Неразумност

17.04.2009 14:54

Пред некое време во соседна Србија, од телевизиските програми беше симнато сè што спаѓа во сферата на паранормалното (бајачки, врачеви, јасновидци, исцелители, хороскопи, квази-религиозни мистици и шамани, Милан-тарот и слично).

Властите беа мотивирани од инфлацијата на таквите емисии и големите измами на кои жртви беа обичните немоќни граѓани (пример, Милан-тарот на жена која долго го нема синот и’ наложува да пее по него „Миле воли диско, да будемо блиско”), додека пак „гатачите” тврдеа дека се работи за цензура. Победи, се разбира, посилниот.

За темава сосем е ирелевантно дали симнувањето на гатачите од етерот било цензура или не. Она што е загатнувачки овде, е прашањето што може да го натера Советот за радиодифузија (по претпоставка, професионален и автономен од државната власт) да симне од програма толку популарни и успешни емисии (спонзори, гледаност, сè на највисоко ниво)?

Одговорот е многу комплексен, бидејќи се работи за структурален проблем. Паранормалноста (суеверија, мистицизам, теории на заговор и сл.) во Србија е еден од главните столбови на јавниот дискурс кој се развива од распадот на Југославија па наваму. Срѓа Павловиќ, во својата анализа на политиката на паранормалното во Србија под Милошевиќ поаѓа од премисата дека чувството на изолација (културна, политичка, економска), кое само по себе резултира со очевидна фрустрација и беспомошност, завршува со создавање на еден колективен параноиден светоглед. Самата неизвесност и стресот на секојдневниот живот коишто транзицијата ги носи со себе, дополнително помага во бришењето на границите меѓу реалноста и илузијата, меѓу свеста и емоциите, меѓу концептите на иднината и судбината.
На микро ниво тоа изгледа вака: обичниот човек станува невротичен, уморен, анксиозен, му се нарушува здравјето, или накусо - се соочува со егзистенцијални проблеми за кои, пак, општеството нуди незадоволителни решенија.
Тоа значи дека основниот механизам на преживување во општеството – разумот – се соочува со неуспех. Повеќекратното соочувањето со неуспех, пак, механички создава огромна склоност кон неразумни, ирационални објаснувања, зашто разумот веќе нема капацитет да ја процесира реалноста. Таа состојба народски се нарекува очај.

Кога мнозинството од луѓето се очајни, секоја дебата е излишна, зашто обично сè е сведено на дихотомијата разум наспроти неразум, логос наспроти мит, знаење наспроти верување. Во Србија во 1990-тите, оние кои ја имаа одговорноста да одберат (Милошевиќ и компанија), го одбраа патот на неразумот. Сè што беше разумно беше отфрлено како завера, непатриотизам, предавство, небогоугодност и сл. Со политиката завладеа реториката на маченичкото великосрпство, а со јавната дебата – прво поповите, па после нив и ТВ-јасновидците. Како тоа се одразило на обичните граѓани, најубаво кажува едно испитување на јавното мислење извршено во Белград, непосредно по бомбардирањето од страна на НАТО кое го анализира Павловиќ. Прашањето било базирано на политичките говори на лидерите, литургиите на поповите и пророштвата на јасновидците дека сè ќе им се врати на НАТО „зликовците”, вака или онака. Значи, на прашањето што ќе го снајде НАТО за возврат, половина од испитаниците одговориле дека во земјите-членки на НАТО ќе се случат настани од катаклизмички размери, додека само 11% рекле дека прашањето е бесмислено. Се разбира, важен фактор за одговорите бил степенот на образование – па така, од испитаниците со факултетска диплома 30% го образложиле својот одговор дека НАТО „сигурно ќе биде некако казнет од некоја инстанца”, но никој не можел да дефинира каква ќе биде таа казна и кој ќе го казни.

