Јас сум нервозен човек, растроен, измачен од противречностите на животот. Но кога ќе се појават и други противречности кои не секогаш му се својствени на животот, јас, едноставно, го губам разумот.
- Потопи ми ја главата, никаквецу... – го слушнав ладнокрвното предупредување во сонот од 14-годишната девојка Тања, која претходниот ден се обеси пред нашата врата. Всушност, еве што се случи. Како прво, таа воопшто не се обеси. Така реков, просто, поради убавиот стил на изразување. Тања ја пикна главата во некаква градежна машина, и кога нешто проработе во неа, машината и’ ја отсече главата, како на птичка, и главата падна на песокот. Како второ, тоа не се случи токму пред мојата врата, туку на некои стотина чекори од нашиот главен влез, на правливата сива улица, каде и се градеше нешто. Се самоуби поради непознати причини. Вистина, велат дека – еден или два часа пред смртта – на улица ја застанал некој маж со црн шешир и долго и’ шепкал нешто во увото. И и’ шепнал такви работи што таа решила да се убие. По настанот упорно го бараа шепкачот, ама не го најдоа. Не мислам дека шепкањето имало еротски карактер, имало во него нешто многу посериозно, пред сè, бидејќи Тања не можеше да ја исплаши ништо „еротско“. Мислам дека шепкањето алудирало на... Пст, пст, понатаму не кажувам ништо.
И така, само неколку часа по нејзината смрт таа ми се јави. Вистина, во сон...
А сега за нашите односи. Беа пристојни, тивки и речиси метафизички. Поточно, ние не се познававме и дај боже да разменивме повеќе од три-четири збора за животот. Иако беше наша сосетка. Ама постоеја некои погледи. Чудни, речиси нереални. Од нејзина страна. Особено запомнив еден поглед: отсутен, како кога малите деца ќе зинат од чудење, и истовремено неприродно празен, како да доаѓа од некоја бездна. Потоа сфатив дека таа воопшто не гледала кон мене, туку во некоја провалија, во некоја дупка на скалилата. А инаку, нејзиниот поглед секогаш беше обичен, ужасно обичен – со таков поглед може спокојно да се изеде една печена кокошка. И обратно, се случуваше погледот да и’ делува како кога мртвата кокошка гледа како ја јадат.
Тоа беше сè, меѓу нас ништо друго не се случуваше. И затоа, зошто таа дојде кај мене по смртта – не знам.
Едноставно дојде – и тоа е тоа. Па уште и со толку старомодно барање.
Но јас веднаш сфатив, уште кога за првпат ми се појави во сонот, дека тоа е сериозно. Сè е сериозно, и тоа што се појави, и тоа дека ми се појави токму мене, и тоа дека таа настојува да и’ ја потопам главата. И дека повеќе нема да имам спокој.
Се разбудив штом заврши сонот. Сета таа ситна, секојдневна нервозност веднаш ми помина, небаре во мојот живот влегла фантастиката. Го отворив прозорецот, седнав покрај него. Свежиот ноќен воздух беше во некаква загадочна врска со темнината. „Охо-хо-хо!“ – изустив.
...Заспав дури пред утрото. И повторно, иако околу мојот кревет веќе беше светло, се слушна истиот метален глас на Тања: „Потопи ми ја главата!“. Имаше нешто посилно од закана во нејзиниот тон. Дури посилно и од заповед.
Повторно се разбудив. Ништо не можев да сфатам. Во душата ми се случи некаква промена. Освен тоа, како да ослепев за светот. Можеби, светот стана играчка. Не се сеќавам точно колку денови и ноќи поминаа. Најверојатно малку. Но тие за мене беа слеани во една реалност, поделена одвнатре: денот беше слеп, бел, каде сè стануваше изедначено и ништо не се издвојуваше; ноќта беше вистинската стварност, но во темнината, како светлина, се издвојуваше гласот: „Потопи ми ја, потопи ми ја главата... Потопи ми ја, потопи ми ја...“ Гласот си беше истиот, како да доаѓаше од некаде над мене, но понекогаш во него се слушаа нестрпливи, хистерични ноти. Небаре Тања негодуваше, небаре се лутеше и почнуваше да го губи разумот поради нестрпливоста поради тоа што јас одолговлекувам со задачата. Таа нејзина женска нестрпливост конечно ме извади од такт. На крајот на краиштата, каде и зошто толку се брзаше? Тања сè уште не беше закопана, нејзиното тело лежеше во мртовечницата, а на родителите им кажаа дека главата е цврсто пришиена за телото. Не можам, како некој лудак, да се втурнам во мртовечницата, да предизвикувам скандал, да ја барам главата и така натаму. Ќе се согласите дека тоа би било сомнително. Дотолку повеќе што јас и’ бев никој и ништо. Можеби, нејзините родители би можеле да ја побараат главата, ама јас – не. А таа ми се обрати мене!
Јасно се сеќавам на нејзиниот закоп. Тогаш веќе почнав да размислувам што да сторам за да ја добијам нејзината глава. Но ме спречи тоа што беше погребана според христијанскиот обичај. Значи, не можев за време на погребот. Дури нејасно се надевав дека после таквиот погреб ќе се смири. Ништо. По закопот, нејзиното барање, нејзиниот глас, станаа уште побезумни и настојчиви.
По два дена се обидов да се обратам за совет.
Решив да одам во комсомолскиот реонски комитет. Се разбира, јас сум комсомолец, завршив универзитет; доброволно соработував во комсомолско-младинското историско друштво. Таму, во основа, се занимававме со минатото, посебно со светците и ѓаволите; едни беа привлечени од Тихон Задонски и Нил Сорски, други – со ѓаволите и шумските злодуси. А некои – и со едните и со другите. Тоа беше нашата комсомолска работа. И така, Витја Прохоров заземаше истакната положба во тоа друштво по партиско-комсомолска линија. Самиот тој беше мистичар, пушти брада и навраќаше речиси секој месец во Кижи. Знаеше неверојатно многу: од астрологија до тибетска магија. Потоа го префрлија во комсомолскиот реонски комитет, како раководител на културниот и научно-атеистичкиот оддел. И така, вториот ден по закопот на Тања се упатив кај него.
...Витја ме прими во неговиот мал и скромен кабинет. На ѕидот висеше портретот на другарот Луначарски. Откако погледна кон мене, од некое ќоше извади полулитарско шише водка и ми понуди да се одморам. Но јас веднаш, сиот нервозен и напнат, прејдов на работата. Сè му изложив од почеток до крај за Тањечка... Тој наеднаш се растажи.
- А на јаве, дење, ти се појавува ли Тања? – ме праша, дури не отворајќи го шишето со водка.
- Не, никогаш. Само во сон – му одговорив.
- Значи, работата е лоша. Кога би ти се појавувала дење, на јаве, подтекстот би бил поинаков, поедноставен.
- Така и си мислев! – извикав. – Само во сон! А дење нема никакви знаци, но во мене влезе некаква нова стварност. Сè е парализирано од неа, не можам да го видам светот. Само знам дека морам да и’ ја потопам главата!
- Во тоа и е проблемот. Таа твоја нова реалност е најстрашниот знак. Гласот е ситница во споредба со неа... Кога рече дека ја закопале?
- Пред два дена.
- Види, Коља, – рече Прохоров со прозаичен глас – набрзо повторно ќе ти дојде. Ама не во сон, туку на јаве, отелотворена.
- Како отелотворена?
- Многу едноставно. Сепак би требало да знаеш дека, на пример, светците и вештерите поседуваат способност да реализираат т.н. второ тело. Тоа значи дека можат, да речеме, да спијат, и истовремено да се најдат на кое било друго место, многу оддалечено, но внимавај, не како „призрак“ или „астрално суштество“, туку во истото физичко тело, во својот, така да го наречам, двојник. Понекогаш така им се појавувале на пријателите или учениците. Убави средби биле тоа. Се разбира, светците тоа го прават со помош на основните виши сили, а вештерите со помош на сосем други реалии... Како и да е, повеќе или помалку природно тоа може да се случи и кај најобичните луѓе, но само веднаш по нивната смрт... Накратко, повремено тие им се јавуваат на живите во дупликат, во своето физичко тело, иако трупот им гние...
- Можно е, навистина е можно – се согласив некако избрзано.
- Ех, Коља, Коља – ме погледна Прохоров. – Сè е толку едноставно во животот и смртта, а ние само усложнуваме и измислуваме сенешто... Меѓу другото, во Кижа еден старец многу интересно ми раскажа за неговата средба со покојната сестра... Ама, внимавај, со Тања сè е далеку посложено... Таа е необично суштество...
- Доста, Викторе. Сè ми е јасно. Нема потреба да продолжуваш. Подобро да се напиеме. Се надевам дека шишево не е сè што имаш од водка. 
И се опивме толку многу, како што одамна се немавме опиено. Прохоров дури и ја намокри својата фотелја. Комсомолската секретарка, полничката Зина, едвај нè извлече од кабинетот – право во грмушките, на тревата пред зградата на реонскиот комитет. Таму и спиевме до доцна во ноќта, благодарение на тоа што беше топло како лето и никој не нè вознемируваше. Комбињата кои ги собираа пијаниците обично оддалеку го заобиколуваат реонскиот комитет.
Доцна во ноќта едвај се довлечкав до дома. Празните и широки московски улици носеа мир и чувство дека тонам во бездна. Најпосле стигнав дома. Го вклучив светлото во мојата собичка, легнав на креветот. Ама не сакав да заспијам: се плашев од гласот на Тања.
Така истуркав уште два дена. Но веќе знаев дека не смеам да се двоумам. Морав да ја земам главата. Ама со мене завладеа некаква мрзеливост и апатија.
Дојде третиот ден. Си седев во собата, на тркалезната маса, и поради некоја причина вратата беше отворена кон ходникот. На масата се наоѓаше векна црн леб, излупена салама и солник. Солта беше малку истурена. „Ќе има карање“, мрзеливо си мислев, чистејќи ги трошките леб. Поради некоја причина погледот постојано ми беше насочен кон завесата – не таа пред прозорецот, туку кон онаа покрај мојот стар и грд ормар со неуредно закачените кошули, со моето палто и оделата... Таа завеса постојано се нишаше... Сè се случи брзо, речиси молскавично, како да се отелотвори некој дух. Тања едноставно излезе од ормарот. Станувајќи за еден миг, таа ми скокна во скут и со мачја умешност го прегрна мојот врат со рацете. Телото и’ беше многу тешко. Многу потешко отколку додека беше жива. Го чувствував на лицето нејзиното чудно и некако далечно-ледено дишење, кое истовремено оставаше впечаток на нешто многу живо, речиси притаен живот. Само очите не и’ги гледав. Каде ли беа?
- Татенце, татенце мило – брзо прозборе таа, обвивајќи ме со нејзиното дишење. – Задолжително да ми ја потопиш главата... Ме слушаш? Потопи ми ја главата...
Повеќе не слушнав ништо: длабоката несвестица ме спаси. Сонот, само длабокиот сон, е нашиот спас. Сонот без соништа. И уште подобро – вечниот сон, засекогаш. Ете каде сме безбедни!
...Се освестив кога веќе ја немаше Тања во собата. Конечно ме дотепа тоа дишење на моите усни: мешавина од животот и смртта. Ама почнав да се сомневам: навистина ли таа излезе од ормарот? Или можеби од зад завесата која вечно се нишаше? Или можеби само си влегла низ отворената врата? Меѓутоа, на почетокот не ми беше до тие прашања. Ме болеше тилот поради ударот со главата од подот. Столот на кој седев беше скршен. А солникот си остана на масата, покрај истурената сол... На крајот на краиштата, тој стол едвај го набавив од еден познајник – беше антикварен, редок стол! Си го купив како подарок кога ја напуштив сопругата. Можеби Тања, ако не си ја отсечеше главата, ќе станеше моја мила и вечна сопруга: во иднината, кога ќе потпораснеше малку. Би се венчале во црква. Како беше таа песна: „Зошто да се разделуваме, зошто разделени да живееме?! Зарем не е подобро да се венчаме и еден со друг да се сакаме “. И би тргнале на свадбено патување по Волга заедно со тој стар стол; толку е голем што на него можат да седнат дури двајца.
Баш ме интересира дали Тања би ми одговарала како жена? Вистина, иако тоа девојче беше пример за едноставноста, во него имаше нешто страшно, огромно, руско... Да, но зошто ме нарече „татенце“? Каков татко сум и’, поради што?!
