Пофалба на изродот

29.01.2010 12:18
pofalba-na-izrodot.jpg

Најхрабрите сорти на интелектуалецот мораат да бидат изроди. Европската идеја на слободата, на разумот и вистината, всушност е историја на борбата на осамените „изроди“ против погромашката хистерија на мнозинството. Но, ангажманот на „изродот“ не завршува во залагањето за поголеми човечки права; „изродот“ (или бастардот) често стои на самите барикади, ги штити и брани оние кои се под закана на моќта и мнозинството.

„Изродот“ го води онаа славна реченица на германскиот протестантски свештеник Мартин Нимелер (1892-1984): „Кога нацистите ги собраа комунистите молчев, оти не бев комунист. Кога ги затвораа социјалдемократите молчев, не бев ни социјалдемократ. Кога ги собраа синдикалците, молчев, бидејќи не бев член на синдикатот. Кога дојдоа по Евреите молчев, не бев Евреин. А кога мене ме собраа, веќе не постоеше некој кој ќе може да протестира“.

„Изродот“ го карактеризира и критички рефлексивната дистанца во однос на сопствениот идентитет, во однос на културното наследство и општествените институции. „Изродот“ верува дека државата и народот не се некакви трансцендентални и метафизички форми туку дека произлегуваат од меѓусебното договарање меѓу луѓето и дека се менливи. Општеството не е отелотворување на некаков метафизички поредок во кој луѓето дејствуваат само во строго зададени и засекогаш присутни рамки, ниту општеството се конституира врз метафизички темели. „Изродот“ верува во постојаното создавање на единство и толеранција врз нови принципи: старото општествено единство исчезнува, а на негово место треба да дојде ново. А еден од најважните фактори што ќе го воспостави тоа ново општествено единство токму е јавната сфера.

„Изродот“ знае дека од 18 век навака во западните демократии постои еден концепт за јавната сфера како ограничувач и контролор на моќта на политичкото. Јавната сфера, низ отворените расправи на мнозина спротиставени актери, на некој начин го отелотворува општествениот разум. А разумот треба да ја припитоми моќта. Новата јавна сфера што се појавува заедно со Алексис де Токвил, Едмунд Берк, Имануел Кант, големите мислители на демократијата, е дискурс на разумот за моќта и околу моќта, а не од моќта. Јавната сфера треба да овозможи општеството да формира јавно мнение без посредство на политичката сфера, низ дискурсот на разумот надвор од моќта, но којшто е нормативен за моќта.

„Изродот“ се обидува да не биде циничен, иако му е позната мудроста на Марфи: „Луѓето ќе почнат да се однесуваат разумно и пристојно тогаш кога ќе ги исцрпат сите други можности”. Воден од просветителските идеи, „изродот“ постојано се обидува да ја сензибилизира јавноста за рационална аргументација; дури и кога е јавно осамен, „изродот“ верува во перформативна моќ на поединецот, во можноста критичката јавност да се создаде низ актот на јавна употреба на сопствениот ум.
Родното место на европскиот интелектуалец, значи, е јавната употреба на умот која се случува низ бескомпромисна општествена критика: борбата против повредите на човечките права, борбата за јавните интереси и потиснатите вистини, разоткривањето на скриените механизми на моќта - сето тоа се клучните места на раѓањето на европската идеја за слобода и демократија.

Во современата култура „изродот“ добива нови подрачја на дејствување: отворен е кон феномените на масовната култура; постојано ја доведува во прашање сопствената елитна позиција; принципиелно ја поттикнува културата на разлики; се чувствува одговорен за демократскиот развој на општеството во целина...

Зошто тоа осамено и кревко битие што се обидува да пие вода од изворите на европското просветителство го нарекуваме „изрод“ и бастард? Пред се’ зашто тој не е „органски“ наследник на патријархалното мислење кое пасивно се всадува во секое следно поколение (и кое најчесто е непромислено и непосредувано со дискусија и критика). „Изродот“ повеќе произлегува од јавното мнение кое е производ на размислувањето и на дискусијата и го одразува консензусот постигнат по активен пат, а не по мистериозните патеки на крвта и почвата.

Конкретно, на „македонската почва“, тешко е да се бориш за еманципаторски политики а притоа да не бидеш „изрод“; оти особините за кои станува збор во текстов многу ретко се наследуваат и тие реално не се некој значаен дел од македонската културна и политичка традиција. Агнеш Хелер велеше: „Демократската нација настанува во дисконтинуитет со својата сопствена историја“. Дотолку, да се биде (не „органски наследник“ туку) „органски интелектуалец“ денес во Македонија значи, на некој начин, да се биде незаконско дете на една суштински поданичка традиција. Значи да се биде изрод.

***

Ако верува во мистичните поврзувања „изродот“ верува во нешто што се нарекува „карас“. Карас е дервишки концепт и значи: твојата група. Тоа е чувството дека сите што ги среќаваш на некој начин се поврзани со тебе. Мораш нешто да научиш крај нив. Дури и ако е тоа некој што седнал покрај тебе во автобус. Некој кој на улица те прашува за адреса. Сите тие се дел од твојата група, карас. А ти самиот, на некој начин, си одговорен за сите нив и за целата констелација. И покрај тоа што си „изрод“. Или баш поради тоа!