Таквото (не)размислување, кај Србите, беше (и делумно сè уште е) директна последица на политиката на паранормалното и окултното, која сепак е само во одредена мера креирана од политичката елита (во прв план, Милошевиќ). Останатите креатори се сите оние кои свесно (водени од лукративни мотиви) или несвесно (стварно мислат дека се видовити) почнале да создаваат содржини полни со мистицизам и паранормалности (Павловиќ наведува неколку мејнстрим магазини кои во Србија на големо ширеле такво „празноверие”), а подоцна и да се појавуваат на телевизија да им ја одгатнат судбината на луѓето и да им помагаат во ситуации кога тие се практично беспомошни (пак пример од Милан-тарот, му се јавува тешко болна жена, му вели „умирам”, тој вели - „гледам”, таа - „па што да правам” - Милан мртов ладен - „ништо, викајте итна помош”). Ете, затоа сите тие ТВ-врачеви беа симнати од програмата, зашто беа еден вид оставнина од таа политика на паранормалното, која ја втурна Србија во едно современо мрачно доба, од која излез ќе нема со години на ред. Останува уште да се предизвика апсолутниот авторитет на Црквата, па Србија да заплива во разумни води.

(Се разбира, гатањето и мистицизмот во својата првобитна бенигна пројава се одлики на културата, неизбежен дел од етно-пејзажот на целиот Балкан, па затоа не треба да се падне во замката на гонење на „вештерки”. Но, овде не станува збор за некој локален бајач, туку за еден цел феномен кој е вгнезден во сè она што спаѓа во јавното живеење.)

Македонија денес во многу аспекти потсетува на Србија од 1990-тите, но и на Србија денес. По своја вина или не, Македонија политички и културно е изолирана (почнувајќи од визите, па сè до отсуството на претставници на најголемите светски собири), а економски „девастирана”, додека разумот константно е поразуван (колкав е само бројот на невработени магистри?). Ефектот од сето тоа, накратко, е очај меѓу населението. Тој очај, исто како во српскиот случај, го отвара патот за ирационалното и паранормалното да бидат прифатени како легитимен одговор на секое прашање за она што се случува околу нас.

Значи, не станува збор овде за обично верување и суеверие, можеби ниту за дискурс, туку за еден голем хаотичен симболички код на комуникација, преку кој одреден дел од популацијата меѓусебно се разбира, паралелна јазична форма (но за среќа сè уште не и стандардизиран јазик) која за многумина (себе си се вклучувам во оваа група) е неразбирлива, смешна, а понекогаш дури и страшна.

Македонските политичари, секако дека учествуваат во креирањето и распространувањето на ваквиот код на комуникација. Почнувајќи од легитимизирањето на митовите за античкото минато, преку религиозноста и квази-религиозноста (попот како неизбежен декор на секоја владина церемонија), па сè до самото митологизирање на нацијата (реториката за „корењата” и есенцијалноста на „идентитетот” како себеспознавачка категорија) па сè до одговарањето на некои клучни прашања („криви сме зошто сме Македонци”), политичарите ја воведоа (или прифатија) таа јазична форма како рамноправна со, па дури и на моменти и со предност над јазикот на рационалноста.

А кога „неофицијално официјален” код на комуникација е оној на ирационалноста, креатори на јавното мислење секако дека ќе бидат оние кои кои најдобро го знаат (пример, Јанко со поповите и исцелителите и Миленко со летачките чинии). Во таа (не)смисла, беше истолкуван и Каменот од Розета, беа дом'кнати и злоупотребени Бурушите од Пакистан, Бог се симна на земјата да каже дека белата раса потекнува од Македонците (во „Македонската Молитва”), за на немирите во Грција јавната реакција да биде „им се враќа што ни направија лошо”. Така и изминативе неколку дена, наспроти повторувањето на зборот „разумен” (од разумниот компромис), се случија неколку медиумски настани кои ја воспеаја ирационалноста: во потрага по сензационализам, најпрво беше објавена веста за „зборовите на духот на Александар Македонски”, кој ни пренесе пораки за мир и политички дијалог. Во секое разумно општество таква вест би била на маргините (не заради новинарската етика, туку заради угледот на медиумот), но во Македонија очигледно има побарувачка за такви вести, па затоа и беше презентирана. Она што беше уште повпечатливо е што од истите побуди беше пренесена чистата измислица на еден српски блогер дека е пронајдена гробницата на Александар на границата меѓу Македонија и Грција. Повеќето медиуми кои ја пренесоа изјавија сомнеж, но сепак кај многу граѓани оваа вест наиде на топол прием и славење зашто тие сакаа да веруваат дека тоа би значело победа во спорот со Грција. Некои веднаш ја провалија лагата, бидејќи авторот на текстот напишал дека натписите во гробницата биле на старогрчки – понудениот контра-аргумент е дека „во гробницата на Александар натписите се на старомакедонски”. Најголемата крајност беа коментарите во кои некои граѓани се фаќаа за глава, бидејќи „некој предвреме ја одгатнал државната тајна” (демек откритието ќе било обелоденето во право време).

