
Никој толку отворено и немилосрдно го нема понижувано претседателот на Руската Федерација како што тоа го правеше и сè уште го прави Владимир Путин. Сезоната за лов на Медведев е отворена пред околу година и пол и вистинско е чудо што претседателот сè уште наоѓа сила да го зачува присуството на духот. Еве само еден делумен список на мерките што Путин ги преземаше со цел да ја уништи и да ја згази репутацијата на Медведев:
1. На својот прв самит на „големата осмица“ на островот Хокаидо, Медведев потпиша декларација според која „Г8 не ја признава владата на Републиката Зимбабве, зашто нејзината активност не ја одразува волјата на народот“. Во оваа африканска земја веќе десетина години неприкосновено владее одвратниот диктатор Роберт Мугабе. Тој навистина е поранешен советски клиент, но тоа е работа на далечното минато и денес веќе нема никакви посебни причини да ги чуваме своите интереси во Зимбабве. Медведев се врати во Москва и по само три дена од неговото доаѓање, нашиот претставник во Советот за безбедност на ООН става вето на одлуката во врска со декларацијата која нашиот претседател ја потпиша во Јапонија. Целиот свет е во недоумица, а од страна на претседателот на Руската Федерација нема никакви објаснувања.
2. Војната во Грузија. Иако Медведев е врховен командант на вооружените сили, Путин е тој кој ја напушта Олимпијадата, долетува од Пекинг во Москва и тргнувајќи го претседателот настрана, самиот раководи со борбените дејствија. Така на сите недвосмислено им покажа кој всушност е командант на парадата.
3. По завршувањето на воените дејствија во Грузија, во работата на донесувањето на повоениот договор „Медведев – Саркози“, активно учествува и Путин, но улогата на главниот преговарач на Медведев е многу повпечатлива и позначајна. Бидејќи најважните позиции од договорот останаа неисполнети, јасно е врз чија репутација се одразува тоа.
4. Кога излезе новогодишната војна за гасот со Украина (јануари 2009 година), Медведев по тој повод предложи итно повикување на европскиот самит, а за да се утврди дневниот ред во Москва допатува премиерот на Чешка, во тоа време претседател на Европскиот парламент. Меѓутоа Путин го саботира апелот на нашиот претседател, а самитот едноставно е заборавен.
5. Советот за безбедност на руската Федерација според Уставот е најважната институција во Русија. Додека Путин беше претседател, ретко се случуваше Советот за безбедност да не заседува барем еднаш неделно. Советот за безбедност го раководи, а секако дека и претседава со него, претседателот. Но, не сакајќи да седи на столчето број два, Путин едноставно престанува да доаѓа на седниците, а Советот се состанува сè поретко и поретко. Така овој најважен орган за управување со државата е принесен на жртва на реалитетот на новиот режим.
6. Сè е поочигледна неефикасноста на државните корпорации кои ги основаше Путин. Разговорите за тоа се водат сè почесто зашто нивното постоење буквално секој ден сè посилно ја стегнува јамката околу вратот на домашната економија. Претседателот, со тенок и нежен глас, ја замоли владата да му достави извештај за досегашната работа на корпорациите и предлози за тоа што понатаму да се прави со нив. И секако, да се види „кој пие, а кој плаќа“.
7. Откако од телевизијата е истуркан во блогосферата, Медведев на несигурната територија на интернет ја започна својата крстоносна војна за трета модернизација. Формираше и Совет за модернизација, каде што повиканите министри редовно присуствуваат. Тие тапо и послушно кимаат со главите, но тоа не значи ништо, зашто нивните погледи се насочени на друга страна. И што гледаат? Гледаат дека во својот четиричасовен телевизиски разговор со народот, Путин ниеднаш не го изговори зборот „модернизација“. И сè станува јасно.
Ниедна од овие постапки на Путин нема во себе ни милиграм државничка целисходност, па сето тоа ни изгледа како плод на неговиот каприц. Кога во не толку далечната 1996 година, онака унесреќен и без ништо од Петербург стигна во Москва за да си ја испроба среќата настапи како Молчалин (лик од комедија на Грибоедов, модел за послушник и ласкавец) од висока категорија. Беше жесток љубител на хуморот на Пал Палич Бородин, најмил соговорник му беше ужаснион Березовски, а краватите му беа во тон со марамите што околу вратот ги врзуваа ќерките на Елцин. Но, по десет години поминати на власт, карактерот како да му се промени. Денес, раздразнет и со лоша волја, подготвен е да го растргне тој Медве..., тој доцент по право, кој се дрзна себеси да си го дозволи недозволивото – да си вообрази дека станал сеопшт миленик на народот.
