Писателот во затвор

04.03.2010 12:19
Alex-Varanese-Illustrations-12.jpg

Во 20-от век апсењето писатели се случува речиси насекаде во светот. Едвај може да се наведе јазик, да не зборуваме за држава (освен можеби Норвешка?), чии писатели не ги снашла таква судбина. Некои земји со таа појава подобро се справуваат, некои полошо. Русија, очигледно, ги надминува сите. Но од друга страна, СССР беше многу населена империја. Со нејзиниот распад, тежиштето на проблемот се сели од Европа кон далекуисточните и јужните делови на Азија, во Африка, и кон јужниот архипелаг во Тихиот океан. Тоа нам претерано нè радува, бидејќи овие простори се исклучително населени. Географијата, наспроти недоразбирањата, очигледно се стреми да се изедначи со историјата.

Или, можеби историјата се угледува на географијата? Во повеќето случаи, писателот ќе се најде зад решетки зашто се определил за една од страните во политичкиот спор, а тоа е, се разбира, обележје на историјата. (Отсуството на таков спор несомнено е главната одлика на географијата.) Тој дури може да се теши со таквото објаснување на својата отежната положба која денес има добиено облик на благородна традиција. Но со таквото објаснување во ќелијата нема да стигне далеку, премногу е општо, нема да му биде удобно во него. И не е важно на кое историско ѕвоно ѕвони затворот, тој звук секогаш ќе ве разбуди – обично во шест наутро – и ќе ве врати во непријатната стварност на сопствената положба.

Затворот не влијае да заборавите на своите апстрактни убедувања. Напротив, тој ги сведува на најскратени формулации. Во реалноста, затворот е превод на вашата метафизика, вашата етика, вашето чувствување на историјата и сè останато – на сувиот јазик на секојдневното однесување. Најдобро место за тоа е, се разбира, самицата која целокупниот човечки универзум го сведе на бетонски правоаголник, често осветлен од светилка од 60 вати, под која кружите обидувајќи се да го зачувате остатокот од душевното здравје. По неколку месеци целиот сончев систем целосно се компромитирал, за разлика, да се надеваме, од вашите пријатели и блиски и, ако сте поет, можете во главата да составите десетина прилично солидни песни. Зашто перото и хартијата ретко му се достапни на затвореникот.

Така што, со римата и метриката животот таму е многу поудобен, подобро се памти, особено ако се имаат предвид одредени методи на испитување кои често го прават недоверлив вашиот тил. На поетите им е многу подобро во самица од писателите: нивната зависност од професионалниот алат е минимална, бидејќи вашето постојано движење напред-назад под електричното светло, без разлика на сè останато, само по себе создава стих во главата. И уште, бидејќи песната во суштина е бессижејна и, за разлика од вашето делување, бидејќи се одвива во согласност со внатрешната логика на јазичката хармонија.

Пишувањето – или поточно, создавањето во главата – метричка поезија во затвор може да биде пропишано како еден вид терапија, заедно со кслековите и студениот туш. Во заедничката ќелија нештата се малку поинакви, и прозниот писател таму се снаоѓа подобро од поетот. Прозата, како што знаете, е уметност вкоренета во социјалните односи и прозаистот попрв ќе најде заеднички јазик со своите затворски другари отколку поетот. Бидејќи е раскажувач, тој е љубопитен по определување, и тоа му помага да воспостави односи со своите другари по несреќа, распрашувајќи се за околностите на нивниот случај, а истовремено да ги чувствува како дел од сопственото или заедничкото сиже. Тој може да замислува дека собира граѓа за своите идни дела, или тоа ќе го помислат неговите затворски другари, среќни што можат да му ги подарат своите, често разубавени, животни приказни.

Поголемиот дел од она што се пишува во затвор е проза. Не затоа што прозните писатели почесто се наоѓаат зад решетки од поетите (во пракса, очигледно, е сосем спротивното). Тоа, пред сè, се случува бидејќи поезијата едноличниот затворски јазик го смета за непријателски во однос на стиховите. Не станува збор дека поезијата одбива да ја слика грубата реалност со свои бои, иако некому може да му изгледа така. Едноставно, суштината на секој добар стих е кондензацијата, брзината. Така што поетот, и кога ќе реши да го запише своето затворско искуство, по правило и’ се обраќа на прозата. Дури и во современата руска проза поемата за затворот се раѓа потешко од романот, а да не зборуваме за мемоарите. Можно е дека поезијата од сите уметности е најмалку миметичка.

