
“Комунистичка“ верзија - Работнички акции
Кога НАТО ја бомбардираше СР Југославија, една од големите болки на голем број сограѓани кои младоста ја поминале во бившиот систем беше искажана низ чувството на „поседување“. „Јас помогнав да се изгради тој мост“ лелекаа постарите граѓани при глетката на срушените мостови во Нови Сад. Иако неретко не стануваше збор за инженери, сепак имаше голема вистина во искажаната вознемиреност. „Работничките акции“ се само навидум подзаборавениот алат за креирање нереална претстава за искрената загриженост на режимот и за мотивирање „солидарност“ и „еднаквост“ помеѓу граѓаните.
Модерна верзија – Денот на дрвото
Разбирањето на важноста на чувството на припадност на нацијата и на заедничката морална одговорност за нејзината иднина се пронаоѓа во заедничкото инвестирање на индивидуалното време, но и во физичката работа за буквално посадување на таа иднина. Затоа, според новата режимска идеологија, секој македонски граѓанин и совесен „патриот“ беше повикан (и отповикан) од работа при еднодневното посадување на сопствената иднина (проширено со можноста за надополнување на заедничките врски, низ прошетка и дружење на сограѓаните).

„Комунистичка“ верзија - Плурализам на мислење
Секој има право на мислење и избор дали да припаѓа или не припаѓа на Комунистичката партија. Уште повеќе, „транспарентноста“ на режимската идеологија е повеќе од „искрена“. Секој граѓанин има право да не пристапи на КП но истовремено е информиран (преку редица индиректни методи) дека неприпаѓањето (и неуредното неприсуство на партиските состаноци во месните заедници) може да му/и’ го ограничи правото на стекнување одредени работни места. Со други зборови, граѓаните без партиска книшка можат само на своја рака и само по „свој избор“ да се лишат од правото да бидат директори, началници, секретари на одбори – т.е. да се откажат од правото на стекнување функција која можеби кореспондира со нивните знаења и умеења. Тоа е идеален приказ на режимската идеологија која сака да се претстави како столб зад „владеењето на масите“.
Модерна верзија – „Самосвесно“ партиско членство
Никој никого не „присилува“ да биде член на политичка партија, но самосвесното зачленување во партијата и уредното присуствување на партиските состаноци во месните комитети (проследено со уредно лепење партиски плакати и јавно промовирање на пораката и идеите на лидерот) ги носи граѓаните чекор поблиску до одговорните (и добро платени) државни (но и приватни) функции. Сите се подеднакво добредојдени. Зарем постои посуштинска демократија од демократијата во која партиските врати на режимската гарнитура се нашироко отворени за сите?!
„Комунистичка“ верзија - „Патувачка енциклопедија“
Се сеќавате на културниот чичко со акт ташна кој шета од претпријатие до претпријатие промовирајќи ги книгите на единствената режимска идеологија? Вкоричените „Собрани дела на Едвард Кардељ“ проследени со „Собраните дела на другарот Тито“? (кои се образовниот темел кој ќе ја загарантира иднината на нашите деца?) И секако „бонусот“ кој следува по уредното купување на првите два тома: Достоевски (метар на метар и пол) во кафеав омот кој одговара на дезенот на домашната библиотека?!
Модерна верзија – „Патувачки инвеститори“ (во иднината!)
Во недостиг од печатници кои на време ќе го задоволат побарувањето за „идентитетска“ литература од типот на „Сто педесет тома македонска литература“ се преземаат мерки. На огромно задоволство на локалното его и потреби, вишокот кадри од бирократските ходници на денешницата се вработуваат и испраќаат по светот како промотори на брошурите во кои се опејуваат модерните фетиши на режимската идеологија, на чело со бестселерот „Македонија – економски инвеститорски рај.“ Модерните патувачки конвои полни „знаења и умешности“ на посиромашните наместо Достоевски им ја увалуваат „Македонија, колепка на античкиот свет“ и „Стоте нераскажани бајки за Александар Македонски“. За заинтересираните следува бонус „Паско Кузман – човекот кој во рацето го има копчето кое може да ја започне Третата светска војна“ (како што ни се открива во A name is a name).

