѓународниот притисок да му навлезе, а тој да се почувствува „гордо исправен“ од тоа, имено да стои простум пред непокорот на македонскиот народ.
Љубомир Д. Фрчкоски, „Дневник“, 10.11.09
 
8
Умри машки 
Јас знам дека вие жените ќе одиграте машки!
Бранко Црвенковски им се обраќа на жените од СДСМ, 12.12.09
 
 
 
 
 
9
Жените и мажите на ВМРО 
Вие не можете да се мерите со жените во ВМРО-ДПМНЕ, а камоли со мажите во ВМРО-ДПМНЕ!
Ивица Георгиевски, пратеник, на собраниска седница, 14.10.2009
 
 
 
 
10
Очи темносини. Класичен костум... 
Очи темносини. Класичен костум со цвет во реверот. Благ лиричен израз и совршен литературен јазик со беспрекорен акцент. Шарм ала Пол Њумен со таинственост на македонска мистерија на човекот кој знаеше премногу, со префинети манири на тореадор, кој со црвен плашт го намамува разјарениот бик да шлајфува во песокта.
Алекс Букарски го портретира академикот Блаже Ристовски, „Дневник“, 06.10.09
 
 
 
 

ГЛАВОЛОМЦИ-СТРАНЦИ ЗА 2009, ТОП 3

 
1 
Хемијата меѓу Груевски и Караманлис е најлошото што го видел некој некогаш. Да ги имате овие двајца лидери на две критични позиции во исто време е еден вид инцидент на историјата. Сè што произлегува од нивната работа е многу фрустрирачко и не води кон решение.
Брус Џексон, одговорен за НАТО-проширувањата, „Утрински весник“, 25.03.09
 
2 
Знам што мислам. Ќе продолжам да го зборувам она што го мислам, а она што го мислам - мислам дека е точно она што го мислам.
Џорџ Буш, екс претседател на САД и носител на титулата „шампион на конфузното изразување“, „Алсат“, 10.09.09
 
3 
Ви носам поздрави од типот кој се нарекува... оној исончаниот... Барак Обама. (...) „Нема да верувате, но заедно се сончале на плажа – неговата жена исто така е исончана.
Силвио Берлускони, премиер на Италија
 
 
 

ИВАНОВ, ТОП 3

 
1
Тие што мислат добро, добро ќе ги снајде. Тие што се лоши со лошо им се враќа и злото ќе ги следи до седум поколенија.
Ѓоргe Иванов, митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Могила, 09.03.09
 
2
Јас легнувам и станувам со Македонија.
Ѓорге Иванов, изјава при дебатата на претседателските кандидати во ТВ Сител
 
3
Антиквизацијата е алиби на некој што го вади овој процес од неговата главна линија. Тоа е за луѓето што пијат „антика“ во кафеана. Тоа е сигнал на немоќ на одредени луѓе да се соочат со реалноста.
Ѓорѓе Иванов, изјава дадена на ТВ дебата на телевизија Телма
 
 

БУКАРСКИ, ТОП 3

 
1
Од сите нив, некако најмногу ми легна Орхан Памук, инаку најголем турски писател по Иво Андриќ.
Алекс Букарски, „Дневник“, 18.08.09
 
2
Во прв ред кај медиумите наидов на една силна деидеологизација и десубјективизација како на десницата така и врз мене како интелектуалец.
Алекс Букарски, „Дневник“, 22,09.09.
 
3
Партијата може да даде неопходна дисциплина, нејзината цврста структура и војничка дисциплина може да го скроти постмодерното бунило. Ценам некои прекалени партиски борци, како Влатко Ѓорчев на пример, луѓе кои го понесуваат товарот...
Алекс Букарски, „Дневник“, 15.12.09
 
 

ТРАЈАНОВСКИ, ТОП 3

 
1
Не одговарам на такви прашања. Како ќе предложат стручните служби така ќе биде. Јас сум политичко лице.
Коце Трајановски одговара на новинарско прашање: „А вие би сакале од влезот од вашиот дом да се симнувате директно на булевар?“, 17.07.09
 
2
Нема да бидат заложници 500.000 граѓани на Скопје заради некои таму што сакаат или не сакаат.
Коце Трајановски, градоначалник, по повод сечењето дрва на Илинденска
 
3
Ако сме­та­те де­ка гра­дот тре­ба да ос­та­не ва­ков ка­ков што е се­га, то­гаш ќе ги ос­та­ви­ме си­те тра­фи­ки и бут­ки и ни­ко­гаш не­ма да би­де­ме ни­ту мал­ку блис­ку до Па­риз. Јас ни­ка­де, ко­га ше­тав низ Па­риз, не ви­дов тра­фи­ки и бут­ки.
Коце Трајановски, градоначалник на Скопје
 
 

НАЈСРАМНА ИЗЈАВА ВО 2009

 
Утре во 12 часот, на плоштад во Скопје, најверојатно, збирштина од геј и атеисти ќе се обидат да шират гадости под закрила за грижа на архитектурата на градот, а против изградба на црква.
Јанко Јадибурек, на својот блог, 27.03.04
 
 
 

АСПИРИНИ ЗА 2009, ТОП 10

 
1
Што се добива кога некој се обидува по прашањето за одбрана на името и на идентитетот да и' отвори на нацијата трето око, да ја внесе во четврта (античка) димензија и за таа цел да и'го изостри шестото сетило? Се добива петти елемент спакуван како двојно вето, седма сила прогласена за предавничка, осум максималистички барања, кои мирисаат на деветтиот круг и кец-позиција во европското оро. По таквиот дебакл во десет чекори, не ни останува ништо друго освен и понатаму да се занимаваме со производство на чиста метафизика, наречена мерење рејтинзи.
Катерина Блажевска, „Дневник“, 23.12.09.
 
