Интервју со Борис Чипан, архитект

18.02.2010 12:26
sk-2014-ne-e-del-od-nasata-tradicija.jpg

Најстариот професор на Архитектонскиот факултет во Скопје, автор на зградата на МАНУ, реставратор и конзерватор на црквите „Света Софија“ во Охрид и „Свети Пантелејмон“ во Нерези, има 92 години. Неговото нарушено физичко здравје не и’ пречи на неговата прецизна мисла, со која се впушта во остра критика на проектот „Скопје 2014“, но и на пристапот на македонските политичари кон градителството воопшто.

Во книгата „Моето време во македонската архитектура“, објавена во 2008 година, една од вашите осум книги, како да го предвидовте ова што денеска му се случува на Скопје, поточно она што деновиве го видовме на презентацијата на проектот „Скопје 2014 година“. Кој од објектите што го видовме најмногу ви боде очи?

- Триумфалната капија, секако. Прикажувањето на оваа триумфална форма во оваа презентација за мене претставуваше навистина бизарна и сосема неочекувана појава. Не знам кој триумф ќе биде запишан на овој објект. Триумфалната капија може да претставува само туѓ триумф. Ние, низ нашата историја, немаме никаква врска со ваква симболика. Ако треба, таа капија треба да се дополни со релјефи од триумфи, како што е вообичаено со таквите творби, кој триумф ќе го овековечат? Антифашистичката борба и победа, или битките на Александар Велики?
Единствен наш вистински триумф од поновата историја е антифашистичката борба. Ако се оди подалеку во историјата, можеби ќе го постават Александар Велики, чиј саркофаг се наоѓа во Истанбул. Како и да е, ова е сосема неочекувана појава и не и’ е местото во градов.

Каков град создава оваа власт? Која е целта на проектот „Скопје 2014“?

- Несомнено е дека градовите ги создаваат власта, раководителите на општествата. Меѓутоа, тука е многу битно какви се тие раководители. Ако се интелигенти и добри, тие ќе изберат и добри соработници. А ако се помалку интелигентни, тогаш се потпираат на полтрони. И такви примери во историјата има многу. Хитлер и Сталин, на пример, се појавуваат кога модерната архитектура веќе беше зрела за освојување на светот. Тие тогаш се вратија назад, бидејќи архитектурата на академизмот и класицизмот им одговараше повеќе за глорификација на нивното владеење. И тие ја запоставија модерната архитектура, за подоцна таа сепак да продолжи да се надградува, дури до степенот на архитектонскиот развиток, кој се вика деконструктивизам. Развитокот на технологијата не може да запре, па така е и со модерната архитектура.


Дали со овие стилови на новите градби кои ќе се најдат во центарот на Скопје одиме во иднината или се враќаме во минатото? Колку овие стилови се блиски на нашата традиција и дали биле присутни низ вековите на овие простори?

- Секој гради во своето време. Покажи што можеш денеска, да придонесеш со нешто ново во развитокот на градот, а не да манипулираш со стари инструменти. Од тој аспект, ова што е презентирано сега, јас тврдам дека не е ниту класицизам, ниту барок, ниту рококо, ниту академизам. Ова е еден најбеден галиматијас, колаж од елементи на некакви класични, поминати стилови. Значи, дури ни како копија на некој стил, ова не е издржано.
Корбизие, многу познато име во историјата на архитектурата, рекол: „Ако сакате дома да залепите слика на ѕидот, подобро е да извадите копија од некој добар оригинал, отколку оригинал кој не е добар“. Во нашиов случај, парафразирајќи го Корбизие, би рекол дека ќе беше подобро да видевме еден чист барок, иако кај нас барокот никогаш не бил традиција, или нека биде и ренесанса, ама подобро вистинска ренесанса, наспроти овој колаж од елементи кои не прават симфонија, туку обратно, прават дисхармонија. И затоа мислам дека ова што сега е презентирано како архитектура, не е она што му треба на Скопје.


Во Вашата книга се забележува дека негувате остра критика кон урбанистите. Во еден дел велите дека и со целосна реализација на Големиот ринг, нема да се реши хаосот во центарот на Скопје.

- Поновите теории за овој проблем велат дека метежот не може да се реши со проширување, туку напротив, со стеснување на улиците, па така автомобилот сам ќе се принуди да бара други обиколни патишта.
Од друга страна, од урбанистички аспект, проблемот е што на еден мал простор, кој е веќе стуткан околу Камени мост, од едната и од другата страна, на тој мал простор се внесува една програма која го надминува капацитетот на тој простор. И така, доаѓаме на крајот и до тоа да се прашуваме што ќе биде со третата секвенца, со инфраструктурата!?

Таму ќе се насоберат уште повеќе автомобили отколку што имаме сега. Таму ќе бидат потребни големи интервенции во подземната инфраструктура - канализација, електрика и други инсталации - и тогаш, јас навистина не знам што ќе стане со тој зафат. Велат дека тоа е евтино. Меѓутоа, она што погрешно се прави секогаш е многу поскапо, од она што се прави со сите претходни истражувања, со сите претходни неопходни проекти.

Колку транспарентно се води целиот овој проект?

- Градоначалникот вели дека имаме стручњаци, а не кажува кои се тие. Министерката вели дека проектирањето е транспарентно и преку конкурси, со објективно жирирање, а не ги кажува имињата на тие што биле во жири, па ниту тие кои се автори на проектите. Знаејќи го, како стар професор, целиот еснаф, архитектонски и урбанистички, јас не можам да проценам кое име стои зад тие проекти.

Јас ги познавам двајцата веќе огласени архитекти. Едниот е Вангел Божиновски, кој ги брани овие потези на денешната власт и ги брани со доста аргументација. Меѓутоа и тој овде не си дозволува категорички да се изјасни за овој проект и за оваа архитектура. И Жан Стефановски, архитектот кој е многу плоден и многу познат, кој создавал и современи дела, одеднаш, како консултант на градоначалникот, ја поддржа оваа презентација и постојано потенцира дека треба да се гради. Меѓутоа, за квалитетот на архитектурата не си дозволи да каже ниту збор. Тој има направено згради во еден современ и ефикасен стил. Одеднаш, тој сега е принуден да му повладува на градоначалникот и да премолчува.

Зарем порано било поинаку?

- Таква е судбината на градовите низ историјата. Ако си информиран и ако избереш соработник каков што треба, тоа што ќе биде направено во твое име, ќе остане како квалитет. Во друг случај, ќе остане како срамота.
Од скоро време, имаме неколку добри примери, за добро општествено раководство. Претседателот Франсоа Митеран, кој имаше прекар Сфинга, бидејќи беше голем љубител на египетската архитектура, нареди да се направи најновиот влез во Лувр во облик на пирамида. И затоа избра способен и добар архитект, Американец од кинеско потекло. Но, тој не му направи пирамида од камења, туку од стакло. Гледам, во презентацијата за Собранието има стаклени куполи. Добро е да имитираш добар пример, меѓутоа да правиш неуспешна комбинација од стилови, тоа е најлошиот избор.

Јас сум учествувал на неколку конкурси за уредување на плоштадот и можам да ви кажам на тие конкурси има едно големо богатство на решенија, тука има имиња познати и во светски размери. Во Градскиот архив тие веројатно стојат, па би било добро да се прегледаат. Подобро е да изберат еден од тие проекти, отколку сега да го прават плоштадот со реконструкција на Офицерскиот дом и на Стариот театар.


Реконструкцијата на стариот театар, на Офицерскиот дом и на зградата на Народната банка, во својата книга ги нарекувате „архитектонски хибриди“. Зошто?

- Таа традиција не е наша, таа е српска. Офицерскиот дом беше срушен и не треба да се обновува, тој не спаѓа во наша традиција. Така беше и со банката. А еве, сега се гради и Стариот театар. Не е тоа Стариот театар, туку нешто сосема друго…

Во еден дел од книгата велите дека градоначалникот Ристо Пенов направи преседан. Изведе поплочување на плоштадот и ја исече историската алеја од стари диви костени. Плоштадот се рашири прекумерно, создавајќи пустелија, без интимната мера на човекот пешак. Колку жалите за тој плоштад?

- Плоштадот денес нема хумана димензија, човекот во него се губи како во пустелија. Најголем гаф е што ја уништија таа алеја од диви костени. Плоштадот не е тоа што треба да биде, ако човек во него не може да се чувствува како во свој дом. Плоштадот беше невин. Ако овој плоштад има хумана пропорција и ден денешен во еден пристоен амбиент ќе се собираат луѓето, пензионерите, младите…

А каде исчезна модерната архитектура, која беше карактеристика на постземјотресно Скопје?

- Нашата модерна е презентирана, дури и вмешана со нашата традиција. Едниот објект е оној на Владата, кој е сосема модерен и современ објект. По модерната доаѓа современата архитектура, која ја споредувам со фина асоцијација со охридската куќа. За мојот објект на МАНУ други ми кажаа дека асоцира на конаците на манастирот „Свети Јован Бигорски“. Тоа покажува дека ако имаш добри познавања на својата традиција, потсвесно тоа влијае врз идејата што ја создаваш. Традицијата изразена во архитектурата може да биде само нешто кое спонтано излегува од човекот, од потсвеста.


Коњаницата предвидена

Ако се обновуваат Офицерскиот дом и зградата на Народна банка, ќе недостигаат коњаничките скулптури на српските кралеви пред Камени мост, за да биде комплетна таквата реконструкција на овој простор. Бидејќи во таквите згради ќе бидат внесени нови содржини, на коњите ќе треба да се качат Александар Македонски и Самоил, или за да биде современо, можеби и некои херои од сегашната македонска транзиција“.

(Од книгата „Моето време во македонската архитектура“, објавена во 2008 година)

 

Да се остане запаметен

Секоја власт сака зад себе да остави нешто по што ќе биде запаметена. Секој властодржец сака да биде вброен во заслужните луѓе на градот. Меѓутоа, тоа не успева секогаш. Љубчо Георгиевски, на пример, го направи Плаошник, но со многу неправилности и импровизации. Но, ете, тој функционира и привлекува посетители. По него Ристо Пенов од Старата железничка станица сакаше да направи градска куќа, но од тој конкурс ништо не стана. Се појави како инцидент идејата за градска куќа во облик на стариот Офицерски дом. Не знам, го разбирам тој порив кај луѓето да сакаат да оставаат нешто зад себе, но сепак треба да се внимава да се направи нешто добро.

Сликите се преземени од блогот volanskopje.blogspot.com

Извор: неделник Сега, 11.02.2010

Слични содржини

Општество / Јавни простори
Јавни простори / Историја
Општество / Јавни простори
Јавни простори / Историја
Општество / Јавни простори
Општество / Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото