Најважните настани во светот за 2009

05.01.2010 11:39
eu-lideri-x.jpg

Лисабонскиот договор

Со прифаќањето на Лисабонскиот договор на повторениот референдум во Ирска и со завршувањето на процесот на усвојување во Чешка, овозможено е овој договор за престројување на европските институции да стапи на сила на 1-ви декември после долгогодишните преговори. Ирското „да“ за малку ќе беше небитно покрај „не“-то на Вацлав Клаус кој со своите евроскептични сенатори останаа победени од проевропските граѓани на Чешка. Па така, сега Европската унија ги доби својот прв претседател и првиот шеф на дипломатијата. Овој договор треба да го олесни носењето одлуки во рамките на Унијата и да го зголеми нејзиното влијание на меѓународната политичка сцена, како и да и’ овозможи понатамошно проширување. Со една од клучните повелби на Лисабонскиот договор се предвидува укинување на правото на вето на одредени држави во цела низа важни области, и за првпат се предвидува можноста некоја членка да излезе од ЕУ.

Финансиската криза

Светската финансиска криза, најголема по Големата депресија од 1929 г., беше тема на самитот на лидерите од групата Г20 која во април се одржа во Лондон, а потоа и во септември во Питсбург. Собирот на лидерите во Лондон беше одбележан со масовни демонстрации на кои, меѓу другото, беше запалена и фигурата која претставуваше банкар, обесен на улична светилка. Лидерите на Г20 на овој самит се обврзаа да додадат дополнителни илјада милијарди долари во пресушената светска економија, но не во облик на стимулативни, фискални пакети, туку преку меѓународните финансиски институции. На самитот во Питсбург беше договорена поостра контрола на финансиските пазари за да не се повтори економската криза. Кон крајот на 2009, сепак, светската економија постепено почна да излегува од рецесијата, но стручњаците велат дека заздравувањето од најдлабоката рецесија по Втората Светска војна ќе биде многу бавно.

Нобеловецот Обама

Нобеловиот комитет го изненади светот кога на 9 октомври соопшти дека претседателот на САД, Барак Обама, е добитник на наградата за мир, само девет месеци по неговото доаѓање во Белата куќа, поради, како што се вели во соопштението, „неговите напори да ја зајакне меѓународната дипломатија и соработката меѓу луѓето“. Во коментарите на Associated Press набрзо по објавувањето на неговото име како нобеловец беше кажано дека наградата му е доделена повеќе за неговите ветувања отколку за неговите остварувања. Колку за илустрација, Обама води две војни во муслиманскиот свет – во Ирак и Авганистан, а исто така не успеа да го протне предлог законот за климатските промени низ американскиот Конгрес. Сепак, Обама се ангажираше во новите обиди за постигнување мир меѓу Израел и Палестина, изјави дека сака свет без нуклеарно оружје, и повлече неколку илјади американски војници од Ирак.

Борбата против климатските промени

Глобалното затоплување чии последици, според научниците, можат да бидат многу сериозни, беше тема на долго подготвуваниот самит во Копенхаген, оддржан под закрилата на ОН. Меѓутоа, самитот не ги исполни очекувањата бидејќи учесниците не успеаја да го усвојат завршниот документ. Завршниот документ го усогласија 27 земји, вклучувајќи ги и САД, Кина, Индија, Бразил, Јужноафриканската Република и водечките земји на ЕУ, додека останатите се согласија во наредниот период да достават известувања за тоа дали и’ се придружиле на Декларацијата. Завршниот документ предвидува дека за помош на земјите во развој во борбата против глобалното затоплување треба да им се обезбедат 100 милијарди долари годишно, почнувајќи од 2020 година. Меѓутоа, Декларацијата не содржи бројки поврзани со обврските на земјите за намалување на емисиите на штетни гасови, ни краткорочно до 2020, ни долгорочно до 2050, туку само наведува дека порастот на глобалната температура во наредните сто години треба да се одржи во рамките на границата од два степена.

Пандемијата на новиот грип

Во Мексико кон крајот на април се појави нов вирус од типот А (Х1Н1) кој најпрвин се прошири низ САД, а потоа и ширум светот. Светската здравствена организација во јуни, првпат по 41 година, прогласи пандемија. Само еден ден подоцна швајцарската фармацевтска компанија Novartis објави дека ја произвела првата тура вакцини против новиот грип. Досега овој вирус од новиот тип беше потврден во 208 земји од светот, но сепак, новиот грип и во своето најлошо издание беше едвај малку посериозен од обичниот, сезонскиот грип. Според пресметките на едно истражување на Универзитетот Харвард, смртноста од новиот грип изнесува 0.048%. Стручњаците од Харвард велат дека овие податоци треба да ги смират здравствените офоцијални лица и политичарите кои изнесоа страшни предвидувања за смртта на милиони луѓе. Тие, сепак, истакнуваат дека вирусот Х1Н1 би можел да мутира и да стане поопасен, но исто така и дека постои голема веројатност дека нема да се појави некој поопасен вид.