2
Види Јорго, немој многу да се секираш кога Никола вели дека во следните сто години Грција нема да најде македонска влада што ќе ги прифати твоите барања. Барањата ти се ќумур, ама Никола си мисли на својата влада. Ако не знаеш, тој ни вети дека ВМРО-ДПМНЕ, со него на чело, ќе владее во наредните сто години.
Не ме прашувај, Јорго, како е тоа е можно. Груевски е тајмлес. Сите, бе, во Македонијава сме тајмлес. Ги виде ли нашиве студенти што протестираа пред зградата на ЕУ? Ни еден немаше под 60 години. Замисли само што ќе биде кога ќе дипломираат!
Бранко ГЕРОСКИ, „Време“, 11.12.09
 
3
Треба да ги ослободиме нашите умови од македонскиот национализам, кој не е својствен само за владејачката партија, туку е во срцата и душите на Македонците и на многу други партии. Треба ревизија на идејата за поделена татковина која, за разлика од сега, некогаш кога во војни се цртале и прецртувале граници и имала реална основа да биде остварена. Негувањето на таквиот национализам денес е само една обична манипулација со луѓето и рецепт за судир, не само со Грците туку и со сите народи во Европа. Почетен чекор кон таа националистичка деконтаминација нека биде националистичката партија да даде пример и да го смени името ВМРО. Со тие зборови извадени од историјата предолго се манипулира со чувствата на Македонците. Мене кованицата ВМРО денес ми изгледа како балсамирано тело ставено во ковчег пред кое луѓето во страв се поклонуваат. За нашите гласови треба да се натпреваруваат модерни партии - конзервативна, социјалдемократска, либерална, селанска... Дали е можно? На крајот, ако сакаме да не прифатат во Европа, тоа ќе мора да се случи - деконтаминација на македонското општество од митологии што нè вознемируваат и нас и соседите.
Денко Малески, „Дневник“, 21.11.09
 
4
Еве им го новиот Музеј на ВМРО, во него нека го сместат Институтот и нека ги спојат духот на ВМРО со албанското духовно наследство, како пример на кохабитација.
Стевчо Јакимовски, градоначалник на општина „Карпош“
 
5
Можат да уценуваат медиуми, можат да се закануваат и да палат коли, можат да рекетираат и грабаат имоти во бизнисот, можат да ги врзуваат своите пратеници хипотекарно, да не мислат со свој ум; можат да ги прават најцрните и најгнасни медиумски кампањи против некого и нешто, се' тоа можат - недвосмислено! Но не можат да донесат важна одлука за државата, која за неа ќе отвори сосема нова развојна можност и целосна сигурност.
Љубомир Д. Фрчкоски, „Дневник“, 22.12.09.
 
6
Сега гледам дека и Вие (се мисли на Никола Груевски, ур. заб.) и тие сте останале на она исто четиво што толку многу ве воодушевуваше сите вас кога го делевте под рака за време на политичките академии на ДПМНЕ. Тогаш расположените југенд, а сегашни парламентарци, министри, директори, градоначалници, советници, воодушевено ми зборуваа (мене лично!) за фантастичните пораки и методи што ги содржи книгата. Добро знаете на која книга мислам: Меин кампф од Адолф.
Гордан Георгиев, „Утрински весник“, 20.11.09
 
7
Петмина министри од партијата на Али Ахмети управуваат со само седум проценти од државниот буџет.
Имер Селмани
 
8
Неколку дена во непосредна близина на Транспортниот центар во Скопје, значи, железничката и автобуската станица, е распнат циркуски шатор. Како симбол за оние што пристигнуваат во метро(и)полата да знаат каде доаѓаат, а за оние што заминуваат, каде биле.
Јосиф Ќурчиев, Утрински весник, 02.10.09
 
9
Има нешто индикативно во тоа што на нашите улици автомобилите и дење возат со запалени светла, има нешто безбели диогеновско во тоа: како цела нација да бара чесен човек низ државава, но наместо со свеќа, тоа го прават со своите фарови.
Копач, „Окно“, 28.10.09
 
10
Ов’ј oпштествен организам има лошу дигестију. Метаболизам е дефектан. Цревна флора не е тој, него е фауна. Мешина е напната од хард-кор поизонификацију. Кога џина да пробудимо да га изведе он’ј (Роршахов? Гешталтов?! Каспаров ли, кој ли беше ..?) захват да дојде до бучно и приметено издувување?
Летаргичан, „Окно“, 10.12.09

Ајде аирлија нека е.   Само

Ајде аирлија нека е.
 
Само догодина направете листа на предлози па фино и демократски да ги гласаме.

Ова е мерено според

Ова е мерено според популарноста на написите на сајтот и бројот на коментарите .

ОкоБоли главаВицФото