Збркана гордост

24.02.2010 10:33
parada.jpg

Деновиве во Ташкент е започнат судски процес против Умида Ахмедова, авторка на одредени документарци и фотографии, кои се повод за обвинението за „клевета и навреда на узбечкиот народ“. Кога прочитав дека непосреден повод за „обвинение на уметничката била нејзината фоторепортажа за секојдневниот живот во Узбекистан“, веднаш побрзав на интернет да ја најдам злонамерната фоторепортажа.

Не сум роден во Монтреал, Цирих или Лондон, па дури ни во Варшава, и се сметам себе си за искусен за овие работи. Веднаш сфатив што на просторот на поранешната империја може да биде квалификувано како клевета или навреда. Не очекував никаква реална клевета, се разбира, но сепак се надевав на прикриена алузија која (морам веднаш да кажам) во никој случај не би можела да се толкува како „навреда“, а уште помалку како „навреда нанесена на еден народ“ од страна на кој било заинтересиран современик.

Ништо! Таму, едноставно, нема ништо што кој било, колку и да е злонамерен, би можел да го окарактеризира како „оцрнување“ или порнографија. Дури ни блиску до тоа! Од таа фоторепортажа извираат само човечката топлина, човечноста и волшебната убавина, неверојатно трогателна во отворената љубов кон својата земја. Уште од првата фотографија заборавив и на „судскиот процес“ и на „клеветата полна со навреди“. Само се каев што немам пропатувано низ тие прекрасни предели и размислував како да појдам таму што е можно побрзо. Од полумракот на сеќавањата пред очите ми помина трепкавиот стих: „Зошто им сторив зло на сите, јас, злосторникот со лице од чемерна боја? Го приморав сиот свет горко да плаче, над сета убавина на земјата моја“.

Ете ви ја таа клевета!

Всушност, аргументот на „навредените и клеветените“ ми е сосем разбирлив. Тој се заснова на длабоко архаичната претстава за тоа дека сликата за што било мора да биде приказ на празници и паради, колоритен опис на изобилието. Чекај, чекај, сакаш да ме сликаш? Да ме фотографираш? Почекај само секунда да облечам отмена наметка и да ставам нова капа на главата. Сигурно не сакаш да ме сликаш ваков, полугол и испотен, со мотика во рацете? Еј, тоа е веќе клевета! А кога ќе размислам малку повеќе, и навреда. И добро, ако на сликата стојам сам, тоа се простува. Ама, ако има народ! Самиот знаеш на што мириса тоа. Не морам да ти објаснувам.

Убавината не е она што секој ден го гледаме околу себе, она што навистина се случува околу нас, туку она што го нема, а би било добро кога би го имало. На тој едноставен принцип се темелеше сета естетика на социјалистичкиот реализам.

Тогаш се сетив дека пред некоја година, исто така на интернет, најдов поинаква фоторепортажа. Беше тоа галерија фотографии од Туркменистан, земја-сосед на Узбекистан. На фонот фонтани што прскаат вода, држејќи книги во рацете, се смешкаа девојки во фустани со цветни шари. Кон чистото сино небо се извишуваа златните статуи на Големиот и Мудриот Туркменбаши, а во празничниот сјај, како балони кои само што не пукнале, се смешкаа добро ухранети деца.

Искрено кажано, разгледувањето на туркменистанските слики во мене предизвика детска радост. Повторно ги слушнав познатите мелодии од мојата детска градинка и со носталгија се сетив на нашите детски приредби. Небаре случајно на таванот на вилата најдов укоричен комплет од неделникот „Огонек“ од 1952 г. Поради силните источњачки бои овие слики изгледаа поинаку, но по својот дух тие беа во целосен склад со радоста и останатите простодушни чувства кои ме опседнуваа пред педесет години. Каква живописност! Каква нежност! И на крајот на краиштата, каков восхит!

Ми останува само да ги жалам луѓето од Запад кои го немаат ова искуство. Тие никогаш нема да го сфатат ентузијазмот со кој како деца го читавме и читавме, сè додека не се искине, илустрираното списание „Кореја“. Тие не разбираат дека во светот сè уште постојат места каде љубовта кон Таткото на нацијата не предизвикува срам, туку се негува со праисконска страст. Тие не разбираат дека кога саканиот водач на нацијата милува, бакнува, допира и штипка деца од обата пола, тоа не е педофилија туку само грижа за иднината на народот. Тие не ја разбираат сета сложеност на чувствата кои се придвижуваат во нас додека ги гледаме тие толку далечни, а истовремено толку блиски слики. А заплетканоста на тие наши чувства се состои во тоа што ние од една страна се присетуваме на нашето минато (а секогаш се сеќаваме со носталгија), а од друга страна, мило ни е што некаде е уште полошо од кај нас.

Збркана гордост од сличен вид чувствувавме кон крајот на 60-те години додека ги читавме вестите за културната револуција во Кина. „Не е можно“, велевме. „Изгледа дека постои место каде е уште полошо од кај нас. Ние не сме најлошите.“

Отприлика исто толку збркана, бедна и срамна двосмислена гордост доживувам и денес читајќи за „клеветите и навредите нанесени на узбечкиот народ“, и мислам на тоа дека кај нас, иако изгледа, сè уште не е толку лошо. Засега.

Извор: Грани.ру

Слични статии

Општество
Општество
Општество

ОкоБоли главаВицФото