Обложувалница

20.01.2010 12:55
taratur.com_sportska_sk.jpg

Некому мајка, некому маќеа, а некому лош очув кој те тепа со мокри весници – обложувалницата е тука за да ни го направи животот поинтересен. Ако се препознаете во некои до овие профили, нема потреба од загриженост – бидејќи се препознавме и ние.

Паметњакович

Никогаш нема до го видиш со лаптоп во обложувалница. Сите форуми и постови ги поминал уште сношти, кога нормалниот свет водел љубов со жената. Тој ги знае составите на тимовите, временската прогноза, тежината на играчите, физичката подготвеност, воздушните струи, висината на тревата, факторот влијание на навивачите врз конечниот исход. Ги анализирал тимовите за последните четириесетина кола и ги пропуштил сите битни податоци низ својот софтвер. Ќе го препознаете по тоа што го крие своето ливче од љубопитните погледи. Коефициентот секогаш ќе му биде бројот со најмалку шест децимали, а добивката ќе се мери со квантниот корен на степенот на вртење на топката, намален со теоријата на релативитетот и помножен со факторот среќа. Овој тип на обложувачи никогаш не добиваат пари, а и доколку некогаш добијат, парите ги пренаменуваат за заминување кај проститутките за професионална дефлорација.

Суеверен коцкар

Тоа е нашиот чвркнат сосед кој внимава кому се јавува, се пази од црните мачки и редовно ги следи црковните календари, како и тоа дали ќе сретне некоја личност која проверено му носи малер. Ја познава кармичката сила на секој фудбалер и знае кому што му се случило изминатата недела. Редовно пали свеќи во црква за ливчињата и остава завиден износ на иконите. Секогаш им се јавува на мајките со деца и им помага на стариците да преминат улица со надеж дека добриот бог на коцката ќе види колку е фин и ќе му помогне. Меѓутоа, богот на коцката е фраер и се труди секогаш да им го загорчува животот на ваквите ликови. Редовно го заебуваат фаворитите и најмалите коефициенти. Некој ден, кога конечно ќе добие, ќе ги замара сите во обложувалницата како е научник за обложување, што за него е можеби поголемо уживање од парите во џеб.

Весел губитник

Никогаш не добил ништо. Игра за да ја победи судбината и за да го привлече вниманието на околината, и овој вид забава претставува можност да се потсети за тоа како ништо никогаш не му поаѓа од рака. Ливчињата му се луди. Игра секојдневно од сите лиги и по 30 натпревари на едно ливче. Веќе првиот натпревар му ги уништува шансите. Ама нема врска. Во тој миг погледнува кон небото и разговара со бог, па се договараат дека следниот пат ќе биде многу подобро. Еден ден кога ќе добие пари, како бонус ќе добие и срцев удар, па нема да може да ја подигне максималната добивка.

Препишувач

Најлош тип на коцкар. Не го познава фудбалот; всушност, го мрази. Не ги знае ни правилата, ама ги сака парите, и тоа, вашите пари. Најчесто стои пред уплатниот шалтер и им гледа на луѓето преку рамото. Да биде несреќата уште поголема, секое ливче му е добитно, а знае да му се случи и погрешно да ги препише комбинациите од вашето ливче и така да погоди изненадување. Сите пари ги трупа на сметка во банка и не ги троши за ништо. Ужива да им носи малер на вистинските љубители.

Хард кор зависник

Седи во ќош од отворањето до затворањето на обложувалницата. Бидејќи жената и децата го оставиле, мајка му излегува од старечкиот дом за таму да му носи појадок, ручек и вечера. Секогаш седи во облак од тутунски чад, очите му се вперени во телетекстот, а трепкањата му се ускладени со промените на екранот. Никој не знае дали е жив сè додека не испушти болен крик или весел вик на крајот од натпреварот. Обраснат е во брада, не се бања, а пред него се наоѓа најголемиот дигитрон што може да се најде на пазарче. Лекарите веќе неколку години се чудат како може да живее со чирови на речиси сите органи. Кога добива пари од обложување, со нив плаќа струја, телефон и кирија.

