Најдобрите хорори од изминатата деценија

25.02.2010 12:44
Horror Wallpapers Poze Horor Desktop.jpg

Влегувањето во новиот милениум не ги ги приближи значајно луѓето до „новото доба“. Новите кризи и новите проблеми, заедно со оние старите, донесоа нова напнатост, нова несигурност, нови стравови – а со тоа и нови поводи за вакцинација со фиктивни стравови со цел зајакнување против оние реалните.

Најдобрите хорори од првата деценија на третиот милениум не донесоа радикално поинаков однос кон праисконските стравови, без оглед на тоа што некои од нив носат алузии на современите стравови (од психопати и насилство во сопствениот дом, од тероризам, пандемија или сеопшта катаклизма...). Спојувајќи ги архетипските стравови (од мракот, странците, самотијата, губењето на идентитетот, смртта итн...) со актуелните стравувања, хорор филмовите во 21-от век беа повеќе од барани и гледани. Нивната улога и понатаму се состои од осцилирање помеѓу две крајности: меѓу едниот облик на ескапизам (како производи на индустријата за забава) и критичкото преиспитување на стварноста (низ авторската, индивидуална визија на човековата состојба).

Во смисла на трендовите, највпечатлив е оној со доминацијата на азиските кинематографии, а пред сè, на јапонската. Јапонскиот хорор на голема врата влезе во светот во 1998 г. со филмот Круг на Хиде Накате, што овозможи уште посилна продукција на овој жанр во регионот.

Напоредно со подемот на јапонскиот хорор, видлива е стагнацијата на хорор-велесилата, Америка. Во 21-от век САД влегоа креативно банкротирани, и тоа не се однесува само на внимателниот и реакционерен Холивуд туку и на неговата алтернатива во вид на „независни“ студија и нискобуџетните продукции. Американскиот Б-филм, некогашниот златен рудник на најдоброто од американскиот хорор (Џон Карпентер, Џорџ Ромеро, Вес Крејвен...) во новиот милениум стана подеднакво неинспириран како и неговите побогати холивудски роднини, со ретки траги од некогашната виталност и енергија.

Најкрупната новина која Америка му ја даде на хоророт во 21-от век е новиот под-жанр, т.н. „torture porn“, во кој се воскреснуваат некогашните slasher формули (претежно шумски варијанти, слични на Петок 13, со понекоја урбана варијација) и survival хорорите, со засилени дози на многу поинвентивен и развлечен садизам кон жртвите. Наместо да ги средат за само неколку секунди со еден рез преку грлото или еден замав на секирата, како во старите добри времиња пред неколку децении, денешните психо-убијци сакаат да ги затекнат своите жртви во мрачни и валкани подруми и долго да се изживуваат над нив, со многу вресоци, солзи, модринки, крв, бодликава жица, ланци и куки.

Освен тоа, најкрупниот тренд во американскиот хорор е безусловното римејкување на класичните Б-хорори со значајно поголеми буџети, со сексапилни модели и ТВ ѕвезди во главните улоги, како и со играњето на сигурно кое никогаш во историјата на хорорите не произвело ништо друго освен медиокритетизам. Затоа таква судбина ги снајде речиси сите обиди за оживување (или поточно: за заработка) на старата слава, освен неколкуте исклучоци кои вредат да се споменат, како што е новиот Ридовите имаат очи (2006) или заглупавениот, но сепак делумно солиден американски Круг (2002) како зачетник на трендот на американизирање на азиските хорори.

Поради морничавиот американски опуртунизам и непостоењето млада крв меѓу новите поколенија кои би ги наследиле остарените или починатите мајстори, во западните кинематографии сè повеќе од Американците штафетата ја преземаат Англичаните, Шпанците и - малку изненадувачки - Французите. Иако Франција до неодамна немаше некоја посебна традиција на висококвалитетниот хорор, последниве десетина години произведе изобилство одлични и брутални хорори во кои се распламтува искрата автентична жанровска мисла која во Америка речиси и да згасна.

Следат десетте најдобри хорор филмови снимени во светот во периодот 2000-2009. Единствени критериуми беа естетските квалитети, односно максималното користење на сите потенцијали на хорор жанрот за уметничка и смислена креација на реални мрачни светови. Оваа листа не може да се смета за апсолутна или за листа која ќе ги задоволи сите гледачи.

10. PULSE – Кјоши Куросава (Пулс; Јапонија, 2001)

Група студенти се обидуваат да ја откријат тајната зад бранот самоубиства во Токио, кој на некој начин е поврзан со интернетот и собите чии прозорци и врати се облепени со црвена самолеплива лента.

