Еден ден, девојки, ќе се смеете на ова

03.02.2010 12:43
laughter-new.jpg

Жените користат поголема мозочна активност и им треба подолго време за да ги сфатат вицовите во однос на мажите, но затоа, пак, добиваат и поголемо задоволство од некој добар виц, велат научниците.

Истражувањата на универзитетот Стенфорд од Калифорнија покажаа дека жените користат повеќе делови од мозокот за да ги „обработат“ вицовите и имаат помали очекувања дека вицот ќе биде смешен.

Овие резултати се дел од големото истражување кое им помогна на научниците да ја откријат мистеријата на функционирањето на нашето чувство за хумор.

Преку набљудувања остварени со технологијата на магнетна резонанца научниците од овој универзитет создадоа монитор кој ги прикажува начините на кои мажите и жените реагираат на хуморот.

Во едно од истражувањата, 10 жени и 10 мажи биле сместени под еден магнетен скенер и им биле прикажани 70 црнобели карикатури на екранот пред нив. Тие притискале копчиња за да оценат колку интересна им била секоја од нив.

Скенерот ги мерел мозочните активности на испитаниците во случаите кога ќе виделе и смешна и не толку смешна карикатура, како и времето потребно за реакција на истата. Овој опит покажал дека жените покажуваат засилена активност во предниот дел на мозокот кој ги контролира јазичните толкувања и длабоките аналитички процеси. На жените им требало повеќе време за реакција на смешките, но затоа, пак, тие повеќе уживале во оние посмешните.

Професорот Алан Реис, кој го водеше ова истражување, изјави дека овие наоди покажуваат дека жените претпочитаат многу пософистициран хумор и користат посложени мозочни функции за да го „обработат“.

„Нашите наоди ги потврдуваат стереотипите за тоа како мажите и жените реагираат на хуморот“, изјави тој. „Откривме голема активност во предниот дел на мозокот кај жените, која укажува дека жените го процесираат стимулот кој ги вклучува и деловите на мозокот кои се задолжени за јазикот. Скенирањата исто така покажаа дека жените имаат помали очекувања дека вицовите или шегите ќе им бидат смешни – но кога им се смешни, тие доживуваат поголем степен на задоволство.“

„Мажите, пак, имаат спротивни реакции. Тие покажуваат повеќе активност на делот на мозокот задолжен за награда и задоволство, која укажува дека тие повеќе очекуваат да го сфатат вицот – но ако не го сфатат, тие доживуваат потиштеност.“

Реис сега врши слични тестирања врз деца за да одреди дали половите разлики во хуморот се биолошки и генетски или „впишани“ преку искуството.

Исто така, постојат разлики и во начинот на кој мажите и жените го користат хуморот во социјални ситуации. Според Род Мартин, професор на Универзитетот на Западно Онтарио од Канада, мажите многу повеќе сакаат да користат „непријателски“ хумор за да се критикуваат едни со други и да воспостават доминација, додека жените го користат хуморот за да ја одржат врската и да ги засмејат другите.

Кети Лете, писателка и водител, вели: „Жените сакаат да бидат поискрени во нивната реакција на вицот. Ако не ја сфатат смешката, тие ќе си признаат. Мажите ќе се смеат дури и ако не го сфатат. Тие не сакаат да изгледаат како да се изоставени од друштвото.“

„Ако се наоѓам на некоја вечера, и ако некоја жена каже нешто смешно, мажите нема воопшто да се насмеат – ако, пет минути подоцна, мажот го каже истото нешто, сите ќе прснат во хистерична смеа“, додава таа.

Шазиа Мирза, стенд-ап комичар, вели: „Не е потребно посебно истражување за да се каже дека жените се пософистицирани. Сум забележал од моите настапи низ клубовите дека мажите ќе се насмеат на сè и сешто. Само кажете некоја смешка во врска со прдеж и мажите ќе се насмеат“.


Извор: timesonline.co.uk

Слични статии

Психологија
Психологија

ОкоБоли главаВицФото