Нихилистка

01.03.2010 15:18
Noir.jpg

Сергеј Степњак (вистинското име му е Сергеј Михајлович Кравчински) роден е 1851 година во јужна Русија. Првпат е уапсен на 23 години, во 1874-та. Истата година се придружува во востанието против Турците во Босна и Херцеговина, а во 1877 г., со Ерик Малатест, учествува во побуната во италијанската провинција Беневенто. Во 1878 извршил успешен атентат врз злогласниот шеф на руската Тајна служба, генералот Мезенцов. Во 1880 г. морал да ја напушти Русија, а во 1882 во Лондон се печати неговата одлична книга Подземна Русија, која сведочи за животите и загинувањата на неговите пријатели и пријателки, руски нихилисти и револуционери. Загинал во несреќен случај на 23 декември 1895 година, во Бедфорд парк, Чисвик, Велика Британија.

Нихилистка првобитно била напишана за англиското списание “Cornhill Magazine”, под насловот A Female Nihilist. Подоцна е вметната во едно од изданијата на книгата на Степњак, “Underground Russia“.

Ако воопшто постои збор кој е повеќе оптоварен од негативни значења од анархизмот, тогаш тоа е нихилизмот. Главната причина за тоа можеме да ја побараме во фактот дека основните средства за современо сфаќање на нихилизмот ги црпиме од прозните дела на руските реалисти на 19 век. Тургењев е првиот писател кој официјално го употребил овој поим, иако во негативен контекс, исто како и Достоевски. „Нихилист... тоа потекнува од латинскиот збор nihil, ништо, колку што можам да судам јас; значи, тој збор означува човек кој... не признава ништо?“ (Тургењев, Татковци и деца).

Што, всушност, претставувал нихилизмот? Нихилизмот бил младешко движење, филофска тенденција, револуционерен импулс. Нихилизмот бил вреднување на природните науки. Нихилизмот бил посебен моден стил. Нихилизмот значел нов пристап кон естетиката, критиката и етиката. Нихилизмот претставувал противречност меѓу детаљно разработениот материјализам и желбата да се уништи општествениот поредок. Исто така, нихилизмот претставувал типичен руски одговор на условите под царистичките реформи и угнетување.

„Новите луѓе“, како што ги нарекувале, постоеле и пред Тургењев да ја создаде карикатурата на Базаров (лик од романот Татковци и деца). Во Русија, во втората половина на 19 век, место на растечки тензии, тие биле единствена глетка во секој поглед. Од посебниот стил на облекување - очила со сини рамки, високи чизми, големи бастуни, карирани кошули, мажи со долги бради и кратко потстрижени жени - до заговарање на бескомпромисен атеизам, не-моногамија, ограбување банки и фалсификаторски афери од секаков вид, станува збор за појава која претставувала длабок предизвик кон сите аспекти на тогашното руско општество.

Се смета дека Михаил Бакуњин (1814-1876), со објавување на својот памфлет „Реакцијата во Германија“ (1842) и во неа познатата максима „Значи, веруваме во вечниот Дух што уништува и разорува само затоа што е неизмерен и вечен извор на својот живот. И страста за инуштување е креативна страст!“ истовремено ги предвидел и ги поттикнал идеите на нихилистите.

После големата реформа во Русија и ослободувањето на селаните во шестата година од владеењето на Александар II (1861) биле исполнети сите услови нихилизмот и официјално да стапи на сцена:
се појавуваат книгите „Што да се прави?“ од Чернишевски, „Катехизмот на еден револуционер“ од Нечаев. Периодот на Белиот терор и „Џелатот Муравјов“. „Лето на слободата“ (1873/74), кога младите и образовани идеалисти ја напуштале урбана Русија, се откажувале од своите академски кариери и привилегии, и во групи од тројца-четворица заминувале да живеат на село, само затоа што верувале и знаеле дека во селаните ги препознаваат агентите за општествени промени. Илегални организации, „Земјата и слободата“, „Народна волја“. Носење смртна пресуда за Александар II. Фиктивни бракови за жените да можат слободно да патуваат или да посетуваат високи школи. Тајни собири, огледала на прозорците и други знаци на предупредување. Рации, претреси. Полициски агенти меѓу нихилистите и обратно. Иван Ковалски со револвер во едната и нож во другата рака се брани себе си и својата печатница додека неговите другари внатре ги спалуваат инкриминирачките документи и од прозорците ја буцкаат толпата против полицијата. Атентати. Подземни тунели за бекства. Бомби. Вера Засулич која со истрел го ранува озлогласениот генерал садист Трепов. Нејзините четири сестри- Амазонки: Вера Фигнер, Прасковија Ивановскаја, Елизавета Ковалскаја и Олга Љубатович, нашата јунакиња. Тука е и Сергеј Степњак, нашиот автор, кој во август 1878 г., во девет наутро, со нож во грб го убива генералот Мезенцов, водачот на „Третата секција“, среде Санкт Петербург.
Стотина уапсени нихилисти. Обесувани, тепани до смрт, задушувани.
А потоа, 1-ви март 1881 година. Убиство на царот, конечно.