Новите технологии овде се извор на стравот. Интернетот во „Пулс“ буквално се претвора во премин преку кој мртвите души од „онаа страна“ ги грабнуваат „мртвите души“ кои од оваа страна на мониторот безживотно зјапаат во нивното треперење... Одличната камера и густата атмосфера на закана, како и неколкуте незаборавни сцени на ужас, го збогатуваат овој самрачен, артистички страшен филм.

9. FRAILTY – Бил Пакстон (Кревкост; САД, 2002)

Две момчиња растат со татко кој наеднаш станува убеден дека Бог му подарил моќ да гледа демони во навидум нормалните луѓе кои мора самиот да ги убива, со помош на синовите.

Потресна и уверлива семејна драма која апелира на еден од основните стравови: што ако некој наш близок стане – чудовиште? Ужасот не е содржан толку многу во убиствата кои ги извршува таткото, колку во обидот на момчињата да го сфатат суровиот свет на возрасните и неговата често збунувачка логика.

8. 28 DAYS LATER – Дени Бојл (28 дена подоцна; В: Британија, 2002)

Човек се буди во болница, по 28 дена откако поголемиот дел од Англија е преплавен со бесни зомбија. Скита низ пустиот Лондон, а потоа и низ англиските пејзажи во обидот да го избегне заразниот гриз, а средбите со незаразените луѓе му носат речиси подеднаква, ако не и поголема опасност.

Фасцинантно е чувството на Бојл за време и суспенс: иако филмот трае речиси два часа, тоа време е максимално искористено како за незаборавнте и злокобни призори на опустениот велеград (на почетокот), така и за молскавичните и динамично монтирани и жестоки сцени на судири со зомбијата, прошарани со по некоја побавна, но драмски позначајна сцена. Акцијата и контемплацијата се во совршен склад сè до преконвенционалната завршница.

7. THE OTHERS – Алехандро Аменабар (Другите; САД/Шпанија, 2001)

Филмот почнува со вресокот при будењето на главниот лик, Грејс (Никол Кидман), а остатокот претставува нејзиниот пат до сфаќањето на вистинските причини за тој вресок, односно, се состои од етапи во нејзиното духовно и морално будење. Тие етапи го сочинуваат доаѓањето на трите таинствени слуги во нејзината огромна куќа обвиена во магла на англискиот остров Џерси, обидите да ги заштити своите две деца од „алергијата на светлина“, „враќањето“ на нејзиниот сопруг од војната и, се разбира, појавувањето на „оние другите“.

По традиција поблизок до европскиот филм или класичните приказни за духови од 19-от век, овој хорор претставува едно од најсовршените пренесувања на суштинската готска атмосфера (и значење) на целулоидната лента. Пресвртот на крајот можеби е предвидлив, но е толку смислено стопен со темата што тоа воопшто не пречи.

6. MARTYRS – Паскал Логие (Маченици; Франција, 2008)

Девојка побегнува од заточеништвото на непознати садисти само за да порасне во психички измачена жена. Кога, по 15 години, ќе го открие идентитетот на своите измачувачи, на нејзината неразделна пријателка останува да ги открие причините за нејзиното мачеништво.

Режисерот ни пружа чист филмски дестилат на разголен, безизлезен кошмар. Тематски, тој доследно ја проучува болката и нејзиното влијание на телото и психата, изнесувајќи ја приказната за жртвите кои, дури и доколку преживеат, остануваат робови на длабоко врежаните лузни. Неговите најстрашни сцени истовремено се длабоко потресни и тажни.

5. ANTICHRIST – Ларс фон Трир (Антихрист; Данска, 2009)

Кога во миг на невнимание им загинува синчето, родителите заминуваат во една шумска колиба за Тој (Вилијам Дафо), психијатар, да ги излечи Нејзините (Шарлот Гинзбург) психички рани. Сепак, спојувањето со природата можеби и не е толку добра идеја.

Интелектуалната провокација на данскиот бељаџија-генијалец го преиспитува односот меѓу човекот и природата, и мажот и жената на ретко смел и политички некоректен начин. Формално совршен, идејно возбудлив, ужасно шокантен и злокобно песимистичен, Антихрист е редок пример за малку подзаборавената уметност на хорор субверзијата.

4. LET THE RIGHT ONE IN – Томас Алфредсон (Нека влезат оние вистинските; Шведска, 2008)

Малото русокосо Швеѓанче се обидува да опстане во пеколот на основното училиште каде го угнетуваат силеџии, а во преживувањето му помага новата другарка, малку слабичка и бледа, бидејќи е на посебна диета. Се храни исклучиво со човечка крв...

Еве една топла човечка приказна за вампирите на детска возраст – или барем во таков облик. Горко-слатка парабола за растењето и прифаќањето одговорност, за првата љубов и љубовта за цел живот, за цената на пријателството, љубовта и животот... Овој филм во својата срж има нежно човечко срце кое чука под површината на студеното шведско предградие и неговиот снег испрскан со крв. Камерата и режијата се одлични на суптилен, ненаметлив начин: сè е подредено на ликовите и драмата.

