Дијалог, што ли беше тоа?

10.03.2010 12:20
royal_art_lodge_04.jpg

Во суштина луѓето можеш да ги поделиш
на оние кои ги вознемирува, и оние
кои не ги вознемирува различноста.

Во последниве неколку еу-интеграциски сезони и евро-квалификациски циклуси, често ни беше упатувана пораката за недостиг на „политичкиот дијалог“. Во таа смисла на удар на критиката беа домашниве политички партии, нашите грандиозни партиски лидери, и нивните односни политички свити. Дечките од политиката ги примија ударите од овие критики, инсценираа неколку чајанки и друженки, и некако заработија двојче од странците, колку да се каже дека го исполниле тој неопходен критериум.

За волја на вистината, мораме да признаеме дека ова е еден до ретките случаи во нашево општество кога политичките дрматори не се иницијатор на одредена практика на однесување, туку се само реализатори на нешто што веќе егзистира и функционира. Гол факт е дека во самото општество нема никаков дијалог, па следствено на тоа, нема, и не може да има, ниту политички дијалог.

Дијалогот како прогресивен трансфер помеѓу две, или повеќе, различни страни кои учествуваат во самиот дијалог, кај нас речиси и да не постои. Се работи за една криза на овој базичен демократски феномен, без кој тешко може да се зборува за некаков плурализам или функционална демократија.

Што е дијалогот?

Дијалогот е конверзација или комуникација при која настанува размена на идеи во однос на одредена тема, а таквиот трансфер на идеи води кон достигнување одредена согласност или приближување на ставовите. Согласноста и приближувањето овозможуваат оформување на заедничко тло или основа врз која може да се постигнат нужните консензуси за одредени прашања и потребно единство за да се одвиваат одредени процеси во општеството.

Немањето дијалог, или пак уште почесно кажано, немањето капацитет и волја за дијалог, нужно и неизбежно води кон последични аномалии: немање консензус за ништо, немање стратегија за ништо, немање единство за ниту едно прашање или проблем, и така натаму, и така наваму. Дијалогот е сложена комуникациска дијалектика во која сите добиваат; тој квалитативно ги менува оние кои учествуваат во него и овозможува создавање токму на овие сложени општествени соединенија (консензус, единство, стратегија, и.т.н.). При немањето дијалог, сите губат. Просто и едноставно.

Дијалогот е давање нешто свое за сите заедно да добијат многу повеќе од даденото, или вложеното.

Промената е клучот на дијалогот. Ако се соочат две или повеќе различности, а по нивното соочување не се постигнува никаква (позитивна) промена, тогаш нема дијалог. Тогаш станува збор за некаков наизменичен и сериски монолог, кој се сведува на јалова и бесполезна комуникација.

Кога ќе се судрат јаболкото и главата на Њутн, па од нив произлезе идејата за гравитацијата, и тоа е некаков дијалог помеѓу две различности. Кога ќе се судри јаболкото и главата на некој нашинец, па од тоа произлезе пцост, тоа никако не може да биде дијалог, тоа е судирање на различности кое резултира во ирационално конфронтирање и бес.

Во оваа смисла кај нас дијалогот речиси и да не постои, од комшиско, преку етничко, верско, до политичко ниво. Дијалогот како феномен кој прогресивно ги менува различностите е толку раритетна појава што со право може да се прогласи за непостоечки.

Наместо дијалог кај нас опстојува, како во едноумието, така и во овој јалов плурализам, една Хегеловска „господарско-ропска“ дијалектика, во која различностите се обидуваат да се надвјасаат една со друга, и да го воспостават системот на стабилност преку контрола и „поробување“ на Другиот, без разлика дали е тоа политичко, етничко, верско, или некој друг вид на Друго. Токму заради оваа господарско-ропска дијалектика, ги имаме оние денешни наши атавизми кои пасивно ги толерираме : времето на оваа-си партија, времето на оној-си лидер, партиските чистки, наместените тендери, окупацијата на бизнисот, културата, спортот од страна на политичкото, ситуации каде власта Бога не моли, никој никого не слуша, различниот е изрод, и така некако во недоглед.

Но, како е можно така хетерогено општество како нашето да егзистира, а да не развие барем некакви фиданки на дијалогот? Она за што често се зборува во контекст на историјата на овие простори е соживотот на различностите. Да, но соживотот е многу различен од дијалогот. Соживотот е еден вид пасивна толеранција на различностите, додека дијалогот нужно претставува активен процес, во кој мора да е вклучена некаква волја и намера, некаква динамика и процес. Соживотот овде, најчесто се сведува на индиферентност кон различното. За дијалогот треба многу повеќе.

Но, она што порано во ваквиот соживот порано го имало, а сега е речиси неповратно загубено, е токму она што е спомнато во поднасловниот цитат: вознемирувањето. Некогаш различностите многу помалку ги вознемирувале нашите предци, споредено со денес. Денес никој никого не сака да трпи. Токму од таму и сè позасилената сегрегација, географска, во училиштата, па дури и во бизнисот, нешто што го немало дури и во „турско“. Пазарот бил место кое ги обединувало културите, верите, јазиците, етникумите.

Се соочуваме со една де-еволуција на македонскиот мултикултурализам, во кој политичката нертпеливост е само врв на огромната санта мраз.

Ако сево ова е некаков вид дијагноза, каде е тука терапијата? Лекот не е ниту оптимизмот, ниту опортунизмот, а најмалку селективното гледање на реалноста. Проблемот е што на планот на дијалогот сме најслаби Европејци. За да се промени тоа, ќе мораат да се менуваат и идентитетите и менталитетите, на оние кои одбиваат или глумат дијалог.

Е токму тоа, менувањето, е „траума“ за која мислам дека немаме храброст. Ние имаме фобија од менувањето, тоа ти е, и само со некаква присила или под зорт се согласуваме на промени.

Слики: Royal Art Lodge

Слични статии

Став
Став
Духови [к:1]
Став

ОкоБоли главаВицФото