Име си е име – сè додека е Александар

23.02.2010 13:27
korica_sreda23.02.jpg

Пред некој ден гледав хокеј на Олимпијадата. Yanks во дворот на Canucks. Краен резултат 5:3 за Јенкиве, по што се слушна еден хистеричен САД репортер: “tremendously tremendous” (стравотно страшно; или ужасно неверојатно, итн). Чиниш му падна на човекот вилицата – ко нам, после голот на Артим Шакири во мрежата на Симан. Ме натера да се замислам за последниот настан кој ме оставил без зборови и ми го исцицал големото его „александрово“. Голот на Шакири (ама за беља, етнички Албанец е, па најверојатно нема да заврши работа за „вистинскиот македонски патриотизам“) башка го гледав на Youtube, па не се важи. Кометал Ѓорче Петров своевремено, исто така на Јутјуб. И тоа не се важи. Трпчески пред години во Линколн центар. Ама при таа возбуда немаше многу присутни Македонци со кои можеше да се сподели.

Мала држава, тоа ти е. Нема голем спорт, нема голема уметничка култура, нема ресурси, нема... па оттука нема ни успеси на коишто народот заеднички ќе им се радува. Но, кога нема реални постигнувања, можеме да импровизираме. Па ете, ни градат споменици, „вистински македонски“ за да има каде да се собираме кога ќе ни се игра, вика (и боксува) – „чекај ме кај споменикот, ако си машко!“ (се плашам дека и малкумината преостанати мажи ќе ни се подзагубат откако ќе се изгради замислениот лавиринт од луна паркот). Но, сето тоа не значи дека нема што и пред што да останеме занемени, зашто македонштината можеби нема добар спортски тим, ама е и тоа како умее да понуди вонпросторни и надреални идеи и испади, способни сите да ги остават без зборови.

И одеднаш ми текна... Си ја собирав вилицата од по земја неодамна, на прикажувањето на Име си е Име. Секогаш е возбудливо кога нешто македонско ќе се промовира во светот. Тоа што освен Македонци во публиката ретко кога има забележлив број странци е небитно; важно режисерот е странец, а види, и тој e на „наша страна“. И навистина, на чија друга може да биде кога потрошил цела филмска лента на „опевање“ на македонштината видена низ очите на војводите Паско, Груевски и еден млад дечко кому ја подместиле желбата за образование, но кој (како што тврди во филмот) не може да си ја оствари оти ете, Европа ја држи Македонија „заробена и изолирана“и тој „нема каде да запише магистерски“.

Но, за да не го уништам впечатокот на љубителите на „големите“ документарни филмски остварувања, ќе скокнам на настанот пост-филмот кој се состоеше од прашања за режисерот од публиката. Значи, откако публиката се „стопи“ од соочувањето со сопствената „големина“ и се „утеши“ зашто Паско Кузман го има копчето за контрола на „Третата светска војна“ во свои раце, скокна задоволно и почна да ги поставува клучните прашања: Кога ќе се прикаже филмот во Грција? А ќе го прикаже ли таму доколку му дозволат Грците? А кога и каде ќе се прикаже следно, за светот конечно да сфати „кои, од што и што сме ние Македонците“ и да престане со „оваа неправда кон нас“? (неправдата е секако премисата: намерното изолирање на Македонија од страна на ЕУ и светот под притисок на Грција поради името).

Значи, прашањата на публиката не беа невообичаени за гордата македонштина. Да заспие човек. Сè до моментот додека не одѕвони глас од кој провеја перфектен англиски. Монолог! Типично за Американците. Но, нетипично суптилен обид за потенцирање на реалноста пред гунгулата од слепци.

Се испостави дека станува збор за професор по славистика, кој „е импресиониран од идејата да се промовира богатството на македонската култура и го поздравува обидот, ама за жал останал малку разочаран“. А разочаран е, зашто како што рече (парафразирам по сеќавање) „доколку некој навистина сака да ја промовира македонската култура и сè она што Македонија му го дала на светот, треба да почне да го промовира јазикот“. Оти катедрата на којашто работи сигурно не за џабе „го започнува секој семестар со предавања за основата на словенските јазици – македонскиот јазик“. И според него, жално е што се чини дека вистинската култура се потиснува од страна на македонските власти и Македонците, и наместо неа се форсира „култура“ вкоренета во „Александар Македонски“. Според него, едноставно не е потребно да се копа по некакво си античко богатство кога сè што ни е потребно веќе го имаме; и сè што треба е да почнеме да ги промовираме вистински македонските работи.

Амин?! Аплауз!?

Мало морген! Се накостреши инфериорноста и се покажа сељакот (не селанецот) кој, како што велат постарите, „можеш да го извадиш од калта, ама калта од опинокот му тешко“ и почна да свирка, и неумесно да се обидува да го прекине Американецот. Следеа одмавнувања со раце од типот на „ај добро – ок, стари, доста е“! Луто Македонче!
И успеаја. Го прекинаа. Победија! Навистина, какви се овие бладања за „словенски јазици.“ Не дозволува Македонецот некој така лесно да му го скрши убаво замислениот филм на најголемиот Александар меѓу Александровците! Нема шанси. Кириловци, Методијевци.... ма дај! Ацо ни е доволен! И точка! Друг муабет не ни треба! Вашата пофалба (драги Американци) најмалку! (јес да и јазикот ни го негираат, ама за тоа ќе пуштиме да им се симне Филип!)

Си остана Американецот сам и „замолчен“. Му остана и вилицата на земја најверојатно, како што ни остана на сите нас (малкумина) „одродени“ (по најново) од македонштината, самопрогласени „патриоти“. Со здрвени и клапнати вилици останавме да молчиме. Не иде да се смее човек – оти таквата смеа носи ножеви во стомак.

По сè ова, изгледа дека налудничавоста на политичките лидерите можеби и може да се оправда: станува збор за позиција од моќ и борба за одржување на истата. Но ваквата, сè почесто покажана (и посакувана) наполна отсеченост на Македонците од реалноста, за жал, многу потешко се вари.

Македонштината се сведе на пар опинци, затскриени зад пар чизми Бандолино купени на кредит. Ќе се искачи Македонецот и на Олимп во нив, па што сака нека биде. Па и на сметка на Кирил и на Методиј, и на Петре М. Андреевски и на Конески. На сметка на сите оние кои доколку никогаш не се родеа, тој, Македонецот, ќе останеше да лае како куче – како што велеше еден шегољубец. Но, одамна не е смешно.

Значи, сè поретко и помалку ме изненадува и фрапира налудничавоста на Груевски и неговите владини поданици. Она што навистина ме плаши се резултатите од нивните идиотски проповеди со кои ги потхрануваат веќе создадените чувства на самопрезир, понизност и зависност кај народот. Немаштијата, невработеноста, немањето основни услови и целокупната општествена мизерија во која што живееме е поле за негување вредносни и умствени капацитети својствени (како што би рекол Маркс) на кучињата – полни со самопрезир, подмитени, потчинети...

И така кучињата лаат на погрешни адреси, а караванот си врви. Караванот кој (иако можеби ќе прозвучи како претерување) брише сè македонско. Но, реалноста укажува дека Македонецот е сè помалку свесен за, на пример, еден Петре М. Андреевски, а сè повеќе го опејува и се идентификува со холограмот на светски познатиот војсководач кој притоа си го кали по свој терк (нека се осмели некој Американец, ако смее, да ја спомне претпоставената хомосексуалност на Александар Велики, па ќе си ги собира и забите по земја!)

Ми се чини дека доколку имаше Олимпијада на срамот, златниот медал „tremendously tremendous“ никој немаше да ни го земе. Вака, останува само да се надеваме дека оваа заслепеност кај дел од народот, ќе заврши пред да биде премногу доцна.

Слики: John Wentz

доколку некој навистина сака

доколку некој навистина сака да ја промовира македонската култура и сè она што Македонија му го дала на светот, треба да почне да го промовира јазикот“ и не само јазикот туку и писмото и писменоста кои се создадени тука во Македонија, од нашите просветители Кирил и Методија, Климент и Наум, основачи и на првиот универзитет во Охрид во Македонија! Малку е познат фактот дека Русите се покрстени и го прифатиле христијанството токму под Охридската Архиепископија со седиште во Македонија, основана од Јустинијан Први роден во Македонија (Тауресиум чии остатоци денес се наоѓаат на месноста Градиште, над с.Таор (скопско)). Македонија има многу што да покаже и со што да се гордее.

А еве би сакал да изнесам и

А еве би сакал да изнесам и некои историски и актуелни факти, чисто колку да си ги знаеме, за да ни користат при дебати, написи и разговори. При посетата низ повеќе краишта на Македонија во 1844/45 рускиот славист Виктор Григорович забележал дека:  скоро секаде најчести имиња се Александар и Марко, што укажува на споменот меѓу народот за овие двајца владетели. Името Александар е почесто од Марко. Исто така овој ценет руски славист е првиот човек што запишал македонска народна приказна воопшто (!), а тоа била приказната „Цар Филип сос слонце чинит облок“ од Островско (Егејска Македонија) посветена на Филип II Македонски. Јас потполно ве разбирам дека вас ве нервира потенцирањето од власта (за жал) дека ние имаме врски со Античка Македонија, што вие го сметате за национализам и ретроградност, што донекаде може и да се сфати дека е така. Јас се согласувам и мене ми се смешни и ми сметаат глупости од типот на молитвите на Ниче, или двата античко македонски јазици на Атанас од АТВ. Меѓутоа колку и да ви смета таа претенциозност на нашата античка историја, античка Македонија и античките Македонци се реалност во нашата култура и идентитет. Еве да ги тргнеме на страна Ѓорѓија Пулевски, Исаија Мажовски, Димитар Македонски, П.Р.Славејков и да ги отфрлиме буквално сите тези и теории за наша поврзаност со античките Македонци, пак ќе ја имаме основата за поврзаноста со нив, а тоа е сакако преку името на нашата земја Македонија, нашето народно име Македонци, името на нашиот јазик, култура и идентитет како македонски кои потекнуваат токму од нив, од античките Македонци. Името Македонија кое го носиме потекнува од нив и тоа ни е единствената јасна и најцврста врска со нив, макар и да немаме ниту една најмала допирна точка на било која основа (јазична, етничка, расна, културна, историска). Поздрав

Ги заборавив актуелните

Ги заборавив актуелните факти: според податоци за заводот за статистика најчесто машко име во Македонија е АЛЕКСАНДАР, а најчесто женско име е МАРИЈА! :) За најчесто име на автопати во Македонија сигурно е Александар, затоа што ниту еден друг автопат не носи лично име на историска личност, за аеродроми изедначени се имињата Александар и Павле, ама за училишта и образовни установи сигурен сум дека Гоце е најчесто име. Име си е име и без име не се може!!! :)

„При посетата низ

„При посетата низ повеќе краишта на Македонија во 1844/45 рускиот славист Виктор Григорович забележал дека:  скоро секаде најчести имиња се Александар и Марко, што укажува на споменот меѓу народот за овие двајца владетели. “
 
Умен тој наш Марио, цели реферати напишаа  главче не уклучи. Ај сеа отиди и провери ја фреквенцијата на името Александар во светот. Ако не можеш да се снајдеш, кажи, ќе се најде некој да ти помогне. Има листи по региони, означи ги оние кај што е „најчесто“ (кога ќе дојдеш до 10, застани - и помисли што си научил). 

Умен тој, а безимен јунак!

Умен тој, а безимен јунак! Вклучи го главчето, да го разбереш тоа што сакав јас да го кажам. Па се разбира дека Александар е едно од најчестите и најраспространетите имиња низ светот, доказ дека историското наследство на Александар припаѓа на целото човештво, туку нејсе, ај да не те возбудувам и распалувам, па прерано да ејакулираш. :):):) Инаку тоа што го пишав се лични зборови запишани од Виктор Григорович, не ги измислив јас.