Нихилизмот станал многу повеќе од она што првобитно можел да стане поради заразната пирода на својот систем на вредности, својата пракса и своите заклучоци. Влијанието на нихилизмот може да се следи низ историјата на анархизмот, низ создавањето и современата употреба на тероризмот, како и низ филозофските тенденции од деконструкцијата до егзистенцијализмот. Имајќи ги предвид сите иновации кои ова движење ги донесе со себе, како и неверојатната систематичност со која нихилистите ги преминуваа рамките на својата политика, нихилизмот остана неправедно запоставен во однос на другите гранки на социјалистичкото стебло.

Со оглед на репресивната природа на системот во кој живееле, слободно можеме да кажеме дека опсегот на делување на руските нихилисти и понатаму дава плодови, низ поединците кои со својата посветеност на идеалите и понатаму го премостуваат јазот меѓу теоријата и праксата. Не би се труделе да ви го раскажеме ова да не беше така.

 

Нихилистка

1.

На дваесет и седми јули 1878 година, гратчето Талуторовск, кое се наоѓа во западен Сибир, беше длабоко потресено од еден тажен настан. Имено, политичката затвореничка Олга Љубатович несреќно го заврши својот живот. Таа беше личност сакана и почитувана од сите, и нејзината ненадејна смрт остави болен впечаток низ градот, а Исправникот, шефот на полицијата, во тајност беше обвинуван дека со неговите неправедни прогони ја натерал кутрата девојка да си го одземе животот.

Олга била протерана во Талуторовск неколку месеци по случајот кој остана запаметен како судењето на московските „педесетмина“, во кој била осудена на девет години тешка работа поради ширење социјалистичка пропаганда, казна која подоцна била променета во доживотно прогонство. Оставена без никакви средства за живот, со оглед на тоа дека татко и’, сиромашен инженер со многучлено семејство, не можел да и’ прати ништо, Олга сепак успевала да си обезбеди некаква положба во општеството со својот неуморен труд. Иако практично немала никакво искуство во вршење на женски работи, успеала да се издржува од шиење и да стане моден стилист на полуцивилизираните градски дами кои се натпреварувале за нејзините креации. Овие симпатични госпоѓи биле, а никој не знае зошто, цврсто убедени дека отменоста на нивните фустани зависи, пред сè, од бројот на џебови на нив. Колку повеќе џебови, толку помодерен фустан. Олга никогаш не покажувала ниту најмала одбивност кон задоволувањето на овој необичен вкус. Шиела џебови преку џебови, преку појасот, преку рабовите, преку поставата; од предната и од задната страна, насекаде. Мажените дами и младите девојки се перчеле како пауници, уверени дека се носат по најновата париска мода, и бидејќи биле помалку дарежливи во парите отколку во зборовите, во таа земја каде што за живот биле потребни малку пари, било релативно лесно да се преживее.

Подоцна, Олга ја нашла професијата која повеќе и’ одговарала на нејзината природа. Имено, пред да почне да работи како шивачка по фабриките и работилниците и така да ја шири социјалистичката пропаганда, минала неколку години на студии по медицина во Цирих, и била доволно обучена барем да потпомага во некои случаи на лекување. Со тоа многу брзо се здобила со добар углед и, на барање на мештаните, полицијата и’ дозволила да го заземе местото на аптекарот и лабораторискиот техничар бидејќи претходниот вработен, по долгогодишно пијанчење, веќе не бил способен за ништо. Често преземала и случаи од околискиот лекар, еден чесен човек кој поради сенилноста и својата склоност кон чашката честопати не можел да се впушта во посложени медицински зафати поради треперењето на рацете. Во многу сериозни случаи Олга ги лечела луѓето наместо него, разбивајќи ги неговите застарени медицински сфаќања. Некои од нејзините лечења луѓето ги сметале за чудесни; меѓу другото, и излекувањето на окружниот судија чиј живот бил спасен со упорна нега после жестокиот напад на делириум тременс, болест која била вообичаена за речиси сите мажи во таа дива земја.