Тука треба да се забележи дека Медведев однапред знаеше на што се согласува и колку може да го чини, па според тоа не може ни да стане збор за некакво сожалување на претседателот. Тука станува збор за тоа во што за време на овие неколку години ни се претвори Уставот, а и за тоа во што доправа ќе се претвори.
Денес, кога и последното зрно од предизборната прав падна од таканаречениот план на Путин, многу работи станаа сосема јасни. Од мигот кога си ја постави целта за враќање во Кремљ, и тоа за рок не подолг од четири години, Путин многу грижливо почна да гради заобиколен пат кој ќе го доведе до целта. Оваа заобиколница треба да помине покрај Уставот и да м у послужи во интервалот меѓу два по два мандати, а кога по четири години мирно и лесно повторно ќе влезе во претходната главна магистрала, бидејќи таа веќе никому нема да му биде потребна, сама од себе ќе исчезне како никогаш и да не постоела.

Колку и да е Путин, во склад со својата професија, човек по чие однесување тешко можат да се забележат недоумици или некаква неодлучност, кога дојде времето за избор на привремениот наследник, колебањето беше очигледно. Успехот на целата операција во голем обем зависеше од тоа на чија глава ќе ја постави круната за да ја носи одредено време. Тешко дека во групата луѓе околу себе би можел да види некој кој би имал претседателски добродетели како решителност, проникливост, сила на волјата и талент за организација. Сосема обратно. Путин, како добар ученик на КГБ, во својата околина побара личност која би требала да го содржи збирот на сите оние недостатоци и мани кои ќе му гарантираат беспоговорна послушност и лесно управување во сите временски услови.
И конечниот избор падна врз Димитриј Анатолјевич Медведев. Избран е интелигентен и образован човек, без сериозно животно искуство, без тим кој би го поддржал и без покровител од која било од многуте служби за безбедност. И покрај чиновите што ги заработил за време на својата куса и блескава кариера, тој по својот карактер беше и остана само прислужник. Целото негово службување во Кремљ се сведуваше на лично опслужување на Путин. Задачата му беше со своите дипломи да ги чисти и светнува идеите на својот шеф сè додека не добијат соодветен легитимен сјај и потоа со ситни чекори да се оддалечени, за да се осигури дека доволно блескаат.
Но, Путин не би бил Путин кога би се препуштал на такви, чисто човечки слабости како што е благодарноста. Славната изјава на една од седниците на Думата дека „парламентот не е место за расправа“, не му излета случајно на спикерот Гризлов. Тој не ја кажа од глупава брборливост или во нервозен жар на дискусијата. Тој едноставно ја извршуваше пред него поставената задача, а тоа е: да го претвори парламентот во ехо на Путин. Путин направи партијата Единството на Русија да ја монополизира Думата, а потоа, менувајќи го статутот на партијата, се погрижи да ја зацврсти својата положба во овој по малку чуден, садо-мазохистички однос на коњ и јавач. Секако, коњот е должен самиот себе да си купи седло, узди и камшик.
Тоа не значи дека Путин нема доволно пари за опрема со која би ја опремил Единствена Русија. Кога го велам ова, го немам предвид неговиот личен имот за кој кружат легенди. Она што сакам да го кажам е дека по законот, со парите на Русија во прв ред располага Државната дума, а дури потоа Владата, па Путин, сведувајќи го гласот на Думата исклучиво на одобрување, практично стана газда над целокупниот државен буџет. Но, ни тоа не е сè. И нетранспарентниот Гаспром, и нетранспарентната државна ВТБ банка, и нетранспарентните државни корпорации кои располагаат со огромно количество пари, сите тие, преку овластени доверители, и тоа секој посебно, му принесуваат сметки на Путин. А тој никому не принесува сметки. Под неговата рака се наоѓаат толку пари што тој може за една минути да ја воздигне или да ја уништи секоја политичка партија во Русија.
