Азиликвизација

03.03.2010 10:35
wtf-fail-stupid-9.jpg

Високите челници на ЕУ и САД во неколку директни средби со новинарите, како и во одделно специјално соопштение преку медиумите, упатија апел до властите во Македонија да престанат со организираните патувања на своите граѓани во „посреќна иднина“ и во „златното минато“.

Според ЕУ, лицата кои бараат азил во среќната иднина, без разлика дали се работи за дестинациите Скопје 2014, Македонија 2012, 2016, 2018, Македонија рај за инвестиции, и слично, се измамени, а ЕУ ќе продолжи со своите напори и ќе направи сè што е во нејзина моќ да се намали бранот азиланти во иднината. Исто така, тие предупредија дека граѓаните кои веќе се упатија кон дестинациите „Македонија вечна“ и „Античка Македонија“ сепак ќе мора да се вратат во сегашноста.

ЕУ од своја страна вети дека со инвестиции ќе го спречува населението да бега од сегашноста. Ваква превентивна мерка ЕУ денеска најави за критичните региони од каде потекнуваат и најголемиот број барања за азил во иднината и минатото. По масовното иселување од сегашноста и реалноста во Македонија, ЕУ ги повика и невладините организации како и граѓаните да ги информираат сите што сакаат да си одат дека се изманипулирани од поединци заседнати во функционерски фотелји и дека измамените немаат никаква основа за добивање азил.

ЕУ додава: „Инвестициите се долгорочен процес, но ќе сториме сè што е во наша моќ секаде каде има недостиг од инвестиции да се стори тоа. За жал, тие луѓе се изманипулирани од некого. Тие ќе се вратат во сегашноста и нема да добијат азил за посреќна иднина. Апелираме до останатите кои размислуваат за слични патувања во иднината, а и минатото, да не подлегнуваат на такви манипулации. Не треба да потпаѓаат под манипулации и да им веруваат на луѓе кои ветуваат дека ако отидат цел автобус ќе добијат азил во посреќната иднина или пак минато“.

Високиот комесар на ЕУ за сегашност и реални прашања во вчерашното интервју за BBC предупреди на извесните остри санкции за оние кои ја злоупотребуваат умствената и медиумската либерализација. Таа скапо ќе ги чинела и нив и државата.

Само во првите 3 недели од февруари, барањата за азил во иднината се за 50 отсто зголемени од сите 12 месеци во изминатата година. Оваа бројка е и причина за посетата на ЕУ претставниците на земјава во текот на следната недела кога заедно со Министерот за емигранти во иднината и минатото, ќе пристигнат на 8-ми март во Македонија. Од епилогот на разговорите со македонските власти ќе зависи односот на Европската комисија кон земјава.

ЕУ воедно ја предупредува и опозицијата во Македонија да не фаќа сеири и да се зафати со својата работа во однос на превенција на масовното напуштање на реалноста и сегашноста. ЕУ експлицитно наведува дека „зад секоја неуспешна власт стои неуспешна опозиција“ и ги охрабри хибернираните опозиционери да понудат решенија за масовното емигрирање во иднината и минатото.

Според првичните наоди на ЕУ и САД, цели семејства од повеќе региони во земјава масовно ги отпишуваат своите деца од училиштата и заминуваат во полни автобуси во потрага по подобра иднина и минато, токму во иднината и минатото. Според нив, одреден број државни агенции и тела, како и други јавни институции организирано ги мамат граѓаните да се запишат на овие списоци, објаснувајќи им дека ако заминат со нивните автобуси за иднина и минато, и дека ако малку поседат таму, сигурно ќе добијат азил за посреќна иднина и златно минато. ЕУ наведува дека барањата азил врз основа на пустошењата на комуњарите и нивните олигарси нема да биде прифатено. Според нив, Македонија сега се наоѓа во пазарна економија и секој треба да се снајде во услови на пазарната економија, а оние кои се огрешиле од законот треба да се соочат со правдата и нејзината не така долга рака во Македонија.

На маргините на оваа дипломатска офанзива на странците за враќање на нашите граѓани во реалноста се најде и прашањето за сè поголемиот број споменици кои граѓаните ги поставуваат во своите дворови. Тие веруваат дека оваа пракса е штетна и дека инаетењето на граѓаните едни со други, со поставување контроверзни споменици на Лејди Гага, Цеца, Боки 13, Ера Ојданиќ, Христо Стоичков и слично, не води никаде. Тие упатија апел до граѓаните да престанат да ги копираат локалните и државните власти кои се единствени законски овластени субјекти кои можат да поставуваат спомен обележја.

Слични статии

Став
Доктор [к:4]
Став
Став
Духови [к:1]
Став

ОкоБоли главаВицФото