На пат да стане хард кор зависник

Некогаш тренирал фудбал. Го сака фудбалот и живее за него. Во играта не го привлекуваат парите, туку страдањето за секоја пропуштена можност што ја имал во својот фудбалерски живот. И работата што ја работи му е поврзана со фудбалот. Неговите синови веќе имаат скршени нозе од пренапнатите тренинзи за ФК Балкан, а сопругата е на пат да згреши со соседот. Често добива големи износи, владее со материјалот и техниките, ги познава играчите, а во состојба е да намириса наместен меч. Омилен е меѓу екипата од обложувалницата. Често ќе ви даде добар совет и ужива во тоа. Додека ги гледа натпреварите, замислува каков би му бил животот кога би имал само малку повеќе среќа. Кога добива на обложување, парите ги вложува во ново ливче.

Дечкото од маало

Го знаат сите во маало. Никој не знае од каде му се парите. Некои мислат дека го издржува татко му џепарош во Италија, но вистината е дека стариот му работи како таксист, а мајка му како собарка. Сите келнерки спиеле со него и чекаат да се ожени со нив, како што им ветил. Се буди напладне, токму за да стигне да ги одигра мечевите од 13 часот. Цел ден е во фрка, но главно успева сè да заврши преку мобилниот телефон додека ја чита листата. Потоа мистериозно исчезнува околу 16 часот за да заврши некоја работа (тоа е, всушност, ручекот дома), потоа ги завршува работите до 20 часот (попладневна дремка). Околу 20 ч. се враќа во обложувалницата за да си ја наплати добивката, или да уплати уште ливчиња. Кога ќе заштеди доволно, ќе го замени својот шест месеци стар Кавасаки за ист таков, само во помодерна боја.

Пензионер

Одамна помина времето кога пензионерите шетаа покрај Кеј и коментираа како би било во животот ако Тито не му речеше „не“ на Сталин. Тие пензионери ги закачија капите за крстот или петокраката на нивниот надгробен споменик. Овие пензионери се нивните деца. Бидејќи не го разбираат концептот на модерна телевизиска забава, а немаат пари староста да ја поминат во некоја бања со колегите од Германија и Полска, обложувалницата е единствениот пат кон гробот поплочен со забава. Често играат игри кои нормалниот човек не е во состојба да ги разбере. Седат во топло, а љубезните келнерки им носат кафе. За нив обложувалницата е место каде ќе прочитаат весник и ќе дојдат во допир со младиот и динамичен свет. Нашите постари сограѓани секојдневно подигаат по 50 или 100 денари добивка бидејќи не се толку алчни по пари како младите. Со тек на време ќе заштедат доволно пари за да ја однесат старата во Катлановска бања, каде исто така ќе наидат на обложувалница пред влезот.

Јапи

Потекнува од Долно Дупени. Дошол во Скопје со 500 марки што ги украл од дедо му кој ги чувал за погреб. Сега има милиони и бизнис во „големиот град“. Неговото одело ги видело и Роналдо, и Бекам, и Тоти, и Дел Пиеро во живо. Во паричникот сè уште ја носи влезницата од финалето за Лигата на шампионите каде присуствувал зашто има врски со Фудбалската федерација на Македонија. Тактика: повремено става огромни износи на наместени натпревари и така редовно добива. Пред секоја уплата ги вклучува сите четири трепкачи на своето јапи теренско возило со црна боја и уредно го поздравува полицискиот инспектор кој јаде десетка со кромид додека ги листа коефициентите. Кога добива пари, на љубовницата и’ купува уште еден пар чевли Прада, а на своите вработени и подредени им го покажува ливчето на кое се наоѓа износот од нивната годишна плата за да им даде до знаење дека нивниот труд за него, всушност, претставува една најобична заебанција.

 Кој го пишувал ова?

 Кој го пишувал ова?

За жал, текстот нема автор,

За жал, текстот нема автор, т.е. барем не е наведен на страницата од каде е преземен. Инаку, изворниот текст потекнува од интернет порталот на Б92, но бидејќи се внесени доста измени (текстот е „помакедончен“), сметавме дека нема смисла да го наведуваме изворот.

Видов дека е

Видов дека е „македонски“ текстот, па се израдував, се прашав кој го пишувал... Ок, фала на одговор. 

Слични статии

Живот

ОкоБоли главаВицФото