
Обетката која паднала од увото на Фисун во мигот на водење љубов, нејзината шолја од која пиела чај, а Кемал никогаш не ја измил – се само некои од предвидените експонати во музејот на Орхан Памук.
Љубовната збирка од романот „Музеј на невиноста“ нема да се најде во истоимениот музеј на Орхан Памук, бидејќи овој нобеловец се повлече од проектот за отворање на музејот во кој планирал да ги изложи предметите поврзани со неговиот роман. „Музеј на невиноста“ е еден од најобемните романи на Памук, за кој самиот автор тврди дека е неговиот „најнежен роман кој искажува најголемо внимание и почит кон луѓето“.
Главен лик во ова дело е Кемал, припадник на високото истанбулско општество, кој е заљубен во Фисун, далечна роднина од понискиот општествен слој. Нивната љубов има несекојдневна длабочина и сила, и затоа, во годините лудо сакање на Фисун, Кемал опсесивно ги собира сите предмети кои го поврзуваат со нивната страсна врска. Во романот Кемал успева да собере вистинска музејска љубовна збирка која ја сочинуваат најразлични ситници, нешта кои ја добиваат својата вредност само затоа што имаат некаква врска со Фисун: обетката која паднала од увото на Фисун во мигот на водење љубов, нејзината шолја од која пиела чај, а Кемал никогаш не ја измил, стаклената чаша која ја користела, школката која постојано ја држела в рака и си играла со неа, нејзините детски шноли за косата, четката за заби што ја украл од нејзината семејна куќа, чинијата од која кај неа јадел цреши, моливот чија гума на врвот ја „гризела како брадавица“... Кемал не престанува да ги собира предметите и така, по години собирање, тој поседува, на пример, точно 4213 нејзини опушоци и најразлични пепелници кои ги користела.
Сиве овие предмети би биле само дел од поставката на збирката во вистинскиот Музеј на невиноста, проект со кој последниве години се занимаваше Памук. Имено, во населбата Чукурџуми во Истанбул тој купи стара зграда која ја реновираше со години и во која планираше да го смести музејот. Но по обвиненијата од весниците дека тој само се обидува да извлече лична корист, а не да основа нов, единствен од таков вид, музеј во светот, Памук се налути и се повлече од проектот.
Орхан Памук е познат како страствен љубител на музеи кои ги посетува во сите делови на светот. За жал, засега работите околу несекојдневниот музеј се прекинати, па и овојпат невиноста остана без заштита.