 I kakva vrska imaat tvoite

 I kakva vrska imaat tvoite referati za Grigorovich i tekstot? Ili od naslovot i boldiranite izvadoci povekje ne procita?

Se soglasuvam deka

Se soglasuvam deka opsednatosta so antichka Makedonija e preterana i vo golema mera e reakcija na nacionalistichkata politika na Grcija, no Vie, draga Ana Angelova begate vo sosema druga krajnost, sto e ne pomalku plitko. Nie dolgo vreme sme go negirale nasheto kulturno nasledstvo od antichka Makedonija, na istiot nachin kako momentalnata tendencija da se stava na vtor plan nasheto slovensko nasledstvo. Neznam kako precenivte deka tokmu makedonskiot bil majka na site slovenski jazici, koga vsushnost vo vremeto koga se pishuvala glagolicata toj se smetal, i seushte se smeta vo naj-golem del, deka e bugarski slovenski dijalekt. Da ne zaboravime deka glagolicata bila sozdadena za hristijaniziranje i opismenuvanje na naselenieto vo ramkite na srednovekovnata Bugarska drzava, kade sto Makedonija e samo oblast. Taka da, precenete sami, dali nie mozeme da go zastitime nasiot identitet ako se potpirame na nasite slovenski koreni ili na nasite anticki koreni? Vsushnost, vistinata e deka, kako mnogu od nashite sosedi, taka i nie sme meshavina od kulturi i etnosi, i namesto podednakvo da se gordeeme so nasheto kulturno nasledstvo vo celost, nie se treskame od ednata krajnost vo druga, pritoa jadejki se megjusebno.   

Анонимен,авторот не вели дека

Анонимен,авторот не вели дека македонскиот е основа на словенските јазици само пренесува туѓа изјава. Не како факт, туку за да илустрира колку македонецот е заслепен и на што почнува да скока така потпален од своите лидери. Просто и едноставно доловено, ама за тие што не знаат да читаат (многу се) тешко е најверојатно да сватат па како слепци се фаќаат за "фактите" во секој текст и неповикани држат предавања.

a pa vie ste sepovikani i se

a pa vie ste sepovikani i se znaete. Ne vi odgovarat komentarite i odma nepovikan bil covekot,a? Stom ima mesto za komentiranje pod sekoj tekst znaci sekoj e povikan i dobrodojden da komentira sto saka, osven ako ne zabranite komentiranje ili ako ne napisite deka coekon e nepozelen na vasiov sajt. E bre liberali, borci za sloboda za pederi i lezbejki edno sprotivno mislenje ne mozete da prifatite

Sekoj e dobredojden, kako

Sekoj e dobredojden, kako shto e dobredojden i komentatorot koj ima sprotivno mislenje od prethodniot komentator.
So pocit,
Borcite za sloboda za pederi i lezbejki (pomegju drugoto)

Ана Ангелова, те молам

Ана Ангелова, те молам одговори ми на следново прашање:
Зошто кога Ромите (етничка група), ги бараат своите корени (Северна Индија, дојдени во Европа пред околу 800 години) тоа се нарекува (секако, во еден поширок контекст) Еманципација, а кога Македонците (етничка група) ги бараат своите корени, тоа се нарекува, понижувачки „Антиквизација“?
Се плашам дека нема да добијам одговор...
 

А бе Чаки, и Македонците

А бе Чаки, и Македонците можат да ги бараат корените кадешто сакаат, ама кога упорно се инсистира на нешто што е историски непоткрепено, нормално е за тој политички проект, за кој владеачката партија оценила дека може да и го крене рејтингот, бидејќи на луѓето им го кажува оноа што сакаат да го чујат, да се смисли и соодветно име, во случајот ’антиквизација‘. А зошто антиквизаторите барањето на корените зад Карапатите, со доаѓањето што се случило пред 1300-1400 години и кое е поткрепено со безброј хроники, документи, јазичниот континуитет, промената на топонимите во Македонија по доаѓањето на Словените, го нарекуваат ’карпатизација‘. Ај да видиме што одговор јас ќе добијам.

Слични статии

Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова

ОкоБоли главаВицФото