(текстот е објавен на 06.01.2009. во „Утрински весник“)

Слики: John Wentz

 Fantastichno. Eden od

 Fantastichno. Eden od najdobrite artikli sto sum gi procital.

http://www.youtube.com/watch?

http://www.youtube.com/watch?

Изрод или авангарда

Одличен текст, г-дине Гелевски. Токму она напишаното треба да е главната задача на „копилињата“ на општеството - да ги ставаат во прашање воспоставените и главно излитени општествени норми и да критизираат со цел унапредување на целокупните меѓучовечки релации, без разлика во кој домен тие спаѓаат. 
Изродот со својот неортодоксен начин на резонирање по дефиниција го вџашува и вознемирува медиокритетски настроеното општество и го наведува просечниот граѓанин на подлабоки размисли (секако, доколку последниов е малку надарен со интелект и не боледува од цинизам). Токму затоа општеството (моќта) ги отстранува изродите при првите знаци на лична загрозеност. Низ историјата ваквите примери водат од Сократ, Исус и Галилео, се' до Тимоти Лири во 20 век.
Како што вели Тојнби : „Секој голем напредок во општеството се јавува кога е создадена доволно голема критична маса за да ја спроведе реформата... додека клучен услов за настанок на критичната маса е креативното малцинство.“ Преостанува само оваа дефиниција да се материјализира, а за тоа да се случи реално гледано сеуште нема услови. Искрено се надевам дека генерацијата на нашите деца ќе биде таа што ќе успее да ги пробие границите на закоравеноста и ќе го подигне моралното ниво во глобални размери. 

Пофалба на изродот

Супер коментар „Јустинијан“ но зошто застана? Се фино објасни, супер аргументира, ама некако како да застана. Ја префрлаш топката на „идните поколенија“? А што ако тие ти речат: „Битанго! што правеше ти во својот живот за сега јас да морам со истите пиздарии да се борам“?

Сум застанал Ненаде, а со

Сум застанал Ненаде, а со што? Очекуваше од мене да те просветлам со конечно решение на асоцијацијата? Или да објаснам зошто денес нема услови за длабоки реформи? Ти самиот си одговори на последново прашање : во денешново „инстант“ општество сите се навикнати на брзи решенија, во најмала рака очекувајќи некој друг да го реши(л) проблемот, а тие само да го аплицираат решението во сопствениот живот. Тие луѓе не се дел од креативното малцинство на Тојнби. Креативноста во денешната констелација е премногу расцепкана и без заедничка визија, безмалку апатична. Можеби причината за ова е транзицијата, а можеби лежи во фактот што најголемиот дел на луѓето родени до 1970 сеуште размислуваат по социјалистичка матрица. Заклучок - потребно е уште време за созревање на идеите, раст и организирање на креативното малцинство. Смената на генерации е клучниот поим.
 Но тоа не значи дека јас бегам од одговорноста. Напротив, како индивидуа дејствувам континуирано во мојот „карас“. Вечна опозиција на моќта, критизер на бајатоста и провинцијалноста и инструктор по човечност, праведност и останатите нешта кои не се учат во училиште на моите деца.

Пофалба на изродот

Не да ме просфетлиш, туку напротив, да мотивираш други како што јас те мотивирав тебе во овај мал муабет. Тоа е целта на се. Ако може да се организираме, а без притоа да звучиме недоветно, да си помогнеме во некои зацртани цели кои ќе можат да ни донесат подобро утре, ќе ти бидам благодарен.
Или да бидам уште појасен. Транзиција се вели за некоја држава која е ужасно непрофитна. И тука лежи канцерот на се. Каков е тој народ што неможе да живее од сопствениот труд?
Гледај го Колја: чоекот е во културата 20 години (барем колку што јас знам). Печати, издава, поттикнува, свесен дека и е потребен на Јавнава сцена како коректор, маштаб од најголем калибар. И сега замисли: 5 како Колја? 10 како тебе (што и да работиш само да потикнуваш, да организараш, да создаваш, да шириш позитивна енергија)? Нема друга приказна освен по итно да ја исфрлиме иронијата, нихилизмот и да се фатиме за работа. Од интелектуални „трици“ нема многу фајде во практичен живот.
Колја го давам како позитивен пример. Би ти го спомнал и Блажко, човекот koj „резба“ бротчиња по цела ден, ама не го знаеш. „Резбач“ кој со ужасна стрпливост ги работи тие дрвенарии. После дво-месечна работа оди низ Србија, Бугарија, Грција... го продава трудот. Од пред неколку дена собра неколку ученици, калфи, деца што не сакаат да учат високо образование, ќе ги спрема и нив, мaјсторот за Резбање на бротчиња. Се надевам дека за неколку години ќе направи и сопствена Академија. Нема забушавање кај него. Човекот е посветен, верува во себе, живее од тоа, а сега и „калфите“ и „чираците“ ќе почнат да живеат од изумот на Блажко.
Ме „Резбаш“ што сакам да ти кажам?
Здрави и весели!

Слични статии

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото