
Во издание на Dalkey Archive Press неодамна беше објавена антологијата „The Best European Fiction“ чиј уредник е американскиот писател со босанско потекло, Александар Хемон.
Според замислата на издавачот, оваа антологија ќе биде само првата од низата годишни антологии кои ќе послужат „како американски прозорец во светот и можност да се види што се случува на книжевните сцени во Европа, каде новиот Кафка, Флоберт и Ман чекаат да бидат откриени“. Во неа е застапена прозата на 35 писатели од 30 европски земји.
Од земјите од поранешна Југославија во оваа антологија се сместени Невен Ушумовиќ (Хрватска), Игор Штикс (Босна и Херцеговина), Давид Албахари (Србија), Андреј Блатник (Словенија) и Гоце Смилевски (Македонија).
Антологијата досега е рецензирана во многу весници кои најчесто пофално се изразуваат за неа. „Зејди Смит во воведот напиша дека нејзе, како некој кој е образован во англоамериканската книжевност, понекогаш и’ е досадно да зјапа во четирите исти ѕида. Оваа книга и’ пружа алтернатива на таа перспектива“, напиша критичарката Сузи Фиеј во Financial Times. Воопшто, книгата предизвика голем интерес во САД.