
Тинејџерите од Велика Британија најдоа многу интересен начин да се освежат, но и да се забавуваат. Тоа се нарекува дипинг (од анг. dipping). Сево ова звучи како одличен почеток за некој тинејџерски музички филм.
Во слободен превод, dipping значи „фрлање во базен“, ама не во својот. Имено, прво преку Google Earth се наоѓаат базени во дворовите на приватните куќи. Потоа, собирањето се врши преку Фејсбук и се шири преку СМС пораки. Журките обично почнуваат околу полноќ и траат до раните утрински часови.
Често се случува сопствениците да се разбудат во ниедно време и да затекнат еден куп дечишта во нивниот базен, додека други сопственици на базените, кога ќе се вратат дома, да наидат на купишта пивски лименки околу базенот.
Вообичаено е за ваквите забави да се носат малку поекстравагантни костими, а како превозно средство се препорачува велосипедот, бидејќи е згоден за брзо бекство во случај на опасност.
За жал, често ваквите забави завршуваат со сериозни повреди, кражби и неретко со уништување на имотот. Британската полиција предупредува дека ваквите чинови се незаконски и дека влегувањето во туѓ имот е кривично дело.
Извор: blog.b92.net