А Прохоров, како по обичај, беше во право. Како што велат – партијата никогаш не греши. Повеќе не смеам да одолговлекувам и да ја влечам мачката за опаш. Мора да се оди на гробиштата.
...Зошто во нашите пивници секогаш има толку многу народ? Впрочем, можеби така е и подобро. Некако потопло. Ама мене не ми е дојдено до бакнувањето непознати луѓе, ниту до објаснувања, да речеме, со оној белокос пијаница покрај прозорецон, Андреј, кого го гледам за првпат... „Андрјуша, сфати дека без тебе не можам да живеам; веќе дваесет години мислам на тебе“... Сега сум присебен и реалистичен, наспроти лудата кригла пиво која ми ја труе свеста и ја фрла во силен и тежок мамурлак. Размислувам каде да најдам пари. Ќе мора да се продаде нешто, да се направи некоја ситна шпекулација. За нешто вакво ниеден гробар не зема помалку од триста рубљи. А тоа се големи пари. Тоа е еднакво на точно илјада и двесте вакви кригли пиво од кои може да се изгуби разумот. Гробарот, кој ќе го раскопа гробот на Тања и ќе го отвори нејзиниот ковчег, нема веднаш да ги испие сите триста рубљи. Иако знам дека сите гробари се големи пијаници, и својата мрачна професија секогаш ја извршуваат пијани, со матен поглед. А јас самиот и онака не можам да го откопам ковчегот: слаб сум и нервозен, а на гробиштата навечер има и чувари; треба да се знае времето кога чуварот обично спие или нешто слично на тоа...
Ми требаше уште една мачна недела за да дојдам до гробарот на Тања и уште веднаш сфатив дека понатаму нема потреба да барам: самиот ќе се согласи на такво нешто. Тој беше еден валкан, полупијан маж кој се викаше Семјон, со тежок, но некако детски поглед. Поради некоја причина на гробиштата го донесе и својот пријател – кој не работеше на гробиштата, но во кој имаше голема доверба. Ортакот се викаше Степан. Беше ситен, дебел и весел човек, речиси полуден од некаква радост. Можеби беше таков зашто му помагаше на гробарот. Најверојатно, голема среќа е да учествуваш во таквите работи не како главен, ама сепак да учествуваш.
Седнавме на еден трупец покрај тревникот, до зелениот киоск каде се продаваше пиво, близу гробиштата. Дебелата продавачка, продавајќи пиво, постојано потпевнуваше стари песни. Семјон веднаш отсечно ме праша:
- Зошто ти е главата?
Јас веќе имав подготвено приказна.
- Види, - реков со тажен глас – таа ми е внука. Би сакал да ја имам нејзината глава како спомен.
- Толку многу си ја сакал? – ме праша налудничаво веселиот Степан.
- Многу, а сега уште повеќе...
- Сега уште повеќе... Тогаш, јасно е – ме прекина Семјон.
- А каде ќе ја чуваш главата? – повторно се вмеша Степан.
- Ќе ја исушам и ќе ја ставам во формалин за да не изгние – одговорив, пивнувајќи си од пивцето. – А каде ќе ја чувам... Сè уште не сум размислувал за тоа... можеби кај бившата сопруга.
- Само немој да ја чуваш во клозетот – ме предупреди Степан. – Таму секогаш влегуваат гостите, пријателите. Не е пријатно...
- Не е битно – го прекина Семјон. – Нека си ја чува каде што сака. Тоа не е наша работа. А што ќе им каже на другите – исто така не е наша работа. Ние и онака најдовме работа на Колима и набрзо заминуваме. Таму никој нема да нè најде.
- А, момци, дали сте уверени дека сè ќе помине во тајност? – прашав.
- Ние си ја знаеме работата. Не си ни првиот...
Сега мене ми дојде редот да се чудам
- Како мислите, не сум ви првиот?!
- Ех, се гледа дека врска немаш – се насмеа Семјон. – Се случува. Меѓу нас има и такви како тебе, плачковци. Пред половина година имаше една студентка: заборавила да земе прамен од мртвиот сопруг. Рикаше како некоја крава. Моравме да го откопаме. Се случува некои да бараат копче, но најголемиот дел сакаат да земат прамен. Сешто имам видено. Една госпоѓа бараше само да ѕирне во ковчегот, иако поминале десет години од закопувањето на сопругот, чисто од љубопитство. Има секакви луѓе. Вистина, ти си првиот што бара да се исече главата, ама се гледа дека си од широка природа, дека силно ја сакаш. Ама, знај, за прамен или за ѕирнување од љубопитство земаме стотка, па и сто педесет, зависи од муцката. А за главата, вади двесте педесет – без приговор.
