
Антигона ја одигра својата улога и во оваа трагедија. Овојпат тоа беше Антигона Лудиадис од компанијата Голдман Сахс, организаторот на сложената валутна размена која и’ помогна на Грција да го прикрие обемот на долгот, со помош на една – според зборовите на „Фајненшал Тајмс“ – „оптичка измама“. Штета што Грција не се консултираше со мудреци како Сократ; притоа не мислам на португалскиот премиер Хозе Сократ, чија земја боговите – т.е. пазарите на обврзниците – исто така ја меркаат од крајот на окото.
Шегата на страна, мора да признаеме дека присуствуваме не само на првиот голем испит на еврозоната, туку и на преломниот момент за целокупниот проект на Европската унија. Бидејќи станува збор за Европа, а не за Аполо 13, неуспехот не доаѓа предвид. Најверојатно ќе присуствуваме на макотрпно спасување, по што нашиот демографски сè постар континент уште повеќе ќе биде оптоварен со сопствените внатрешни проблеми. Светот, меѓутоа, нема да чека уште една деценија да поминеме во бесплодна интроспекција. Можете да ме нарекувате Касандра, но јас така гледам на работите.
Не беше потребна никаква посебна видовитост за да се предвидат дилемите со кои денес се соочува еврозоната. За нив обемно се дискутираше и пред нејзиното настанување. Уште во 1988 година пишував дека монетарната унија е „високоризичен влог без преседан“, објаснувајќи дека во тој миг тоа не е вистински европски приоритет. Потоа се залежав во лажното чувство на сигурност заради наводниот успех на еврото, како и заради практичните и симболички удобности од патувањето со само една валута во џебот.
Сега се наоѓаме пред невидени тешкотии. Како што забележува Џорџ Сорос, на „силната“ валута не и’ е потребна само централна банка, туку и трезор. Потребен и’ е одреден степен на фискална и монетарна дисциплина, со способност за фискални трансфери во областите кои имаат тешкотии (заедно со мобилноста на работната сила од тие области), како што тоа е случајот со земјите како САД и Велика Британија.
За да опстане и да просперира, европската монетарна унија во најмала рака мора да развие посилна економска унија што, од своја страна, бара посилна политичка унија. А тоа, патем речено, беше еден од главните мотиви на поединечните клучни политички архитекти, вклучително и на Франсоа Митеран и на Хелмут Кол, за создавање на она што тогаш намерно се нарече „економска и монетарна унија“. Не станува збор само за тоа дека Европа, како што често се вели, подготвуваше (монетарна) кочија без (политички) коњ. Стануваше збор за обид кочијата да се употреби за доведување коњ. Тоа беше последниот голем обид на таканаречениот „функционалистички“ пристап, со кој низ економската интеграција требаше да се изгради една политички интегрирана Европа. Општо гледано, тоа функционираше половина век – од педесеттите до деведесеттите – но, но овој случај не функционира. Доколку сегашнава криза не биде катализатор на понатамошни чекори кон интеграција, како што понекогаш се случуваше со претходните кризи.
Со своето прикриено и штетно расипништво, Грција го забрза крахот. Грција е единствен дури и меѓу земјите на таканаречената група Пигс (на англиски: Pigs: Португалија, Италија/Ирска, Грција Шпанија) по својата комбинација на огромен дефицит (проценет на 12,7% од БДП минатата година) и огромниот долг (околу 125% од БДП, со тенденција на раст). Не само што ги надминуваше своите капацитети, туку и годините поминати во еврозоната, за разлика од Германија, ги искористи за да стане уште помалку конкурентна. Според пресметката што ја наведе Мартин Вулф од „Фајненшал Тајмс“, меѓу 2000 и 2009 година поединечниот трошок за работа во Грција порасна за 23% во однос на Германија.
Во претходните денови земјата беше погодена со долг генерален штрајк кој траеше две недели, а ние сè уше не гледаме дека нешто се менува. Грција им вети на партнерите од еврозоната дека оваа година ќе го намали дефицитот од 12,7% на 8,7%. Или свињите ќе полетаат или од Голдман Сакс ќе треба да нарачаат уште оптички илузии. Дури и ако Грците и’ дозволат на својата влада да го направи она што мора да го направи, значи силни резови, како и структурни реформи, наместо да ја подобрат ситуацијата би можеле уште повеќе да ја влошат. Во меѓувреме, изгледа грчката влада оваа година мора да позајми 55 милијарди евра, од кои речиси половината во текот на следните три месеци. Што ако боговите (пазарот на обврзници) се налутат и одбијат да платат?
Па, тој трет чин сè уште не е напишан. Сè е можно, но јас го предвидувам следново: чкрипејќи со забите, Германија ќе се согласи на некој вид финансиска помош. Тоа, меѓутоа, едвај ќе биде доволно за да се смират боговите, и тоа само со наметнување најстроги услови. Важно, но во крајна линија од второстепено значење, е прашањето дали таа помош ќе стигне во вид на билатерални кредити, кредити од Европската инвестициска банка, од купување на грчкиот државен долг, од заеднички издадени евро-обврзници или низ некои други механизми. Лидерите на Европа ќе одрекуваат дека станува збор за спасување, но сите ќе знаат дека станува збор токму за тоа.
А потоа и Грците и Германците ќе бидат бесни. Еден добро известен дипломатски набљудувач во Атина ми рече дека, во рамки на европското набљудување на грчката фискална дисциплина, „под секој стол ќе клечи по еден Германец“. Само никој да не ја спомнува војната. Ако го исклучиме заменик премиерот Теодор Пангалос, кој веќе го направи тоа. Сеќавајќи се на окупацијата на нацистите, тој на почетокот на минатата недела изјави: „Го однесоа златото што беше во грчката банка, ги однесоа грчките пари и никогаш не ги вратија. Тоа е прашање кое во иднина некогаш ќе дојде на дневен ред“.
На тоа бесните Германци одговорија: „Ни ја зедоа германската марка, а никој не нè праша дали сакаме да се откажеме од неа. Нè уверуваа, во официјални договори и пресуди на нашиот уставен суд, дека никогаш никој нема да мора да спасуваме. Ни требаа 10 години макотрпни реформи за повторно да станеме конкуренти, додека некои се излежуваа. Сега од нас бараат да работиме до 67 година за Грците да можат да одат во пензија на 63.“ И така натаму.
Европејците од еврозоната се доволно големи и возрасни за да излезат на крај со тоа, но тука ќе има уште многу работа, лутење и внатрешни тензии. Гледано долгорочно, кризата би можела и да ја засили еврозоната, додавајќи елемент на нешто што со внимателност се нарекува „економско управување“ (ова различно се разбира во Франција и во Германија).
Во меѓувреме, европскиот економски раст куца додека Азија напредува. Премногу амбициозната цел на договорот во Лисабон од 2000 година – дека европската економија до 2010 ќе биде најконкурентна економија заснована на знаење – денес, во 2010, звучи смешно. А европската економска и политичка слабост одат рака под рака.
Зад монетарното, се крие фискалното; зад фискалното, економското; зад економското, политичкото; а зад политичкото, историското. Најдлабоката реалност во основа на оваа криза е тоа дека личните искуства и спомени кои во текот на 65 години – од 1945 година па досега – кои европската интеграција ја туркаа напред, ја губат силата. Личните спомени на војната, на окупацијата, на понижувањата, на европското варварство; стравот од Германија, вклучувајќи го и стравот на Германија од самата себе; советската закана, студената војна, „враќањето кон Европа“ како гаранција за тешко стекнатата слобода; надеж во обновениот европски сјај.
Тоа беа крупни историски придвижувачи, кои луѓето како Митеран и Кол ги доведоа до еврото. Можат ли Европејците да продолжат со изградба на Европа без толку силни поттици? И дали се наѕираат нови?
Извор: guardian.co.uk