20 години Photoshop

08.02.2010 14:05
Филипа Хамилтон

Постои една песна со наслов „Photoshop Me Out of Your Life“ која ја изведуваат The Sparks, што во превод би значела „Фотошопирај ме од твојот живот“. Овој наслов доволно зборува за тоа што направи Photoshop во светот на медиумите, но и поп културата кога се појави пред 20 години, на 10 февруари 1990 г. Компјутерската програма, која е создадена за да им се олесни животот на илустраторите, фотографите и дизајнерите, во меѓувреме прерасна во технолошко чудовиште со чија помош ги губиме килограмите, годините и брчките, но и ги зголемуваме градите, мускулите и меѓуножјето.

Фотографите долго беа воздржани

Photoshop не беше замислен за да се претерува со него и да се прават толкави промени што луѓето и сликите се доведени до непрепознатливост, но диктатот на пазарот и читателите ги свртеа нештата во тој правец. Незамисливо е во модниот и медиумски свет да не се користи Photoshop, ниту, пак, некој мисли дека може да биде поинаку, но кога ќе запрашате некој професионален фотограф кому фотографијата претставува „светост“, нема да ви каже дека е приврзаник на претераните ретуширања на кои сме сведоци последниве години. Или, да поедноставиме – Photoshop да, ама не секогаш и не како било.

„Во првиот бран, кога само што се беше појавил Photoshop, не реагирав бидејќи ние фотографите тогаш главно мислевме дека тоа е многу сложен процес кој можат да го вршат само професионални дизајнери. Со години им допуштавме на другите да ни ги ретушираат фотографиите и тоа знаеше да излезе лошо, бидејќи оној кој не ја снимил фотографијата вложува помалку труд од нејзиниот автор. За првпат почнав да ги ретуширам своите фотографии во Photoshop кога на тоа ме натера ситуацијата, а тоа беше кога со ликовниот уметник Телма Херцл направив серија фотографии на Исланд, под насловот „Metal Dreams“. Ми беше прекрасно кога открив дека можам да го изработам и тој финален, постпродукциски дел од процесот, бидејќи сега изгледот на фотографијата беше во мои раце. Можностите кои Photoshop ги нуди навистина се големи и револуционерни“, вели Дамир Хојка, но додава дека поради оваа програма не го сменил начинот на работа.

Но Photoshop претставува револуција и никој нема ни да се обиде да го демантира тоа. Сепак, кај голем број луѓе кои не го користат тој е познат поради контроверзните случаи во кои толку многу се претеруваше со неговата употреба што тоа предизвика жестоки полемики. Еден од последните скандали беше гротескната реклама на Ралф Лорен на кој се појавува манекенката Филипа Хамилтон. Нејзиниот струк, нозете и рацете толку беа истенчени што на крајот главата и’ излезе поголема од рамениците. Набрзо потоа таа доби отказ бидејќи била „предебела“.

Лошата снимка не може да се спаси

Ништо подобро не помина ни Деми Мур на насловната страница на списанието W од декември минатата година, а некои критичари токму таа ретуширана Деми ја прогласија за најлошото „фотошопирање“ во историјата. Имено, нејзината лева страна толку беше истенчена што воопшто не се поклопува со нејзините бедра. За нештата да бидат пострашни, Деми е позната по тоа дека има совршено тело, па не е јасно зошто воопшто некој ја чепкал нејзината фотографија.

Шерон Стоун се соблече гола над половината за насловната на Paris Match пред две години, а нејзината слика беше украсена со насловот: „Имам 50 години. Па што?“. Па ништо, само што нејзините 50 години не можеа да се видат на насловната страница бидејќи Photoshop ја беше подмладил за барем 20 години, и многумина не ја видоа смислата на нејзината порака.

Дека Photoshop во рацете на аматери е потенцијална катастрофа потврдуваат бројни примери. Меѓу најлошите дела спаѓа и насловната страница на Harper’s Bazaar од минатата пролет кога на Хали Бери и’ беше избелена кожата, па уредништвото на ова списание не само што се соочи со исмејување туку беше и обвинето за расизам. Хали не е единствената на која и’ беше променета расата од страна на ретушерите, бидејќи истото им се случи и на Бијонси и на Ким Кардашијан.

Но ни сериозните медиумски куќи не му одолеаја на „чепкањето“ низ Photoshop. Пред неколку години Reuters беа посрамотени откако додадоа премногу црн чад над еден либански град во кој беснееше војна, а беше јасно дека толку чад не може да има ни да гореше целиот град.


Извор: jutarnjilist.hr

Слични статии

Технологија Живот
Технологија

ОкоБоли главаВицФото