3. VINYAN – Фабрис ду Велс (Винјан; В. Британија/ Франција/Тајланд, 2008)

Цунамито ќе го однесе синот-единец, но мајката е убедена дека нејзиното дете е живо. Мислејќи дека го видела на матната снимка од една тајландска џунгла, заедно со сопругот тргнува во срцето на темнината. Притоа, исто како и кај Џозеф Конрад (и Копола), џунглата е само симбол на човечката душа.

Сличен механизам како и во Антихрист, со слични импликации: ирационална жена доаѓа на своето кога ќе зачекори во закрилата на маќеата-природа, а наивно-рационалниот сопруг е уништен поради попуштањето пред нејзината хистерија. Ненаметлив, суптилен, злокобно атмосферичен филм во кој егзистенцијалните, метафизички и психолошки стравови неосетно се спојуваат во една неконвенционална, уметничка хорор драма.

2. HAUTE TENSION – Александар Аја (Крвава романса; Франција, 2003)

На осамена селска фарма еден психопат убива цело семејство, ја грабнува нивната ќерка и ја однесува во ноќта, а нејзината другарка тргнува по него за да ја спаси пријателката – и несудена љубовница. Ќе се пролие многу крв додека не се открие дека нештата не се онакви какви се чинат.

Простодушната жанровска публика главно беше збунета и разлутена од пресвртот на крајот, а истото важи и за поголемиот дел од критиката која не сфати дека токму пресвртот е она што овој совршено снимен, одглумен и режиран хорор го издигнува над нивото „само“ одличен slasher. Крвава романса е ненаметлива интелигентна реконструкција и надградба на класичниот американски slasher со радикално променет однос кон родовите улоги. Основна генијалност овде е тоа што „последната девојка“ најпосле е поистоветена со „монструм“. По овој филм ни Ноќ на вештерките повеќе не изгледа исто.

1. AUDITION – Такаши Мике (Аудиција; Јапонија, 2000)

Вдовец решава преку аудиција за непостоечки филм да ја запознае идеалната жена. На крајот се одлучува за преубавата, но загадочна девојка чија идеја за посесивност ги надминува сите граници на нормалното...

Фестивалскиот успех на овој филм на Запад го откри јапонскиот генијалец, Такаши Мике, кој со зачудувачка вештина осцилира меѓу жанровите или меѓусебно ги спојува во невидени конгломерати. Она што почнува како совршено режирана кроненберговска (благо бизарна, речиси црнохуморна) драма, во втората половина постепено прераснува во сè поотровен хорор-трилер, кој кулминира со една од најшокантните завршници во историјата на филмот. Стравот и ужасот овде се од интелектуална и интуитивна природа, а Мике подеднакво вешто нè удира и во главата и во стомакот и во меѓуножјето.

0. BATTLE ROYALE – Кинџи Фукасаку (Борба до последниот; Јапонија, 2001)

Во Јапонија од блиската иднина угнетувачкиот режим секоја година одбира по едно средношколски клас кој на изолиран остров мора меѓусебно да се испоубие со доделеното оружје и орудие, сè додека еден или една од нив не остане во живот. Љубовта, пријателството, идеализмот се ставени на сериозен тест пред нужноста од опстанок...

Ова ремек-дело на современиот филм го издвојуваме како нулти прилог само затоа што неговата жанровска припадност е под знак прашање, бидејќи се работи за мешавина од НФ (антиутопија), акција и хорор (slasher). Во секој случај, жесток филм. Ефектот на насилство е засилен од младоста на извршителите/жртвите, но експлицитноста е оправдана од силата на метафората за обездуховеноста на современа Јапонија и, воопшто, светот во кој секој човек на човека му е волк, а успехот по секоја цена е единственото мерило. Овој филм успева да спои и да оствари навидум контрадикторни нешта и истовремено тоа е еднакво на чудо, вклучувајќи го и уникатниот спој на циничен нихилизам со трогателен идеализам и верба во победата дури и тогаш кога шансите за тоа се практично невозможни.

Извор: zurnal.info

Dobar spisok, go

Dobar spisok, go preporachuvam na avtorot El orphenato i Eden Lake. Veruvam deka zasluzuvaat da se najdat na listata, prviot so neverojatna atmosfera i tenzija so minimum nasilstvo a vtoriot so provokativnata sodrzina. Mozebi na listata trebashe da se najde i Pan's Labyrinth, iako mnogu poveke od samo horror film tamu se pojavuva edno od naj-originalnite chudovishta shto sme gi videle na film.

 Каде ви се во списокот Rec и

 Каде ви се во списокот Rec и Rec2 или Orphan?

Слични статии

Филм
Шал [к:10]

ОкоБоли главаВицФото