А и ако не е така, тогаш предметот на нејзино имитирање е јасно зад или пред затворските ѕидини, одбранбено снабдени со бодликава жица, стражари, пушки и сл. „Сите уметности се стремат да ги достигнат карактеристиките на музиката“, изјавил Валтер Патер, и поезијата, ако веќе станува збор за неа, не сака да биде опседната со човечкото страдање, дури ни со страдањето на оние кои ја создаваат. Природен заклучок е дека постојат теми кои повеќе ги преокупираат поетите отколку што се кревкоста на нечие тело или агонијата на нечија душа.

Најпосле, писателот не е света крава: тој не може да биде над или вон законот на општеството во кое живее. Затворот и концентрациониот логор претставуваат продолжение на тоа општество, ама не на туѓа територија, иако стеснетоста може да ве наведе на таква помисла. Кога ќе се најде зад решетки, писателот само продолжува да ја дели незавидната положба на своите сограѓани. И во нивните очи, а и во сопствените, тој е невидлив дел од нив. Постои дури нешто нечесно во обидот писателот да се спаси од затворот преполн со негови сограѓани, негови, така да кажеме, читатели и книжевни јунаци. Тој чин е рамен на фрлање на еден појас за спасување во преполн чамец кој тоне во морето на неправдите.

Меѓутоа, тој појас сепак треба да се фрли, бидејќи подобро е да се спаси еден отколку ниеден, а и поради тоа што спасениот може да испрати посилен СОС сигнал отколку кој било друг од чамецот што тоне. И иако нашите полици се виткаат под тежината на книгите кои нема да ги најдат своите читатели, појасот за спасување треба да му се фрли на писателот, бидејќи тој може да му подари на светот уште една книга. А колку повеќе книги има на нашите полици, помалку луѓе ќе бидат ставани зад решетките.

Во затворот се пишува за страдањето и издржливоста. Таквото пишување предизвикува неодолива желба кај публиката која и понатаму затворот блажено го прифаќа како аномалија. Токму затоа, за да се зачува таа претстава, би било важно тие текстови да се читаат и во иднина. Бидејќи нема поголемо искушение од тоа да се смета дека затворањето луѓе е нормална појава.

Светот на блиската иднина ќе биде понаселен од денешниот, и аномалијата во него ќе добие размери на епидемија. Тука не помага пеницилинот; единствено соодветно средство е домашното производство: крајно индивидуално, самобитно однесување на потенцијална жртва. Бидејќи писателите, пред сè – и независно од своите убедувања или физички ограничувања – се индивидуалисти. Тие не се сложуваат меѓусебно, нивните таленти и стилски средства битно се разликуваат, а чувството на вина кај нив е посилно отколку кај другите луѓе... Со други зборови, самиот писател е најголема метафора на човечкото постоење.

Оттука, она што писателите можат да го кажат во заточеништво треба исклучително да ги интересира оние кои се сметаат себе си за слободни. Во крајна линија, она што писателот го зборува може делумно да го распрсне ореолот на загадочност кој го обвива затворот. Во свеста на повеќето луѓе затворот е непозната и затоа до некаде е близок до поимот смрт, која претставува граница меѓу неизвесноста и губењето на слободата. Во секој случај, самицата без многу двоумење може да се спореди со мртовечки ковчег. Алузиите од задгробниот свет во дискурс за затворите претставуваат општо место на секој јазик, освен ако тие разговори не се табу. Бидејќи од позицијата на обичната човечка стварност, затворот навистина и изгледа како еден вид задгробен живот кој е структуиран нејасно и неумоливо, токму како и секоја теолошка верзија на царството на смртта која главно изобилува со сиви тонови...

Во секој случај, книжевното дело напишано во затвор покажува дека пеколот е дело на човечките раце, дека тие го создаваат и исполнуваат. Во тоа се наоѓаат и вашите изгледи да го преживеете, бидејќи луѓето се онолку сурови колку што се платени за тоа, немарни се, поткупливи, мрзливи... Ниеден систем кој е создаден од човекот не е совршен, па ни системот на угнетување не претставува исклучок. Подложен е на замор, и неговите пукнатини полесно ги откривате доколку сте осудени на подолга казна. Со други зборови, нема смисла да ги ублажувате своите претстави додека сте надвор од затворките ѕидини, бидејќи лесно можете да се најдете во нив. Гледано во целина, затворот може да се преживее. Иако надежта е токму она што е најмалку потребно кога влегувате во него; коцка шеќер би била многу покорисна.


Есејот Писателот во затвор е напишан во декември 1995 година, и тој, освен писмата, е последниот прозен текст на Јосиф Бродски (кој почина на 28 јануари 1996). Објавен е како предговор на Антологијата на писатели во затвор, во издание на американскиот ПЕН клуб.

Илустрации: Alex Varanese

Извор: Политика

Слични статии

ОкоБоли главаВицФото