Парите и Думата за Путин станаа многу сигурна заштита од неочекуваното испорачување оставка. Остана само уште еден проблем, најтешкиот: да се обезбеди својата лична сигурност. За време на осумте години владеење на местото претседател, во повеќе наврати успешно се огреши во однос на највисокиот закон на земјата. Основаше седум федерални окрузи и таму постави губернатори. Во Уставот немаше ништо слично на ова, но сè помина. Укина разни избори, забрани референдум и ги запре реформите на градските управи, а сето тоа, беше видливо, му причинуваше големо задоволство. Сето тоа е правено без прекројување на основните одредби на Уставот. Требаше само да се преврти основата на руското законодавство и да се лиши новиот претседател од неговите главни овластувања, а тоа се надворешната политика и контролата врз институциите на властите кои се грижат за безбедноста. Дури и Федералната служба за лично обезбедување која инаку се потчинува исклучиво на претседателот на земјата лесно ја префрли на себе. Целата работа требаше да биде изведена на тој начин да не се чепка Уставот, зашто наскоро, токму таков ќе му биде потребен. Четири години брзо ќе поминат, а потоа истиот тој Устав од опачината повторно ќе се преврти на лицето и така ќе му овозможи кога ќе исплива од премиерската нуспросторија, повторно да заблеска во целосниот сјај на со ништо ограничената власт.
Но, нешто меѓу нив не се поклопи. Или Медведев заборавил што ветил, или Путин се сеќава на нешто што овој другиот никогаш не му го кажал, но набрзо се забележа дека нешто не е во ред меѓу нив двајцата. Секако дека тие сите околу себе ги уверуваа дека меѓу нив владее совршен склад, но изјави од тој вид се слушаа сè поретко, беа сè постегнати и звучеа помалку вистинито. Фамозниот тандем првпат сериозно зачкрипи за време на состанокот на „големата осмица“ на островот Хокаидо. Изгледа дека на овој, за него прв самит, младиот партнер во нешто згреши многу. Можеби некому му кажа нешто што не требаше, или се насмевна на некој од присутните на кој не требало да се насмевне, или за време на фотографирањето за групниот портрет застанал на погрешно место, но што и да било, неумоливо го стигна суровата казна. Зашто кому денес му е нужен тој остарен африкански фирер, па Русија да го штити со ставање вето на одлуката на Советот за безбедност на ООН? Секако никому. Налогот на претставникот на Русија во ООН, всушност беше политички сигнал за идна домашна употреба, со која се покажа на државниот апарат во земјата дека претседателот на Руската Федерација всушност е никој и ништо.
После самитот во Јапонија, очигледно тандемот и понатаму се распаѓаше, двајцата продолжија да одат секој во својата насока. И кога по некоја случајност може да се разминат, тоа беше големо олеснување за двајцата. Но, нивните патишта ќе се разминат дури по изборите во 2012 година. И тоа засекогаш. А оној кој ќе изгуби на овие избори, едноставно ќе исчезне и неговото име ќе биде избришано од историјата, како што е избришано името на таму некој Борис Владимирович Штјурмер, кој, патем речено, исто така своевремено беше премиер на Русија.
Далечната иднина им е јасна на двајцата, а блиската на ниеден. Целиот свет отворено го исмева нашиот претседател и нашата претседателска република. Неодамна списанието Форбс објави листа на највлијателни луѓе на планетата. Путин го ставија на третото место, а Медведев на четириесет и третото. Но, тоа не е главната пакост. На четириесет и второто место, значи само едно место пред него, е сместен доверливиот чиновник ан Путин за особено деликатни задачи – господинот И. И. Сечин. Тоа навистина е големо понижување, но не и единственото што го претрпе Првиот човек на Руската Федерација.
Стана јасно дека намерата за мирен предизборен состанок на двајцата соборци со „единствена крв“, кој ќе биде проследен со братска здравица под Спаската кула на Црвениот плоштад, а кој е планиран за 2012 година, едноставно е пријатен и бесмислен сон на Путин. Жестоките борби ќе нè протресат за време на претстојниот период во очи на 2012 година. Димитриј Медведев е единствениот човек на светот кој може да земе лист хартија и на него со пенкало да напише „Оставка за Путин“. Во истиот момент тоа парче хартија добива сила на закон и неговата одредба мора неодложно да се изврши.
Во оваа борба на великани со татковински размери, нам ни е предодредена улогата на набљудувачи од галеријата што, ќе признаете, можеби и не е лошо. Но, тажен е фактот што ние тука немаме за кого да навиваме, зашто кој и да излезе како победник од овој судир, ние сме тие на кои на крајот им преостанува понижениот Устав, мутавиот парламент, евнуси на чело на министерствата и дванаесет тажни и мрачни години.
Извор: Ежедневный Журнал