
„Колку тој оди потаму, мене ми прави подобро. Јас не сакам филозофии, трактати, догми, верувања, извлекувања, вистини, одговори, ништо од снижувањата. Тој е најхрабриот, најнемилосрдниот писател што може да се пронајде и колку повеќе тој ми го бутка носот сред гомна, толку повеќе сум му благодарен. Тој не ме заебава, тој не настојува да ме зафркне, ништо не ми потстава, не се обидува да ми бутне лек или пат или откровение или чинија трошки, не ми нуди ништо што не сакам да купам, го боли стапот дали воопшто ќе купам или не, тој не ја држи раката на срце. Значи, неговата роба ќе ја купам, јадицата, тапата и оловниот тег, бидејќи кај него ниеден камен не останува непревртен, ниедно цврче осамено. Тој создава дело на убавината. Неговото дело е преубаво.“
Вака во 1954 година младиот Харолд Пинтер пишуваше за својот голем книжевен и човечки идол, Семјуел Бекет. Трогателно тажно, но и свечено, денес истите зборови ги искажуваме, оти наполно веруваме во нивната вистинитост и длабочина, пред одарот на самиот Пинтер, кој почина пред неколку дена.
Моите причини да го почнам денешниов текст со мал палимпсест од одблесоци (скриени како цевчиња текст во утробата на цела низа Матрјошки) не завршуваат во оддавањето почит на еден од најголемите современи драмски автори; причина што ги спомнувам Бекет и Пинтер не е ниту тоа што и двајцата беа мои „формативни“ автори чии книги, особено во младоста, значајно влијаеја на мојот естетски и етички светоглед.
Третата моја причина, значи, што го почнувам текстов токму на овој начин, во естетска смисла можеби е банална, но во етичка смисла е незаобиколна: земјата во која денес живеам целата е потоната во евтиност и во панаѓурски терор на ниските цени и високите илузии. Целата јавна сцена ни е речиси карневалска: сенешта од распродажбите како сеништа го наткрилуваат сè помалиот простор (налик на глувчешка дупка) кајшто е можен некој за нијанса поубав и повистинит свет. На секој агол од нашиот панаѓур-циркус, држејќи ја раката на големото патриотско срце, мизерните агенти на власта (илузионистите што голтаат гумени мечови, блујат оган, држат гулаби на слободата полузагушени под кафкијанските ракави итн.) се обидуваат да ни бутнат лек, откровение или чинија трошки.
А мене, како и Пинтер, стапот ме заболе, искрено, за петокласните „филозофии, трактати, догми, верувања, извлекувања, вистини и одговори“ на таа банда џепчии и манијаци кои владеат со нас, токму според вообичаените хирови на историјата (кога најголемите комедијанти се добираат до најголемата моќ, сеејќи трагедии).
А и буткањето на носот среде гомната (она за што Пинтер му е благодарен на Бекет е истото она за што Бекет му е благодарен на Џојс итн.) го сметам за мошне важен хигиенски, морален и естетски чин. Оти не гледам друг начин барем малку да ја преземат одговорноста за себе граѓаните кои во моментов се предводени од сурија полудебилни клинци (како во некој морничав роман на Вилијам Голдинг; нека биде ова ден на британската литература).
Не знам дали е потребно да нагласам, по илјадити пат, дека за дебилитетот на сегашниве водачи голем придонес имаат и претходните; ама не е неточно ни тоа дека глупоста и суровоста на сегашниве предводници во голема мера произлегува и од самиот запуштен народ, од нашата сопствена глупост и суровост.
Ми се чини дека македонскиот лет во место совршено го опишува една едноставна реченица на филмскиот теоретичар Чак Клостерман кој пишува за карактеристиките на road-филмовите: „Во нив или негде стигаме пребавно или нигде стигнуваме пребрзо“. Македонија од 1990 навака како road-филм: со Бранко Црвенковски стравотно бавно божем одевме некаде; со Никола Груевски божем вртоглаво брзо одиме нигде, т.е. во вообичаениот балкански амбис кој нема просторно-временски димензии, налик е на црна дупка (како оние 500 години под Турците).
А велам, дури и тоа „негде“ на божем левите сили од деведесеттите всушност беше „нигде“, како што е голема лага и божем големата брзина на „24/7-преродбениците“. Кога со ладна глава ќе се изнесат билансите на маса ќе се види дека дури и онаа омразена двегодишна „мртовечка“ влада на Бучковски (симбол на социјалдемократскиот опортунизам и безидејност кој заслужено беше прегазен на изборите) приближно остварила многу слични резултати со неверојатно бучниве фолиранти и саморекламери кои божем „остваруваат“ (остваруваат ветер и магла, ама остваруваат и воопшто не безопасен „мек“ тоталитаризам).

Задутре е нова година. И наместо да се занимаваме со Пинтер, со убавината, со кршливоста, цикличноста и привременоста на нештата, ние мораме да се занимаваме со своите срамни водачи (мораме, оти ако не се занимаваме со нивната нечесност и бесрамност самите стануваме заложници на лудиот панаѓур). Но, ете, некакво присобирање на нашата општествена растуреност можеби може да се одвива макар и низ вакви хибридни текстови, кои се обидуваат да ги дофатат различните рамништа на стварностите во (или под) кои живееме.
Најидиотските работи во СФРЈ, на пример, беа култот на водачот, вербалниот деликт и партиската диктатура. Да ми кажеше некој во 1989 дека во 2009 година самостојна Македонија ќе се соочува со истите проблеми (кои веќе тогаш, во 1989, беа надминати) ќе му речев дека е наполно луд. Затоа, почитувани читатели, без некој преголем ентузијазам, „палимсестно“, огледалски, сфаќајќи ја историјата како цикличност без смисла, во духот на целиов текст, ви ја честитам „Среќна нова 1949 година!“
(објавено на 30.12.2008. во „Утрински весник“)
Никола, може да ми ја кажеш
Испратено на 15 јануари 2010 од Ана ГанаНикола, може да ми ја кажеш референцата за цитатот од Пинтер со кој ја отвораш колумнава? Фала ти.
Добро прашање за референцата,
Испратено на 15 јануари 2010 од koljaДобро прашање за референцата, Ана Гана, ама не ја памтам... Веројатно е од некој од посмртните текстови за Пинтер, што излегуваа тие денови...
Жал ми е што не можам да ти помогнам. И знам дека е малку непрофесионално што и новинскиве текстови немаат референци, ама као праам така за да не бидам претенциозен... Што е сомнителна стратегија...
Ако ми текне (а се обидувам!), ќе пишам овде:)
Ја најдов! Од книгата на
Испратено на 15 јануари 2010 од koljaЈа најдов! Од книгата на Пинтер, „Разни гласови“, на српски објавена во 2002 година. Англискиот оригинал се вика Various Voices (1998). Конкретниот есеј од кајшто е преземен цитатот се вика „Семјуел Бекет“ и е напишан 1990 година.
Многу ти благодарам, ќе ја
Испратено на 15 јануари 2010 од Ана ГанаМногу ти благодарам, ќе ја побарам книгата. Оваа изјава на Пинтер тотално ме шармираше, а баш работам на еден подолг есеј за Бекет, па си реков - мора да ја вклучам. Уште еднаш, фала што ми го овозможи тоа. Поздрав