Ден после гробницата, митрополитот Петар го обвини Уставниот суд дека бил атеистички (атеизмот во ирационалниот код на комуникација е нужно лош), а ја искористи приликата да предупреди дека распопени свештеници благословувале наоколу за Велигден. Ова второво, особено, укажува на две работи – прво, до толку се зголемила побарувачката за попови што почнале и распопи да ја „вршат дејноста”, а сведочи и за тоа колку црквата инсистира на монополизирање на сите тие обреди и ритуали (кои со вера и немаат баш многу), издавајќи ги сепак и свесните начини на кои неразумот се ползува.

Впрочем, примерите и аналогиите се многу, а Македонија наскоро може да го допре дното кое го постави Србија (за среќа, сè уште не почнале да доминираат јасновидци, исцелители и разно-разни врачеви по телевизиите). Манифестната религиозност (пример, новоизбраниот претседател пали свеќи во црква) не значи промовирање на христијанските вредности, туку промовирање на обреди и ритуали како пат до успех. Есенцијализмот што им се припишува на „корењата” и „идентитетот” по форма не е различен од обичното суеверие (опседнатост со самите себе). Барањето дежурен виновник и заговор зад секој неуспех се само показател колку неразумот може да го попречи прогресот. Единствената разумна одлука (паѓањето на веронауката на Уставен), освен што беше образложена со „ете, комуњарите се против верата”, беше и проследена со себесожалување - „ова ни го направија на Велигден”, и така натаму.

Текстов е упатен до сите кои го зборуваат јазикот на разумот. Како што реков, во јавната сфера во Македонија постои издифиренциран код на комуникација на ирационалноста, и мене, а и на многумина други, тој ни е целосно туѓ. Она што сакам да го порачам е дека не смее да се дозволи тој да стане официјален јазик, зашто тогаш, нам кои не го споделуваме тој ирационален код, ќе ни биде ускратено правото на слободна комуникација. Јазикот на разумот, пак, мора да го знаат сите, зашто разумот е оној кој ја донел човековата цивилизација до овде. Некој можеби и ќе ме обвини за елитизам и самобендисаност, но сепак мислам дека дојдено е крајно време да му се даде предност на знаењето и мислењето наспроти верувањата и мистицизмот. Немам генерално лоши предрасуди спрема народот – ама тешко некој може да тврди дека кај нашиот народ не е доминантен тој комплекс на мистицизам, верба и суеверие.

А прогресот, антрополошки дефиниран, не е ништо друго туку самиот премин од состојба на мит во состојба на логос - од верба во разум. Со сета должна почит кон оние кои веруваат (не им се мешам во верата), време е повторно да се изземе Бог и Божјата волја како аргумент во јавната дебата и да се остави на раат Црквата „да се занимава со Царството небесно, а не со Царското земско” (велам повторно, зашто разумниот свет Бога и Црквата ги баталил уште пред векови, кога гинеле Галилео, Коперник, Мартин Лутер и твореле просветителите). Време е повторно да се батали и реториката на „корења”, „предци” и „идентитет”, и „судбина” (на пример, на Грците немирите им се случуваат баш поради таа нивна неразумност, а Македонија одговара со истата реторика!), и да престане ловот на „предавници”, „комуњари”, „соросоиди” (оти во мала земја како Македонија, секој има по некој роднина и патриот и комуњар и соросоид, ако не е и самиот еден од нив). Сето ова што велам дека треба да се отфрли, го ставам под заеднички именител како едно глупо неразумно однесување кое нè одвлекува од главната поента на нашето постоење – решавање на заедничките проблеми. А практичните проблеми, освен со разум, со ништо друго не може да се решат.  Изборот е прилично издиференциран – или ќе се трудиме да се вразумиме, што подразбира мобилизација на сите фронтови, или ќе се помириме со политиката на ирационалност и паранормалност во српски стил. Велам ние, зашто одговорноста е заедничка: ова се прашања пред кои општеството се прекршува и никој од нас не смее да потклекне.

Слики во текстот: Gary Baseman

ОкоБоли главаВицФото