Накратко, мирните жители на Талуторовск ја обожавале Олга, што било само уште една причина полицијата да ја мрази уште повеќе. Нејзиното гордо и независно држење не и’ дозволувало да им се потчинува на приземните и понижувачки барања на властите. Тие господа, варвари и фрустрирани, секој обид да се одбрани личното достоинство го сметале како израз на непочитување кон нив - дури и провокација, па не пропуштале прилика да се одмаздуваат. Меѓу Олга и нејзините чувари отсекогаш тлеела притаена војна, војна на слабите и на оние со оковани раце и нозе против силните, оние вооружени до заби, бидејќи полицијата имала неограничена моќ над политичките затвореници кои биле под нејзин надзор. Во ваквата неизедначена борба, Олга не била секогаш таа што го извлекувала подебелиот крај, како што често се случувало со гордите и неустрашливи луѓе кои биле подготвени да жртвуваат сè и за најмалата ситница. Еден од овие судири, кој поради своите драматични околности четири дена го држел целиот град во неизвесност, толку е впечатлив што заслужува да му посветиме малку повеќе внимание.

Родителите и’ пратиле пакет книги на Олга, што за една личност во нејзината ситуација претставувал вистински подарок од боговите. Меѓутоа, кога отишла кај Исправникот да ги преземе, Олга се соочила со неочекувана пречка. Меѓу книгите кои и’ биле пратени се наоѓал и преводот на „Социологија“ од Херберт Спенсер, книга за која Исправникот верувал дека пропагира социјализам и дека не треба да и’ ја предаде. Залудни биле нејзините обиди да му укаже на фактот дека спорната книга е објавена со одобрување на санктпетербуршката цензура, дека социологијата и социјализмот се два различни поими и сл. Исправникот бил неумолив. Како што расправата продолжувала, така атмосферата станувала понапната и Олга не можела да се воздржи од некои остри забелешки упатени на противничката неписменост. Расправата била завршена со зборовите на Олга дека мерките на претпазливост се сосем бескорисни бидејќи дома имала десетици книги слични на делото на Спенсер.

„А, така ли, имате вакви книги и дома?“ се озарило лицето на Исправникот. „Многу добро, тогаш денес ќе ви го претресеме домот.“
„Не,“ му вратила Олга, „ништо нема да претресувате; немате право, а и доколку се осмелите, ќе се бранам.“
Изговорувајќи ги овие зборови, Олга заминала од канцеларијата, сета избезумена.
Војната била објавена, а низ градот почнале да се шират гласини кои предизвикувале некаква плашлива љубопитност.

Олга се упатила право дома, а потоа се забарикаридирала во неа. Исправникот се подготвувал за напад. Ангажирал група полицајци и неколку граѓански сведоци, и ги пратил на адресата на непријателот. Наидувајќи на затворена врата, припадниците на оваа “јуначка чета“ почнале силно да удираат по неа и да и’ наредуваат на забарикаридираната станарка да им отвори.

„Не ви отворам“ се слушнал гласот на Олга од куќата.
„Отворајте, во име на законот.“
„Не ви отворам. Слободно провалете, ама знајте дека ќе се бранам.“

Собраните полицајци биле затечени од оваа изјава. Одржале воен совет. „Мораме да ја разбиеме вратата“ едногласно се сложиле. Меѓутоа, бидејќи сите тие имале семејства, жени и деца, кои не сакале да ги остават сираци, никој не се осмелувал да истрча прв пред лудата за која знаеле дека е спремна за сè. Секој го наговарал оној до себе, но никој не се осмелувал да го стори тоа самиот.
Употребиле дипломатија.
„Отворете ја вратата, госпоѓице.“
Немало одговор.
„Ве молиме да отворите, инаку ќе зажалите.“
„Не ви отворам“ се слушнал решителен глас.

Што им останувало да сторат? Испратиле гласник кај Исправникот за да го информира дека Олга Љубатович се затворила во куќата, дека вперила пиштол во нив и дека се заканила дека ќе пука во првиот што ќе влезе.
Увидувајќи дека, како врховен заповедник, раководењето со оваа акција ќе падне на негов грб (а и тој имал семејство), Исправникот не сакал да се зафати со неа.

Припадниците на неговата група, соочени со предавството на нивниот водач, станале малодушни, обесхрабрени и деморализирани. По неколку неуспешни дипломатски обиди, се решиле за најнепопуларниот потег - повлекување. Сепак, било решено неколку полицајци да останат во непосредна близина, сокриени зад живата ограда на блиската градина, од каде би можеле да го набљудуваат непријателското утврдување. Се надевале дека противничката, сè уште под впечатоците на првата добиена битка, лекомислено ќе се реши на бекство од опколената куќа, а тие ќе ја намамат, опколат и ќе ја натераат да се предаде и да го признае поразот.
Но непријателката покажала дека е мудра колку што е и решителна. Насетувајќи ги намерите на своите противници, Олга лесно ги сфатила нивните намери и не излегувала од дома цел ден, ниту следниот, ниту тој по него. Во куќата имала доволно храна и вода, а Олга очигледно била подготвена да издржи долга опсада.

Било јасно дека, ако веќе никој не сака да го ризикува својот живот, како што никој и не сакал, единствено што можеле да сторат било тоа да ја натераат да излезе со изгладнување. Но кој би можел да каже колку би траел овој скандал? И кој би гарантирал дека оваа жена нема попрво да се самоубие отколку да се предаде? А потоа замислете си ги критиките и укорите од претпоставените!
Во ваквата заплеткана ситуација Исправникот решил да го избере најмалото зло и четвртиот ден наредил опсадата да престане.

Така се завршила малата јулска драма од 1878 година, во Сибир позната како “Опсадата на Олга Љубатович“. Најсмешно било тоа што во куќата немало никакво оружје освен едно џебно ноже и кујнскиот прибор. Самата таа немала претстава што ќе се случело доколку нејзините противници решиле да ја нападнат куќата, иако било извесно дека ќе се брани, вака или онака.
Исправникот можел да ја казни Олга за тоа со повеќегодишен затвор, но како тогаш би им ја објаснил на своите надредени својата, а и на неговите подредени, страшливост? Решил да ја остави на мира. Но во себе беснеел зашто симпатизерите на младата социјалистка, кои биле во голем број, им се потсмевале зад грб нему и на неговите луѓе. Цврсто решил по секоја цена да го одбрани своето разнишано достоинство, и бидејќи бил тврдоглав човек, тоа го сторил на следниов начин:
неколку недели по опсадата, и’ пратил порака на Олга да се појави во неговата канцеларија во осум часот наутро. Таа дошла и чекала еден час, два часа, ама никој не доаѓал да и’ објасни зошто ја барале. Постепено го губела трпението, и најпосле рекла дека си заминува. Меѓутоа, дежурниот службеник и’ кажал дека не смее да замине, дека мора да почека бидејќи така наредил Исправникот. Чекала до единаесет часот, но никој не се појавил.

Најпосле дошол некој чиновник кому се обратила и го прашала зошто ја барале. Тој и’ одговорил дека не знае, и дека ќе му соопшти на Исправникот кога ќе дојде. Сепак, не можел да и’ каже кога ќе се случи тоа.
„Ако е така,“ рекла Олга „подобро да навратам другпат.“
Но полицаецот и’ рекол дека мора да продолжи да чека во претсобјето на канцеларијата бидејќи така наредил Исправникот. Немало сомнеж дека сето тоа бил само еден срамен обид за провокација, и Олга, која била многу раздразлива по природа, му возвратила на непристоен начин, изнесувајќи лоши забелешки на сметка на Исправникот и неговиот заменик.
„А така ли се однесувате со претставниците на власта кои си ја извршуваат својата должност?“ радосно извикал заменикот кој како едвај да го чекал тоа. Истиот миг повикал еден полицаец да биде сведок и поднел обвинение против неа.

Олга си заминала. Но во окружниот суд бил започнат процес против неа, кај истиот судија што го излечила од делириум тременс. Добила три дена во самица, во една мрачна и валкана дупка со паразити.
При влегувањето во ќелијата, Олга била обземена од гадење. Кога ја ослободиле, изгледала како личност која прележала сериозна болест. Сепак, не било толку во прашање физичкото мачење на кое била изложена колку што било понижувањето што го доживеала, кое го нарушило нејзиното гордо однесување.

По овој настан таа станала намуртена, молчалива и дрска. Цели денови минувала затворена во својата соба, без никаков контакт со луѓето, или, пак, заминувала од градот, скитала по околните шуми и ги избегнувала луѓето. Било очигледно дека планирала нешто. Меѓу чесните граѓани на Талуторовск, кои искрено сочувствувале со неа, се ширеле секакви гласини, но никој не можел да го предвиди трагичниот крај за кој почнало да се зборува на дваесет и седми јули.

