
Пред почетокот на секој холивудски филм може да се види логото на филмската куќа која го снимила. Прочитајте како настанале овие познати призори и зошто некои од нив сè уште се обвиени од велот на тајната.
Најмногу се знае за настанувањето на логото на Dreamworks – бидејќи ова студио е старо околу една и пол деценија. Dreamworks во 1994 г. го основаа Стивен Спилберг, Џефри Катценберг и Дејвид Гефен. Спилберг сакал нешто кое ќе ги потсетува луѓето на златниот период на Холивуд, и уште на почетокот тоа било замислено да биде „човек на месечината кој лови риби“. За изработката бил задолжен Денис Мјурен од Industrial Light and Magic, кој работел на многу филмови на Спилберг, и кој го предложил илустраторот Роберт Хант за насликување на работната верзија. Хант ја изработил верзијата која му се допаднала на Спилберг и која станала конечната верзија, а главниот лик не бил човек туку момче. Но, за разлика од останатите логоа, овде совршено добро се знае кој послужил како модел за момчето од шпицата – тоа е синот на Хант, Вилијам.

Оригиналното лого на Twentieth Century Pictures е создадено 1933 г., а изменето 1935, кога Twentieth Century Pictures и Fox Film Company се здружија во Twentieth Century-Fox. Автор е познатиот сликар Емил Коса Јуниор, кој е познат по тоа што го создал приказот на Статуата на слободата на култниот крај на филмот „Планетата на мајмуните“. Вистина, ова лого со букви и рефлектори не е толку ефективно ако го немате вклучено звукот на телевизорот или преокторот. Најавната шпица на Фокс сè уште најдобро се памети по музичката тема со фанфари.

За Paramount барем со сигурност се знае како се вика она што е прикажано на сликата. Филмската куќа Paramount како средство за препознавање има една величествена планина – планината Majestic Mountain. Логото го насликал В. В. Ходкинсон, а се смета за најстарото холивудско лого кое сè уште е во употреба. Сепак, и тоа доживеа одредени промени – планината ја опкружуваа 24 ѕвезди кои ги симболизираат 24-те филмски ѕвезди кои оваа компанија ги имала под своја закрила на почетокот. Сега Paramount има 22 ѕвезди.

Warner Bros. била основана од еврејските браќа кои се доселиле од Полска: Хари, Алберт, Сем и Џек Ворнер. Нивните вистински имиња биле Хирш, Арон, Шмул и Итчак, а исто така и презимето им било поинакво. Сè уште се водат расправии околу тоа дали се презивале Еихелбаум, Вонсал или Вонсколасер. Во секој случај, логото доживеа многу измени, ама најбитна сепак остана промената на имињата. Големо прашање е дали основачите на оваа компанија би се пробиле на филмскиот пазар како „Eichelbaum Bros.“?

Логото на студиото Columbia претставува жена со факел, која е избрана да ја отелотворува Америка. Сè уште се водат расправи околу тоа кој послужил како модел за сликата: едни тврдат дека тоа била танчерката и глумица Клаудиа Дел, други дека тоа е глумицата Амелија Бачлер, а трети како „огнена жена“ ја именуваат Џејн Бартоломју која била – обичен статист. Барем се знае кој позирал за современата шпица. Во 1993 г. Мајкл Џ. Диас доби задача да направи нова шпица и ја ангажирал извесна Џени Џозеф да му позира. Но таа само послужила како позадина, бидејќи ликот на шпицата е изработен со помош на компјутерска анимација.

MGM има навистина добро препознатлив заштитен знак, и визуелно, и звучно – лав кој рика и кој се вика Лео. Создаден е од Хауард Дитц кој студирал на универзитетот Колумбија чиј спортски тим се викал Лавови (The Lions). Првиот лав кој позирал бил бушавиот Slats кому му припаднала честа прв да се појави на големото платно. На почетокот лавот бил доста мирен и тивок, а првото лавјо рикање можело да се слушне уште во времето кога не бил измислен звучниот филм. Тоа го изведувала следната маскота на MGM, лавот Jackie кој можел да се види на екранот и да се слушне преку грамофон. Лавот Tanner служел до 1956 г., а во 1956 бил ангажиран лав чија кариера траела само една година, па името не му се запаметило. Од 1957 па сè до денес од екранот нè поздравува лавот чие официјално име е Лео, па можеби веќе и со самото именување бил одбран да биде заштитен знак по професија.
Извор: filmski.net