Хауард Зин (1922-2010)

02.02.2010 14:32
Хауард Зин

Кој е Хауард Зин? Историчар, често нарекуван радикален историчар, драматург и автор на над дваесет книги, од кои најпозната е Народната историја на САД (People's History of United States).

Хауард е роден 1922 г. во Бруклин. Родителите му се сиромашни имигранти. Израснал во дом без списанија и книги, а горел од желба за читање. Собирајќи купони од New York Post, го добива комплетот книги од Дикенс.

На 16 години се вработува во бродоградилиште. Таму станува организатор на синдикалното здружување и чита левичарска литература, вклучувајќи го и Маркс. Читајќи за комунизмот и фашизмот му се причинува дека Втората Светска војна е „добра војна“. Се пријавува како доброволец во војската и станува бомбардер над европскиот „воен театар“. Вели дека на почетокот бил ентузијаст бомбардер, а потоа сфаќа дека со војната ништо не се решава.

Неговата ескадрила е првата која употребила напалм во април 1945 г. „Го бомбардиравме малото француско село Ројан, покрај кое имаше 2000 германски војници кои чекаа да се предадат. Едноставно ги испрживме. Меѓутоа, од таа височина не можеш да го видиш и да го слушнеш тоа“.

По враќањето од војната продолжува да се школува. Дипломира историја на Њујоршкиот универзитет и го продолжува образованието на Колумбија, каде докторира историја и политички науки.

Во 1956 г. добива работа како предавач на Спелман колеџот, женски колеџ за црни студентки во Атланта, Џорџија, каде е единствениот бел професор. Бил еден од ретките професори кои им се придружиле на студентките во движењето за граѓански права. Поддршката на студентите не му била само вербална. Повеќепати бил апсен заедно со нив, како на пример, за криминалното дело „седење во кино на место резервирано за обоени“.

Го бркаат од Спелман колеџот и се вработува во Бостонскиот универзитет, каде останува како професор до самиот крај.

По борбата за граѓански права следи антивоеното движење против војната во Виетнам во кое Зин зема активно учество. Северновиетнамските власти го одредуваат како еден од тројцата посредници кои ќе ги вратат тројцата заробени американски пилоти. Тогаш во Ханој 1968 г. за првпат бил, како што самиот вели, од другата страна на бомбата. Тоа искуство само го зацврстува неговиот антивоен активизам.

People's History of United States е книгата поради која ја добива етикетата „радикален историчар“. Имено, таа му се спротивставува на она длабоко врежаното дека историјата ја пишуваат победниците. Зин во оваа книга ги поместува точките на набљудување на историските настани, но не ги испревртува во смисла дека оваа историја е пишувана исклучиво од гледната точка на губитниците. Со леснотија тој ја преместува таа точка и додека истоварувањето на Колумбо го опишува од визурата на Семинола индијанците (губитниците), Мексиканската војна ја опишува од гледната точка на американските војници, претставници на победничката армија, но, може слободно да се каже, исто така губитници.

Освен тоа, оваа книга го потсетува читателот колку било силно работничкото движење во американската историја. Објаснување зошто ја напишал книгава Зин изразува преку фразата дека постојат доста ортодоксни истории. Неговата цел не била да напише објективна историја, бидејќи таква не постои – „Не постојат комплетни приказни. Сите приказни се некомплетни. Вообичаениот поглед на историјата е даден веќе илјадници пати“.

Оливер Стоун и Брус Спрингстин можеби се најпознатите почитувачи на оваа книга. Албумот на Спрингстин Nebraska е инспириран од неа.

Во продолжение, прочитајте еден култен текст од Хауард Зин, објавен на 3 јули 2006 година, во списанието the Progressive.

Одложете ги знамињата

На 4 јули би било добро да ги отфрлиме национализмот и сите негови симболи: неговите знамиња, неговите заклетви на верност, неговите химни, неговото настојување во песната дека Бог мора да ја издвои Америка за да ја благослови.

Зарем не е национализмот – таа толку жестока посветеност на знамето, химната, и границите, која доведува до масовни убиства – едно од големите зла на нашиот период, заедно со расизмот и верската омраза?

Ваквиот начин на размислување – култивиран, индоктриниран од детството па понатаму – бил корисен за оние кои се на власт, и смртоносен за оние кои се надвор од неа.

