
Со манипулирање на бесот и незадоволството на многу Американци, популистичкото движење наречено „Чајанка“, кое настана во рамките на републиканците, преку безочните напади се обидува да ги ослаби позициите на „комунистите“ на Обама и на Американците да им ги врати „вистинските“ вредности.
Во холот на луксузниот хотел Оприленд во Нешвил, Тенеси, првиот февруарски викенд се собраа приврзаниците на новото популистичко движење. Таму не беше присутна вообичаената иконографија од минатата година. Немаше постери на кои Обама беше прикажан како Зулу врач, или на кои му беа додадени хитлеровски мустачиња, или натписи кои го споредуваа со Сталин или Мао Це Тунг или, пак, некој јавно повика „Претставничкиот дом да си го задржи својот фашизам, а на Американците да им ја врати нивната слобода“.
Протестот и не беше главниот повод за нивното собирање, а организаторите на новинарите им објаснија дека секој кој „премногу ќе личи на лудак“ ќе биде отстранет од собирот. Впрочем, приврзаниците не платија за џабе котизација од 549 долари (не сметајќи ги патните и хотелските трошоци) за да присуствуваат на панаѓур, туку да научат нешто за политичкиот активизам и да ја слушнат Сара Пејлин, несудената потпретседателка на САД и новата дива на ултраконзервативниот бран кој ја заплисна Америка. Намерата на организаторите беше да се тргне етикетата на гневна толпа од новото конзервативно популистичко движење, и нивните приврзаници да се претстават како сериозна политичка сила, за која сè повеќе се шушка како за трета политичка партија која ќе има пресудно влијание на изборите за Конгресот наредниот ноември.
И без плакатите и радикалните слогани, собирот беше шаренолик, со мажите кои се шетаа во костими од периодот на Американската револуција, со напудрени перики и тророги шапки. Називот на движењето „Чајанка“ е алузија на Бостонската чајанка во зорите на револуцијата и побуната на колонистите против британската тиранија. Симболиката е намерна. Учесниците во „Чајанка“ себе се гледаат како револуционери или дури и како контрареволуционери кои ќе ја вратат Америка кон „изворните вредности“ и ќе преземат од социјалистите на власт кои ја узурпирале. „Америка“, извика Сара Пејлин, ѕвезда на вечерта, пред насобраните луѓе, „е подготвена за нова револуција“, и си го собра својот хонорар тежок, според проценките, околу 100 000 долари, што претставува приближно онолку колку што заработуваше додека беше гувернерка на Алјаска.
Популистичките движења, кои не се новина во американската политичка историја, се погонско гориво кое се состои од мешавината на страв и бес. Повеќе од една години и обете состојки ги има во изобилство, а на мета е главната престолнина Вашингтон и целокупната владејачка класа. Испитувањето на јавното мислење кое неодамна го спроведоа весникот „Вашингтон пост“ и ТВ мрежата ABC покажува дека две третини од испитаниците се „незадоволни“ или „многу незадоволни“ од работата на владата, и дека барем 50% од нив сметаат дека половина од секој долар од даноците кои ги собира Вашингтон се залудно потрошени.
Нетрпеливоста кон централната власт во САД има долга историја и разни манифестации, уште од периодот на антифедералистите, кои му се противеле на усвојувањето на Уставот бидејќи, според нив, сконцетрирал премногу власт на мал простор, преку силното антикатоличко движење во 19-от и првата половина на 20-от век, кое раѓаше страв дека католичките доселеници повеќе ќе му бидат верни на Ватикан отколку на нивната нова татковина, па до новите инкарнации како милионерот Рос Перо, кој како популистички претседателски кандидат во 1992 г. го подели конзервативното гласачко тело и со тоа фактички му ја обезбеди победата на Бил Клинтон. Како што забележува коментаторот на „Вашингтон пост“, Е. Џ. Дион, ветеран на политичкото известување, во Америка во секое време ќе најдете меѓу 20 и 25% луѓе кои ќе му се противат на сето она што доаѓа од Вашингтон, бидејќи тоа ги гази нивните традиционални слободи.
