Болвјиот пазар

01.03.2010 10:35
Abate.jpg

What is the purpose of your life? – со ова прашање едно утро на улицата од американскиот Кембриџ ме застана една случајна минувачка. „Оваа е малку удрена“, си помислив и продолжив. Оттогаш, секогаш кога некој ќе ме запре на улица, јас малку се штрекнувам. Се плашам дека би можел да ми постави слично прашање. Зашто до денешен ден не успеав да смислам одговор на ова прашање.

Можеби затоа почесто би требала да одам на болвјите пазари. Болјвиот пазар е најкусата и најефикасната поука за човечкиот живот. Болвјиот пазар е психотерапевтска сеанса, кошмарна средба со самиот себе. Многу луѓе со задоволство се врткаат низ болвјите пазари. Некои доаѓаат од практични причини: треба да се пронајде некој предмет, дел за старата машина за перење алишта што не може да се набави на друго место, на пример. Други доаѓаат на болвјиот пазар како во стоковна куќа наменета за класа на социјално декласирани. Третите се колекционери, ловци на бисери во морето ѓубре, авантуристи кои немаат пари за авантури, носталгичари, фрикови, припадници на социјалното дно. Многумина се воајери, навраќаат за да ѕирнат во сопственото минато, но и во сопствената иднина.

Средените земји се трудат да ги избришат овие валкани места од своите градови, или барем да го контролираат просторот на хаосот. Болјвите пазари се постари и повитални од градските власти: ќе исчезнат од едно место и ќе се појават на друго. Зашто вистинската сила на болвјиот пазар не е во неговата потребност, туку, напротив, во неговата непотребност. Легализираните болвји пазари се некој вид сурогат и служат во туристички цели: организираниот хаос на болвјиот пазар на секој град му дава пожива боја. Меѓутоа, вистинскиот болвји пазар е подив, полуилегален, никогаш во центарот, секогаш на работ од градот, или во делови во кои пристојните луѓе ретко поминуваат.

Болвјиот пазар е силна метафора за светот без граници. На болвјите пазари се спојуваат луѓе кои инаку немаат никаква причина да се спојат. На болјвите пазари се среќаваат работи кои никогаш не би се запознале: кинески лажни „најки“ и стари советски ордени. Притоа советските ордени ги продаваат Пакистанци, а кинеските „најки“ – Полјаци. Болвјиот пазар е митско место и meeting point. На берлинските болвји пазари босанските бегалци имаа обичај да разменуваат новости за раселените босански души.

Болвјиот пазар е место за дезилузија, но и за утеха, исто како и гробиштата: меѓу купот отфрлени книги, фотографии, семејни албуми, стари плочи, домашни предмети, роба изедена од молци ќе го пронајдеме сопственото минато, но и ќе ја видиме сопствената иднина. Со други зборови, кога веќе ќе нè нема, болјвите пазари ќе си постојат. Зашто нашите предмети живеат подолго од нас. Нашите предмети го заработуваат правото на анонимност, на иронична бесмртност.

Пред дваесеттина години, кога се најдов во Москва, го посетив „птичјиот пазар“. Московскиот „птичји пазар“ беше силна глетка за субверзивноста кон тоталитарниот ред и закон, метафорично спротивставување на строгиот и студен систем, дисидентско, топло срце на градот.

Еден тип со црвен нос во рацете држеше голема тегла од кисели краставички и бавно се нишаше. Во теглата пливаше риба во индиго боја.

- Се вика Васја... – рече типот.

На Васја неодамна му умрела „другарката“ риба и оттогаш Васја плива во депресија...

- Земете го... молежливо рече типот.

- Што да правам со него? Како да го пренесам преку границата?

- Нека барем Васја го живее животот кога јас не можам да го правам тоа – сврдлеше типот.

И така. Го платив разговорот. Останав со теглата во раце, во која пливаше синиот Васја. А поранешниот сопственик на Васја отрча во првата кафеана.

Неодамна се најдов во Москва и повторно го посетив „птичјиот пазар“. И повторно ме удри нејзината карневалска маска. Воздухот во центарот на Москва е исполнет со силниот мирис на парите. На птичјиот пазар, стиснати заедно, смрдат животните и луѓето, не се знае кој кого продава. Додека во центарот се купуваат „гучи“ чевли, тука се купува сешто. Има дилери кои можат да ви набават крокодил, боа, тигар, сè што срцето ќе ви посака. Постојат продавачи на специјално тренирани соколи, оние кои ги бркаат гулабите. Нив ги купува Кремљ, за куполите во Кремљ да останат сјајни и златни, а Црвениот плоштад чист. Има и други работи. Ситните дилери ловат ластовички, ги ставаат во кафези и ги носат на птичјиот пазар. Посетителите можат, ако сакаат да го направат тоа, да ги пуштат ластовичките на слобода. Овој пат не купив риба. Ослободив од ропство неколку ластовички. Чувството на праведничко задоволство го платив евтино, само неколку рубљи.

Dubravka Ugrešić, Nikog nema doma, Fabrika knjiga, 2005.

Слика: Клаудио Абате

Од Дубравка Угрешиќ прочитајте ги и следниве текстови:

Стереотипите

Идентитетот

Мала црвена точка

Болвји пазар? На кој јазик е

Болвји пазар? На кој јазик е ова? Ај ѕирнете во речник како се преведува на македонски? Помош од пријтел - најголемиот пазар во Македонија се вика така.

Болвји пазар е синтагма која

Болвји пазар е синтагма која се користи во македонскиот јазик. Го означува местото каде што се продаваат стари работи, ситници, дребулии, веќе искористени предмети, предмети кои немаат некоја голема вредност. Синтагмата потекнува од преводот на турскиот збор „бит“ (на турски „бит“ значи нешто мало, ситно, безначајно, но и болва, бубачка) што го означува првиот збор од синтагмата. Оваа синтагма веќе е одомаќинета во македонскиот јазик, се среќава кај неколку македонски писатели, еден од нив е, на пример, Влада Урошевиќ. Најголемиот пазар во Македонија се нарекува Бит Пазар, но тоа не е генеричко име. Она што се продава на Бит Пазар и оној посебен дел од пазарите на кои инсистира авторката не се исти. Така, на пример, на нашиот Бит Пазар се продаваат овошје, зеленчук и други прехрамбени и производи за општа потрошувачка. Специфичниот пазар за кој Угрешиќ зборува во Скопје се наоѓа под скопската тврдина Кале.

Тогаш и flea market постои во

Тогаш и flea market постои во Лондон, ама не значи дека кај нас постои Болвји пазар... Евентуално бувљак. Ама болвји НИКОГАШ НЕ ПОСТОЕЛ, НИТУ ЌЕ ПОСТОИ...

Јас сум го чул изразот

Јас сум го чул изразот ’болвји пазар‘, или прабаба ми велеше  „б’ин пазар“, а тоа што во мигов нема пазар што така се вика, не значи дека не може да се употреби синтагмата, а бувљак, што доаѓа од српскиот „бувља пијаца“, е разговорен србизам, така што преводот си е сосема соодветен.

ОкоБоли главаВицФото