- Се разбира... А треба ли да присуствувам? – прашав.
- Зошто? – се зачуди Семјон. – Ако се работеше за прамен, тогаш, се разбира дека ќе требаше да присуствуваш, можеме да ти подметнеме туѓ, иако ние сме чесни луѓе. Ама невозможно е да ти подметнеме глава, дотолку повеќе што од погребот поминале само недела-две. Степан и јас сами ќе го средиме тоа. Ах, конечно и вотката излезе од џебот! Тури, Степане, во три чашки, ти гледаш подобро... Да, значи, треба да се договориме за средбата. Да извршиме размена на стоката – ние тебе главата, ти нам парите, нека и’ е лесна земја...
Сите замолкнаа. Ги чукнавме чашите со вотка, за да тргне работата.
- Беше добра девојка – се растажи Семјон. – Јас ја закопував. Беше тивка. Сега не чувствува никаква болка, за разлика од нас. Ех, животу, животу! А јас веќе го пропив својот труп, одамна го продадов на анатомскиот институт...
Решија да се најдеме по еден ден, наутро, пред гробиштата, пред влезот на зградата со број три кој беше мрачен, пуст и валкан. Сите часови до тој миг ми се чинеа како да беа исполнети со светлина, и само гласот на Тања кој се јавуваше во сонот звучеше тивко, дури и нежно. Некако далечно, но со проштален тон. И мртовците се луѓе. Сè сфаќаат, сè чувствуваат, многу подобро од нас, проклетниците, иако на друг начин. Значи, сфаќаше дека нејзината желба се остварува. Ќе и’ ја отсечат главата во ковчегот и ќе ми ја донесат во вреќа кај влезот. Таа силно го посакуваше тоа, а зборот на мртовците е закон. И уште велат дека ако силно сакаш нешто, тогаш тоа се остварува. Не беше залудно молењето на Тањечка. Би било добро кога сите луѓе на планетава би го посакале истото што и Тањечка. Сите луѓе, во Америка, во Европа, во Азија, насекаде, подеднакво живи и мртви, бидејќи сега живите не се разликуваа од мртвите – трупови скитаа на сите страни. И не би морале да им ги потопиме главите, туку би ги ставале на еден куп кој би стоел така до Судниот ден. И онака не ни остана уште многу да чекаме. Со тоа би се отстраниле сите патемни, секојдневни стравови: би немало никакви атомски војни, ни револуции, ни еволуции...
Впрочем, зошто да се зборува за таа глупост, за нашите секојдневни стравови. Мислам дека телото во кое ми се појави Тањечка и со кое ми скокна во скут, прегрнувајќи ме со рацете околу вратот, ќе биде истото тело во кое ќе се покаже кога ќе дојде Судниот ден. А можеби и грешам. Треба да го прашам Прохоров: тој знае сè, не е залудно комсомолски раководител...
Дојде и тој час. Стоев пред влезот на зградата со број три, во сенка. Во џебот имав карти за заминување надвор од градот, на реката... каде инаку би ја потопил, сигурно не во реката Москва – наоколу врие од милиција, а и водата не е чиста. Надвор од градот е подобро, таму има езера, чиста и студена вода, длабока, и од таквото дно главата на Тања никогаш нема да исплива на површината.
Семјон и неговиот помошник, обрѕнувајќи се зад себе, доаѓаа накај мене; во рацете на Семјон се наоѓаше една торба. Мислев дека сè ќе помине многу поедноставно. А наеднаш – ненадеен страв, небаре нешто ми препукна во срцето... Необично потскокнувајќи, гробарите ми се проближуваа. Поради некоја причина Семјон силно ја клатеше торбата, како да сакаше да ја фрли високо во синото небо.
Разговорот беше краток, без трошка срдечност.
Главата... Парите... И тоа беше сè.
- Погледни, за секој случај – промрморе Семјон. – Ние не сме измамници.