Меѓутоа, за многу Американци крајот на првата деценија на новиот век не беше кој било период, туку почеток на ерата која ја означи крахот на двата американски столба – Вол Стрит и автомобилската индустрија во Детроит – и економскиот крах кој наликуваше на Големата депресија. Како врв на сè, на челото на државата се наоѓа црномурест демократ. Во земјата, како што покажа зовриената атмосфера на протестите минатото лето, постојат многумина на кои им е тешко да сварат толкава количина историја. На некои им беше толку тешко што, на местата каде гостуваше претседателот Обама како говорник, носеа оружје со натписот „Време е да го навадиме дрвото на слободата“. Тоа е алузија на познатите зборови на Томас Џеферсон дека „дрвото на слободата повремено треба да се полева со крвта на патриотите и тираните“, а кои беа испишани на маицата која ја носеше Тимоти МекКвеј, во чиј напад на федералната зграда загинаа 168 луѓе, а речиси 700 беа повредени.
Сара Пејлин ја фабрикуваше приказната дека планот на Обама за реформа на здравствениот систем содржи и план за образување на т.н. одреди на смртта кои ќе решаваат дали старите и немоќни лица воопшто треба да се лечат. Некако во исто време се појави и теоријата дека Обама не е ни роден во САД – иако Белата куќа и матичната служба на Хаваи и’ дадоа на јавноста увид во изводот од матичната книга на родените на претседателот – па така, според Уставот, тој нема право да биде претседател. Жарта на овој пламен ја подгреваа и ултрадесничарските медиуми, посебно на радио, и водителските ѕвезди на ТВ мрежата Фокс, меѓу кои посебно се истакна Глен Блек, кој во една прилика го нарече Обама расист, додавајќи дека тој има “длабоко всадена омраза кон белците и нивната култура“. Страстите не се смирија ни кога во мај минатата година во Канзас, среде црква, беше убиен лекарот кој извршуваше абортуси, ниту кога само неколку недели подоцна еден закоравен расист влета во вашингтонскиот Музеј на холокаустот и го уби чуварот. Пред неколку децении, додека беше на врвот од својата моќ, истиот овој напаѓач коваше завера да ги грабне претставниците на американските федерални резерви, од т.н. Централна банка.

Како што често се случува со популизмот, некој секогаш убаво си профитира од стравот и гневот. Иако учесниците на овие „чајанки“ упорно се претставуваат како членови на самоникнато движење, покрај телевизијата Фокс, тие добиваат логистичка поддршка и од неколку лоби групи, меѓу кои најмоќна е онаа на чие чело се наоѓа Ричард Арми, поранешниот шеф на пратеничкиот клуб на републиканците. Арми, чија компанија во Вашингтон ги застапува интересите на различни фармацевтски корпорации кои се лути противници на реформите во здравството, активно организираше различни „чајанки“ и даваше упатства како да се упаѓа на трибините на кои членовите на Конгресот ги објаснуваат предностите на тие реформи. Без оглед на тоа што припадниците на ова движење задоволно истакнуваат дека немаат водач ниту дека сакаат да се организираат како политичка партија, туку дека се како „рој пчели кои ќе касаат кога ќе треба“, како што изјави еден од активистите.
Според нив, целта им е да го зауздаат Вашингтон од прекумерното вмешувањето во нивните животи, како и да ги вратат републиканците на изворните конзервативни вредности. Тоа секако не е добра вест за претседателот Обама, кој ги засили напорите да ги привлече умерените републиканци на соработка и да се најде компромис за изгласувањето на законите кои чекаат ред во Конгресот. Тешко е да се најде компромис со партијата чии следбеници имаат длабоки сомнежи во тоа дека претседателот е законски избран. Според едно неодамнешно истражување, повеќе од половина од испитаните републиканци не веруваат дека Обама е роден во САД.
Собирот во Нешвил не ги обедини сите фракции на новото популистичко движење кое беше бојкотирано од некои групации бидејќи им се чинело премногу елитистички. Џонатан Кеј, чија книга за американските одгледувачи на теориите за заговор за нападите од 11 септември ќе се појави следната година, во Нешвил налета на „вистинска гозба“ и за списанието Њузвик ги документираше некои од најбизарните теории за заговор кои се проширија на „чајанката“.
Запрашана за своите мотиви за учество на собирот во Нешвил, пензионираната медицинска сестра Гејл Хатавеј го даде следниов одговор: „Што сакам јас? Сакам сево ова да престане. Нашиот систем на вредности е на удар. Знам дека тие сакаат да ја уништат нашата земја. Ама не знам точно кои се тие...“
Не е ни чудо, ако внимателно ги следела сите семинари. Можеби и сега се прашува дали треба повеќе да се плаши од „лидерите на Новиот светски поредок кои го инсталираа Обама во Белата куќа како марионета“ или од хипиците кои го предизвикаа крахот на берзата во намерата да го уништат комунизмот.
Извор: vreme.com