2009

31.12.2009 10:18
Merenje.jpg

Годината почна со светската економска криза и една епидемија (од заушки), а заврши со истата економска криза и друга епидемија („свински“ грип); корелацијата на економска криза и разни епидемии, секако не е случајна: тегобните економски времиња имаат тенденција да создаваат разни епидемии. Пратениците главно не се извакцинираа, што ќе им е вакцина, и онака имаат пратенички имунитет, доста им е.

Годината започна со подготовките за кампања за локалните и претседателски избори за 2009, со разни апели за мирни избори. Имавме мирни избори, во кои насилството се трансформираше во разни директни и индиректни пресии и притисоци врз гласачите. Ете, во оваа земја, и тоа било успех и „чекор напред“.

Црвенковски и Трифун го воведоа методот „оne and done“ (еден, ама вреден, мандат) за кој кон крајот на годината, во духот на почитувањето на традицијата, се заложи и новиот претседател Иванов. Кој вели дека немаме политички дијалог и разбирање?

Љубе Бошкоски ја почна годината како брат, а ја заврши како сестра, па Македонија го доби првиот случај на „политичка промена на полот“. Со ова секако го збогативме инвентарот на политичките перверзии, па политичката проституција ја надополнивме и со трансвеститство, нека ни е со среќа. Што е следно? Во меѓувреме, Хаг стана македонски патриотски аџилок, па ако не сте биле таму треба да се замислите каков патриот сте и дали воопшто ја сакате својата земја?

Во Македонија во 2009 загинаа 15 туристи од Бугарија. И не се случи ништо. Само да повторам, да не има некоја забуна, се случи едно големо НИШТО! Затоа, ако ви се случи нешто во оваа земја, пораката е јасна и гласна: не очекувајте НИШТО, не се мачете да барате каква било одговорност, правда, отштети, каде и да е, кога и да е, кај кого и да, од која политичка центрифуга и да е. Сега ми станува јасна и онаа туристичката рекламна порака „Дојдете кај нас и поминете незаборавно“. Сосема чесно, престојот во Македонија ќе ви биде незаборавен, но дали ќе биде позитивно или негативно незаборавен, е тоа останува да си проверите сами, иако законот на веројатноста секако работи против вас.

Ал Масри, германскиот државјанин со либиско потекло, кој во декември 2003 година беше приведен во Скопје и предаден на агентите на ЦИА, кои го префрлија во Авганистан каде беше мачен, поднесе тужба против Македонија заради приведување по грешка. Ех, Масри, Масри, не си знаеш со кого си имаш работа. Да знаеш со какво судство ние си имаме работа, малку ќе се солидаризираше со народецов од Македонија и ќе разбереше дека супер си поминал во Македонија. Оди бркај си работа и биди среќен ако повеќе си немаш работа со Македонијава.

Падна визниот режим, а белиот Шенген го пречекавме со бела прекривка. Засега помасовни преселби не се случија. Во јавноста проструи шегата дека додека трае Шехерезад, нема ризици за економска миграција на „пучанството“. Ех, што ти е пусто турско. Но, како што во секоја шега има некоја трошка вистина, останува да ја видиме реакцијата на граѓаните откако Онур и Шехерезад ќе ги снема од малите, рамните и ЛЦД екраните.

Во 2009 ни се врати на екраните Ленче од А1-земјоделска. Убавина! Конечно и некој позитивен настан и мерка за земјоделците!

Опозицијата се ресетира, сменија позадина на десктоп, па као некои обиди за дефрагментација на опозицискиот хард-диск, и толку. А заборавивме дека и опозицијата зема народни пари да се грижи за нашите граѓански интереси, а тие пак заборавиле дека им е работа не само да се рестартираат, туку и да инсталираат некој анти-вирус и спајвер.

Политичките партии на Албанците во Македонија си ги реизбраа своите лидери: сценариото останува исто „one man show“, нешто како легендарниот Мишко од Шутел. Те поздравува во утринската програма, после ти чита вести, па ти пуштаат матине со неговите најпробрани песни, за навечер да те заспие со „60 minutes“ интервју.

Решение за името не се најде. Нашите преговарачки моми се одважија на неколку срамежливи средби, но се се сведе на формален „чит-чат“, „бош-муабет“, па ни телефони не си разменија. Пробај нешто да им кажеш на момиве, дај да решиме ова, пробајте вака, од одма ќе те прогласат за „мањак“ и ќе ти ги пуштат своите фејзбук партиски фанови и медиумски макроа да ти се заканат, немој да си и’ се приближил на неа, слушна, инаку забите има да си ги јајш. И како да се поставиш кон нив? Никако, налет. Останува да се надеваме дека барем глобалното затоплување некако ќе придонесе да се стоплат односите со намќор комшииве, оти од нашиве избраници не можеш ништо да очекуваш, освен да ти ги зголемат сметките, најчесто пред Нова година.

Дедо Мраз повторно ни пристигна со воен хеликоптер. Како специјалец се иструполи од хеликоптерот и распали со своите новогодишни подароци по децата. Каков мизансцен! Веројатно овој Дедо Мраз треба да ги подготви нашите дечиња, а идните генерации војници беспоговорно да седнуваат во истите тие хеликоптери (за 15 години ќе бидат тие истите хеликоптери, не се секирајте) за да бидат распоредени во кој знае кое белосветско Долнодупени, и да се жртвуваат за НАТО, кон кој ние уште бавно, но сигурно, ќе се доближуваме.

Откако општеството и’ кажа „марш!“ на толеранцијата, се одржа марш на толеранцијата, колку пригодно.

На естрадата техно-ритам, едно-те-исто, едно-те-исто. Сите скапо плаќаме за своето образование, а овие наши ѕвезди и ѕвездички скапо го наплаќаат своето необразование. Браво, па и за тоа треба да те бива, нели?

Леле, имаше уште еден цел мал милион работи, од Коце коцкица, до распеани Скопјани, но ми снемува од мастилово, а и свеќата скоро се истопила, па ајде за нив во друга пригода.

Нека ви е среќна, бериќетна, успешна и здрава 2010! И не заборавете, времето лечи сè, па белким ќе нè излечи и од оваа 2009.

Слични статии

Став
Став
Духови [к:1]
Став

ОкоБоли главаВицФото