„Комунистичка верзија“ - Доктор за секое село
„Еми внучко, дојдеа од Комитето кај нас у школо и викат: ти, ти и ти... едно десет души од нас избраа, и ни рекоа вие у Загреб на Ветерина! И ја така се запиша там и стана ветеринар. Не дека ја знаеше што е тоа пред да отидам на школо у Загреб. Ама фалиле им ветеринари и ја мора да се откажам од Правото, и така остана цел живот да се распраам со телиња“.
Модерна верзија - Факултет во секое село
Поради пренатрупаност од стручни кадри и немaње капацитет за нивно полезно вработување, режимот пристапува кон подрастично решение: репродуцирање на академски кадри кои ќе ги образуваат идните, исто така непотребни кадри. Новиот тип образовна политика ќе трае додека земјата не остане без села. Останува надежта дека можеби тогаш ќе се создаде потреба од инженери, градежници, ветеринари и лекари помеѓу академиците и ќе се отвори шанса за нова режимска кампања: „Изградба на по едно село за секои 10 незгрижени и неухранети македонски академски граѓани“. И така во круг - чиста математика.
„Комунистичка верзија“ - Строго менаџиран „отпор“
Забревтано поддржување на идеите, културата, и уметностите на надворешниот свет. Отворени врати за Кока-Кола, Дејвид Боуви, Мадона и Мајаковски. Стимулирање на домашната „андеграунд сцена“, но само во верзија која обичниот народ може да ја деконструира само ако се однароди од режимската идеологија. Навидум едноставно и можно – но реално макотрпно тешко кога андерграундот и неговото опстојување се условува со повремени посвети како, на пример, рок варијантите на „Друже Тито ми ти се кунемо“ и „Југославијо“. Станува збор за перфекционирање на прирачникот на режимските идеологии, попознат под името: „Како да се збуни непријателот“.
Модерна верзија - Дефокусирање на јавноста од вистинските сили на отпорот
Дозволува и стимулира стриктно дефинирана и именувана опозиција, чиј назив алудира или на најголемата (и со голем товар) опозициска гарнитура, или на новокреиран „непријател“ (читај „атеист“, „непатриот“, „капиталист“, „неолиберал“, „амерофил“) или на недефинирани индивидуи, но строго дефинирани минати системи од кои режимот навидум се оградува (и од нападот врз кои режимот црпи енергија и валидност).

„Комунистичка“ верзија - Строго дефинирана улога на медиумите
Секој има право да пишува против режимот, режимската идеологија и јавно да си го искаже мислењето. Секако, сè додека истото е во рамките на правилата и прописите на медиумите (кои повратно се во рацете на режимот). Граѓаните (и новинарите) се информирани (индиректно но „транспарентно“) дека доколку го пречекорат овој договор (со кој, секако, по дифолт, се согласуваат) може да го изгубат работното место (а, зависно од престапот може да им пукне и гума на автомобилот додека возат 150 км на час). Притоа, нивните деца, сопружници, колеги и пријатели најсовесно ги имаат „слободата и правото“, но и обврската јавно да се откажат од нив преку медиумите (препорачливо е да се оградат од “непатриотот“ во нивните семејни редови и преку Службен весник).
Модерна верзија - Слободни медиуми
Секој има право да си го искаже мислењето, ставот, та дури и револтот кон режимот, режимската идеологија и практичните политики. Режимот негува „демократска“ идеологија која е посебно отворена кон мислењето на опозиционерите. Но, покрај опозиционерите и неистомислениците, истата слобода, но и „право и обврска“, ја имаат и истомислениците кои доколку сакаат да го задржат својот работен (и јавен) статус, мора да се оградат од „неистомислениците“, да ги прогласат за предавници, линчуваат со ад-хок напади и да ги стават на листата на неподобни. Ем чиста математика, ем демократски и фер гарантирање на балансот на „слободата на говор“.
Слики: Joseba Elorza