Утрото нејзината настојничка влегла во собата и ја затекнала празна. Креветот, недопрен, јасно укажувал на тоа дека Олга не спиела во него. Исчезнала. Првото што си го помислила старата госпоѓа било тоа дека Олга побегнала, па затоа отрчала кај Исправникот за да го извести, плашејќи се дека секое одлагање ќе се земе како доказ за соучество.

Исправникот не чекал ниту миг. Со оглед на тоа дека Олга Љубатович била една од најсериозно искомпромитираните жени, се плашел дека поради својата невнимателност ќе добие најостар укор, па можеби и отказ од службата. Побрзал кај нејзината куќа за да открие во кој правец побегнала таа. Но штом влегол во собата, на масата забележал две потпишани и запечатени писма, едното наменето за властите, а другото за сестрата на Олга, Вера Љубатович, која исто така била прогонета во Сибир. Исправникот веднаш ги отпечатил писмата кои откриле дека Олга воопшто не побегнала туку извршила самоубиство. Во писмото адресирано до властите, во само неколку редови, Олга соопштува дека умрела од своја рака, и ги моли да не обвинуваат никој друг за тоа. Во писмото до својата сестра Олга малку повеќе навлегува во подробности и објаснува дека животот и’ е полн со непрестајни вознемирувања, неактивност и постепено пропаѓање, дека животот на секој политички затвореник во Сибир е одвратен, дека не може да издржи и дека најдобро за неа е да заврши со себе, давејќи се во реката Тобола. Писмото имало трогателен крај во кој Олга ја моли сестра си да и’ прости за болката која со овој чин ќе и’ ја нанесе нејзе, на нејзините пријатели и другари.
Не губејќи време, Исправникот потрчал кон Тобола и таму му се потврдила исповедта на Олга - делови од нејзината облека биле заплеткани околу грмушките, под кои се наоѓала шапката што била заплискувана од немирната вода. Некои селани рекле дека претходниот ден виделе млада девојка со намуртен и отсутен изглед како шета покрај брегот и гледа во една точка на површината од матната вода. Исправникот, низ чии раце поминувала целата преписка меѓу политичките затвореници во неговиот округ, се присетил на некои впечатливи изрази и забелешки од последните писма на Олга, и сега нивните значења му станале појасни.

Веќе немало никаков сомнеж. Исправникот наредил итно да се ангажираат сите рибари што живееле во близина и да се започне со барање во водата со стапови и мрежи, за да се пронајде телото и да се извади од реката. За жал, оваа акција не дала никаков исход, што не било чудно. Широката река била толку брза што само за една ноќ телото би можело да биде однесено неколку километри надолу. Три дена Исправникот упорно се обидувал да ја смилостиви реката за да му го даде својот плен. На крајот, кога сите луѓе веќе биле сосем изморени, и кога реката носела камења и стебла кои ги кинеле мрежите, тој бил принуден да се откаже од безуспешните обиди.

(продолжува...)

Извор: Маргина 83/84

Илустрации: Jean-Claude Claeys

Превод: Ѓорѓи Крстевски

дечки, абе средете ги

дечки, абе средете ги текстовите малку.фини се, ама да се исфрустрира човек читајќи ги
????????
Се смета дека Михаил Бакуњин (1814-1876), со објавување на својот памфлет „Реакцијата во Германија“ (1842) и во неа познатата максима „Значи, веруваме во вечниот Дух што уништува и разорува само затоа што е неизмерен и вечен извор на својот живот. И страста за инуштување е креативна страст!“ истовремено ги предвидел и ги поттикнал идеите на нихилистите.  

Анархистичко дувло

Веќе сосема јасно е дека Окно како и Шпиц и групата новинари и самонаречени интелектуалци околу нив претставуваат анархистичко дувло. Сигурно дека на Рамковски не му сече за да биде спонзор на анархистички новинари, туку некој друг го планирал тоа? Бирани сте ко лубеници, за да извршите одредена задача. Таа задача е токму спротивната од прокламираните идеали. Наспроти анархизмот кој значи рушење на државниот апарат, вас ве користат глобалистите за рушење на нациналните апарати и создавање на мегадржавен апарат.

Слични статии

Книжевност

ОкоБоли главаВицФото