Се стресов и погледнав во црната челуст на огромната торба. Од нејзиното дно блеснаа очи – да, тоа беше Тања, истиот поглед како и додека беше жива.
Им платив и се упатив кон железничката станица. Фатив такси. Главата ми ја дадоа заедно со торбата за да не губиме време околу префрлањето. Торбата беше црна, ветва, и беше очигледно дека порано во неа носеле компири – мирисаше. Од милиционерите не се плашев поради некоја причина, односно, не се плашев од случајностите. Ме водеа боговите. Успеав да влезам во преполниот електричен воз.
Во возот беше многу тесно и задушливо, многу луѓе стоеја во ходниците, збиени како сардини. Немаше каде да се згазне. Се плашев дека некој може да ми стапне на торбата и да се случи скандал. Сепак, Тања ме молеше да ја потопам. Неочекувано, една старица – небаре беше пратена од господ – ми го отстапи местото. Не знам поради која причина. Најверојатно на лицето имав многу измачен израз, па се сожалила над мене, бидејќи одела в црква.
Не се сеќавам колку патував. Многу долго. Еве ја и реката. Ни заблеска во очите – оддалеку, со својата студена, разбранувана и прекрасна маса. Велам, ни заблеска нам, бидејќи сум убеден дека и Тања, таму во торбата, гледаше сè. Мртовците умеат да гледаат низ предметите. Вистина, таа не ми врати ни со воздишка, ни со стенкање – бесконечно молчеше како и претходно. А и зошто би воздивнувала? Сама молеше за сево ова. А со каква цел – можеби, само таа си знае. Освен тоа, Прохоров рече дека Тања е необична.
Па сепак, добив желба да ја прашам Тања. За нешто страшно, осамено, бескрајно длабоко... Во умот постојано ми се вртеше: „Дали е изгубено сè... дали е изгубено сè... таму, после смртта?“ Можеби требаше да ја турнам со коленото додека се наоѓаше во црната торба, па така ќе зашуштеше едвај слушлив одговор... Ако изусти макар еден единствен и страшен збор, а не нежност, нема да издржам и ќе викнам, ќе ја исфрлам уште овде, во вагонот, врз палтата на овие испотени луѓе! Или едноставно: со скаменет и тап израз на лицето, ќе ја извадам нејзината глава пред сите и ќе ја бакнувам сè додека не ми го пружи утешниот одговор.
...И така, се најдов на брегот. Нема никого. Ми остана само да се наведнам, да ја фатам главата на Тања со моите раце и да ја фрлам длабоко во реката. Но поради некоја причина одолговлекувам. Зошто, зошто? Ох, знам зошто! Се плашам дека никогаш повторно нема да го слушнам нејзиниот глас – тивкиот, заканувачки, молежлив и безумен глас кој ми стана близок и ми се приврза за душата. Зарем тој студен и далечен глас од бездната може да му биде близок на човека? Да, да, јас можеби дури и сакам таа да ми доаѓа, отелотворена, иако страшно отелотворена – да излегува од ормарот, од зад завесата, од небото, од под земјата, но само да ми доаѓа. И да ми седне во скутот, и да ми шепка нешто. Ама јас знам дека тоа нема да се случи ако ја фрлам главата.
Но не можам ни да не го послушам гласот од бездната. Ах, Тања, Тања, колку чудно суштество си ти! Руска верзија на Лолита? Глупости, тоа дури е смешно. Каква е таа Лолита? Тоа би била бесмислена споредба...
Но зошто, зошто толку сурово си пресуди себе си? Да се пикне нежното главче под железната машина! А можеше да си седиш овде и да си пиеш чај покрај самоварот. Но очите, твоите очи – тие никогаш не беа нежни...
Е па, прости ми, дете мое. Збогум!
Со отсечно движење ја вадам главата. Очите ми се замаглија. Не гледам ништо. А и зошто би го гледал овој страшен и предодреден свет? Нека е проклет! Во него нема бесмртност!
Ја фрлам главата на Тања во водата.
Воздишка, клокотење на вода...
П.С.
Подоцна дознав дека човекот, кој и’ се приближил на Тања пред нејзиното самоубиство и кој и’ шепнал нешто во увото, бил Прохоров.
Превод од руски: Ѓорѓи Крстевски