Националниот дух може да биде безопасен во земјата која е мала и на која и’ недостигаат воена сила и глад за ширење (Швајцарија, Норвешка, Коста Рика и многу други). Но за нација како нашата – која е огромна, со илјадници парчиња оружје за масовно уништување – она што може да биде безопасна гордост станува арогантен национализам кој ги загрозува другите, па и нас самите.

Нашето население е воспитувано да ја гледа својата нација како различна од другите, како исклучок во светот, со единствен морал, која се шири на другите земји за да им донесе цивилизација, слобода и демократија.

Таа самоизмама започна рано.

Кога англиските доселеници дојдоа на индијанската земја во Масачусетскиот залив и кога им беше пружен отпор, насилството прерасна во војна со Пеквот Индијанците. Убивањето Индијанци се сметало за одобрено од страна на Бог, а заземањето на земјата како исполнување на библиската заповед. Пуританците цитираа еден псалм кој вели: „Прашај ме, и ја ќе ти дадам пагани во твое наследство, најодалечените делови на Земјата во твој посед“.

Кога Англичаните го запалија селото Пеквот и ги масакрираа мажите, жените и децата, пуританскиот теолог Котон Матер рече: „Беше предвидено не помалку од 600 пеквотски души истиот ден да бидат испратени во пеколот“.

Во предвечерието на Мексиканската војна, еден американски новинар објави дека нашата „неизбежна судбина е да се рашириме низ континентот кој ни е доделен од Провидението“. По започнувањето на инвазијата на Мексико, New York Herald објави: „Ние веруваме дека дел од нашата судбина е да ја цивилизираме таа преубава земја“.

Секогаш поради наводно бенигни причини нашата земја заминуваше во војна.

Извршивме инвазија на Куба во 1898 г. за да ги ослободиме Кубанците, а набрзо потоа заминавме во војна на Филипините со зборовите на претседателот Мекинли: „Да го цивилизираме и христијанизираме“ филипинскиот народ.

Додека нашите единици извршуваа масакри низ Филипините (најмалку 600 000 Филипинци настрадаа во судирите кои траеја неколку години), Елиху Рут, нашиот секретар за војна, велеше: „Американскиот војник се разликува од сите останати откако започна војната. Тој е претстражата на слободата и правдата, законот и редот, мирот и среќата“.

Гледаме дека во Ирак нашите војници не се разликуваат. Тие, наспроти својата добра природа, убија илјадници ирачки цивили. А некои од нив самите покажаа дека се способни за суровост и измачувања.

Па, сепак, тие се жртви на лагите на нашите влади.

Колку пати ги слушнавме претседателот Буш и секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд како на војниците им велат дека доколку загинат, или ако се вратат без рака или нога, или слепи, тоа е за „слободата“, за „демократијата“?

Еден од ефектите на националистичкото размислување е губењето на чувството за сооднос. Убивањето 2300 луѓе во Перл Харбор станува оправдување за убивање 240 000 луѓе во Хирошима и Нагасаки. Убиството на 3000 луѓе на 11 септември стана оправдување за убивање десетици илјади цивили во Авганистан и Ирак.

А на национализмот му е доделена посебна малигност кога е кажано дека е благословен од провидението. Денес имаме претседател кој изврши инвазија врз две земји во период од четири години, кој минатата година за време на кампањата изјави дека Бог зборува низ него.

Ние треба да ја негираме идејата за разликување на нашата нација и нејзината морална супериорност во однос на другите империјални сили во историјата на светот.

Ние треба да ја потврдиме нашата посветеност кон човечката раса, а не која било нација посебно.

Извор: infoshop.org

neverojaten

neverojaten istoricar/mislitel... dali moze da mi kazete dali e mozebi preveden na makedonski i so koi dela? blagodaram.

Превод

Да Коља, еве "Темплум" нека ја преведи "People history of USA".

Колку што јас сум запознаен,

Колку што јас сум запознаен, мислам дека не е преведен. Прилози за него можат да се сретнат низ некои македонски интернет страници (напишете на кирилица Хауард Зин на Гугл и ќе добиете дваесетина резултати, ако не и повеќе).

eve link za besplaten

Слични содржини

Општество / Активизам / Свет
Општество / Став
Општество / Активизам / Култура / Теорија
Општество / Психологија / Живот / Теорија

ОкоБоли главаВицФото