Изборите и немирите во Иран

На претседателските избори во Иран, на 12 јуни, дотогашниот претседател Махмуд Ахмадинеџад освои втор мандат. Поддржувачите на опозициониот лидер Мир Хосеин Мусави поради сомневање за изборна измама наредниот ден започнаа најмасовни протести по Исламската револуција, но иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи по шест дена ја потврди изборната победа на Ахмадинеџад и нареди престанување на протестите. Државните медиуми соопштија дека во нив загинале најмалку 19 луѓе, а околу 100 биле повредени, додека полицијата уапсила 457 лица. Европските и светските лидери остро го осудија Техеран поради употребата на сила против демонстрантите. Половина година подоцна, на 21 декември, силите за безбедност повторно се судрија со опозицијата на погребот на водечкиот ирански свештеник, дисидентот Хосеин Али Монтазери. Неговото испраќање се претвори во масовен антивладин протест. Според оцената на аналитичарите, смртта на едниот од архитектите на Исламската револуција, кој ја критикуваше власта дека во име на исламот вовела диктатура и кој се залагаше за почитување на граѓанските и женските права во Иран, би можела да означи крај на една ера во Иран.

Израелската офанзива на Газа

По воздушната и артилериската, на 3 јануари Израел започна и копнена офанзива на појасот Газа во која, според процените, за три недели загинаа околу 1300 Палестинци. Според податоците на Би Би Си, во судирите беа урнати околу 4000 згради, а уште 20 000 беа тешко оштетени. Без дом останаа околу 50 000 лица, а околу 400 000 жители на Газа останаа без вода. Новото ескалирање на насилството на Блискиот исток предизвика осуди ширум светот. Комисијата на ОН за истржување на фактите во Газа во септември објави извештај во кој и палестинската и израелската страна се обвинуваат за воени злосторства. Израелската влада, како и Хамас, оценија дека извештајот е „неправеден“.

Две децении од паѓањето на комунизмот во Европа

Со симболично уривање на ѕидот изграден од џиновски домино плочки, кои беа насликани и поставени меѓу Постдамскиот плоштад и Брандебуршката порта од страна на германските ученици, на 11 ноември беше завршена свеченоста по повод одбележување на 20-годишнината од паѓањето на Берлинскиот ѕид. Овој ѕид 28 години ги делеше Берлин и Германија на Источен и Западен дел, и беше симбол за поделениот свет во Студената војна. Оваа акција требаше симболично да го претстави домино ефектот кој го предизвика рушењето на ѕидот – мирните револуции и уривањето на комунистичките режими кои следеа во останатите земји од средна и источна Европа.

Лажираните избори во Авганистан

Претседателските избори во Авганистан беа прилика оваа земја да тргне по патот на демократијата, но талибанското насилство и дрската изборна измама на луѓето блиски до претседателот Хамид Карзаи го турнаа авганистанското општество во уште подлабока бездна на терор и диктатура. Независната изборна комисија на Авганистан на 2 ноември, речиси три месеци по првиот круг претседателски збори, го прогласи Хамид Карзаи за победник, откако истиот ден го откажа вториот круг гласање. Комисијата се реши на таков потег бидејќи противникот на Карзаи, Абдула Абдула, се повлече од изборниот список. Некогашниот министер за надворешни работи, на наговор од западните дипломати, реши да премине преку кражбата од 200 000 гласови и да учествува во вториот круг, но одбивањето на властите да ги сменат одговорните за измамата беше линијата преку која не можеше да се премине. „Извозот“ на демократија на Западот овојпат доживеа вистинско фијаско со Карзаи кој ја изгуби довербата и на народот и на своите меѓународни сојузници, додека Талибанците со ваквата ситуација само добија поттик за ширењето терор во оваа земја.

Четири децении од слетувањето на Месечината

Членовите на посадата на Аполо 11 беа меѓу официјалните лица на прославата која ја организираше Белата куќа во чест на годишнината на првите чекори на Нил Армстронг на Месечината. Годишнината беше одбележана и во Вселенскиот центар Кенеди на Флорида, од каде Аполо мисијата беше испратена на Месечината, како и во Вселенскиот центар Џонсон во Хјустон и во Националниот воздушен и вселенски музеј во Вашингтон. Во пресрет на 40-годишнината од првото слетување на човекот на Месечината на 20 јули 1969 година, едниот од членовите на посадата на Аполо 11, Баз Олдрин, изјави дека меѓународната заедница треба да го обнови својот интерес за вселенските истражувања. Од друга страна, говорејќи за тоа како натпреварувањето меѓу САД и СССР за време на Студената војна произвело огромни вселенски достигнувања, Нил Армстронг изјави дека: „... тоа беше крајно мирољубиво натпреварување. Нема да одам толку далеку и да кажам дека тоа ја спречи војната, но овозможи обете страни да постават високи цели во областа на развојот на науката и инженерството, што доведе и до меѓусебна соработка“.

Извор: e-novine

 


Си се родил, знаеш, погрешни

Си се родил, знаеш, погрешни имиња, погрешни родители... Мислам, се случува и тоа. Ќе си се викаш како што ти си сакаш да си се викаш. Ова е слободна земја“ – а потоа влегува внатре. „Пречкртајте го името. Нека биде Боб Дилан.“ivf clinic new york

 

Слични статии

ОкоБоли главаВицФото