Нихилистка (четврт дел)

08.03.2010 16:05
illustration1.jpg

 4.

Љубовта на својот живот Олга ја нашла за време на престојот во Санкт Петербург, по бекството. Со оглед на тоа дека беше една од т.н. „Амазонки“, и тоа една од најфанатичните, упорно проповедала против љубовта и повикувала на целибат, уверена дека за толку многу млади денес токму љубовта претставува најголема пречка за посветување кон револуционерните активности. Со години успешно се придржувала кон заветот, но сепак морала да попушти пред непобедливиот. Во тоа време, во Санкт Петербург живеел извесен Николај Морозов, поет и храбро момче, згоден и заводлив како своите поетски визии. Имал грациозна фигура, бил висок како млад бор, имал негувана брада, бујна кадрава коса и кафени очи, утешни како љубовен шепот, а погледот во темнина му сјаел како дијамант кога нешто би го инспирирало.

Храбрата „Амазонка“ и младиот поет најпосле се сретнале и нејзината судбина била решена. Нема да ги набројувам сите искушенија и прогони на кои биле изложени. Нивната љубов била налик на кревка и чувствителна билка со која требало нежно да се постапува. Тоа било едно спонтано и неодоливо чувство за чие постоење не биле свесни сè додека не се заљубиле до уши. Станале маж и жена. Луѓето зборувале дека, кога биле заедно, дури ни неумоливата судбина немала срце да ги вознемирува, а нејзината немилосрдна рака станувала татковска, рака која ги штитела од надворешните удари. И навистина, сите несреќи што им се случувале се случувале во време кога двајцата биле разделени.

Еве и еден случај кој во голема мера дал повод за такви гласини.

Во ноември 1879 година, Олга паднала во рацете на полицијата. Овде мораме да ви пружиме малку подробно објаснување; кога полицијата ќе фати некој нихилист, има обичај да остави неколку свои луѓе во неговиот стан за да го уапсат секој што ќе го посети. Ние тоа го нарекуваме замка. Бидејќи во Русија сè се договара по куќи наместо по кафани, како што се прави во Европа, нихилистите често се принудени да доаѓаат едни кај други, па затоа ваквите замки обично се фатални. За да го намалат ризикот, нихилистите обично ставаат сигурносни сигнали на прозорците кои би ги тргале на првите звуци од полицајците. Но, благодарение на несмасноста на самите нихилисти, кои се отрпнати на опасноста и понекогаш се толку зафатени што цел ден не каснуваат ништо, па отсуството на овие сигнали често не се ни забележува, или му се припишува на некој склоп на околности - потешкотии, или на неможноста во многу станови да се истакнат такви сигнали на видливо место. многу нихилисти паднале во рацете на властите токму поради ваквите замки.

И токму ваква неволја и’ се случила на Олга, а најстрашното било тоа што станувало збор за куќата на Александар Квиатковски, еден од терористичките водачи, во која полицијата пронашла едно беспрекорно списание за динамит, бомби и слични експлозиви, заедно со планот на Зимскиот дворец, што, по експлозијата што се случила таму, довела до тоа да биде осуден на смртна казна. Како што лесно може да се претпостави, полицијата воопшто не била благонаклонета кон секој што доаѓал во куќата на овој човек.

Веднаш штом влегла, на Олга се нафрлиле двајца полицајци за да ја спречат да се брани. Меѓутоа, таа воопшто не ни направила движење за такво нешто. Глумела изненаденост, чудење, и на лице место измислила приказна како дошла кај некои кројачки (чии имиња, всушност, и навистина стоеле напишани на плочките на вратите во приземјето, а кои живееле на катот) за да нарача нешто, но изгледа влегла низ погрешна врата; дека не знае што сакаат од неа и дека сака да се врати кај својот сопруг, и слични лаги за кои обично полицијата се оглушува. Но Олга толку уверливо ја одиграла својата улога што шефот на окружната полиција навистина и’ поверувал. И’ рекол дека во секој случај, доколку не сака да ја однесат во затвор, мора да му каже своето име и да го одведе до нејзината куќа. Олга го кажала првото име на кое се сетила. Што се однесува до местото на живеење, Олга, со знаци на длабок очај, соопштила дека не може, ниту пак, сака да го одведе таму или да му ја каже адресата. Шефот на полицијата бил упорен, и по уште едното одвивање и’ кажал на кутрата девојка дека тврдоглавоста не и’ оди во прилог, туку дека е сосем бескорисна бидејќи кога веќе го знае нејзиното име, нема да му биде тешко да испрати некој до Адресното биро и да ја пронајде нејзината адреса. Затечена од овој непобитен аргумент, Олга секла дека ќе го одведе до нејзиниот дом.

Веднаш штом излегла на улица, следена од шефот на полицијата и неколку негови луѓе, Олга сретнала една пријателка, мадам Марија А., која тргнала кон Квиатковски кај кого токму тој ден бил закажан состанокот на терористите. И токму благодарение на оваа случајна средба, терористите успеале да ја избегнат огромната опасност што им се заканувала; прозорците во собата на Квиатковски имале таква положба што од улицата било невозможно да се видат сигналите кои таму биле поставени.

Се разбира, двете пријателки не покажале ниту најмал знак дека се познаваат, а мадам Марија А., откако ја видела Олга во друштво на полицијата, побрзала кај своите пријатели да ги извести за апсењето на нивниот соборец.

Првата личност која требала да биде предупредена била Николај Морозов, бидејќи полицијата без сомнение прво би отишла кај него и би извршила вообичаен претрес во станот. Олга била убедена дека нејзината пријателка ќе постапи токму така, и сега нејзина цел била задржување на своите чувари и со тоа да му обезбеди доволно време на Марозов за да ја исчисти својата соба (односно, да ги уништи или сокрие документите или сето она што можело да го искомпромитира), а потоа и самиот да се засолни.

Охрабрена од оваа среќна средба со пријателката, Олга, без да каже ниту збор, ја повела полицијата до Исмаиловскиот Полк, една од најоддалечените населби од местото на нејзиното апсење кое се случило во населбата Новски. Ги пронашле улицата и означената куќа, влегле и пратиле човек по настојникот кој морал да биде присутен за време на секој претрес. Следувало неминовното разјаснување на ситуацијата. Настојникот рекол дека не ја познава госпоѓата и дека таа никогаш не живеела во таа куќа.

Откако го слушнала ова, Олга го покрила лицето и повторно почнала да очајува. Липајќи, им признала дека ги измамила плашејќи се сопругот кој бил многу строг, дека не им ги кажала нејзиното вистинско име и адреса, и на крајот ги преколнувала да ја пуштат дома.
„Зошто е потребно сево ова, госпоѓо?“, извикал шефот на полицијата. „Зарем не гледате дека со вакви измами си наштетувате себе си? Овојпат ќе ви простам поради вашето неискуство, ама гледајте да не ви се повтори, и затоа, носете нè веднаш во вашата куќа, инаку ќе зажалите!“

После многу двоумење, Олга решила да го послуша. Го кажала своето име, и дека живее во една од улиците во населбата Василиј Остров.

Цел еден час оделе до тоа место. Најпосле стигнале пред куќата. Овде повторно се одиграла истата сцена со настојникот. Шефот на полицијата го изгубил трпението и не ја ни претресол куќата, туку веднаш сакал да ја однесе во затвор. Откако ги слушнала неговите намери, Олга се фрлила на фотелјата со жесток напад на хистерија. Брзо донеле вода и ја испрскале по лицето за да се поврати. Бидејќи малку се повратила, шефот на полицијата и’ наредил да стане и веднаш да појде во окружниот затвор. Повторно добила напад на хистерија, но тој не сакал повеќе да го трпи тоа и и’ рекол дека ако не стане, насила ќе ја качат во кочија.
Тогаш нејзиниот очај го достигнал својот врв.
„Слушајте,“рекла Олга. „Сега ќе ви кажам сè.“

И ја започнала приказната за својот живот и бракот. Била селско дете, дури и го навела името на провинцијата и селото од каде што потекнувала. До шеснаесет години живеела со татка си и чувала овци. Но еден ден се појавил некој инженер, нејзиниот иден сопруг, кој ја надгледувал градбата на блиската пруга, и се задржал кај нив. Се заљубил во неа, ја однел во град каде ја оставил да живее кај неговата тетка и и’ платил учители да ја образоваат, бидејќи била неписмена и немала никакви познавања. Потоа се зеле и среќно живееле четири години; но тој станал незадоволен, груб, раздразлив, и таа се плаши дека повеќе не ја сака. Потоа кажала дека многу ќе и’ се лути, а можеби и ќе ја избрка ако му дојде дома со полициска придружба.

Сето тоа, со бесконечно многу подробности и повторувања, Олга им го раскажувала, повремено прекинувајќи ја својата приказна со воздишки, извици и солзи. Плачела силно, и вистински, како што ме уверуваше и кога подоцна се обидуваше да ми ја долови таа сцена, смешкајќи се. Во себе си помислив како би можела да биде извонредна глумица.

Шефот на полицијата бил на крајот од трпението, но и понатаму слушал. Се плашел да се врати назад, во полициската станица, со празни раце, па овојпат се надевал дека нејзината приказна барем ќе го одведе до нешто конкретно. Повторно не се сомневал во ништо и бил подготвен да се заколне дека жената што ја уапсил е некое кутро и просто суштество кое му паднало в раце без да згреши нешто, како што често се случувало во Русија. Кога Олга ја завршила својата приказна, шефот на полицијата почнал да теши. Ја уверувал дека сопругот сигурно ќе и’ прости кога ќе го слушне нејзиното објаснување; дека тоа може да се случи секому и сл. Олга извесно време се опирала, и најпосле побарала да и’ вети дека тој ќе го увери нејзиниот сопруг дека не сторила ништо лошо. Шефот на полицијата и’ ветил, и овојпат Олга се упатила кон својата вистинска адреса. Успеала да добие три и пол часа, бидејќи нејзиното апсење се случило околу два попладне, а дома стигнала околу пет и пол. Била убедена дека Морозов исчезнал откако ги исчистил просториите, со оглед на тоа дека имал двојно повеќе време отколку што му било потребно.

Качувајќи се по скалилата, во придружба на настојникот и полицијата, таа заѕвонила. Вратата се отворила, и сите влегле, најпрво во претсобјето, а потоа и во дневната соба. Таму ја дочекало силно изненадување - на масата седел Морозов, во домашна наметка, со молив на увото. Олга почнала да ја зафаќа хистерија, овојпат вистински.

(продолжува...)

Извор: Маргина 83/84

Слики: jean-claude claeys

Превод: Ѓорѓи Крстевски

Останатите делови од Нихилистка можете да ги читате на следниве линкови:

Нихилистка (прв дел)

Нихилистка (втор дел)

Нихилистка (трет дел)

Слични статии

Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото